Соопштенија
По повод Денот на настава на албански јазик - средба со професорите Дарлишта, Даути и Мурати
Вторник, 06 Март 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, во пресрет на Денот на наставата на албански јазик - 7 март, прими претставници од сферата на наставата и образованието на албански јазик во Република Македонија.
 
На средбата на која присуствуваа професор Нухи Дарлишта, претседател на Сојузот на наставниците - Албанци во Република Македонија, професор Несет Даути од Одделението за образование при Заедницата на единиците на локална самоуправа и истакнатиот универзитетски професор Џеладин Мурати, претседателот Иванов ја искористи можноста ним и на сите наставници и просветни работници  - Албанци во Република Македонија да им го честита Денот на наставата на албански јазик.
 
Претседателот Иванов и неговите соговорници на средбата ја истакнаа важноста на образованието на мајчин јазик. Претседателот истакна дека Република Македонија е позитивен пример во регионот, како општество кое овозможува  настава на мајчин јазик за сите заедници и во сите степени на образованието. Тој додаде дека вложувањето во образованието е вложување за подобра и понапредна иднина на сите во граѓани на Република Македонија.
 
На средбата беше разгледана состојбата во образованието на албански јазик, која беше оценета како добра. Тема на разговор беа и можностите за натамошно унапредување на достапноста и квалитетот на образованието на албански јазик.
 
Присутните гости се заблагодарија за поканата и изразија задоволство што средбите по повод Денот на наставата на албански јазик прераснуваат во традиција, нагласувајќи дека со нив се укажува на значењето кое Република Македонија го придава кон унапредувањето на образованието на сите заедници во државата, како и на улогата на образованието во интегрирањето на сите граѓани.


Писмо со сочуство до полскиот претседател Коморовски за жртвите во железничката несреќа
Понеделник, 05 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо до претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски, по повод трагичната железничка несреќа во јужна Полска.

Почитуван господине Претседателe,

Со длабоко жалење ја примив веста за тешката железничка несреќа во јужна Полска, покрај местото Шчекоцини, и длабоко жалам за изгубените животи и настраданите во оваа несреќа.

Во овие мигови на длабока тага за Вас, Вашата држава и пријателскиот полски народ, и во моментите кога нема соодветни зборови кои ќе ја намалат вашата тага, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко и искрено сочувство. Нашите молитви се со Вас и со семејствата на настраданите.

Ве молам, господине Претседателe, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите во оваа тешка железничка несреќа.

д-р Ѓорге Иванов


alt
Честитка до г-дин Херман ван Ромпуј по повод изборот на функцијата Претседател на Европскиот совет
Петок, 02 Март 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод реизборот на функцијата Претседател на Европскиот совет, упати писмо до Претседателот на Европскиот Совет, Херман ван Ромпуј.
 

Почитуван господине Претседател,

По повод Вашиот повторен избор на функцијата Претседател на Европскиот совет, дозволете ми, од мое лично име и од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам искрени честитки и желби за натамошни успеси во извршувањето на оваа одговорна функција.
 

Би сакал да истакнам дека Република Македонија и јас лично високо го цениме Вашиот ангажман и посветеност за развој на Унијата, особено во процесот на заокружување на најголемиот и најзначаен проект на нашиот континент, обединета и просперитетна Европа. Но, верувам, го делиме мислењето дека без забрзана интеграција на регионот на Југоисточна Европа, патот до заедничките цели, стабилност и благосостојба, за сите земји од нашиот регион, ќе биде отежнат. Граѓаните на Република Македонија силно веруваат во овој историски проект, посветено, со сиот свој капацитет и потенцијал, и натаму работат на исполнување на стандардите и критериумите за реализирање на својата стратешка цел, членство во Унијата. Оттука, Република Македонија очекува постигнувањата и напредокот да бидат крунисани со почеток на пристапните преговори со ЕУ, за што, како и досега, ја очекуваме Вашата поддршка. Сметаме дека крајно време е преговорите да почнат. Сите би имале корист од овој процес, ние, нашиот јужен сосед, но и поширокиот регион.

