Соопштенија
Претседателот Иванов именува нов в.д. директор на Агенцијата за разузнавање
Вторник, 27 Март 2012
Честитка до грчкиот претседател Папуљас по повод Денот на независноста на Република Грција
Недела, 25 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, испрати честитка до грчкиот претседател Каролос Папуљас по повод Денот на независност на Република Грција:

Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особено задоволство, по повод Денот на независност на Република Грција, во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.

Дозволете ми повторно да ја истакнам нашата силна посветеност за унапредување на добрососедските односи и дијалог со Вашата земја, како и да ја пренесам мојата силна верба дека, со заеднички заложби и соработка, можеме да создадеме позитивна клима на заемна доверба и почит, со што ќе осигураме просперитетна иднина за нашите граѓани.

Ја користам оваа свечена прилика да ја изразам  подготвеноста на Република Македонија за продлабочување на соработката со сите соседни земји на патот кон целосна европска и евро-атлантска интеграција на регионот, и воедно да го изразам моето уверување дека поддршката од страна на Вашата земја како членка на ЕУ и НАТО во голема мера ќе придонесе кон оваа заедничка цел.

Ве молам, примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов



Соработка и негување заеднички вредности – средба со претседателот на Албанската академија на науки, Гудај Беќирај
Среда, 21 Март 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го прими претседателот на Албанската академија на науки (ААН), академик Гудај Беќирај, кој е во посета на земјата по повод „Деновите на албанската наука и уметност".

Двајцата соговорници се согласија дека историската поврзаност на двете пријателски соседни земји, добрите политички односи, како и заедничката визија за иднината, претставуваат поттик за натамошно интензивирање на соработката во областа на науките и уметностите.

Претседателот Иванов го поздрави потпишувањето на Меморандумот за разбирање и научна соработка меѓу двете највисоки научни институции на Македонија и Албанија, во септември 2011 година, како и почетокот на реализација на конкретни проекти и активности од заеднички интерес.

Претседателот на ААН, Беќирај го информираше претседателот за сите досегашни преземени иницијативи, како и за последната заедничка активност - одржувањето на „Денови на албанската наука и уметност" во Република Македонија.

Претседателот Иванов и академикот Беќирај се согласија дека начинот на комуникација, соработката и разбирањето меѓу МАНУ и ААН се пример за добрососедските односи и негувањето на зедничките вредности.

Македонскиот претседател, кој од неодамна е и Протектор на Европската академија на науките и уметностите, истакна дека негова обврска, но и цврста определба, е да ги поддржува сите проекти кои придонесуваат за унапредување на науката, уметноста, образованието, културата, како и сите заеднички иницијативи насочени кон создавање услови за подобра иднина и просперитет на граѓаните на овие простори.


Честитка до новоизбраниот претседател на Сојузна Република Германија, Н.Е. Јоахим Гаук
Понеделник, 19 Март 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до Неговата Екселенција, г. Јоахим Гаук, новоизбраниот претседател на Сојузна Република Германија:

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот избор за претседател на Сојузна Република Германија. Во оваа убава пригода, Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за многу здравје и лична среќа.

Дозволете ми, да го изразам задоволството од висoкиот степен на традиционално пријателските односи и соработката меѓу нашите држави и да го изразам своето уверување дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Бидете уверени дека Сојузна Република Германија ја сметаме за искрен пријател и партнер, не само во сферата на економијата и реформите, туку и на полето на европските и евроатлантските интеграции.

Сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика да искажам благодарност за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во оваа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период, особено пред и за време на Самитот на НАТО во Чикаго, како и на претстојните состаноци на Европскиот совет.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до ирскиот претседател Хигинс по повод националниот празник на Ирска, Свети Патрик
Сабота, 17 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, испрати честитка до претседателот на Ирска, Мајкл Д. Хигинс по повод националниот празник на Ирска, Свети Патрик.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особено задоволство, по повод Свети Патрик, националниот празник на Ирска, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и благосостојба на нејзините граѓани.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам своето уверување дека односите на пријателство и меѓусебно разбирање, како и соработката меѓу двете наши земји, во периодот што следи ќе продолжат да се развиваат и надградуваат, во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план. Се надевам дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме и да дадеме личен придонес и импулс за натамошно унапредување на билатералните односи и соработка.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето високо почитување.  

д-р Ѓорге Иванов


Посветеност кон промовирање позитивна перспектива за сите граѓани – средба со албанскиот вицепремиер Хаџинасто
Петок, 16 Март 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Албанија, Едмонд Хаџинасто.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Хаџинасто на средбата ги разгледаа билатералните односи на Република Македонија и на Република Албанија, оценувајќи ги како одлични и пријателски, со континуирана позитивна динамика во дијалогот и во соработката. На средбата беа разгледани повеќе иницијативи за натамошно подобрување и искористување на можностите за соработка, особено економската, и начините за нејзино интензивирање. Заемна беше констатацијата дека со заеднички настап за подобрување на патната инфраструктура меѓу двете земји, ќе се даде конкретен придонес во таа насока.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Хаџинасто разменија мислења за состојбата со евроатлантските интеграции на Македонија и на Албанија, како и за состојбите во регионот. Заклучокот на соговорниците е дека интеграциите во регионот се придвижуваат и дека двете земји треба да продолжат со добрата соработка и со меѓусебната поддршка за македонското интегрирање во НАТО и во Европската унија, и албанското интегрирање во ЕУ.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Хаџинасто се согласија дека поединечни изолирани инциденти на ниеден начин не можат да влијаат на пријателските односи меѓу двете земји, со констатација дека е важно сите одговорни и сериозни политички фактори во регионот да продолжат да ги осудуваат обидите за поттикнување на непријателства и предрасуди меѓу државите, народите и верските заедници во регионот. Македонија и Албанија остануваат посветени на промовирањето на позитивна перспектива за сите граѓани, која ќе понуди економски развој и напредок, и меѓусебно почитување и толеранција.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 134 од 175