Соопштенија
Средба со Жан Тод, претседателот на Меѓународната федерација за автомобилизам (ФИА)
Среда, 08 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес во својот Кабинет го прими Претседателот на Меѓународната федерација за автомобилизам (ФИА) и поранешен Генерален директор на италијанската компанија за производство на автомобили „Ферари“, г-дин Жан Тод, на покана на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) и Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ).

Претседателот Иванов истакна дека за Република Макеоднија е голема чест што Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ) стана член на ФИА. Претседателот ги поздрави активностите на ФИА за унапредување на мотоспортот и воопшто автомобилскиот сообраќај, но пред сè напорите за зголемување на безбедноста на возачите и на останатите учесници во сообраќајот, кои се одвиваат во рамки на Декадата на акција за безбедност на патиштата 2011-2020, иницирана од Обединетите нации и ФИА.

Претседателот Иванов го информираше г-динот Тод за текот на имплементацијата на Националната стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста во сообраќајот 2009–2014, чиј поддржувач и промотор е и самиот тој, како и за предизвиците и сериозниот пристап на националните органи и институции за преполовување на бројот на жртви во сообраќајот, и најважно – комплетно елиминирање на бројот на деца-жртви во сообраќајни незгоди.

Македонскиот претседател Иванов и претседателот на ФИА, Тод разговараа и за перспективите за поинтензивен развој и унапредување на мотоспортот во Република Македонија, како и за можностите во иднина да се одржуваат автомобилски трки од меѓународен карактер и во нашата земја.

Г-динот Жан Тод зад себе има извонредна кариера во мотоспортот. Под негово раководство, тимот на Ферари во трките на Формула 1, освои 13 титули, меѓу кои и петте на најуспешниот возач на сите времиња, Михаел Шумахер. Неговото лидерство ги надминува границите на мотоспортот, пред сè преку неговите хуманитарни и филантропски активности. Тој е Член на Француската академија за технолошки науки, како и еден од основачите и заменик претседател на Институтот за истражување на мозокот и пореметувањата на рбетниот мозок, со седиште во Париз.





Средба со поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и поглаварот на ИВЗ Реис ул улема Реџепи
Вторник, 31 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари средба со поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и со поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

Средбата беше свикана на иницијатива на претседателот Иванов, во рамките на неговите редовни контакти со претставниците на верските заедници во Република Македонија. Повод за средбата беа настаните во општините Вевчани и Струга. Претседателот Иванов на средбата побара водачите на двете најголеми верски заедници во Република Македонија да го вложат својот авторитет и да влијаат за поголемо меѓуверско разбирање. Претседателот Иванов, архиепископот г.г. Стефан и Реис ул улема Реџепи заеднички упатуваат порака за одговорност во негување на традиционално добрите меѓуверски односи и на културата на толеранција.

Од средбата произлезе заеднички заклучок дека кој било изолиран инцидент, каде и да се случил, треба да биде осуден, од страна на сите. Претседателот Иванов очекува извршителите на инцидентите да одговараат согласно законите. Претседателот Иванов и поглаварите на двете најголеми верски заедници во Македонија изразија увереност дека традицијата на заеднички живот која опстојувала со векови останува вредност и придобивка на сите граѓани на Република Македонија.



Сочувство до претседателот Наполитано по повод смртта на поранешниот италијански претседател Скалфаро
Понеделник, 30 Јануари 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочуство до претседателот на Италијанската Република, Џорџо Наполитано, по повод смртта на поранешниот италијански претседател Оскар Луиџи Скалфаро:

Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот претседател на Италијанската Република, г. Оскар Луиџи Скалфаро.

Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за италијанскиот народ, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам изрази на искрено сочувство. Сакам да Ве уверам, почитуван Претседателе, дека во сеќавањата на граѓаните на Република Македонија ќе останат врежани спомените за поранешниот претседател Скалфаро, кој, пред 15 години, за време на посетата на Македонија го поддржа европскиот пат на мојата земја, изјавувајќи дека „Европа...има потреба од нова, млада крв, од еден многу стар народ, на една млада држава, кој верува во Европа со длабоко човечко чувство“. Токму во негово време, имавме значаен развој на односите меѓу Република Македонија и Италијанската Република.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот италијански народ и до семејството Скалфаро.

д-р Ѓорге Иванов



Македонија е привлечна бизнис дестинација - средба со Принцот Мајкл од Кент
Недела, 29 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со Неговото Кралско Височество Принцот Мајкл од Кент, Велика Британија.

