Соопштенија
Билатералните проблеми не смеат да влијаат на патот кон ЕУ – средба со хрватскиот претседател Јосиповиќ
Вторник, 21 Август 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој на покана на претседателот Јосиповиќ престојува во работна посета на Република Хрватска, денеска оствари билатерална средба со неговиот домаќин.

Разговорите беа фокусирани на можностите за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, стратешките цели на Република Македонија и предизвиците во регионалната соработка.

Двајцата соговорници изразија задоволство од високиот степен на политички, економски и културни  односи во изминатите дваесет години и подготвеност  за нивно продлабочување, унапредување и тесна соработка во иднина.

Во контекст на исполнување на стратешките цели на Република Македонија,  претседателот Иванов искажа благодарност за отворената поддршка на самитот на НАТО во Чикаго, и истакна дека од суштинско значење е поддршката од Република Хрватска за одредување датум и почеток на пристапните преговори за членство во  Европската Унијата.  Во таа насока, претседателот Иванов  побара Република Хрватска  да се заложи за примена на позитивните искуства во надминувањето на хрватско-словенечкиот спор за паралелно движење во интеграциите и истовремено решавање на билатералните прашања.

Претседателот Јосиповиќ порача дека Република Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во евроатлантските интеграции, притоа оценувајќи дека билатералните проблеми не смеат да влијаат во индивидуалниот пат на која било држава кон Европската Унија.

Двајцата претседатели ја истакнаа и важноста од регионалната соработка за унапредување на севкупните односи во регионот. Во тој контекст,  беше разговарано  за можностите за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 10,  како еден од инфраструктурните проекти од значење за сите држави  во регионов, како и за политичка и економска поддршка од Европската Унија на тој план.

Констатација и на двајцата претседатели е дека односите меѓу двете држави се на одлично ниво, но постои простор за зајакнување на соработката во економијата, меѓу другото преку инфраструктурно поврзување и пораст на трговската размена.


Не постои алтернатива за регионот освен целосна интеграција во ЕУ и НАТО - Средба Иванов-Рикер
Понеделник, 20 Август 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид оствари билатерална средба со Н.Е. Филип Рикер, заменик помошник државен секретар на САД.

Претседателот Иванов му заблагодари на Рикер за прифатената покана да биде еден од предавачите на овогодинешната Школа за млади лидери и истакна дека Република Македонија е горда на партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со Соединетите Американски Држави.

Централни теми на средбата беа стратешките цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската Унија како највисоки приоритети, како и можноста за деблокада на интеграциските процеси.

Заменикот помошник државен секретар на САД се заблагодари за можноста да се разменат мислења и информации во однос на стратешките цели на Република Македонија, актуелните реформски процеси и особено за состојбите во регионот на југоисточна Европа.

Претседателот Иванов го запозна заменикот помошник државен секретар на САД и со улогата на Република Македонија во регионалната соработка и регионалните иницијативи. Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Република Македонија, освен целосна интеграција во Европската Унија и НАТО.

Рикер упати честитки до претседателот Иванов за неговото лидерство, како во Република Макеоднија, така и во регионални рамки.

На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.


Честитка од претседателот Иванов до граѓаните од муслиманска вероисповед по повод Рамазан Бајрам
Недела, 19 Август 2012

Дозволете ми од мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани припадници на исламската вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам еден од најсветите исламски празници Рамазан Бајрам, посакувајќи да го поминете  во духот и традицијата на Вашата вера, исполнети со среќа и радост.

Честитајќи го големиот верски празник Рамазан Бајрам, празникот на возвишеноста, молитвата, љубовта, хуманоста, истрајноста и посветеноста, би сакал да го потенцирам придонесот на Исламската верска заедница во градењето на  соработката помеѓу сите религиски заедници во Република Македонија. Уверен сум дека нашиот заеднички стремеж е просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија,  како и јакнењето на меѓусебното почитување и соживотот, како стожерни вредности  на нашето општество.

Најискрено посакувам големиот празник на сите верници да им донесе многу мир во душата, благодет во семејствата, среќа во заедницата.

Со почит,


д-р Ѓорге Иванов


Средба со припадничките на АРМ од мисиите ИСАФ и АЛТЕА и видео-врска со контигентите на АРМ
Петок, 17 Август 2012

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од формирањето на АРМ, денеска ги прими клучниот персонал и припадничките на Армијата на Република Македонија, кои ја извршуваа својата должност во мисијата ИСАФ во Авганистан и во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Заедно со нив и со Началникот на Генералштабот на АРМ, Генерал мајор Горанчо Котески, Претседателот преку видео-конференциска врска им го честита овој голем јубилеј и на припадниците на Армијата кои во моментов ја извршуваат должноста во мисиите во Кабул и во Сараево, посакувајќи им уште многу успеси во нивната војничка кариера и во остварувањето на задачите.

„Навистина сум особено горд што сум Врховен командант на Армија која учествува во најтешките мисии и задачи, и која постојано бележи значајни успеси. Македонската армија е темел на нашата независност и сувереност, а токму вие кои служите во меѓународните мировни мисии, сте најголемите амбасадори на Република Македонија, кои на терен ја потврдуваат посветеноста на нашата татковина кон идеалите за мир и демократија,“ истакна претседателот Иванов во разговорот со припадниците на АРМ.

Македонските мировници од Кабул и Сараево истакнаа дека за нив е големо задоволство и чест што Претседателот и Врховен командант лично ги исконтактира по овој повод, и ја искористија приликата да упатат честитки до сите свои колеги кои работат во Армијата на Република Македонија.

Припадничките на АРМ упатија благодарност до Претседателот за срдечните честитки, како и за тоа што го оствари своето ветување дадено на 8 март да ги повика на средба по завршувањето на нивниот ангажман во мисиите во Авганистан и Босна и Херцеговина во јули годинава, и нивното враќање дома. Тие нагласија дека за нив е огромна чест што во пресрет на одбележувањето на овој голем јубилеј – 20 години од основањето на Армијата на Република Македонија, имаа прилика да се сретнат со претседателот Иванов.


Писмо со сочуство од претседателот Иванов до семејството на Арбен Џафери
Четврток, 16 Август 2012
Став на Претседателот на Република Македонија за настанот во Слупчане
Среда, 15 Август 2012
 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 122 од 175