Соопштенија
Честитка до полскиот претседател Коморовски по повод Националниот ден на Република Полска
Четврток, 03 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до полскиот претседател Бронислав Коморовски по повод Националниот ден на Република Полска:

Имам особена чест и задоволство, по повод Националниот ден на Република Полска, во свое име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен напредок на Вашата земја и за благосостојба на пријателскиот полски народ.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да ја изразам својата увереност дека односите и соработката меѓу нашите две земји ќе бележат уште понагласен интензитет во сите сфери од заемен интерес.

Република Македонија и нејзините граѓани високо ја ценат досегашната поддршка на Република Полска, за напорите за наше целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Имајќи ги предвид заедничките заложби и визии за обединета, демократска и просперитетна Европа, убеден сум дека поддршката од Република Полска ќе ја имаме и во периодот што претстои, особено пред и за време на Самитот на НАТО во Чикаго, како и на претстојните состаноци на Европскиот совет.

Господине Претседателе, со надеж дека наскоро повторно ќе имаме можност да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка од претседателот Иванов до новоизбраниот претседател на Унгарија, Јанош Адер
Среда, 02 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до новоизбраниот претседател на Унгарија, Јанош Адер:

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особена чест и задоволство, да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот избор за претседател на Унгарија. Во оваа свечена пригода, Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за многу здравје и лична среќа.

Ја користам оваа свечена пригода да го изразам задоволството од висoкиот степен на традиционално пријателските односи меѓу Република Македонија и Унгарија, и да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес. Верувам дека во наредниот период ќе имам можност да Ве поздравам во Република Македонија, со што ќе дадеме силен импулс за натамошно продлабочување на соработката. Бидете уверени дека пријателска Унгарија ја сметаме за искрен партнер на полето на европските и евроатлантските интеграции.

Сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека македонските граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Имајќи го ова предвид, би сакал да искажам благодарност за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во таа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период, особено пред и за време на Самитот на НАТО во Чикаго, како и на претстојните состаноци на Европскиот совет.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до претседателот Перес по повод Денот на независноста на Државата Израел
Четврток, 26 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати честитика до израелскиот претседател Шимон Перес по повод Денот на независноста на Државата Израел:

Почитуван господине Претседателe,

Ми претставува особено задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија, како и во мое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Денот на независноста на Државата Израел и да Ви упатам искрени желби за натамошен напредок и благосостојба на Вашата држава и нејзините граѓани.

Ја користам оваа свечена пригода да го искажам своето задоволство од досегашниот позитивен развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Државата Израел, како и од воспоставените односи на наше лично пријателство и соработка. Убеден сум дека нашите односи и во иднина ќе продолжат да се развиваат во духот на пријателството и заемната поддршка. Односи кои се темелат врз вековното препознавање и разбирање меѓу нашите два пријателски народи.

Господине Претседателе, упатувајќи Ви најдобри желби, Ве молам да ги примите изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Двете соседни држави делат заеднички вредности – новиот бугарски амбасадор ги предаде акредитивите
Понеделник, 23 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма од новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија во Република Македонија, Н.Е. Иван Великов-Петков.

Претседателот Иванов посакувајќи добредојде на новоименуваниот бугарски амбасадор во Република Македонија, изрази надеж дека амбасадорот Петков ќе даде силен придонес кон натамошното унапредување на односите меѓу двете држави. Верувам дека во периодот што претстои ќе продолжиме да го јакнеме и да го продлабочуваме политичкиот дијалог и досегашната билатерална соработка, ќе ја дополниме со нови содржини, во духот на пријателството, добрососедството и меѓусебното разбирање, рече претседателот Иванов.

Како две соседни држави кои делат заеднички вредности, стратегиски цели и се посветени на соработката и развојот на регионот, претседателот Иванов изрази очекување дека  Република Бугарија ќе остане и натаму силен поддржувач и партнер на македонските интеграции, и дека поддршката ќе се потврди и на претстојниот Самит на НАТО во Чикаго.

Во интерес на олеснување и унапредување на економската соработка, македонскиот претседател посочи дека двете земји треба да се фокусираат на инфраструктурните и енергетските поврзувањa, на поголема прекугранична соработка, како и на заеднички настап во искористувањето на европските фондови.

