Соопштенија
Писмо до грчкиот претседател Каролос Папуљас во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго
Сабота, 18 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо до претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас:

Почитуван господине Претседателе,
Во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго, имам чест да Ви се обратам и да замолам за Ваша поддршка за членство на Република Македонија во НАТО. Писмово го пишувам по неодамнешниот нов развој на настаните во случајот со членството на Република Македонија во НАТО, а кои се јавија по пресудата на Меѓународниот суд на правдата – МСП од 5 декември 2011 година.

Пресудата, која по својата природа е обврзувачка, нуди нова, правна димензија за нашето членство во НАТО и бара нов пристап од сите земји–членки на НАТО. И покрај единствената констатација на сите земји-членки дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за членство, сепак, поради противењето на Грција беше донесен заклучокот во Букурешт. Очекуваме од секоја земја-членка на НАТО, а особено од Вашата држава, како наш сосед, да ја почитува пресудата на МСП, Времената спогодба и меѓународното право. Очекуваме позитивен и конструктивен пристап од Вашата земја и очекуваме во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт.

Членството на Република Македонија во НАТО под привремениот начин на обраќање кој се користи во Обединетите нации е, секако, од наш заеднички интерес, но и повеќе од тоа. Силно верувам дека сите ќе имаат бенефит од членството на Република Македонија во НАТО. НАТО, како организација ќе ја прошири и зајакне зоната на безбедност, стабилност и демократија во Југоисточна Европа. Ќе ја охрабри, не само Република Македонија, туку сите земји од нашиот регион да продолжат по патот на реформите. Но, пред сè, бенефит ќе има Вашата земја, Република Грција со тоа што, на својата северна граница ќе добие уште една земја-членка на НАТО. Добивањето на заслужената покана за членство во НАТО значително ќе го поттикне развојот на нашите билатерални односи. Имено, членството во НАТО секогаш давало поволни услови за надминување на билатералните разлики меѓу земјите-членки. Ќе биде многу полесно за двете наши земји, како меѓузависни НАТО партнери и сојузници, да дојдат до заемно прифатливо решение за разликата околу името.

Ваша Екселенцијо, нашите очекувања од Самитот во Чикаго се јасни и разумни. Очекуваме земјите–членки да постигнат консензус за ефектуирање на одложената покана за Република Македонија за членство во НАТО. Поддршката од Вашата земја во оваа смисла ќе биде многу ценета и ќе придонесе за унапредувањето на мирот и стабилноста во нашиот регион.

Ваша Екселенцијо,
Се надеваме дека Вие, господине Претседателе, како потписник на Времената спогодба од 1995 година, ќе придонесете за почитување на обврските кои произлегуваат од истата. Ве уверувам дека сме подготвени да најдеме заедничко и достоинствено решение за разликата околу името. Сакаме решение во кое нема да има победници и поразени. Ве уверувам дека, како и досега, ќе продолжиме, со добра волја и конструктивно, да учествуваме во преговорите кои се одвиваат под покровителство на Обединетите нации.

Со надеж дека ќе наидам на разбирање и дека со изнесените аргументи ќе ја добиеме Вашата поддршка, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


 

Координација на државниот врв – Македонија останува цврсто посветена за надминување на прашањето со името
Петок, 17 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на претстојната посета на амбасадорот Метју Нимиц на Република Македонија, свика координација на државниот врв за текот на разговорите за надминување на проблемот кој Република Грција го има со нашето уставно име, што се водат под покровителство на ОН.

На координативниот состанок присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Муса Џафери, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски и специјалниот пратеник на претседателот во разговорите за името, амбасадорот Зоран Јолевски.

На средбата, амбасадорот Јолевски информираше за разговорите со амбасадорот Нимиц во јануари.