 
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија посветува посебно внимание на развојот на односите и соработката со Обединетото Кралство. Обединетото Кралство е голем пријател и партнер на нашата земја, и благодарни сме за силната принципиелна и отворена поддршка во процесот на интеграција на Република Македонија во европските и евро-атлантските структури, нагласи претседателот Иванов.

Двајцата соговорници изразија задоволство од позитивниот развоен тренд на политичките односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, како и за перспективите за интензивирање на соработката на полето на економијата, културата и други сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов и Принцот Мајкл разменија мислења за очекувањата на Република Македонија од претстојниот НАТО Самит, како и за можностите за донесување одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија за влез во ЕУ, и непречено продолжување на интеграциите со одвојување на прашањето за името од тие процеси.

Меѓу главните точки на разговор беше и динамизирањето на економската соработка меѓу Македонија и Британија, при што Претседателот Иванов го информираше Принцот за спроведените реформи и интензивните напори за креирање поволен економски амбиент, кој во многу сегменти ги надминува земјите во регионот и пошироко. Таквата ситуација, како што нагласи Претседателот, отвора простор за привлекување на поголем број британски компании да инвестираат во Македонија, како и за воспоставување нови економски врски и зголемена трговска размена.

Принцот Мајкл од Кент, нагласи дека Македонија во изминативе неколку години постигна интензивен напредок и претставува привлечна бизнис дестинација. Тој воедно изрази задоволство од зачестените контакти меѓу двете земји во изминатите месеци, како и верување дека по оваа посета ќе има и конкретни резултати.

Членовите на британската бизнис делегација изразија заинтересираност за инвестирање во земјоделството, рударството, хотелиерството, ИТ индустријата, телекомуникациите и во други сектори.



Успешна соработка на секое ниво – средба со претседателот на Народното собрание на Србија, Ѓукиќ-Дејановиќ
Петок, 27 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со претседателот на Народното собрание на Република Србија, Славица Ѓукиќ-Дејановиќ.

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од добрите меѓусоседски односи на Македонија и на Србија, од честите и пријателски средби на високо ниво, и од добрата економска размена меѓу државите. Претседателот Иванов ја поздрави досегашната соработка на парламентарно ниво, оценувајќи ја ваквата соработка како посебно значајна за севкупните односи меѓу двете земји.

Претседателот на Народното собрание на Република Србија, г-ѓа Ѓукиќ-Дејановиќ, истакна дека односот и воспоставените лични релации меѓу претседателите Иванов и Тадиќ претставуваат пример за сите останати институции и во двете земји, пример кој треба да се следи. Поздравувајќи ја досегашната интензивна соработка во сите сфери, г-ѓа Ѓукиќ-Дејановиќ изрази желба и подготвеност за уште подинамична сестрана соработка меѓу Македонија и Србија.

Заемен заклучок од средбата беше дека акцентот во наредниот период треба да се стави на натамошното инфраструктурно поврзување на Македонија и Србија, особено во патната и енергетската инфраструктура, со цел подобро искористување на можностите за економска соработка.

Претседателот Иванов и претседателот на српското Собрание Ѓукиќ-Дејановиќ, на средбата дискутираа за состојбите во регионот, особено за актуелната состојба во интегративните процеси. Претседателот Иванов оцени дека на регионот му е потребна јасна евро-атланска перспектива, при што изрази надеж дека сите држави од регионот во текот на годинава ќе остварат напредок во своите интегративни процеси, независно од пречките кои се наоѓаат на тој пат, оценувајќи дека продолжувањето на интеграциите е најдобар пат кон просперитет и стабилност во регионот.



Работна средба со пензионираните генерали на Армијата на Република Македонија
Петок, 27 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Домот на Армијата на Република Македонија во Скопје, оствари работна, консултативна средба со пензионираните генерали на АРМ. На средбата присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал мајор Горанчо Котески и министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими.

Претседателот Иванов, заедно со пензионираните генерали, го проследи натпреварот меѓу Македонија и Словенија на Европското ракометно првенство – натпревар кој на Република Македонија и донесе победа и квалификации за Олимписките игри.

Средбата беше можност за размена на мислења и искуства за активностите на Армијата на Република Македонија. Претседателот Иванов изрази задоволство од функционирањето на Армијата на Република Македонија и од исполнувањето на поставените задачи, во Македонија и во мисиите во странство.

alt

 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 139 од 175