Соопштенија
alt
Писмо до Претседателот на САД, Барак Обама на годишнината од нападите на 11 септември
Вторник, 11 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, упати писмо до Претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама.

Почитуван г-дине Претседател,

Одбележувајќи ја 11-годишнината од терористичките напади од 11 септември 2001 година кои ја потресоа Вашата голема нација, но и сите слободољубиви нации низ светот, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да ја изразам нашата тага и жал за големите човечки загуби кои ги претрпе Вашата земја и пријателскиот американски народ.

11 години по терористичките напади, слободниот свет одбивајќи да живее во страв од злото на денешницата, создаде единствен фронт во борбата против меѓународниот тероризам. Врз благородната мисија за заштита на слободата, демократијата и човековите права, како споделени вредности, се темели и постојано унапредува стратешкото партнерство на Република Македонија со Соединетите Американски Држави.

Сеќавајќи се со тага на жртвите, на нивните блиски и на секое натажено семејство во Соединетите Американски Држави, сакам да Ве уверам господине Претседателе, дека Република Македонија, како верен и докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските напори за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот со истата решителност како и досега.

Ве молам, почитуван Претседателе, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

Модерната дипломатија ги пронаоѓа заедничките интереси - Новите амбасадори на Естонија и Израел ги предадоа акредитивите
Понеделник, 10 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Државата Израел, Н.Е. г. Јозеф Амрани и новоименуваниот амбасадор на Република Естонија, Н.Е. г. Арти Хилпус.

Во поздравните говори на примопредавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во вршењето на амбасадорската должност.

На средбата со новоименуваниот Амбасадор на Република Естонија, соговорниците ги потврдија одличните релации на политичко ниво и изразија очекување за продлабочување на севкупните односи меѓу двете земји и јакнење на соработката во сферите од заемен интерес, особено во делот на информатичката технологија за што Република Естонија важи за европски лидер.

„Република Македонија е силно посветена и непоколебливо опстојува на реализацијата на своите стратешки цели: членство во Европската унија, НАТО, развојот на добрососедските односи и на регионалната соработка, на политиката на отвореност кон сите. Верувам дека Република Естонија, како и досега, ќе продолжи да ги поддржува стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија и правилно да го вреднува нашиот прогрес и постигнувања,“ истакна претседателот Иванов, заблагодарувајќи се за досегашна поддршка од Република Естонија во македонските евро и евро-атлантски интеграции и изразувајќи интерес за споделување на естонските искуства на овој план.

Амбасадорот Хилпус ја потврди поддршката за македонските евроинтеграции, потенцирајќи дека Естонија верува, оти Македонија е подготвена да ги отпочне преговорите за членство во Европската Унија на крајот на оваа година и дека пристапниот процес и натамошните реформи нема да бидат попречени од спорот со името. Амбасадорот Хилпус, изрази силна поддршка и за македонското членство во НАТО, истакнувајќи дека Македонија заслужува признание за напорите кои ги прави во претпристапниот процес.

„Сакаме да ја видиме Македонија како членка на Алијансата,“ истакна амбасадорот Хилпус, додавајќи дека од земјите од Западен Балкан, Република Македонија е најактивен партнер на Естонија и пренесе поздрави и честитки од естонскиот претседател по повод Денот на независноста.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Државата Израел, Н.Е. г. Јозеф Амрани, беше констатирано дека меѓу двете земји е постигнат висок степен на политичките односи, беше изразено задоволство од одличните мултилатерални односи и интерес за продолжување на трендот на размена на посети на виско и највисоко ниво меѓу двете држави.

„Сметам дека приоритет во односите меѓу двете земји во претстојниот период треба да биде натамошно унапредување на економската соработка, јакнење на трговската размена и натамошно зголемување на израелски инвестиции во Македонија. Посебно сум задоволен од јакнењето и проширувањето на правната рамка меѓу Република Македонија и Државата Израел,“ истакна претседателот Иванов во поздравниот говор.

