Соопштенија
Писмо со честитки до Генерал-потполковник Мајкл Дуби за унапредувањето во заменик командант на северната команда на САД
Вторник, 14 Август 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо до Генерал-потполковник Мајкл Дуби, во кое му го честита неговото унапредување во генерал-потполковник и преземањето на новата функција - заменик командант на северната команда на Соединетите Американски Држави.

Генерал-потполковник Мајкл Дуби,  даде исклучителен придонес во развојот на партнерството меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт,  преку вградувањето на македонските војници во Националната гарда на Вермонт,  во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан.  Со тоа, Генерал-потполковник Мајкл Дуби, придонесе и за зајакнување на врските меѓу народите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави.

„Со особено задоволство Ви го честитам Вашето унапредување во генерал-потполковник и преземањето на новата функција, заменик командант на северната команда на Соединетите Американски Држави. Ја користам оваа пригода да ја изразам мојата искрена благодарност за Вашиот придонес во развојот на партнерството меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт. Ова партнерство придонесе за зајакнување на врските меѓу народите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави, врски кои постојано се прошируваат и во области како што се образованието, здравството и културата.

Драг пријателе, едно е сосема јасно. Вие поседувате лидерски квалитети кои се неопходни за приближување на два народи. Кога на овие квалитети ќе се надоврзат вредностите за кои се залагате, интегритет, совршеност и тимска работа, тогаш успехот е неизбежен. Македонија е благодарна за Вашето лидерство во развојот на партнерството помеѓу нашите нации. Врвот на овие Ваши напори беше вградувањето на македонските војници во Националната гарда на Вермонт додека беше распределена во Авганистан. Не постои поголем доказ за партнерство меѓу два народа од тој кога војниците на тие два народи рамо до рамо се борат за исти вредности. Како Врховен командант на Армијата на Република Македонија сакам да Ви се заблагодарам за лидерството во постигнувањето на ова партнерство.

Како што знаете, главен приоритет на Република Македонија од нејзината независност е полноправно членство во НАТО. За жал заради противењето на нашиот јужен сосед, Република Македонија се уште не може да добие покана за членство во НАТО. Но тоа на ниту еден начин не не обесхрабрува и не не дефокусира од постигнувањето на таа цел. Впрочем, на Соединетите Американски Држави и особено Вам сме Ви благодарни што ни овозможивте преку вградувањето на македонските војници во Националната гарда на Вермнот во рамките на мисијата ИСАФ да докажеме дека de facto ние сме во НАТО.

Цврсто сум убеден дека партнерството и плодната соработка на Македонија со Соединетите Американски Држави, со Вермонт, како и на Армијата на Република Македонија и Националната града и натаму ќе  продолжaт да се развиваат бидејќи Вие сте еден од тие кои поставија цврста основа за тоа. Затоа сакам да ја изразам благодарноста на македонскиот народ.“

д-р Ѓорге Иванов



Средба на претседателот Иванов со премиерот Ердоган на Ифтар вечера во Истанбул
Недела, 12 Август 2012

За време на престојот во Република Турција, каде летуваше со своето семејство, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со Премиерот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. На покана на премиерот Ердоган, претседателот  Иванов и неговата сопруга вчера вечер присуствуваа на Ифтар вечерата, приредена во Истанбул, по повод големиот муслимански празник Рамазан.


Поканата до македонскиот претседател, премиерот Ердоган ја упати уште за време на неговата официјална посета на Република Македонија, минатата година, притоа поздравувајќи го гестот на претседателот Иванов, кој секоја година присуствува на Ифтар вечерата во Република Македонија, заедно со поглаварот на Исламската верска заедница.

Во обраќањето на Ифтарската вечера, претседателот Иванов им го честита празникот додавајки дека во овие мигови на празнување посакува кај сите верници да преовладува чувството на мир, љубов, толеранција и меѓусебно разбирање. Да преовладуваат вредностите кои ги зближуваат, а не ги разделуваат луѓето и народите. - Доаѓам од земја која посветено ја негува вековната традиција на мултиетнички и мултирелигиски соживот. Соживот кој претставува наша голема придобивка со која се гордееме. Придобивка која покажува дека местото на нашата земја и е во рамки на европското семејство на нации и држави. Нашиот исклучителен придонес како земја во која вери, традиции и разни етнички групи соработуваат на градењето на заеднички дом, е доказ дека е можна подобра иднина за регионот, Европа и светот, истакна претседателот Иванов на вечерата.

Премиерот Ердоган се заблагодари за присуството на претседателот Иванов и изрази задоволство што овој значаен празник за муслиманскиот свет, го одбележува заеднички со македонски претседател. Турскиот премиер нагласи дека ова е уште еден доказ за почитта на претседателот Иванов кон Рамазан и верниците од муслиманската вероисповед, што истовремено оди во прилог на традиционално пријателските и блиски односи меѓу двете земји.

На вечерата беа присутни многу познати личности од сферата на политиката, бизнисот, верските заедници и јавниот живот на Турција. Меѓу присутните беше и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј со кого претседателот Иванов имаше многу срдечна средба.

