Соопштенија
Честитка до кралицата на Данска, Маргарет II по повод 40 години од доаѓање на престолот
Петок, 20 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо со честитки до Нејзиното Височество Маргарет II, Кралица на Кралството Данска, по повод 40-годишниот јубилеј од нејзиното доаѓање на претолот:

Ваше Височество,

Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод 40-от јубилеј од Вашето доаѓање на престолот. Воедно, Ви упатувам искрени желби за добро здравје и натамошна лична среќа, како и за благосостојба и просперитет на Кралството Данска.

Карактеристика на овој период е што монархијата ги поврзува поранешните традиции и модерната демократија. Ви честитам на успешното владеење и постигнатиот прогрес на Вашата земја.

Длабоко сум убеден дека во периодот што ни претстои ќе го развиваме и јакнеме пријателството меѓу нашите две земји и народи. Верувам дека со заеднички ангажман можеме да придонесеме за продлабочување и интензивирање на односите и соработката меѓу Република Македонија и Кралството Данска во сите сфери од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, сакам да Ве уверам во мојата и на Република Македонија целосна подготвеност.

Истовремено, сакам да Ви честитам за преземањето на претседавањето со Европската унија. Во тој контекст, се надевам дека успешниот проект на проширување на европското семејство ќе продолжи и Република Македонија ќе го добие заслужениот и долго очекуван датум за почеток на пристапните преговори. И во однос на НАТО, Република Македонија ги исполнува сите услови и критериуми за полноправно членство и треба да си го заземе заслуженото место уште на Самитот во Чикаго, за што ни е потребна и Вашата поддршка.

Со такво уверување, Ви ги упатувам, Ваше Височество, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов



Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление Водици
Среда, 18 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник – Богојавление Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и до христијанските верници:

Ваше Блаженство,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, како и на сите православни верници во Република Македонија, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник – Богојавление Водици.

Македонија е земја во која традицијата живее и претставува извор на нашата сила и слога. Празнувањето на Богојавление Водици е сведоштво за длабочината и цврстината на нашата верба во заедништвото и силата на духот, покајанието и прочистувањето, добрината и љубовта помеѓу луѓето.

Денес, кога православните верници во Македонија го одбележуваат денот кога Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан, се посветуваме на определбата да се живее согласно вековните морални начела, да се почитуваме и да се поддржуваме, да чекориме по патот на светлината и заемната доверба.

Традициите на нашите предци со себе ја носат тајната за среќен и продуктивен живот. Преку симболиката на чистината на водата и во спомен на крштевањето на Исус, овој голем празник нека биде за сите нас уште еден силен поттик да живееме во мир и слога, со искрени души и чиста мисла.

Се надевам дека денешниот светол празник на сите граѓани на Република Македонија ќе им донесе мир и спокој и семејна радост.

Нека е за многу години овој голем христијански празник – Богојавление Водици.

Д-р Ѓорге Иванов



Грција да покаже волја за надминување на спорот со името - Средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Рикер
Среда, 18 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-помошникот, државен секретар на САД, Филип Рикер.

На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

Главна тема на средбата беше актуелната состојба за разговорите со Република Грција за надминување на наметнатиот спор за името, во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго. Претседателот Иванов го информираше Рикер за исходот од средбите што специјалниот пратеник Метју Нимиц ги свика во Њујорк. Како загрижувачки развој на настаните, претседателот Иванов го посочи недостатокот на волја кај грчкото раководство сериозно да се ангажира за надминување на ова прашање. Претседателот Иванов истакна дека објективните политички и економски проблеми со кои се соочува Република Грција не треба да се оправдување за грчкиот политички врв да одбегнува иницијативи за изнаоѓање на заемно прифатливо решение и изрази незадоволство од одлуката на грчките власти да ја прекинат практиката на директни средби на високо ниво меѓу двете држави. Претседателот Иванов ја повтори подготвеноста на Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно да учествува во процесот кој се води во ОН, и искажа очекување дека нашиот сосед ќе покаже одговорен однос, дека ќе покаже конструктивност и во целост ќе ја почитува Времената спогодба и пресудата од Хаг.