Како дипломат и амбасадор, ве уверувам г. Претседателе дека ќе бидам страстен промотор на политиката и интересите на вашата земја, на природните убавини и на културата сцена, на економијата и општеството и, најважно, достапен и посветен пријател во градење на соработката. Модерната дипломатија треба да се базира на пронаоѓање на заеднички основи, интереси и потреби. Никој не може да одлучува и да пресудува за приоритетите и политиките на некој друг, напротив треба взаемно да учиме од нашите искуства и да ги споделуваме со пријателските нации, истакна амбасадорот Амрани на свечената церемонија, пренесувајќи поздрави од израелскиот претседател, Шимон Перес.

Претседателот Иванов го запозна соговорникот со надворешно политичките цели на Република Македонија. Двајцата соговорници разменија мислење за состојбите во регионот на ЈИЕ како и за најновите случувања на Блискиот Исток.
 

Честитка од претседателот Иванов до сите православни верници по повод празникот Успение на Пресвета Богородица
Понеделник, 27 Август 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, по повод христијанскиот празник „Успение на Пресвета Богородица“.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми од мое име и од името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично и на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да го честитам христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.

Ви посакувам празникот кој го слави денот на радосното преселување на Божјата мајка на небото, да го поминете во спокој и хармонија, опкружени од своите најблиски и исполнети со радост.

Празникот Успение на Пресвета Богородица има особено значење за сфаќањето на смислата и вредноста на нашите животи. Затоа постојано вдахновени од неизмерната и безрезервна љубов и мајчинска грижа на Пресвета Богородица, од нејзината добрина, кроткост и трпеливост, да живееме сакајќи ги нашите најблиски и градејќи почит кон своите родители и разбирање и љубов кон своите деца.

Нека е честит празникот и за многу години!

Д-р Ѓорге Иванов


alt
Писмо со благодарност за гостопримството до претседателот Иванов од Генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун
Недела, 26 Август 2012

Генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун, упати писмо со благодарност до претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов:

Ваша екселенцијо,

Би сакал да ја изразам мојата благодарност за топлиот прием и за исклучителното гостопримство кон мене и мојата делегација за време на официјалната посета на вашата земја на 24 и 25 јули. Искрено ги ценам и се сеќавам на прекрасниот фолклорен настап покрај Охридското езеро, нашата средба со инспиративните млади лидери, државничката вечера организирана во моја чест и во чест на мојата сопруга, посетата на Плаошник во Охрид, и пред сè, нашите суштински и конструктивни разговори. Исто така, би сакал да се заблагодарам за срдечнот подарок и логистичката поддршка обезбедена во текот на мојата посета.

Дозволете уште еднаш да ја потврдам мојата лична заложба за постигнување решение во разликата околу името со Грција. Како што ветив за време на мојата посета, наскоро ќе го побарам Премиерот Самарас силно да го охрабрам повторно да се ангажира во процесот предводен од мојот личен пратеник, г-динот Нимиц. Вашата лична вклученост и натаму останува да биде од суштинско значење во изнаоѓањето заеднички прифатливо решение.

Високо го ценам вашиот придонес кон работата на Обединетите нации, и се надевам на продолжување на нашата силна соработка.

Ве молам, Екселенцијо, примете ги изразите на моето најдлабоко почитување.

Бан Ки-мун
Генерален секретар на Обединетите нации


Писмо до претседателот Ѓул по повод 20-години дипломатски односи меѓу Македонија и Турција
Недела, 26 Август 2012

По повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Турција на 26 август 1992 година, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на Република Турција, Абдула Ѓул. Во продолжение следи интегралниот текст на писмото.

Почитуван господине Претседател, Драг пријателе,
Ми претставува особена чест и големо задоволство, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Турција на 26 август 1992 година, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви ги пренесам изразите на почит и благодарност, како и желбата со Вас да го споделиме споменувањето на овој значаен датум за нашите две земји.

Воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две пријателски земји се случи во турбулентно време, во период кога новата реалност на Балканот, штотуку осамостоената држава Република Македонија, беше проблематизирана, оспорувана и негирана. Навраќајќи се две децении наназад, свесни сме за значењето на ваквиот чекор од страна на Вашата земја, кој го олесни процесот на меѓународното признавање на државноста, самостојноста и пошироката афирмација на Република Македонија во меѓународната заедница.

Со задоволство можам да констатирам дека зад нас се дваесет години во кои вкупните односи и соработката меѓу двете пријателски земји континуирано и успешно се градеа, унапредуваа и продлабочуваа. Денес, нив ги карактеризира исклучително високо политичко ниво и развиена соработка во голем број области, изградена правна рамка на билатерални документи, дух на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување, како и споделени економски интереси чие зацврстување е заеднички императив. Она што денес посебно сакам да го нагласам, тоа е високата почит и благодарност за силната и принципиелна поддршка која безрезервно ја добиваме од пријателска Турција во реализација на нашите стратешки цели, членство во НАТО, ЕУ и изградбата на Република Македонија во една модерна демократија во која соживотот, дијалогот и почитувањето на различностите се реалност.

Почитуван господине Претседателе,
За ваквите придобивки, од исклучително значење е политичкиот дијалог на сите нивоа. Сакам да Ве уверам дека во духот на воспоставеното пријателство, подготвен сум заедно со Вас и натаму да даваме заеднички придонес во јакнењето на односите и соработката меѓу нашите две земји.

На крајот, Ви посакувам, Вам и на граѓаните на Република Турција, остварување на натамошните успеси, а Вам Ви посакувам добро здравје, лична среќа и успех во извршувањето на исклучително одговорната функција. Во очекување на наредната прилика повторно да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на мојата највисока почит.

д-р Ѓорге Иванов


На регионот му се потребни лидери во сите сфери на општествено делување - Средба со Курт Вокер
Петок, 24 Август 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид оствари средба со г-дин Курт Вокер, Извршен директор на Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, поранешен амбасадор на САД во НАТО и поранешен заменик помошник државен секретар на САД.

Претседателот Иванов изрази благодарност за прифатената покана од страна на г-динот Вокер, да биде еден од клучните предавачи на Школата за млади лидери, која трета година по ред се одржува под негово покровителство, обединувајќи ја младата и креативна сила во општеството.

Г-динот Вокер ја поздрави оваа исклучителна иницијатива на Претседателот, изразувајќи задоволство од високиот професионален пристап при нејзината реализација и за дадената прилика да биде дел од неа. Двајцата соговорници разговараа и за можноста за соработка помеѓу Школата за млади лидери и Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, како и за потребата ваквата иницијатива да прерасне во регионална.

Претседателот Иванов посочи дека нашиот регион има потреба од создавање и подготовка на идни лидери, и тоа не само во политиката, туку лидери во сите сфери на општествено делување - економијата, екологијата, културата. Лидери кои својата визија за иднината ќе ја засноваат на позитивните вредности, одговорноста и креативноста, и ќе ја насочат својата енергија кон подобрување на општите состојби, напредок и соработка.

На средбата, уште еднаш беше потврден континуираниот развој на билатералните односи и стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Како што нагласи Претседателот, Република Македонија непоколебливо останува на курсот на НАТО и ЕУ интеграциите, во што улогата на САД како партнер, сојузник и поддржувач, е високо ценета.

Блокадата на патот кон реализација на стратешките цели е неодржлива и потребно е Грција да се поттикне да направи конструктивен исчекор, заклучија соговорниците. Г-динот Вокер, кој важи за посветен поддржувач на напорите на РМ за полноправно членство во НАТО, посочи дека по одлуката на Меѓународниот суд на правдата, не постои ниту една причина зошто САД, Европа и НАТО да не вложат сериозни заложби Македонија да биде примена во Алијансата врз основа на таа одлука.

Македонскиот претседател и г-динот Волкер, разговараа и за состојбите во регионот и регионалните иницијативи за соработка, нагласувајќи дека интегративните процеси на земјите додаваат дополнителен стимул за размена, зближување и кооперативност на Балканот.


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 121 од 175