Соопштенија
Честитка од претседателот Иванов до верниците кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар
Сабота, 24 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

Дозволете ми од сè срце да Ви го честитам најсветлиот христијански празник, Раѓањето Христово - Божик, и да Ви посакам овие празнични денови да ги поминете во љубов, надеж, верба и радост.

Празнувањето на Божик за милиони Христијани во светот претставува отворање на нова надеж, за новата година и иднината. Овој голем празник на мирот, дарувањето и помагањето, нè учи да живееме во заедништво, да ги следиме моралните закони во нас и да делуваме во согласност со начелата на вистината и хуманизмот.

Божик е време за мир во мислите и душата и за добри дела. Време кога уште еднаш ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и почитување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на нашето општество. И овој Божик, нека светлината и топлината ги исполнат нашите домови, нека ни донесат лична и семејна среќа, верба во себе и другите, и креативна енергија да придонесеме за севкупниот напредок на нашата земја.

Ви посакувам добро здравје, радост, среќа и благосостојба.
Честит Божик!


Со почит,
д-р Ѓорге Иванов



Претседателот Иванов присуствуваше на погребната церемонија на поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел
Петок, 23 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес присуствуваше на погребната церемонија на поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Хавел.

Претседателот Иванов, во име на граѓаните на Република Македонија, ја изрази својата почит за Вацлав Хавел, поранешен Претседател на Чехословачка и на Чешката Република. Хавел, писател и активист против комунистичкиот режим во некогашна Чехословачка, беше признат за неговата заслуга за ширење на демократијата и слободата во неговата земја и во централна Европа. Во својата телеграма на сочувство до чешкиот Претседател Вацлав Клаус и до граѓаните на Чешката Република, Претседателот Иванов порача – “Вацлав Хавел, како борец против тоталитарната идеологија се стекна со голем углед и почит меѓу сите слободољубиви народи на Европа. Свесен за неправдите на тогашниот режим, Хавел го посвети својот живот на неговото уривање, и ја имаше среќата да го види своето животно дело остварено. Меѓу бројните награди со кои беше почестен, веројатно најзначајната е сознанието дека милиони луѓе во Европа денес живат во слобода, во демократија.”

На погребната церемонија, во катедралата Свети Вит во чешкиот главен град Прага, присуствуваа голем број државници од Европа и од светот, вклучувајќи го Претседателот на Чешката Република Вацлав Клаус и државниот врв на Чешка, Претседателот на Владата на Британија Дејвид Камерон, Претседателот на Француската Република Никола Саркози, поранешниот Претседател на Соединетите Американски Држави Бил Клинтон и државниот секретар на САД Хилари Клинтон, Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо, Претседателот на Европскиот Парламент Јержи Бузек и други.



Честитка до припадниците на турската заедница по повод Денот на настава на турски јазик
Среда, 21 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод 21 декември, Денот на настава на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Почитувани,

Дозволете ми во мое лично име и во името на македонските граѓани, на сите припадници на турската етничка заедница во Република Македонија да им го честитам 21 декември, Денот на настава на турски јазик.

Образованието на мајчин јазик е основа во зачувувањето на националниот и културниот идентитет и природно право на секој човек. Оттука, Република Македонија со гордост го празнува Денот на образованието на турски јазик, кој овозможува нашите сограѓани од турска националност да ги негуваат своите богати културни традиции и вредности уживајќи ги сите демократски права и граѓански слободи.

Нека е честит празникот.

Со почит,

Д-р Ѓорге Иванов



Честитка до израелскиот претседател Шимон Перес по повод еврејскиот празник Ханука
Среда, 21 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до претседателот на Државата Израел, Шимон Перес, по повод големиот еврејски празник Ханука:

Почитуван претседателе Перес,

Ми претставува особено задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија како и во мое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод големиот еврејски празник на светлината - Ханука, со желби за мир, благосостојба и напредок на Вашата земја и нејзините граѓани. Вчера имав несекојдневна чест да ја запалам првата свеќа на ханукијата во синагогата во Скопје и да го прославам овој празник заедно со припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија кои претставуваат вистински мост на пријателство меѓу двата народи и двете земји.

Честитајќи Ви ја Ханука, дозволете ми да го искажам своето задоволство од досегашниот позитивен развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Државата Израел, за кои сум убеден дека и во иднина ќе продолжат да се развиваат во духот на пријателството и меѓусебното разбирање.

Упатувајќи Ви најдобри желби, Ве молам да ги примите, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов




Сочувство до чешкиот претседател Клаус по повод смртта на поранешниот претседател на Чешка, Вацлав Хавел
Понеделник, 19 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Хавел испрати писмо со сочувство до претседателот на Чешката Република, Вацлав Клаус.

Почитуван господине Претседателe,

Дозволете ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам длабоко сочувство по повод смртта на поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Хавел.

Вацлав Хавел, како борец против тоталитарната идеологија се стекна со голем углед и почит меѓу сите слободољубиви народи на Европа. Свесен за неправдите на тогашниот режим, Хавел го посвети својот живот на неговото уривање, и ја имаше среќата да го види своето животно дело остварено. Меѓу бројните награди со кои беше почестен, веројатно најзначајната е сознанието дека милиони луѓе во Европа денес живеат во слобода, во демократија. Затоа, не случајно, денес, демократските движења низ светот своите идеали и инспирација ги влечат од периодот на Прашката пролет, во херојската борба на граѓаните на тогашна Чехословачка, за слобода и демократија. Вацлав Хавел беше инспирација и пример за многу дисиденти, борци за човекови права во Европа, вклучително и во Република Македонија.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Чешката Република и до семејството на големиот Европеец, претседателот Хавел.

Д-р Ѓорге Иванов



Честитка до Емирот Ал Тани по повод Националниот празник на Државата Катар
Понеделник, 19 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Националниот празник на Државата Катар испрати честитка до Неговото Височество Шеик Хамад бин Халифа ал Тани, Емир на Државата Катар.

Ваше Височество,

Срдечно поздравувајќи Ве, дозволете ми, во име на граѓаните на Република Македонија и во свое име, да Ви го честитам Националниот празник на Државата Катар. Истовремено, Ви упатувам најискрени желби за добро здравје, лична среќа, како и за благосостојба и просперитет на Вашата земја и на нејзините граѓани.

Ваше Височество, дозволете ми, и во оваа прилика да го искажам задоволството од континуираниот развој на односите и соработката, како и од постојаното продлабочување на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Државата Катар. Нашите неодамнешни средби во Скопје и во Доха претставуваат уште едно потврдување за пријателските чувства што ги поврзуваат нашите две земји и народи. Верувам дека ни претстои период на продолжување на започнатиот дијалог и за натамошно збогатување и интензивирање на соработката, особено во економската сфера.

Упатувајќи Ви ги изразите на моето највисоко почитување, дозволете ми, Ваше Височество, да Ви посакам натамошен успех во работата, добро здравје и лична среќа.

Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 143 од 175