Соопштенија
Новите амбасадори на Ирска, Босна и Херцеговина и Еквадор ги предадоа акредитивите
Вторник, 26 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Ирска, Босна и Херцеговина и Република Еквадор во Република Македонија.

Во поздравните говори на примопредавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во вршењето на амбасадорската должност.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Ирска, Н.Е. г. Оливер Гронан, македонскиот претседател изрази надеж за подинамичен развој на билатералните односи и севкупната соработка, и за поинтензивен политички дијалог меѓу двете земји во иднина. Посочувајќи дека евроатлантската интеграција е клучен интегрирачки фактор за Македонија, претседателот Иванов изрази очекување за засилена поддршка од Република Ирска, особено во текот на нивното претседавање со Европската унија, првата половина на 2013 година. Сметам дека е крајно време да ни се овозможи следната фаза во интеграцијата – почеток на преговорите. Се надевам дека, на тој план, ќе ја имаме поддршката од пријателска Ирска, истакна претседателот Иванов.

Почестен што ќе ја претставува Ирска во Македонија, амбасадорот Гронан, вети дека ќе стори сè што може за да ги зајакне односите, билатерално, но и во европски и меѓународен контекст. Амбасадорот Гронан даде уверување дека  Република Ирска ќе ја интензивира поддршката, особено за време на претседавањето со ОБСЕ и со Европската унија. Во тој период ќе се залагаме за плодно зајакнување на односите меѓу ЕУ и Македонија, особено во однос на процесот за членство. Ирска го дели уверувањето на ЕУ, дека перспективите на европската интеграција придонесуваат за промоција на стабилноста во Македонија и во поширокиот балкански регион, истакна амбасадорот Гронан.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина, Н.Е. г. Здравко Беговиќ, беше разменето мислење за актуелните случувања во регионот, потврдена беше соработката во евроатлантските интеграциски процеси и поздравен нагорниот тренд во економската соработка. Сакам да ја повторам силната поддршка која Република Македонија ја дава на пријателска Босна и Херцеговина во напорите за нејзина евроатлантска интеграција. Подготвени сме тесно да соработуваме, и да ги пренесуваме сопствените искуства на тој план. Само евроатлантската интеграција на целиот регион, ќе го обезбеди она што на сите ни е неопходно: трајна стабилност, безбедност, просперитет и благосостојба за нашите граѓани, истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот на Босна и Херцеговина изрази задоволство од досегашната соработка на мултилатерален план и интерес за интензивирање на односите со Република Македонија. Уверен сум дека пријателството и соработката меѓу нашите држави, успехот во афирмирање на сите односи кои ги соединуваат нашите народи ќе придонесе за просперитет, мир, стабилност и наша заедничка европска иднина, истакна амбасадорот Беговиќ.

На средбата со амбасадорот на Република Еквадор, со седиште во Рим, Н.Е. г. Карлос Данило Валехо Лопез, кој е прв нерезидентен амбасадор за Република Македонија, претседателот Иванов се заблагодари за употребата на уставното име на Република Македонија, како цврст темел за пријателството меѓу двете земји. Ценам дека и покрај географската оддалеченост, постои заедничка желба и потенцијал за сеопфатно развивање на меѓусебните односи, за доброто на нашите народи. Верувам дека со вашиот ангажман, ќе дадете придонес кон нивно градење и зајакнување, а бидете сигурен дека во вршењето на дипломатските должности, ќе ја уживате нашата целосна поддршка и помош, истакна претседателот Иванов во поздравниот говор.


Сите отворени прашања да се надминуваат со дијалог – средба со косовскиот министер за надворешни работи, Хоџај
Понеделник, 25 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија,  д-р Ѓорге Иванов денеска гo прими министерот за надворешни работи на Република Косово, Енвер Хоџај.

На средбата беше констатирано дека односите меѓу Република Македонија и Република Косово се одвиваат на континуирана, конструктивна и пријателска основа по бројни прашања од заемен интерес, и во духот на добрососедството.

Двајцата соговорници изразија задоволство од севкупниот развој на билатералните односи, редовниот политички дијалог на сите нивоа и констатираа дека економската и трговската соработка се движат по нагорна линија.

 
Претседателот Иванов и министерот Хоџај се согласија дека сите отворени прашања во регионот може и мора  да се надминат само со политички дијалог и соработка. Претседателот нагласи дека за земјите од регионот единствена алтернатива е интеграцијата во НАТО и Европската Унија. Во тој контекст, Република Македонија го поддржува Косово на планот на евроатлантските интеграции и е подготвена да даде придонес преку пренесување на позитивните искуства од повеќе области.

