Соопштенија
Честитка до новоизбраниот претседател на Република Индија Пранаб Кумар Мукерџи
Среда, 25 Јули 2012

Ваша Екселенцијо,
Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор на функцијата Претседател на Република Индија. Воедно, Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на одговорната функција, добро здравје и лична среќа.

Длабоко сум убеден дека во периодот што ни претстои ќе го развиваме и зајакнуваме пријателството меѓу нашите две земји и народи. Верувам дека со заеднички ангажман можеме да придонесеме за продлабочување и интензивирање на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Индија во сите сфери од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, сакам да Ве уверам во мојата и на Република Македонија целосна подготвеност.

Со такво уверување, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Средба на претседателот Иванов со медијаторот Нимиц во пресрет на посетата на Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун
Вторник, 24 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, оствари средба со г. Метју Нимиц, специјалниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за  разговорите околу името.

На средбата, во пресрет на официјалната посета на Генералниот секретар на Обединетите нации, Н.Е. г.Бан Ки-мун, претседателот Иванов ја потврди македонската државна позиција и силна посветеност за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името, во рамки на воспоставениот  формат,  под покровителство на ОН.

„Подготвени сме веднаш, неодложно, да седнеме на маса, да бараме и да најдеме решение. До решение е можно да се дојде. Очекувам од вас да апелирате кај другата страна да се придржува исклучиво до рамката во која се водат разговорите и да не навлегува во други прашања, како што се јазикот и идентитетот,“ истакна македонскиот претседател пред медијаторот Нимиц, додавајќи дека тоа се основните предуслови за изнаоѓање решение во кое нема да има победници и поразени.

Како што нагласи претседателот Иванов, Република Македонија останува конструктивна во процесот, подготвена за средби на највисоко ниво, за разгледување на нови иницијативи и интензивирање на дијалогот. Но истовремено,  Република Македонија инсистира на целосно почитување на Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, и во таа насока очекува поддршка и од медијаторот Нимиц, со цел доследност кон меѓународно преземените обврски и прифатените договорни рамки, што е од пресудно значање. Притоа, претседателот Иванов му пренесе на медијаторот Нимиц дека досега неколкупати го има покането Папуљас на средба, на што грчкиот претседател се нема одзвано.

„Очекуваме грчката страна во духот на добрососедството да покаже флексибилност и добра волја со цел создавање на позитивна атмосфера, придвижување на процесот и надминување на разликата околу името, прашање кое сами го наметнаа, а чие разрешување е во интерес на двете држави и на двата народа,“ посочи претседателот Иванов, притоа забалгодарувајќи му се на медијаторот Нимиц за досегашниот ангажман и посветеноста на Обединетите нации на ова прашање.

Средба со кинеска делегација предводена од заменик началникот на провинцијата Сичуан, Веј Хонг
Понеделник, 23 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, ја прими делегацијата од Народна Република Кина, предводена од г. Веј Хонг, Заменик началник на провинцијата Сичуан.

На средбата со кинеската делегација, која престојува во работна посета на Република Македонија, беше изразено задоволство од постојаниот позитивен тренд во политичките односи меѓу двете земји и од соработката во сферата на економијата, трговијата и инвестициите.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија посветува особено внимание на развојот на односите со НР Кина и ја цени нејзината мирољубива надворешна политика и позитивна улога во Азија и во светот. Воедно, македонскиот претседател се заблагодари за безусловната поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и унитарност на Република Македонија, а посебно за принципиелната употреба на уставното име во билатералните односи и на меѓународен план.

Во однос на економијата, претседателот Иванов ја потврди подготвеноста на Република Македонија за унапредување и интензивирање на економските односи, засилување на економската соработка, зголемување на трговската размена и соработка на полето на инвестициите.

 
„Народна Република Кина е една од целните земји од кои се очекуваат инвестиции, особено во сферите на земјоделството, образованието и науката, во тутунската индустрија, како и во енергетиката и инфраструктурата. Верувам дека по вашата посета ќе се појават нови можности за соработка кои ќе вродат со конкретни договори во интерес на двете земји,” истакна на средбата македонскиот претседател.

Во овој контекст,  претседателот Иванов се заблагодари и за континуираната техничка помош и грантови од НР Кина,  за проекти во областа на образованието и здравството. 

Соговорниците констатираа дека континуираниот политички дијалог на највисоко ниво, придонесува кон уште поголемо унапредување и продлабочување на билатералната соработка.


Честитка до Големиот војвода Хенри по повод Националниот празник на Луксембург
Понеделник, 23 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Големиот војвода Хенри, по повод Националниот празник на Големото Војводство Луксембург:

Ваше кралско Височество,

Имам особена чест и големо задоволство, по повод Националниот празник на Големото Војводство Луксембург, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за натамошна благосостојба на граѓаните на Луксембург.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да ја изразам мојата увереност дека и во иднина успешно ќе се развиваат добрите односи и меѓусебното разбирање меѓу нашите пријателски држави. Сакам да го подвлечам интересот и подготвеноста на Република Македонија, за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Посакувајќи Ви натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


alt
Благодарност за соработката - писмо од албанскиот претседател Топи
Понеделник, 23 Јули 2012

Почитуван господине Претседател,

На крајот од мојот мандат како Претседател на Република Албанија, дозволете ми да искажам благодарност до Вас и да упатам најискрени честитки за плодната соработка што ја развивме во текот на овој период.

Верувам дека со нашиот, заеднички придонес, дадовме силен поттик на одличните односи кои веќе постојат меѓу нашите две пријателски земји, што во иднина ќе бидат развиени и зајакнати уште повеќе, во корист на просперитетот на нашите две земји, како и во интерес на стабилноста и просперитетот на земјите од балканскиот регион.

Оценувајќи ја високо плодната соработка во патот на интеграцијата во Европската Унија, како најдобро решение за развојот, демократизацијата и напредокот на нашите земји, би сакал да ве уверам на продолжувањето на сериозните напори во оваа насока!

Ве молам примете ги, почитуван господине Претседател, изразите на моето високо почитување!

Пријателски,
проф. д-р Бамир Топи

Честитка до белгискиот крал Алберт II по повод Националниот празник на Кралството Белгија
Сабота, 21 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Кралот на Белгијанците, Алберт II, по повод Националниот празник на Кралството Белгија:

Ваше кралско Височество,

Имам особена чест и големо задоволство, по повод Националниот празник на Кралството Белгија, од мое лично име и од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за натамошна благосостојба на нејзините граѓани.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да ја изразам мојата увереност дека и во иднина успешно ќе се развиваат добрите односи и меѓусебното разбирање меѓу нашите пријателски држави. Сакам да го подвлечам интересот и подготвеноста на Република Македонија, за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Посакувајќи Ви натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваше Височество, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 124 од 175