Амбасадорот Петков изрази очекување дека Република Македонија ќе успее да оствари суштински напредок во интеграциските процеси, потенцирајќи дека Република Бугарија ќе продолжи со политичката поддршка во оваа насока. Почеток на нови заеднички проекти што ќе доведат до конкретни резултати и ќе ги олеснат интеграциските процеси, ќе бидат дел од заложбите на амбасадорот Петков.

Упатувајќи срдечни поздрави до неговиот бугарски колега, претседателот Росен Плевнелиев, претседателот Иванов изрази очекување дека во интерес на добрососедството, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, средбите на највисоко политичко ниво меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина.


Поддршка за целосна интеграција на Западен Балкан - средба со премиерот на Чешката Република, Нечас
Вторник, 17 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Владата на Чешката Република, Петр Нечас, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше потврдено дека двете земји имаат традиционално добри и пријателски односи, и беше поздравен интензивниот политички дијалог, кој во изминатиов период го карактеризираат голем број средби на високи претставници од Република Македонија и од Чешката Република.

Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката која Чешката Република ја дава во однос на интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО, и изрази очекување дека истата ќе продолжи и во претстојниот, исклучително значаен период за Република Македонија. Претседателот го запозна чешкиот премиер со напорите кои Македонија во континуитет  ги вложува за исполнување на стратешките надворешно-политички цели, за реформскиот процес и изрази очекување дека час поскоро, овие заложби  ќе резултираат со заслужено членство  во НАТО и во Европската унија.

Во овој контекст, премиерот на Чешката Република  беше запознаен  со одлуката на Меѓународниот суд на правдата, која претставува потврда за исправната политика на Република Македонија. Претседателот Иванов уште еднаш потенцираше дека  Македонија има полно право да очекува и да бара од Република Грција доследно да ја почитува одлуката на Судот и Времената спогодба, и изрази надеж дека истата ќе биде земена предвид на претстојниот Самит на НАТО во Чикаго,  како и при идното носење  одлуки за Македонија од страна на Европската унија.

Премиерот Нечас истакна дека од посебно значење за Чешката Република е интеграцијата на Западен Балкан, а особено на Македонија во Европската унија и во НАТО, потсетувајќи на изразената поддршка на Самитот во Букурешт. Тој ја потенцираше важноста од целосна интеграција на Западен Балкан, што ќе значи проширување на зоната на стабилност и безбедност, и нагласи дека Република Македонија и натаму ќе ја ужива поддршката од Чешката Република.

За време на разговорите беше изразено взаемно задоволство од зголемената трговска соработка и подобрените економски релации на кои дополнителен поттик им дадоа неколкуте отпочнати проекти на Република Македонија со чешки компании. Како потврда за добрите односи беше посочено именувањето на “Македонска улица” во центарот на Прага, како и отворањето на почесниот конзулат на Република Македонија во Храдец Кралов.

Во прилог на билатералните односи, двајцата соговорници изразија надеж дека што поскоро ќе се надминат проблемите со македонскиот лекторат во Прага.


Честитка од претседателот Иванов до припадниците на АРМ по повод христијанскиот празник Велигден
Сабота, 14 Април 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на Армијата на Република Македонија од христијанска вероисповед, по повод празникот Воскресение Христово - Велигден.

Како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија имам особена чест и задоволство на сите припадници на АРМ од христијанска вероисповед да им го честитам големиот празник, Воскресението Христово -Велигден.

Празникот над празниците - Велигден е празник на животот и дарувањето, вербата и посветеноста. Токму вербата, храброста и посветеноста се одлики на македонскиот војник кој предано и служи на својата татковина.

Дозволете во оваа честитка да го потенцирам значењето на вашиот професионален ангажман, со кој покажавте дека сте подеднакво успешно обучени како за извршување на основната мисија на АРМ, а тоа е одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, така и за извршување на мисии надвор од државата, каде што илјадници километри оддалечени од татковината, македонските мировници гордо го веат македонското знаме. Со својата целосна посветеност на обврските, честопати изложувајќи се на висок ризик, демонстриравте храброст и одважност, поради што се стекнавте со висок рејтинг и углед на меѓународен план.

Би сакал да потенцирам дека со вашата постојана поддршка на државните институции, единиците на локалната самоуправа, здруженијата и други организации во Република Македонија, покажавте дека Армијата е, секогаш тука, на услуга за своите граѓани.

Со најискрени желби за добро здравје, среќа и успех.
Христос воскресна, навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

 

 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 130 од 175