Соопштенија
Честитка до граѓаните од исламска вероисповед по повод започнувањето на рамазанските пости
Петок, 20 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод започнувањето на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, и до сите граѓани од исламската вероисповед:

Дозволете ми, од свое име и од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви го честитам започнувањето на рамазанските пости, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница, на муфтиите и имамите и на сите сограѓани припадници на исламската вероисповед, посакувајќи да ги поминете во духот и традицијата на Вашата вера.

Соработката и соживотот се приоритет за секој граѓанин на Република Македонија и претставуваат основа за изградба на просперитетно и хармонично општество. Традициите на исламската религија се нераскинлив дел од нашето културно наследство и се втемелени во нашето секојдневје. Апсолутно сум уверен дека и во иднина, Исламската верска заедница ќе продолжи да придонесува за меѓусебно разбирање и почитување на сите граѓани.

Најискрено посакувам возвишениот месец Рамазан да биде исполнет со мир, здравје, радост и благосостојба.

Со почит,
д-р Ѓорге Иванов


Писмо со благодарност од претседателот на САД, Барак Обама до претседателот Иванов
Вторник, 17 Јули 2012
Македонија што поскоро да ги продолжи интеграциите – средба со министрите за надворешни работи на Австрија и Словачка
Вторник, 10 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими министерот за надворешни работи на Словачката Република, г.  Мирослав Лајчак, и  министерот за надворешни работи на Република Австрија, г.  Михаел Шпинделегер.

Централна тема на средбата беше европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија и можностите за што поскоро деблокирање на интеграциските процеси. Претседателот Иванов се заблагодари за отворената поддршка од Словачката Република и Република Австрија за евроатлантската интеграција на Република Македонија и нагласи дека граѓаните особено го ценат нивниот принципиелен став дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за интеграциите на земјата.

Потенцирајќи дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, претседателот Иванов пред министрите за надворешни работи апелираше земјите членки на ЕУ да побараат од Република Грција да ги почитува меѓународно преземените обврски, пресудата и Времената спогодба, и да ја напушти праксата на блокади.

„Очекуваме од нашиот сосед да ги почитува меѓународно преземените обврски. Бараме еднаков и фер третман и примена на позитивните искуства од регионот за паралелно движење во интеграциите и во надминување на билатералните прашања,“ истакна на средбата претседателот Иванов. Истовремено, тој ја повтори подготвеноста на Република Македонија час поскоро да се изнајде заемно прифатливо решение за наметнатиот спор.

„Решението е можно, но за тоа потребно е Грција да покаже искрена политичка волја и конструктивност и да се придржува до резолуциите на Обединетите нации и Времената спогодба, кои се во рамката во која се водат разговорите, без постојано наметнување услови кои не се дел од рамката и за кои воопшто не сакаме да разговараме,“ нагласи Претседателот.

Во врска со билатералните односи со Австрија и Словачката Република беше изразено заемно задоволство од континуираниот  политички дијалог,  како и од подготвеностa и интересот за натамошно јакнење и продлабочување на соработката, особено во доменот на  економијата.
 
Претседателот Иванов упати поздрави  до претседателот  на Словачката  Република, Иван Гашпаровиќ и до претседателот на Република Австрија, Хајнц Фишер, со очекување дека во наредниот период ќе бидат реализирани возвратните официјални посети на Република Македонија.
        
Министрите за надворешни работи на Австрија и Словачката Република, истакнаа дека нивната посета е потврда на пријателството и високото ниво во односите. Нивната порака е дека сакаат Република Македонија што е можно поскоро да ги продолжи интеграциите. Тие нагласија дека Република Македонија може да смета на нивната поддршка и помош.


Писмо со сочуство до рускиот претседател Путин за настраданите во поплавата во Краснодар
Понеделник, 09 Јули 2012
Честитка до Претседателот Обама по повод 4 јули - Денот на независноста на САД
Среда, 04 Јули 2012

Почитуван господине Претседателe,

По повод 4 јули - Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, со особено задоволство од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, Ви упатувам најсрдечни честитки и искрени желби за натамошен просперитет на Вашата држава и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Ја користам оваа прилика да Ве уверам, господине Претседателе, во трајната определба на Република Македонија за натамошно продлабочува-ње на односите со Соединетите Држави, со кои нè поврзуваат традиционално пријателство и сојузништво, како и богата соработка во повеќе области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Република Македонија и нејзините граѓани се горди што во духот на пријателството и солидарноста, споделувајќи ги заедничките визии за јакнење на мирот, безбедноста и демократијата во нашиот регион, но и пошироко, изгради партнерски односи со Вашата голема нација.

Со уверување во нашата целосна подготвеност за негување и за јакнење на партнерските односи со Вашата голема нација, господине Претседателе, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов


alt
Честитка од претседателот Иванов до новоизбраниот претседател на Арапската Република Египет, Мохамед Морси
Среда, 27 Јуни 2012
 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 125 од 175