Соопштенија
alt
Честитка до претседателот Абдула Ѓул по повод Националниот празник на Република Турција
Сабота, 29 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Националниот празник на Република Турција испрати честитка до Претседателот на Република Турција, Абдула Ѓул.

 

Почитуван господине Претседател,

 

Ми претставува особено задоволство, по повод Националниот празник на Република Турција, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за благосостојба на Вашиот народ.

 

Дозволете ми, почитуван Претседателе, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително висoкиот степен на традиционални пријателски односи и соработка меѓу нашите земји. Уверен сум дека соработката не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира во сите области од заемен интерес.

 

Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика, да искажам благодарност за силната поддршка која Република Турција и ја дава на Република Македонија на регионален план, на меѓународен план и на нашиот пат кон евроатлантската интеграција, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период. Република Турција е голем и искрен пријател на Република Македонија. Сакам да Ве уверам дека граѓаните Високо го ценат тоа.

 

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

 

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Честитка до претседателот Вацлав Клаус по повод Денот на независноста на Чешката Република
Петок, 28 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Денот на независноста на Чешката Република испрати честитка до Претседателот на Чешката Република, Вацлав Клаус.

 

Почитуван господине Претседател,

 

Ми претставува особено задоволство, по повод Денот на независноста на Чешката Република, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и за благосостојба на пријателскиот чешки народ.

 

Дозволете ми во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително висoкиот степен на традиционални пријателски односи и на соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република, и да го изразам своето уверување дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план. Република Македонија и нејзините граѓани високо ја ценат Вашата принципиелна и силна поддршка за нашите напори за евроатлантска интеграција. Со ова конкретно придонесувате за остварување на визијата за обединета и просперитетна Европа.

 

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.

 

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Унапредување на соработката меѓу Македонија и Монако - средба со принцот Алберт Втори
Четврток, 27 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во рамките на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“ во Монако оствари средба со Неговото Височество Принцот Алберт Втори, кој што е покровител на форумот „Мир и спорт“.

Претседателот Иванов ги поздрави напорите и посветеноста на Принцот Алберт во поддршка на мирот, преку спортот и покровителството на форуми како овој, во кој учествуваат високи претставници на држави и организации од целиот свет.

Принцот Алберт и претседателот Иванов разговараа за можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете држави, во сите области од заеднички интерес. Претседателот Иванов го запозна Принцот од Монако со актуелните состојби во Република Македонија и регионот, со клучните стратешки цели на земјата за евро-атлантска интеграција, како и со предизвиците на тој пат.

На средбата, Претседателот Иванов го информираше Принцот Алберт дека Република Македонија инвестирајќи во спортот, преку изградба на спортските објекти и инфраструктура, придава големо внимание и го сфаќа значењето на спортот во унапредувањето на мирот и промовирањето на позитивни вредности.

Двајцата соговорници се согласија дека во иднина активностите треба да се насочат кон изнаоѓање конкретни форми за интензивирање на економската соработка. ‪Сферите на идна соработка, кои македонскиот претседател ги посочи, се културата и туризмот.

Претседателот Иванов на Принцот Алберт му ги претстави туристичките потенцијали на Македонија, како земја во која со векови се вкрстувале цивилизациите и која изобилува со исклучително историско, културно и духовно наследство. Земајќи го предвид интересот на Монако за подводни истражувања, тој го покани Принцот од Монако на соработка во истражување на богатата ендемска флора и фауна во Охридското езеро, како едно од најстарите и второ по длабочина во светот.
 

alt
Континуирана поддршка од Унгарија - средба со претседателот Шмит во Монако
Четврток, 27 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на маргините на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“ во Монако оствари средба со претседателот на  Унгарија, Пал Шмит.

Двајцата претседатели изразија задоволство од зачестените средби во изминатиот период и можноста за продолжување на конструктивниот политички дијалог и севкупната соработка меѓу двете земји.

Претседателот Иванов изрази благодарност за отворената и континуирана поддршка од страна на Унгарија за евро-интеграциските процеси на Република Македонија, особено за време на унгарското претседавање со Европската унија. Тој на својот унгарски колега му ги пренесе очекувањата таа поддршка да продолжи и во наредниот клучен период, во пресрет на декемврискиот состанок на Европскиот совет.

Македонскиот претседател потсети дека единствената пречка на евро-интеграцискиот пат на Македонија останува спорот за името со јужниот сосед, нагласувајќи дека моделот кој би овозможил движење на земјата низ интеграциските фази и паралелно решавање на билатералниот спор ќе биде единствениот праведен. Македонскиот претседателот подвлече дека со тоа не само што ќе се потврди кредибилитетот на ЕУ проширувањето, туку ќе се поттикне и целосната фокусираност на Република Македонија на реформите и ќе се даде позитивен импулс за земјите од регионот.

Претседателот Шмит подвлече дека јасен европски интерес е Македонија да го продолжи интегративниот процес во ЕУ, и нагласи дека на тој план Република Македонија може да смета на принципиелна поддршка од Унгарија. Според претседателот Шмит, билатералните прашања не смеат да бидат пречка во интеграциите, и Унгарија ќе се залага Македонија час поскори да ги отпочне преговорите со ЕУ.

alt
Честитка до претседателот Хајнц Фишер по повод Националниот празник на Австрија
Среда, 26 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Националниот празник на Република Австрија испрати честитка до Претседателот на Република Австрија, Хајнц Фишер.

 

Почитуван господине Претседател,

 

Ми претставува особено задоволство, по повод Националниот празник на Република Австрија, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и за благосостојба на Вашиот народ.

 

Дозволете ми во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително висoкиот степен на традиционални пријателски односи и соработка меѓу нашите држави, и да го изразам своето уверување дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Сакам да нагласам дека, како и до сега, Република Македонија придава највисоко можно внимание на развојот на односите и соработката со Република Австрија. Ние во Вашата држава гледаме искрен пријател и партнер не само на политички план и на планот на европските интеграции, туку и на економски план.

 

Сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика, да искажам благодарност за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во оваа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.

 

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

 

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Писмо со сочувство до турскиот Претседател Ѓул за загинатите во земјотресот во округот Ван
Вторник, 25 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул, по повод катастрофалниот земјотрес кој го погоди округот Ван во Република Турција. 

 

Почитуван господине Претседател,

 

Со големо жалење ги примив вестите за катастрофалниот земјотрес и длабоко жалам за загубените животи, за човечките страдања и големите штети од оваа катастрофа која ја погоди пријателска Турција.

 

Нема соодветни зборови кои ќе ја намалат Вашата и тагата на граѓаните на Република Турција, но дозволете ми во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име да Ви упатам изрази на мое најискрено сочувство. Сигурен сум, господине Претседател, дека со Вашето лидерство Република Турција брзо ќе ги надмине последиците од оваа природна катастрофа.

 

Ве молам, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија и јас лично искрено жалиме за овој трагичен настан.

                                         

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 148 од 175