Соопштенија
Македонија е лидер во почитување на правата на Ромите - средба со лидерите на ромските партии
Петок, 06 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите - 8 април, денеска ги прими лидерите на партиите на Ромите во Република Македонија.

На средбата присуствуваа: г-дин Амди Бајрам, Сојуз на Ромите од Македонија, г-дин Шабан Салиу, Демократски сили на Ромите, г-дин Неждет Мустафа, Обединета партија за еманципација на Ромите, г-дин Самка Ибраимовски, Партија за целосна еманципација на Ромите, д-р Бајрам Берат, Партија за интеграција на Ромите.

Лидерите на ромските партии, заблагодарувајќи се за поканата, го поздравија гестот на претседателот Иванов и истакнаа дека е од голема чест и важност за нив значењето кое Република Македонија го придава на Меѓународниот ден на Ромите.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и натаму ќе се залага за унапредување на правата на ромската заедница и достигнување на степенот на целосна нивна инклузија во македонското општеството. Во овој контекст не помалку важна одговорност имаат и лидерите на ромските политички партии од кои се очекува да земат активно учество и ангажман за надминување на чувствителните проблеми со кои се соочува ромската популација, подвлече претседателот Иванов.

Заеднички заклучок од средбата беше дека е потребена зголемена активност за целосно интегрирање на ромската популација во македонското општество, но и дека Република Македонија во европски рамки, е лидер во почитување на правата на Ромите, како рамноправни граѓани на земјата.

Меѓународниот ден на Ромите - 8 април, е денот кога се прославува ромската култура, историја и идентитет, и се прават напори за подигање на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат Ромите во сите земји, како најголемо етничко малцинство во Европа.


Претседателот упати честитка до припадниците на Еврејската заедница по повод празникот Песах
Петок, 06 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод еврејскиот празник Песах, испрати честитка до сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија:

Ми претставува особено задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое име, до сите припадници на Еврејската заедница, да упатам срдечни честитки по повод големиот еврејски празник Песах, со желби за мир, благосостојба и напредок.

Сеќавајќи се на големиот ден во кој Бог, со својата силна рака ги избави Евреите од куќата на ропството, стануваме свесни за вредноста на слободата, но и одговорноста која оди со неа. Верувам дека инспирирани од оваа мисла, бројни македонски Евреи дале голем придонес за слободата на нашиот заеднички дом – Македонија. Придонес, кој, уверен сум Еврејската заедница ќе продолжи да го дава и во иднина.

Со такво уверување, Ви посакувам празникот да го прославите во мир, љубов и благосостојба. Хаг песах самеах!

д-р Ѓорге Иванов

Целосна поддршка за евроатлантска интеграција на Македонија – средба со конгресмени од САД
Четврток, 05 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими делегацијата од Конгресот на САД, која престојува во посета на Република Македонија, а во чиј состав се г. Дејвид Драјер, г. Дејвид Прајс, г. Џим МекДермот, г. Ерик Паулсен и г. Гери Коноли.

На средбата претседателот Иванов истакна дека оваа посета е од особено значење, бидејќи се случува во исклучително важен период за Република Македонија и нејзините стратешки цели.

Конгресмените беа запознаени со актуелните состојби во Република Македонија, со напорите за промена на статус-кво состојбите во поглед на  евроатлантските интеграции, како и со очекувањата за претстојниот период. Претседателот се заблагодари за континуираната поддршка и за стратешкото партнерство со САД кое не е само формално, туку суштинско, поврзано со вредности и идеи, идентични визии и партнерски односи. Писмото кое 54 членови на Конгресот го упатија до американскиот претседател Барак Обама, е само потврда на пријателството меѓу двете земји, и чин што граѓаните на Република Македонија високо го ценат.

Членовите на Конгресот беа запознаени со пресудата од Меѓународниот суд на правдата која  дава кредибилитет и претставува потврда на исправната политика на Република Македонија. Во пресрет на претстојниот Самит во Чикаго, Претседателот  изрази надеж дека по пресудата, земјите - членки ќе ги преиспитаат нивните позиции во однос на Македонија, односно дека ќе биде преиспитан заклучокот од Букурешт.

На средбата со конгресмените страна збор и за билатералниот спор за името наметнат од јужниот сосед. Претседателот Иванов го потврди ставот дека Македонија останува  со конструктивен пристап, посветена на процесот за што поскоро изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името, за што е неопходно почитување на рамката во која се водат разговорите, добра волја и одговорен пристап и од нашиот јужен сосед.

Членовите на Конгресот ја реафирмираа целосната поддршка за евроатлантска интеграција на Република Македонија, и подготвеноста за натамошно продлабочување на партнерските односи и соработката со Конгресот, особено преку програмата House Democracy Partnership (HDP). Искажувајќи благодарност за учеството на Република Македонија во мировните мисии, беше нагласено дека од исклучителна важност е интеграцијата на Република Македонија во НАТО, која ќе значи позитивен импулс за целиот регион, натамошна стабилизација на односите и ширење на зоната на стабилност и безбедност.



