Соопштенија
Кабинетот на претседателот Иванов отвори книга на жалост во спомен на починатиот претседател Глигоров
Вторник, 03 Јануари 2012

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, отвори книга на жалост во спомен на починатиот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Во отворената книга на жалост прв се потпиша претседателот д-р Ѓорге Иванов, кој меѓу другото, напиша: „Во знак на највисока почит кон првиот претседател на независна Република Македонија. Почивајте во мир Претседателе Глигоров, благодарни сме Ви за се што сторивте за Македонија“.

Во книгата на жалост денес своите последни пораки ги запишаа и претседателот на Владата Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Пораки со сочувство во отворената книга на жалост напишаа и вицепремиерот Зоран Ставрески, министрите Иво Ивановски, Гордана Јанкулоска и Никола Тодоров и началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески.


Граѓаните во книгата на жалост ќе можат да се потпишат во следните термини:

- 3 јануари од 11:30 до 20:00 во Вила Водно

  (ул. Ацо Караманов б.б.)

- 4 јануари од 08:00 до 12:00 во Вила Водно

- 4 јануари од 09:00 до 19:00 во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје

  (ул. Никола Вапцаров бр. 6)

- 4 јануари од 09:00 до 19:00 во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Тетово

  (ул. Борис Кидрич, ламела 54, кула 1)

- 5 јануари од 09:00 до 19:00 во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје

- 5 јануари од 09:00 до 19:00 во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Тетово.


 

Писмо на сочувство по повод смртта на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров
Понеделник, 02 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов со жалење ја прими веста за смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Република Македонија. По извршувањето на повеќе одговорни функции во поранешна Југославија, во 1991 година во македонското Собрание беше избран за претседател на Републиката. Вториот претседателски мандат го доби на изборите во 1994 година. Неговите два претседателски мандати ги одбележа етаблирањето на Македонија како независна држава. Претседателот Глигоров беше носител на Орденот на Република Македонија, прв кој го понесе највисокото македонско одликување.

Во овие тешки мигови на загуба би сакал да упатам изрази на искрено сочувство до семејството на претседателот Киро Глигоров. Претседателот Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава.

Нека му е вечна слава.

д-р Ѓорге Иванов


 

Македонската дипломатија да зборува со единствен, јасен и аргументиран глас – средба со македонските амбасадори
Среда, 28 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари работна средба со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва и мисии на Република Македонија во странство.

 
На средбата македонските дипломати го информираа Претседателот за нивните активности и позначајни достигнувања во текот на 2011 година. Генералната оценка на Претседателот е дека македонската дипломатија била ангажирана во исполнувањето на стратегиските задачи. Претседателот Иванов, кој во текот на 2011 година реализираше 24 официјални и работни посети на странски држави и 9 посети на странски државници на Република Македонија, истакна дека притоа имал можност да ги проследи активностите на голем дел од македонските дипломати и директно да се запознае со нивната работа.

Претседателот Иванов го истакна продлабочувањето на партнерските односи со повеќе држави и меѓународни институции. Тој се осврна и на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, нагласувајќи дека истата значи потврдување на кредибилитетот на нашата надворешна политика.

Претседателот Иванов додаде дека, сепак, останува уште многу да се направи за да се исполнат очекувањата на граѓаните. Тој побара поголема ангажираност на амбасадорите во јавната и културната дипломатија, како и поактивна афирмација на достигнувањата на Република Македонија на внатрешен план, ангажираноста во регионалните иницијативи и напорите за градење на добрососедски односи. Во тој контекст, Претседателот истакна дека во наредниот период Република Македонија ќе биде домаќин на две исклучително важни иницијативи кои дополнително ќе го зацврстат угледот на нашата земја: претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа за периодот 2012–2013 година, и Самитот посветен на дијалогот меѓу цивилизациите, на кој земјата ќе биде домаќин во 2013 година.

Според Претседателот, македонските акредитирани дипломати треба да добијат можност поактивно и послободно да ги застапуваат интересите на Република Македонија, согласно утврдените приоритети на надворешната политика. Но, ја нагласи и потребата од унапредување на координацијата меѓу надлежните институции и дипломатската мрежа што ќе придонесе целата македонска дипломатија да зборува со единствен, јасен и добро аргументиран глас.

Согласно најавите за поригорозно оценување и повисоки критериуми, претседателот Иванов уште еднаш нагласи дека во наредниот период заедно со Министерството за надворешни работи ќе се спроведе евалуација на ангажманот и резултатите на македонските дипломатско-конзуларни претставници за 2011 година.

Република Македонија ќе биде успешна само доколку има посветени, мотивирани, добро информирани и кредибилни амбасадори, нагласи претседателот Иванов на денешната средба.




Координативна средба со Министерот за одбрана и македонските воени претставници во странство
Вторник, 27 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денес одржа годишна координативна средба за активностите со македонските одбранбени претставници во странство. На средбата присуствуваа Министерот за одбрана д-р Фатмир Бесими, воениот претставник на Армијата на Република Македонија во Мисијата во НАТО во Брисел, генерал Бранко Дракалски и македонските одбранбени претставници во Соединетите Американски Држави, Турција, Британија, Германија, Франција, Австрија, Грција и нерезидентниот воен претставник за Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

На работната средба, Претседателот Иванов беше информиран од одбранбените претставници за нивните активности во земјите каде се акредитирани. Претседателот Иванов на македонските одбранбени претставници им даде насоки за работа во 2012 година, како и насоки во пресрет на претстојниот самит на Северноатланската Алијанса во Чикаго.

Претседателот ги изнесе своите очекувања од воената дипломатија, во функција на реализација на стратегиските цели на Република Македонија, и во таа насока побара засилен ангажман, подобра организација и координација во претстојната година. Претседателот Иванов, Министерот Бесими и другите присутни на средбата заклучија дека е потребно дополнително засилување на одбранбената дипломатска мрежа на Република Македонија.



Писмо на сочувство до нигерискиот претседател Џонатан за жртвите во терористичките напади
Понеделник, 26 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо на сочуство до претседателот на Федерална Република Нигерија, г-дин Гудлак Џонатан, по повод загубените животи во неодамнешните терористички напади кои се случија во Нигерија.

Ваша Екселенцијо,

Со длабока тага и чувство на огорченост ја примив веста за терористичките напади во Федерална Република Нигерија и искрено жалам за загубените животи во оваа голема трагедија.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на настраданите и повредените, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Сакам да Ве уверам дека срцата на македонските граѓани се со Вас и со семејствата на настраданите во терористичките напади.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 142 од 175