Соопштенија
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Петок, 27 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство на сите припадници на српската заедница да им го честитам големиот празник Свети Сава.

Прославата на Денот на првиот српски архиепископ - 27 јануари, претставува еден од најзначајните верски и национални празници на српскиот народ, кој се прославува секаде каде што живеат Срби. И во Македонија, припадниците на српската заедница, кои се нераскинлив дел од македонското општество и кои заедно со другите заедници активно придонесуваат кон соживотот и меѓусебното разбирање, достоинствено го прославуваат својот празник, кој е прогласен и за национален ден на српската заедница во Република Македонија. Токму на денот на Свети Сава се одржува свечена академија на која годинава ја имам честа  да бидам и покровител.

Почитувани граѓани од српска националност,

Свети Сава за српскиот народ е непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските, духовна крепост и патоказ кон иднината исполнета со слобода, хуманизам, благодат и напредок.

Ви посакувам празникот да го поминете во мир, среќа и благосостојба.

За многу години!

д-р Ѓорге Иванов

Неопходна е јасна интегративна перспектива – средба со претседателот на Република Српска, Милорад Додик
Петок, 27 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (27 јануари) оствари средба со Претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Претседателот Иванов искажа задоволство од развојот на пријателските односи и од севкупната соработка меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, вклучително и Република Српска. Двајцата соговорници се согласија дека акцентот во натамошниот развој на соработката треба да биде ставен на економската соработка и трговската размена.

Претседателот Иванов ја искористи средбата со претседателот Додик за размена на мислења за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа. Претседателот Иванов истакна дека и покрај значителниот напредок постигнат во изминатите години, на регионот му e неопходна јасна перспектива за напредок во започнатите интегративни процеси. Според Претседателот Иванов, земјите од регионот треба да продолжат на патот на намалување на пречките за меѓусебна трговија, натамошно политичко приближување и соработка, при што евро-атланските интеграции ја нудат најдобрата институционална форма.

Претседателот Додик го информираше Претседателот Иванов за актуелните политички и економски состојби во Република Српска, како и во Босна и Херцеговина. Посебен акцент беше ставен на клучните предизвици со кои Босна и Херцеговина се соочува во моментов. Претседателот Иванов беше информиран за ставовите на Република Српска по тие прашања. Претседателот Иванов на средбата го поздрави договорот за формирање на Советот на Министри на Босна и Херцеговина.



Хрватскиот успех е успех за регионот – писмо со честитки за одлуката на хрватските граѓани за влез во ЕУ
Среда, 25 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо до неговиот хрватски колега Иво Јосиповиќ, по повод референдумската одлука на хрватските граѓани за пристапување кон Европската Унија:

Срдечно поздравувајќи Ве, дозволетe ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да упатам најсрдечни честитки за историската одлука на хрватските граѓани за влез на Република Хрватска во Европската унија. Оваа одлука е исклучително важна за Вашата земја и за пријателскиот хрватски народ, но и за целиот наш регион. Убедени сме дека вашиот успех е и наш успех, како и успех на нашиот регион и Европа воопшто.

Историјата покажа дека проширувањето на Европската унија е најзначаен, не само развоен, туку и мировен проект на европскиот континент, кој им овозможи на европските држави да ги надминат своите историски насобрани проблеми и разлики. Впрочем, тоа најдобро го покажа процесот на приклучување на пријателска Република Хрватска во европското семејство на народи.

Сигурен сум дека соработката меѓу Република Македонија и Република Хрватска не само што ќе продолжи, туку во наредниот период и ќе се интензивира. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Српскиот претседател Тадиќ доби подарок македонски дрес - средба Иванов-Тадиќ во Белград
Понеделник, 23 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска отпатува во Белград да го проследи ракометниот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Полска, оствари работна средба со претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ.

Претседателот Иванов упати честитки до својот српски колега за беспрекорната организација на Европското првенство во ракомет, изразувајќи очекување на претстојниот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Србија да се покаже фер игра и да победи подобриот.

Двајцата соговорници изразија задоволство од ефектите од неодамнешната официјална посета на претседателот Тадиќ на Република Македонија. Заедничка е оценката дека зачестените средби и личните односи меѓу двајцата претседатели, како и заедничката определба за европска иднина, стабилност и просперитет на регионот, мошне позитивно влијаат на зајакнување на добрососедските односи и максимизирање на соработката во сите сфери.

Претседателите Иванов и Тадиќ уште еднаш го потврдија ставот за приоритетно посветување на економијата, на енергетските и инфраструктурните поврзувања. На средбата, двајцата претседатели разменија и мислења и информации за состојбите во регионот.

Претседателот Иванов изрази надеж за забрзано интегрирање на регионот во Европската унија, како и подготвеност за идна соработка и помагање меѓу двете земји во процесот на пристапување кон ЕУ, искористување на европските фондови и размена на искуства.



Претседателот Иванов телефонски му честита на новоизбраниот бугарски претседател Плевнелиев
Понеделник, 23 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во телефонски разговор му честита на новоизбраниот претседател на Република Бугарија, Росен Плевнелиев, за изборот и преземањето на должноста, посакувајќи му многу успеси во извршувањето на одговорната должност.
 
Претседателот Иванов изрази уверување дека под водството на новиот бугарски претседател Плевнелиев, Република Бугарија и натаму ќе бележи успеси, продолжувајќи ја конструктивната улога во стабилноста и развојот на регионот.

Двајцата претседатели се согласија дека добрите односи и соработката меѓу двете земји и натаму ќе продолжат со несмален интензитет, и се заложија за активен и конструктивен заемен ангажман кој ќе приоднесе кон таа цел.

Иванов и Плевнелиев разговараа и за заедничките цели на Македонија и Бугарија, пред сè во поглед на стабилноста и просперитетот, како и за ЕУ и НАТО перспективите на целиот регион.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Република Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во европските и евро-атланските интеграции како и досега, особено во периодот непосредно пред Самитот на НАТО во Чикаго.

Македонскиот и бугарскиот претседател се согласија што поскоро да остварат средба на која лично ќе ги разменат своите позиции, идеи, како и конкретните предлози за регионална соработка на планот на економијата, енергијата, инфраструктурните проекти и поврзувања.


Честитка до претседателот Ху Џинтао по повод Кинеската Нова година
Понеделник, 23 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао, по повод Кинеската Нова година:

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви ја честитам Кинеската Нова година, со најискрени желби за успешна и бериќетна година и благосостојба на пријателскиот кинески народ.

Дозволете ми и во оваа свечена пригода да го изразам своето уверување дека одличните односи и соработката меѓу Република Македонија и Народна Република Кина кои ги красат искрено пријателство, меѓусебна доверба и разбирање, ќе продолжат да бележат успешен развој и ќе бидат збогатени со нови содржини, за што ја повторувам нашата целосна подготвеност.

Почитуван господине Претседателе, на крајот, сакам уште еднаш да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија и јас, лично, секогаш ќе бидеме благодарни за принципиелната и континуирана  поддршка и помош од Народна Република Кина.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов



 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 140 од 175