 

Ме радува што Ваш приоритет останува политиката за натамошно проширување на ЕУ, и оттука, очекувам Ваша поддршка за мојата земја на тој план.
 

Почитуван господине Претседател, Ве молам, примете ги изразите на моето највисоко почитување.
 

д-р Ѓорге Иванов

 

alt
Честитка до српскиот претседател Тадиќ по повод добивањето на статус кандидат за членство во ЕУ на Република Србија
Петок, 02 Март 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод добивањето на статусот кандидат за членство во Европската унија на Република Србија, упати писмо до српскиот претседател, Борис Тадиќ:
 

Почитуван Претседател,
 

Дозволете ми да Ви упатам срдечни честитки по повод добивањето на статусот кандидат за членство во Унијата. Ја поздравувам посветеноста и постигнатиот напредок и успех на Република Србија на патот кон пристапување во европското семејство.
 

Денешниот ден претставува уште еден голем историски исчекор кон европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Имајќи ја предвид мојата, но и на Република Македонија, голема посветеност на процесот на интеграции во ЕУ, се радуваме на Вашиот успех, тоа се добри вести за нашиот регион и позитивен сигнал и за останатите земји од регионот. Сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како и досега, останува  целосно подготвена тесно да соработува со Вашата држава во поглед на евро-интеграциите. Европската идеја, обединувањето и интеграцијата немаат алтернатива за напорите за натамошен просперитет, конечна стабилност и безбедност на регионот на Југоисточна Европа. Убеден сум дека нашите европски пријатели и партнери, во нивниот пристап кон Балканот, ќе останат доследни и принципиелни кон оваа идеја.
 

Ве молам, да ги примите топлите и срдечни поздрави од Република Македонија како и изразите на моето највисоко почитување.
 

д-р Ѓорге Иванов

 

alt
Средба со Владимир Генадиевиќ Титов, заменик министер за надворешни работи на Руската Федерација
Четврток, 01 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари средба со Владимир Генадиевиќ Титов, заменик министер за надворешни работи на Руската Федерација.
 

Претседателот Иванов и заменик министерот Титов на средбата разменувајќи мислења за досегашните билатерални односи, констатираа дека Република Македонија и Руската Федерација негуваат блиски и пријателски односи, со континуиран политички дијалог на високо ниво, што придонесува кон натамошното развивање на политичките, економските и културните врски.
 

Претседателот Иванов изрази задоволство од активностите насочени кон поврзување на Република Македонија на стратегискиот проект Јужен Поток, додавајќи дека со тоа ќе се отвори нова перспектива за економски развој на Република Македонија. Двајцата соговорници посебно се осврнаа на можностите за продлабочена економска соработка, за натамошно зголемување на трговската размена водејќи се од позитивните трендови во извозот на македонски производи во Русија, и за можностите за зголемувањето на руските директни инвестиции во Македонија.
 

Претседателот Иванов и заменик министерот Титов на средбата разменија мислења и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа, европската финансиска криза и глобалната безбедност.
 

Претседателот Иванов на средбата се заблагодари на постојаното и принципиелно почитување на македонското уставно име, идентитетот и културната традиција на македонскиот народ од страна на Руската Федерација. Претседателот Иванов накусо го информираше заменик министерот Титов за актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање кое Република Грција го наметнува пред Република Македонија.

 

Средба со министерот за образование, Панче Кралев и ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Велимир Стојковски
Вторник, 28 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за образование и наука на Република Македонија, м-р Панче Кралев и ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, д-р Велимир Стојковски.

Главна тема на средбата беше статусот на лекторатите по македонски јазик во светот. Претседателот Иванов, министерот Кралев и ректорот Стојковски разговараа за актуелните состојби со лекторатите и потребата од изнаоѓање решенија кои ќе овозможат не само непречено работење, туку и унапредување на овие институции кои се од особено значење за развивањето и промоцијата на македонскиот јазик и култура.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека е потребно да продолжи и да се засили поддршката за постоечките лекторати по македонски јазик, и да се бараат можности за отворање нови. По изработката на предлог-решенијата за лекторатите, ќе биде одржан уште еден состанок по што предлогот ќе биде процесуиран  преку надлежните институции.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 136 од 175