Претседателот Иванов вчера, исто така, оствари телефонски разговор со Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул, на кого му го честита празникот Рамазан посакувајќи му лична и семејна среќа. Разговарајќи за актуелните состојби во регионот, повторно беа потенцирани одличните севкупни билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција.


alt
Писмо до претседателот Путин по повод 20-годишнината од признавањето на Република Македонија од страна на Руската Федерација
Недела, 05 Август 2012

Почитуван господине Претседателе,

Дозволете ми, навраќајќи се две децении наназад, на еден од историските датуми за мојата земја – 5 август 1992 година, кога Руската Федерација донесе одлука за признавање на државноста и самостојноста на Република Македонија, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви ги пренесам изразите на почит и благодарност, како и желбата со Вас да го споделиме спомнувањето на овој значаен датум за мојата земја.

Ваквата одлука на еден од најзначајните меѓународни фактори во светот и на тамошното лидерство кое покажа државничко однесување и визија за признавање на штотуку осамостоената држава – Република Македонија под уставното име, во критично време на нашето појавување на меѓународната сцена, беше од историско значење за Република Македонија. Тоа беше одлука која го олесни процесот на меѓународно признавање на државноста, самостојноста и пошироката афирмација на Република Македонија во меѓународната заедница.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да потсетам дека само за неполни две години од признавањето, веќе во 1994 година, меѓу двете земји беа воспоставени целосни дипломатски односи на ниво на амбасади кои одлично работат во градењето на државните односи и на развојот на соработка меѓу нашите граѓани во сите области од заемен интерес.

Со задоволство можам да констатирам дека вкупните односи и соработката меѓу двете пријателски земји континуирано и успешно се градат, унапредуваат и продлабочуваат. Денес, нив ги карактеризира исклучително високо политичко ниво и развиена соработка во голем број области, изградена правна рамка на билатерални документи, дух на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување што е во согласност со долгата историска, духовна и културна, традиција меѓу нашите народи, како и економските интереси чие зацврстување е заеднички императив.

За ваквите придобивки, од исклучително значење е постигнатиот висок степен на политички дијалог на сите нивоа, вклучувајќи го и највисокото, што неодамна беше одново потврдено на средбата на претседателот на Владата на Република Македонија, Неговата екселенција, г. Никола Груевски, со Вас на Форумот во Санкт Петербург, на која со Ваша заложба е договорено Република Македонија да се вклучи во меѓународните енергетски коридори. Сакам да Ве уверам дека во духот на воспоставеното пријателство, подготвен сум заедно со Вас и натаму да даваме заеднички придонес во јакнењето на односите и на соработката меѓу нашите држави.

На крајот Ви посакувам, Вам и на граѓаните на Руската Федерација, остварување на натамошните успеси во градењето и јакнењето на Руската Федерација, а Вам Ви посакувам добро здравје, лична среќа и успех во извршувањето на исклучително одговорната функција.

д-р Ѓорге Иванов

alt
Честитка од Претседателот Иванов по повод државниот празник 2 Август – Илинден, Ден на Републиката
Среда, 01 Август 2012

Претседателот  на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните на Република Македонија и до сите Македонци ширум светот.

Почитувани,

Би сакал најсрдечно да ви го честитам 2 Август, Илинден - Денот на Републиката. Благодарение на двата Илиндена, 1903 и 1944, кои се светилникот на нашата борба за сопствена држава, денес имаме можност да живееме во демократска, независна Република Македонија.

И по 109 години од Илинденското востание и 68 години од Заседанието на АСНОМ, идеалите на илинденците и на асномците се дел од нашето секојдневје и дел од визијата за нашата иднина - просперитетна Република Македонија, држава на рамноправни граѓани. Затоа со полно право денес имаме причина за славје и гордост. Празнувајќи го и овој Илинден во Република Македонија и насекаде низ светот, да им се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни херои од нашата историја. Врз темелите што тие ги поставија опстојува современа и самостојна Република Македонија.

Драги сограѓани, пред нас претстојат нови искушенија и предизвици. Обединети и сложни да продолжиме посветено да работиме на изградба на модерно, просперитетно и европско општество.

Нека е честит и вековит празникот.

д-р Ѓорге Иванов

alt
Честитка до претседателот Евелине Видмер-Шлумф по повод Националниот празник на Швајцарската Конфедерација
Среда, 01 Август 2012

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви го честитам Националниот празник на Швајцарската Конфедерација со најискрени желби за натамошен просперитет на Вашата земја и за благосостојба на нејзините граѓани.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да ја изразам својата увереност дека односите на пријателство и меѓусебно разбирање, како и соработката меѓу нашите две држави, во иднина ќе продолжат да се развиваат и надградуваат. Сакам да го подвлечам интересот и подготвеноста на Република Македонија, за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Со искрени желби за Ваша натамошна усшешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до претседателот Мохамед Вахид Хасан Манику по повод Националниот празник на Малдиви
Четврток, 26 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до претседателот на Малдиви,  Мохамед Вахид Хасан Манику, по повод Националниот празник на Република Малдиви:

Почитуван господине Претседателе,
   
Ми претставува особено задоволство, по повод Националниот празник на Република Малдиви, од свое име и од име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и за благосостојба на нејзините граѓани.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на односите и збогатување на соработката меѓу  двете наши држави во сите области од заеднички интерес.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 123 од 175