Соопштенија
alt
Честитка по повод 23 Oктомври - Ден на македонската револуционерна борба
Недела, 23 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври - Ден на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

 

Почитувани граѓани,

 

Денешниот празник, Денот на македонската револуционерна борба, го одбележуваме на 20-годишнината од исполнувањето на целта почната во Солун 1893 година, со формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација. Денеска го одбележуваме споменот на еден исклучително важен чекор на патот кон формирањето на модерната македонска држава.

 

23 Октомври е ден кога група видни и истакнати Македонци даваат збор дека ќе ја поведат својата татковина по патот на другите европски народи. Дека ќе го искористат најпозитивното од револуциите и движењата кои ја менуваат Европа, со цел да изградат напредна и почитувана македонска држава. Патот на кој нè поведоа шесттемина основачи на ВМРО не беше ниту лесен, ниту брз. Тој пат е омеѓен со големиот број лични жртви и национални трагедии кои македонскиот народ ги претрпе. Сè уште не можеме да кажеме дека во целост  сме пристигнати до крајот на патот, Македонија денес е независна и слободна држава, но сè уште мораме да чекориме напред до заземањето на полноправното и рамноправно место покрај другите европски држави.

 

Притоа, можеме да бидеме горди што борбата за слобода и независност на македонскиот народ е испреплетена со почитувањето на највисоките принципи и идеали на демократијата. Македонската револуционерна борба во своите врвни документи и во сите свои постапки ја внесува почитта кон своите соседи и сограѓани од сите религии и етнички заедници. Македонија е уникатен пример на Балканот, кога борбата за слобода од самиот почеток се поврзува со слободата на сите луѓе кои живеат во Македонија.

 

Почитувани сограѓани, нека ни е честит празникот!

Да живее Република Македонија!

 

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Новоименуваните амбасадори на Финска и Шри Ланка ги предадоа акредитивните писма
Петок, 21 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Финска и на Демократската Социјалистичка Република Шри Ланка.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Финска, Н.Е. Јуха Отман, Претседателот Иванов позитивно го оцени развојот на пријателските односи и соработка меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за досегашната поддршка од страна на Финска за процесот на евро-интеграција на Република Македонија.

Претседателот Иванов и амбасадорот Отман се согласија дека постои огромен потенцијал и бројни можности за унапредување на економската соработка, особено на полето на инвестициите и на зедничките вложувања, за што е потребно поттикнување на контактите меѓу деловните асоцијации, презентации на можностите на стопанствата на двете земји, организирање бизнис форуми. Двајцата соговорници разговараа и за можностите за зајакнување на билатералната соработка и во сферите на образованието, науката, културата и туризмот.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Демократската Социјалистичка Република Шри Ланка за Република Македонија, Н.Е. Алијар Лебе Абдул Азес, претседателот Иванов ја исткна потребата од унапредување на соработката помеѓу двете земји во областа на економијата, науката, технологијата, образованието, културата и други сфери од заеднички интерес. Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија е заинтересирана за севкупно унапредување на билатералните односи со Шри Ланка. Претседателот Иванов и амбасадорот Абдул Азес заклучија дека е неопходно интензивирање на меѓусебниот политички дијалог и економската соработка во сите полиња, за што потребна е институционална поддршка, но и унапредување на правната рамка.
 

alt
Честитика до францускиот претседател Саркози за раѓањето на неговата ќерка
Петок, 21 Октомври 2011
alt
Писмо на сочувство до турскиот претседател Абдула Ѓул за загинатите во нападите кај Чукуруџа
Четврток, 20 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо на сочувство до Претседателот на Република Турција Н.Е. Абдула Ѓул, по повод неодамнешните терористички напади и изгубените животи:

 

Со длабока тага и чувство на огорченост ја примив веста за терористичките напади кај местото Чукурџа во Хаќќари.

 

Во овие моменти исполнети со тага за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на загинатите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Бидете уверени дека нашите мисли се со Вас и со семејствата на загинатите во терористичките напади.

