Соопштенија
Сочуство до белгискиот крал Алберт II за изгубените детски животи во сообраќајна несреќа
Петок, 16 Март 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов испрати сочуство до Кралот на Белгијците, Н.В. Алберт II, по повод трагичната сообраќајна несреќа во која животот го изгубија 22 деца.

Ваше Височество,

Со длабока тага ја примив веста за големата трагедија која зеде бесценети детски животи, и искрено жалам за загубените животи во оваа голема сообраќајна несреќа.

Речено е: „Господ е близу оние кои се со скршени срца, и ги спасува оние кои се со скршен дух.“ Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Во овие моменти на тага, нашите молитви се со Вас и семејствата на настраданите.

Ве молам, Ваше Височество, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до унгарскиот претседател Пал Шмит по повод Денот на Унгарската револуција
Четврток, 15 Март 2012

Претседателот на Република Македонија упати честитка до неговиот унгарски колега, претседателот Пал Шмит, по повод Денот на Унгарската револуција:

Ми претставува особено задоволство, по повод Денот на Унгарската револуција од 1848 година, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и благосостојба на пријателскиот унгарски народ.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително висoкиот степен на традиционални пријателски односи и соработка меѓу Република Македонија и Унгарија, и да го изразам своето уверување дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Би сакал да искажам и благодарност за принципиелната и цврста поддршка, која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во напорите за интеграција во големото европско и евроатлантско семејство на народи. Длабоко сум уверен и очекувам дека истата ќе продолжи и во претстојниот период значаен за Република Македонија, во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго и состаноците на Европскиот совет.

Верувам дека во наредниот период ќе можам да Ве поздравам во Република Македонија, со што ќе дадеме силен импулс за натамошно продлабочување на соработката.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Интеграциите се дополнителна кохезивна сила - Средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, Заниер
Среда, 14 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во својот Кабинет го прими Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека Република Mакедонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на македонските власти во повеќе сфери - владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

На средбата двајцата соговорници заклучија дека активното учество на Република Mакедонија во работата и активностите на ОБСЕ, успешната трансформација од земја-корисник во рамноправен партнер, како и целосно исполнетите услови и критериуми за членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ, доволно зборува за постигнатиот успех и напредокот на земјата.

Претседателот Иванов го информираше Генералниот секретар на ОБСЕ, Заниер, дека во овој момент за Република Македонија останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во интеграциите. Тој додаде дека евро-атлантските интеграции даваат дополнителна кохезивна сила во нашето општество и изрази очекување дека во наредниот мошне значаен период, партнерските земји од ЕУ и НАТО ќе покажат повеќе визија, која на Република Македонија ќе и овозможи да продолжи по својот зацртан пат.

Претседателот Иванов дополни дека блокадите на интеграциските процеси, покрај реалните последици во повеќе сфери во земјата, создаваат и одредени фрустрации кај граѓаните. Таквите фрустрации одвреме-навреме се појавуваат во форма на меѓуетнички тензии, како оние на кои сме сведоци во последниов период. Но, ваквите провокации не наидуваат на поддршка од граѓаните, чиј  соживот се темели на вековни традиции, кои денес преку Охридскиот договор се преточени во Устав и Закони. Напротив, посочи Претседателот, граѓаните и системот ги осудуваат ваквите случувања, а сторителите ќе бидат соочени со соодветни последици.

Македонскиот претседател и генералниот секретар на ОБСЕ разговараа и за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, кој всушност претставува легитимирање и унапредување на вековниот соживот, толеранцијата и разбирањето меѓу различните етнички заедници во Република Македонија. Македонскиот модел на интеграција без асимилација, нагласи Претседателот,  претставува позитивен пример во регионот и пошироко. Во Република Македонија почитувањето на човековите, и особено правата на заедниците, во голем број аспекти е согласно највисоките меѓународни стандарди, и во таа насока претседателот Иванов апелираше за позајакната регионална соработка на Мисиите на ОБСЕ, со примарна цел - еднаква примена на стандардите во повеќе сфери. Нашата држава особено посветува внимание на интеграцијата на различните етнички заедници во образованието, како предуслов за поголема кохезија и интеграција во општеството.

На средбата беа разменети мислења и информации за фокусот и областите кон кои ќе биде посветен идниот ангажман на ОБСЕ мисијата, а во насока на натамошна поддршка на Република Македонија.


Претседателот донесе укази за поставување старешини во Армијата на Република Македонија
Среда, 14 Март 2012
Средба со адмиралот Џејмс Ставридис, командант на Сојузничките сили на НАТО за операции
Вторник, 13 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес во својот Кабинет го прими командантот на Сојузничките сили на НАТО за операции, од Монс, aдмирал Џејмс Ставридис, кој престојува во дводневна официјална пoсета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за евро-атлантската интеграција на Република Македонија, учеството на македонските војници во меѓународните мировни мисии, како и идните чекори за зајакнување на партнерството и соработката помеѓу Република Македонија и земјите членки на НАТО.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија во изминатиот период покажа и докажа дека е одговорен член на меѓународната заедница, и земја која одговорно пристапува кон обврските и задачите, како што доликува на вистински сојузник и де факто член на НАТО Алијансата.

Претседателот Иванов изрази надеж дека на Самитот на НАТО во Чикаго, сојузниците ќе ја имаат предвид новонастанатата состојба со пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг и дека ќе го преиспитаат заклучокот од Букурешт.

Адмиралот Ставридис изрази благодарност за придонесот на македонските војници во мисијата ИСАФ во Авганистан и истакна дека Република Македонија има постигнато значаен успех и напредок во достигнувањето на НАТО стандардите, особено во делот на модернизација на одбраната, како и дека градењето на стратешкото партнерство ќе продолжи и понатаму.

Соговорниците се согласија дека добивањето на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО, е особено значајно за стабилноста и просперитетот на земјата, но и на регионот.


Средба со пратеничката група за шведско-македонско пријателство на Парламентот на Кралството Шведска
Среда, 07 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во својот Кабинет ја прими делегацијата од пратеничката група за шведско-македонското пријателство на Парламентот на Кралството Шведска.

Претседателот Иванов го поздрави неодамнешното формирање на групата за шведско-македонско пријателство и изрази уверување дека активностите на групата ќе придонесат за уште попродуктивна билатерална соработка меѓу Република Македонија и Кралството Шведска.

Претседателот Иванов изрази задоволство од доследната и конструктивна поддршка на Кралството Шведска за интеграцијата на Република Македонија во Европската унија, особено во периодот на шведското претседателство во 2009 година. Тој ја истакна значајната улога на шведското лидерство во добивањето позитивен извештај од страна на Европската комисија, како и придонесот кон визната либерализација за граѓаните на Република Македонија.

На средбата беше разговарано и за перспективите за скорешно добивање датум за преговори за членство во ЕУ, следствено ставот на шведската Влада изнесен по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, дека веќе се создадени можности за отпочнување на преговорите со Република Македонија.

Претседателот и парламентарците разговараа и за перспективите за продлабочена соработка и во други сфери, како трговијата, туризмот, културата, одбраната, како и взаемна поддршка во мултилатералните организации.

На средбата, претседателот Иванов посочи дека во Шведска живее бројна македонска заедница, која е воедно и мост кој секогаш ќе ги поврзува девете пријателски земји.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 135 од 175