Заменик-помошникот, државен секретар на Соединетите Американски Држави се заблагодари за можноста да се разменат мислења и информации во однос на напорите за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за прашањето за името и за очекувањата од Самитот на НАТО во Чикаго. На средбата беше повторен официјалниот став на САД кој останува непроменет. Вашингтон силно ја поддржува евроатлантската интеграција на Република Македонија, дека ги исполнува условите за членство, дека двете страни се охрабруваат да дојдат до заемно прифатливо решение со што ќе се деблокира интеграцијата во Алијансата. Рикер нагласи дека македонската реакција на пресудата беше за поздравување и придонесе кон создавање на подобра атмосфера за надминување на спорот. Беше констатирано дека двете земји ќе продолжат тесно да соработуваат во насока на реализација на крајната цел, полноправно членство во Алијансата, и во тој контекст го поздрави долгогодишниот ангажман и високиот професионализам на македонските мировници во меѓународните мисии.



Средба со членовите на Турско-македонската меѓупарламентарна група за пријателство
Среда, 11 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими членовите на делегацијата на Турско-македонската меѓупарламентарна група за пријателство на Големото Национално Собрание на Република Турција.

На средбата беше констатирано дека континуитетот на средбите и размената на посети на сите нивоа, се потврда за пријателските односи и силен сигнал за натамошниот развој на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција.

Како што нагласи претседателот Иванов, во односите меѓу двете земји исклучително важен сегмент е и парламентарната соработка. Турција е еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија, и се очекува тоа партнерство и понатаму да се интензивира.

Претседателот Иванов истакна дека очекува соработката меѓу двете земји да продолжи да се продлабочува, особено во сферите на одбраната, културата, туризмот. Претседателот изрази задоволство од соработката и взаемната поддршка во регионалните и мултилатералните организации, како и од доследната и конструктивна поддршка на Република Турција за европските и евро-атлантски интеграции на Република Македонија.

Претседателот Иванов беше информиран за соработката и активностите на групата за зајакнување на пријателството, како и за севкупната парламентарна соработка. Парламентарците искажаа подготвеност да го даваат својот придонес за натамошно јакнење на односите и соработката меѓу двете земји во сите сфери, како и силно и принципиелно да ја поддржуваат Република Македонија.



Координација на државниот врв пред претстојните разговори со Нимиц - конструктивност се очекува и од другата страна
Недела, 08 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на претстојната рунда разговори со амбасадорот Метју Нимиц, денеска свика координација на државниот врв за текот на разговорите што се водат под покровителство на ОН.

На координативниот состанок присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Муса Џафери и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.

Република Македонија и натаму целосно и посветено ќе ја почитува рамката во која се водат разговорите со Република Грција за разликата околу името под покровителство на ОН. Наш интерес е што побрзо наоѓање на заемно прифатливо решение со кое би се деблокирале нашите евроатлантски интеграции. Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна.

Државниот врв на Република Македонија изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за создавање попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН.

Република Македонија очекува од Република Грција да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации и евроатлантската интеграција на Република Македонија, во согласност со Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право.

Државниот врв на Република Македонија, во духот на разбирањето и меѓусебното почитување, повторно повика на конструктивност пред претстојната рунда разговори и подава рака на пријателство и добрососедство кон Република Грција.

Државниот врв, поаѓајќи од скорешните настани од грчка страна, стравува од стагнирање на суштински разговори. Сепак, уште еднаш изразува подготвеност и отвореност за сериозно динамизирање на разговорите со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение.

 

Честитка до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово - Божик
Петок, 06 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово - Божик.

Ваше Блаженство,

Со особено задоволство и чест, Вам лично и на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници на Македонската Православна Црква, во земјава и во странство и на сите христијани, Ви го честитам големиот христијански празник, раѓањето Христово - Божик, и Ви посакувам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Со благодарни молитви, да го паметиме величествениот ден кога човештвото ја прими утехата и да ја пренесуваме радосната вест за Христовото раѓање во нашите семејства за благослов на идните генерации.

Во духот на христијанството, дозволете да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните како темел на кој што ќе го градиме македонското општество и просперитетот на секој граѓанин во Република Македонија.

Нека е честит празникот и за многу години!
Христос се роди!

Д-р Ѓорге Иванов


 

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 141 од 175