 

Сакам да Ве уверам дека Република Македонија најостро ги осудува неодамнешните терористички напади и силно ја поддржува Република Турција во решителната борба против тероризмот, како предуслов на патот кон мирот, стабилноста и напредокот.

 

Ве молам, господине Претседателe, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на загинатите.

 

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Средба со заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Булент Аринч
Вторник, 18 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Булент Аринч кој престојува во Македонија по повод одржувањето на седмиот Меѓународен конгрес за Ататурк што се одржува под покровителство на претседателите на Република Македонија и на Република Турција.

Заменик-претседателот на Владата на Република Турција, пренесувајќи срдечни поздрави од претседателот Ѓул и премиерот Ердоган до претседателот Иванов и македонските граѓани, изрази задоволство што двајцата претседатели се покровители на Конгресот посветен на животот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, кој за првпат се одржува надвор од Република Турција со учество на повеќе од 200 научници од сите страни на светот.

Претседателот Иванов истакна дека одржувањето на овој конгрес во нашата земја е потврда за вниманието и односот на Република Турција кон Република Македонија и подвлече дека научното толкување на историските, општествените, културните и економските односи меѓу Турција, Македонија и Балканот во контекст на минатото, сегашноста и иднината, е од особена важност за зближување и унапредување на меѓусебните односи на сите балкански држави.

Двајцата соговорници ги потврдија одличните политички односи меѓу двете земји и изразија задоволство што интересот на турските инвеститори во Македонија се зголемува. Заменик-премиерот Аринч подвлече дека во следниот период ќе продолжи да се зголемува трговската размена која не е на ниво на политичките односи, и ќе продолжат турските инвестиции. Истакна дека Република Македонија секогаш може да смета на безусловна поддршка од Република Турција. Претседателот Иванов изрази задоволство од нивото на турски инвестиции во Македонија и во регионот, како и од најавите за натамошно ширење на оваа соработка. Македонскиот претседател се заблагодари за доследната и конструктивна поддршка на Република Турција, и за солидарноста со Република Македонија во рамките на евроатлантските интеграции.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот и на интерес на соговорникот од Турција беа разменети информации за очекувањата од македонска страна за Самитот на НАТО во Чикаго и за претстојната пресуда на Меѓународниот суд на правдата.
 

alt
Средба со Емирот на Катар: потпишаните договори ќе ја зголемат соработката
Понеделник, 17 Октомври 2011

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со Емирот на Катар, Неговото Височество Шеик Хамад Бин Калифа Ал Тани кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

 

 

На средбата беше изразено задоволство од блиските билатерални односи меѓу двете држави и беа разгледани можности за натамошно интензивирање на соработката во повеќе сфери. Македонскиот претседател и Емирот на Катар ја искористија можноста за размена на мислења за состојбите во регионите на Југоисточна Европа и на Блискиот Исток.  Емирот за наредниот период најави отворање на амбасада на Државата Катар во Република Македонија, чин за кој беше оценето дека многу позитивно ќе се одрази на развојот на билатералната соработка.

 

Двајцата соговорници со задоволство заклучија дека, со денес потпишаните билатерални договори, сериозно унапредената правна рамка помеѓу државите ќе отвори нови перспективи за интензивирање на соработката, особено на економски план, како и на планот на образованието, културата, и во сите останати сфери.

 

На средбата беа разгледани можностите за привлекување на катарските инвестиции во Република Македонија. На Eмирот на Државата Катар му беа презентирани поволностите кои ги нуди Република Македонија за странските инвеститори. Особено беа разгледани секторите енергетика, финансискиот сектор, туризмот, производството на храна и на вода. Беа разгледувани можностите за вклучување на градежната оператива на Република Македонија во претстојните крупни проекти планирани во Државата Катар.

 

На средбата на Претседателот и Емирот беше договорено по посетата, тимови на владино ниво да ги разгледаат постојните проекти, а катарската страна најави дека освен постојните, сите предлози кои македонската страна ќе ги отвори ќе бидат сериозно разгледани.
 

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 149 од 175