Да се интензивира економската соработка - средба со претседателката на албанското Собрание, Јозефина Топали
Среда, 04 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Јозефина Топали, претседател на Собранието на Република Албанија.

На средбата беше изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете земји и се потврди взаемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на добрососедство низ отворен дијалог.

Соговорниците разменија мислења за состојбата со евроатлантските интеграции на Република Македонија и на Република Албанија, состојбите во регионот, како и за можноста за интензивирање на економската соработка, за која беше констатирано дека не кореспондира со високото ниво на политичките односи. Заеднички заклучок од средбата беше дека евроинтеграциите во регионот се придвижуваат и дека двете земји треба да продолжат со добрата соработка и со меѓусебната поддршка за македонското интегрирање во НАТО и во Европската унија, и албанското интегрирање во ЕУ.

Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Албанија ќе го поддржува македонското членство во НАТО, особено на претстојниот Самит во Чикаго и изрази подготвеност за тесна соработка во евроинтеграциските процеси и  за споделување на искуствата на тој план. Претседателот на албанското собрание истакна дека Република Албанија ја поддржува интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури, и дека градењето на добрососедските односи е значаен елемент кој оди во прилог на европската интеграција.

Соговорниците се согласија дека е потребно интензивирање на економската соработка, потенцирајки ја важноста од инфраструктурното и енергетското поврзување меѓу двете земји, и можностите за продлабочување на соработката во туризмот и земјоделството.



Денес на Балканот владее духот на соработка – работен ручек со амбасадорите на земјите од Западен Балкан, Словенија и ЕУ
Вторник, 03 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска приреди работен ручек за амбасадорите на земјите од Западен Балкан, амбасадорот на Република Словенија и шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

Во фокусот на разговорите беа евроатлантските интеграции како стратешка определба на земјите од регионот. Претседателот Иванов и амбасадорите се согласија дека евроинтеграцијата на сите земји од Западен Балкан едноставно нема алтернатива, но исто така и дека проектот обединета и просперитетна Европа нема да биде завршен без земјите од регионот да се приклучат во Унијата.

Претседателот и амбасадорите разменија мислење за актуелните случувања и најновите достигнувања на земјите на релација со ЕУ и НАТО. Едногласен беше заклучокот дека нашиот регион има драматична трансформација во период од само една декада, и дека наспроти поранешните перцепции, денес во него владее духот на соработката, идентичните визии и взаемната поддршка во исполнувањето на стратешките цели. Амбасадорите го поздравија пристапниот дијалог на високо ниво кој Македонија го почна со Европската Унија и изразија надеж дека земјава што поскоро ќе добие покана за членство во НАТО.

Претседателот Иванов ги потврди  заложбите на Република Македонија  за зацврстување и продлабочување на регионалната соработка и размена на искуства со цел  заедничко трасирање на европскиот пат. Имајќи ги предвид претстојните претседавања на Република Македонија со две значајни регионални иницијативи - Процесот за соработка во ЈИЕ и Дијалогот меѓу цивилизациите, претседателот Иванов го повтори ставот дека регионалните средби треба да влезат во нова ера, односно од нив да произлегуваат конкретни проекти, напоменувајќи дека политичките декларации веќе не се доволни и дека е неопходна конкретна акција.



Македонија може да смета на унгарската поддршка – средба со унгарскиот министер за надворешни работи, Мартоњи
Вторник, 03 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во својот Кабинет го прими министерот за надворешни работи на Унгарија, г-дин Јанош Мартоњи, кој престојува во официјална посета на земјата.

Посакувајќи му топло добредојде на министерот Мартоњи, Претседателот посочи дека честите средби на високо ниво се потврда за одличните односи меѓу двете земји, засновани на пријателство, разбирање и соработка.

Претседателот Иванов изрази благодарност за доследната и принципиелна поддршка од страна на Унгарија за процесите на интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, јасно искажана во писмото на унгарскиот премиер Орбан до европските лидери во кое побара интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики да се одвиваат паралелно.

Унгарскиот министер за надворешни работи упати честитки за позитивните промени и успехот во реформските процеси во Република Македонија во изминатите години, нагласувајќи ја важноста од продолжување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Министерот Мартоњи истакна дека Унгарија целосно го поддржува отпочнувањето на пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија и интеграцијата во НАТО, на што Република Македонија може да смета и во наредниот период. Воедно, тој изрази надеж дека отвореното прашање во врска со името ќе биде надминато преку конструктивен политички дијалог од двете страни.

Двајцата соговорници позитивно го оценија пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија, што претставува преодна алатка и своевидна валоризација на спроведените реформи и остварениот напредок на земјата во повеќе сфери.

На средбата беше заемно констатирано дека во периодот што следи треба да се поттикне билатералната соработка, со фокусираност на економијата, зголемување на трговската размена и привлекување и охрабрување на унгарските инвеститори.



 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 132 од 175