Претседателот Иванов  го повтори принципиелниот став на Република Македонија во однос на дијалогот Белград – Приштина. Тој ги поздрави двата договора постигнати во Брисел, посочувајќи дека успешното одвивање на дијалогот е од значење за стабилноста во регионот.

На средбата беа разменети мислења и за соработката во другите области од заемен интерес, како што се одбраната, борбата против организираниот криминал, културата, здравството, образованието. Соговорниците ги потврдија и заложбите за засилена регионална соработка во областите на стопанството, инфраструктурата и сообраќајот, како и интензивирање на прекуграничната соработка, преку заеднички настап во искористувањето на европските фондови.

Упатувајќи поздрав до Претседателот на Република Косово, Н.Е. Атифете Јахјага, претседателот Иванов изрази надеж дека македонските Горани во Косово ќе бидат признаени под тоа име што поскоро. Имајќи го предвид фактот дека Република Косово презеде важни чекори во признавање на малцинските права на Црногорците и Хрватите, очекувам истиот статус да го добијат и македонските Горани, што сум уверен дека ќе биде поздравено и високо ценето од сите релевантни меѓународни фактори, нагласи претседателот Иванов. На средбата, косовскиот министер за надворешни работи се заложи за унапредување на положбата и правата на македонските Горани.


Писмо со сочувство до српскиот претседател Николиќ за настраданите во вежбата „Дипломец 2012“
Вторник, 19 Јуни 2012
alt
Честитка од претседателот Иванов до новоизбраниот претседател на Република Албанија, Бујар Нишани
Вторник, 12 Јуни 2012

Почитуван господине Нишани,

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот избор за претседател на Република Албанија. Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за добро здравје и лична среќа.

Ја користам оваа свечена пригода да го изразам задоволството од висoкиот степен на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Албанија и да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и на мултилатерален. Искрено се надевам дека ќе ја продолжиме успешната и плодната соработка, која ја остварувавме со Вашиот претходник.

Дозволете ми во оваа прилика да ја истакнам мојата, и на Република Македонија, цврста определба за натамошно зајакнување на добрососедските односи и за продлабочување на политичкиот дијалог со Република Албанија. Сигурен сум, дека нашите заеднички заложби во афирмирањето на мирот и стабилноста во регионот ќе придонесат за негова забрзана интеграција во евроатлантските структури. Целосно сме подготвени за тесна соработка на тој план.

Со надеж дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Честитка до Кралицата Елизабета II - Националeн празник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска
Вторник, 12 Јуни 2012

Ваше Кралско Височество,

Имам особена чест и задоволство, по повод Вашиот роденден, во годинава кога се одбележува дијамантскиот јубилеј од Вашето 60-годишно владеење на престолот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска,  во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и најискрени желби за Ваше добро здравје  и лична среќа. Дозволете ми, на граѓаните на Обединетото Кралство да им посакам натамошна благосостојба и просперитет.

Во оваа свечена пригода, го поздравувам постојаниот развој на традиционално добрите односи и соработката меѓу нашите две пријателски држави. Посебно, сакам да го истакнам интересот на Република Македонија, за натамошно унапредување на севкупните односи со Обединетото Кралство, особено за интензивирање на политичкиот дијалог и соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Ваше Височество, во оваа прилика сакам да се заблагодарам за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во остварувањето на нашите највисоки стратешки цели. Изразувам уверување дека и во натамошниот период, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија и ќе ги цени нашите достигнувања за полноправно членство во Европската унија и во НАТО.

Со такво уверување, Ваше Кралско Височество, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Честитка до Кралот Карл XVI Густаф по повод Националниот ден на Кралството Шведска
Среда, 06 Јуни 2012

Ваше Височество,

Имам особена чест и задоволство, по повод Националниот ден на Кралството Шведска, во име на граѓаните на Република Македонија и во свое име, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за благосостојба на пријателскиот шведски народ.

Дозволете да ја искористам оваа свечена пригода и да изразам благодарност за поддршката што Република Македонија ја добива од Кралството Шведска на патот на европските интеграции. Воедно, сакам да го искажам задоволството од досегашниот развој на билатералните односи, како и својата увереност, дека односите и натаму успешно ќе се развиваат и надградуваат, во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Дозволете ми, Ваше Височество, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 126 од 175