Соопштенија
Честитка од претседателот Иванов до православните верници по повод големиот христијански празник Велигден
Сабота, 14 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до христијанските верници по повод празникот Воскресение Христово - Велигден.

Во овие празнични денови ми претставува особено задоволство и чест, на сите православни верници, да им го честитам христијанскиот празник, празникот над сите празници, Воскресението Христово - Велигден.

Ви посакувам Велигден да го поминете во среќа и благосостојба, опкружени од своите најблиски и исполнети со верба и безмерна радост поради Христовата победа над смртта. Велигден како празник на светлината е убава можност, поткрепени од божјата милост, да работиме на нашата духовност, грижа и љубов за другите. Христовата жртва за човештвото нека биде патоказ за добродетелство, меѓусебно помагање и споделување со сите наши сограѓани без разлика на нивната етничка и верска припадност.

Велигден е празник на победата на правдата над насилството. Празник на вечната верба и надеж.

Нека е честит празникот и за многу години.
Христос воскресна! Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов


 

Писмена изјава на Претседателот Иванов по повод убиството на петте лица во близина на скопското село Смиљковци
Петок, 13 Април 2012
alt
Писмо до претседателот Иванов од грчкиот претседател Папуљас
Четврток, 12 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов прими писмо од Претседателот на Република Грција д-р Каролос Папуљас. Писмото претставува благодарност на претседателот Папуљас за честитката упатена од страна на претседателот Иванов по повод Националниот ден на Република Грција. Следи интегралниот текст на писмото:

Ваша Екселенцијо, би сакал да ја изразам својата искрена благодарност за честитката упатена по повод Националниот ден на Грција, како и за Вашите желби упатени до Грчкиот народ.

Грција останува целосно посветена на изнаоѓањето фер и одржливо решение за прашањето за името преку преговорите под покровителство на Обединетите Нации. Конечното решавање на ова прашање ќе ни овозможи да го искористиме големиот потенцијал на нашите билатерални односи и ќе придонесе значително во консолидирањето на безбедноста, стабилноста, добрососедските односи и развојот на нашиот регион, особено преку Европската перспектива на Западен Балкан.

Ве молам, примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

Каролос Папуљас

Честитка до христијанските верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Недела, 08 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до скопскиот бискуп и апостолски егзарх г-н Киро Стојанов, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,
Mи претставува особено задоволство и чест на сите христијански верници кои се водат според Грегоријанскиот календар, да им го честитам големиот христијански празник, празникот над сите празници – Христовото воскресение – Велигден.

Во предвечерието на празникот на светлината имаме можност да ги потврдиме нашите заеднички заложби за негување и почитување на верските различности и религиозните посебности како стожерна вредност на нашето општество и на сиот цивилизиран свет.

Велигден е неодминлив патоказ дека вдахновени од примерот на Христа, можеме да ги надминеме сите голготи и предизвици. Во време на наплив од минливи вредности и краткотрајни задоволства, да не заборавиме да го следиме патот на светлината и добрината, и да не се штедиме да се даруваме себеси на другите, негувајќи љубов кон нашите сограѓани и работејќи на просперитетот на нашата татковина.

Најсрдечно Ви посакувам Велигден да го поминете во мир, добро здравје, радост и благосостојба, споделувајќи безусловна љубов со вашите најблиски.

Христос воскресна, навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

 

Ромите се интегрален дел од македонското општество – честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите
Сабота, 07 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на припадниците на Ромската заедница во Република Македонија им го честита Меѓународниот ден на Ромите:

Почитувани сограѓани,

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам - 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.

8 Април е денот посветен на историјата и културата на Ромите, кој се одбележува низ целиот свет, афирмирајќи ја потребата од поголема поддршка за ромската популација која се соочува со социјални и економски проблеми.

Република Македонија со гордост го прославува 8 Септември, потенцирајќи го значењето на културните вредности и специфики на Ромската заедница.

Ромите, како интегрален дел од македонското општество, се рамноправни со останатите граѓани и ги уживаат придобивките да го негуваат својот јазик и да ги развиваат својата култура и традиции, и активно да партиципираат преку своите партии во политичкиот живот.

Почитувани граѓани од ромска националност,

Ве уверувам дека и натаму јас, лично, и сите институции на системот ќе работиме на натамошно подобрување на благосостојбата на Ромската заедница преку унапредување на образованието, здравството, економијата и социјалната сфера.

Наполно сум убеден дека со заеднички сили ќе постигнеме уште поголеми успеси.

Нека е Честит празникот!

д-р Ѓорге Иванов

Засилена соработка меѓу државните институции и бизнис секторот - Средба со претседателите на Стопанските комори
Петок, 06 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди работен ручек за претседателите на Стопанските комори во Република Македонија.

На средбата на која присуствуваа г-дин Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопански комори, и г-дин Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северо-западна Македонија беа анализирани економските резултати од 2011 година и од првиот квартал од 2012 година и беа разменети мислења за актуелните економски текови во Република Македонија, со акцент на глобалната економска криза.

Претседателот Иванов ја изрази својата поддршка за претставниците на стопанските комори и за нивниот придонес во економијата, како и конструктивноста во креирањето на државните политики во овој сегмент. Имајќи го предвид економски тешкиот период во кој се наоѓа светот, неопходна е засилена соработка меѓу државните институции и бизнис секторот, со цел намалување на последиците врз домашната економија и одржување на темпото на економски раст, подвлече Претседателот Иванов.

Соговорниците заклучија дека зголемувањето на извозот и продолжувањето со привлекување на странски инвестиции претставуваат приоритет од исклучителна важност за земјата, на кој треба заеднички да се работи. На средбата беа разгледани повеќе конкретни иницијативи, кои имаат за цел поддршка на претприемништвото, иновациите, поттикнување на извозот на домашните производи и отворање на нови пазари.

Во овој контекст, претседателот Иванов го изрази своето очекување за поинтензивна и поефикасна комуникација со стопанските комори, потенцирајќи дека токму економската дипломатија е еден од клучните приоритети во неговата домашна и меѓународна агенда.

На средбата беше поканет и г-дин Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 131 од 175