Соопштенија
alt
Честитка до Кралицата Маргарит II по повод Националниот ден на Кралството Данска
Вторник, 05 Јуни 2012
alt
Билатералните односи и политичкиот дијалог меѓу Македонија и Хрватска се одлични - средба со хрватскиот претседател
Понеделник, 04 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Загреб оствари билатерална средба со претседателот на Република Хрватска, д-р Иво Јосиповиќ.

Двајцата претседатели констатираа дека билатералните односи и политичкиот дијалог се одлични, и дека соработката меѓу двете држави во континуитет бележи позитивен развој.

Претседателот Иванов ја изрази благодарноста за поддршката на Република Хрватска за напорите и активностите што ги вложува Република Македонија за што поскорешно приклучување кон Северноатлантската алијанса и ЕУ, особено за хрватската поддршка искажана на Самитот на НАТО во Чикаго. Македонскиот претседател изрази надеж дека поддршката ќе продолжи, бидејќи Република Хрватска најдобро го разбира значењето на евроатлантските интеграции за земјите од регионот, и за неговата трајна стабилност. Претседателот Јосиповиќ истакна дека Република Македонија и натаму може да смета на безрезервна поддршка од Република Хрватска.

На средбата се разменија мислења и информации за состојбите во регионот и за регионалната соработка. Беше разгледана можноста за реализација на проектот Јадранско-јонска магистрала и нејзино поврзување со коридорот 10, и во тој контекст беше договорено интензивирање на контактите на овој план. Двајцата претседатели разменија информации за економските состојби во земјите.

alt
Писмо од францускиот претседател Оланд до претседателот Иванов
Четврток, 31 Мај 2012

Господине Претседател,

Сакам наjискрено да Ви се заблагодарам за писмото со честитки кое ми го упативте по изборот за Претседател на Република Франција.

Ја користам оваа прилика да Ви повторам дека ќе се заложувам за продолжување и продлабочување на пријателските врски кои ги негуват нашите две земји.

Аспирациите на Македонија за да стане земја членка на Европската Унија и на Северноатлантската Алијанса е политички проект кој јас го поддржувам. Франција ќе продолжи да Ви помага за да се подготвите. Убеден сум дека ќе продолжите со напорите за спроведување на внатрешните реформи кои се неопходни за влез во Европската Унија.

Посакувам и да се најде што побрзо заеднички прифатливо решение за спорот со Грција во однос на прашањето за името со што ќе се отстрани пречката за вашите амбиции.

Ве молам Господине Претседател, да ги примите изразите на мојата висока почит.

Франсоа Оланд

Писмо со сочуство до Емирот на Катар, Шеикот Ал Тани, за загубените животи во пожарот во Доха
Вторник, 29 Мај 2012
Средба со делегација на Кралскиот колеџ за одбранбени студии од Велика Британија
Петок, 25 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими претставниците од Кралскиот колеџ за одбранбени студии од Велика Британија.

Регионалната посета на Кралскиот колеџ ја предводи генерал-мајор Себастијан Робертс. Во Скопје пристигнуваат по претходна посета на Србија и Босна и Херцеговина, а оттука заминуваат во соседна Грција.

На средбата беше разменето мислење за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија,  за исходот од самитот во Чикаго, а соговорниците од Велика Британија пројавија интерес и за дведеценискиот билатерален спор со Република Грција, кој ги попречува македонските интеграциски перспективи.

Претседателот Иванов пред претставниците од Кралскиот колеџ уште еднаш го елаборираше ставот на Република Македонија по самитот во Чикаго, посочувајќи дека и покрај тоа што Алијансата не успеа да го промени заклучокот за Македонија имајќи ја предвид пресудата, нашата земја и натаму доследно ќе придонесува во мисиите на НАТО и целосно ќе ги поддржува политиките на Организацијата.

Како институција која влијае на зајакнување на стратешкото размислување на идните креатори на политики и стратегии, претседателот Иванов пред делегацијата од Кралскиот колеџ ги посочи начините за деблокада на македонските интеграции, преку почитување на Времената спогодба, конструктивност и придржување до рамката на разговорите за името, укажувајќи дека  злоупотребата на консензусот и растегливоста на концептот на солидарност во НАТО и во ЕУ може да предизвикаат сериозно нарушување на меѓународниот кредибилитет на двете институции.

Кралскиот колеџ за одбранбени студии е постдипломска програма за меѓународни стратешки студии, со фокус на безбедноста, стабилноста и напредокот. Од редовите на овој колеџ имаат произлезено најдобрите оратори од Обединетото Кралство, од академската сфера, но и практичари во областа на стратегиите, како што се министри, дипломати, па дури и шефови на држави.

Реномираниот колеџ за одбранбени студии има образувано и кадри од Армијата на Република Македонија.


ЕУ да го валоризира прогресот на Македонија на јунскиот Совет – средба со австрискиот претседател на Националниот совет
Петок, 25 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Барбара Прамер, претседател на Националниот совет на Република Австрија.

На средбата обострано беше констатирана позитивна динамика во развојот на севкупните билатерални односи со јасна подготвеност за нивно продлабочување. Како значаен сегмент во меѓусебната соработка, особено беше акцентирана улогата на парламентите на двете земји.

Претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната и отворена поддршка од Австрија - процесот на македонските евроинтеграции да се одвива паралелно со разговорите за името, и изрази искрено очекување дека Република Австрија силно ќе се залага за деблокада на Македонија на Европскиот совет во јуни. Во таа насока, Претседателот изјави дека очекува Европската унија на претстојниот состанок конечно да го валоризира, а не само да го нотира прогресот на Република Македонија, а  притоа  да го одложува почетокот на претпристапните преговори за членство.

Претседателот Иванов воедно апелираше европските партнери да побараат од Грција да ги почитува обврските од Времената спогодба и пресудата од Хаг, исто онака како што бараат Грција да ги почитува обврските од пакетот за финасиска помош. И покрај неправедните и неаргументирани блокади, Македонија ќе продолжи динамично да работи на целосно достигнување на европските стандарди и нема да отстапи од конструктивен пристап во разговорите за името, посочи Иванов, додавајќи дека е неопходно доследно почитување на пресудата од Хаг, како и  фер третман од сите земји-членки на Унијата.

Изразувајќи задоволство од посветеноста на Македонија во исполнување на зададените реформи и степенот на нивна реализираност, претседателот на Националниот совет ја потврди австриската поддршка за македонските евроинтеграции, како и заложбите на Австрија за присоединување на сите земји од Балканот кон европското семејство.  Прамер истакна дека е потребно спорот за името да се разграничи од интеграцијата во Европската унија и притоа  изрази надеж дека  Македонија и Грција што поскоро ќе успеат да изнајдат заеднички прифатливо решение во духот на добрососедството.

Двајцата соговорници разменија мислење за актуелните случувања на Балканот и се согласија дека единствена одржлива алтернатива за регионот е целосна интеграција во Европската унија и во НАТО.

Во насока на унапредување на пријателските односи, претседателот Иванов очекува во 2013 година да биде реализирана и возвратна официјална посета на австрискиот претседател Хајнц Фишер.


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 127 од 175