Заклучок на средбата, во пресрет на посетата на амбасадорот Нимиц, е дека Република Македонија останува цврсто посветена за надминување на ова прашање. Македонскиот државен врв ја поздрави посетата на амбасадорот Нимиц на Македонија и Грција со надеж дека тоа ќе придонесе за продолжување на разговорите за надминување на разликата околу името. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која укажа на неоправданоста на грчката блокада на македонската покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, на недвосмислен, објективен и непристрастен начин потврди дека Република Македонија своите позиции, во целиот изминат период ги заснова врз меѓународното право и почитувањето на добрососедските односи.

Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна.



Честитка до косовската претседателка Јахјага по повод Денот на независноста на Република Косово
Петок, 17 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати честитка до претседателката на Косово, г-а Атифете Јахјага, по повод Денот на независноста на Република Косово:

Ми претставува особено задоволство, по повод Денот на независноста на Република Косово, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и благосостојба на нејзините граѓани.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од високиот степен на пријателски односи и соработка меѓу нашите земји. Уверен сум дека соработката меѓу нашите две земји не само што ќе продолжи, туку во наредниот период и ќе се интензивира во сите области од заемен интерес. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето високо почитување.

                           
д-р Ѓорге Иванов

Честитка до српскиот претседател Тадиќ по повод Денот на државноста на Република Србија
Среда, 15 Февруари 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на државноста на Република Србија испрати писмо со честитки до неговиот српски колега, претседателот Борис Тадиќ:

Срдечно поздравувајќи Ве, дозволетe ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Денот на државноста на Република Србија. Воедно, примете ги моите најискрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на Вашата држава и нејзините граѓани.

Сакам да Ве уверам дека, свесни за заедничкото минато, остануваме верни на заедничкиот стремеж кон европските вредности како темел врз кој се гради нашата европска иднина, но и цврстото и нераскинливо пријателство на српскиот и македонскиот народ.

Убеден сум дека постојаното продлабочување на билатералната и регионалната соработка меѓу нашите две пријателски земји е во полза на успешното остварување на европските определби и претставува исклучително позитивен пример во регионот и пошироко. Сигурен сум дека соработката меѓу Република Македонија и Република Србија не само што ќе продолжи, туку во наредниот период и ќе се интензивира. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 

Сочуство од претседателот Иванов до косовската претседателка Јахјага за жртвите во снежната лавина
Понеделник, 13 Февруари 2012
Средба со Кнут Волебек, Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ
Четврток, 09 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кнут Волебек.

На средбата, претседателот Иванов му се заблагодари на комесарот Волебек за ангажманот и поддршката која ОБСЕ ја дава во унапредување на односите меѓу етничките заедници во Република Македонија. Претседателот Иванов истакна дека Македонија останува успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење на односи на почитување и соработка меѓу разните етнички заедници.

Претседателот Иванов и комесарот Волебек го разгледаа напредокот во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, при што констатираа дека тој претставува преточување на македонската долгогодишна традиција на заедничко живеење во правна рамка и нуди решенија, и претставува пример и за другите мултиетнички држави од регионот. Претседателот оцени дека функционирањето на македонскиот демократски модел покажа дека е можно спроведување на реформи, унапредување на општеството, во услови на заедничка партиципација на граѓаните независно од нивната етничка припадност.

Претседателот Иванов и комесарот Волебек разговараа и за инцидентите кои неодамна се случија во Македонија. Претседателот Иванов истакна дека македонското општество на овие изолирани инциденти реагираше со остра осуда и со повици тие да не бидат злоупотребувани за политички или други цели. Претседателот Иванов дополни дека поединечни инциденти не можат на ниеден начин да влијаат ниту да му наштетат на стабилниот модел на мултиетничка демократија која егзистира во Република Македонија.

Претседателот Иванов и комесарот Волебек се согласија дека е важно спроведување на Стратегијата за интегрирано образование. Претседателот Иванов ја поддржува Стратегијата и очекува нејзина имплементација. Заклучок на средбата беше дека една од целите на образованието е да овозможи и подобро запознавање на младите луѓе и нивна интеракција.


 

 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 138 од 175