Соопштенија
Стабилен и просперитетен регион е заедничка цел – новиот косовски амбасадор ги предаде акредитивите
Петок, 25 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Косово, Н.Е. Илбер Хиса.

Претседателот Иванов му посака успех на новиот косовски амбасадор во извршувањето на мисијата, и изрази задоволство од досегашниот позитивен развој на односите со Косово, со интерес за натамошно јакнење на економската соработка и инфраструктурните проекти.

Очекувам во периодот што претстои да продолжиме да го јакнеме политичкиот дијалог на сите нивоа, а досегашната билатерална соработка да ја збогатуваме со нови содржини во духот на пријателството, добрососедството и меѓусебното разбирање. Република Македонија е подготвена, заедно со Република Косово и со сите свои соседи, и билатерално и преку регионалната соработка да придонесува кон остварувањето на заедничките цели: стабилен и просперитетен регион и, конечно, негова целосна интеграција во евроатлантските структури, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Македонија е против какви било промени на границите на Балканот, а отворените прашања во регионот може да се надминат само низ дијалог и само доколку земјите се движат напред сo целосна посветеност на реформскиот процес, поради што интеграцијата во НАТО и во Европската унија нема алтернатива, истакна претседателот Иванов на средбата. Тој изрази поддршка за дијалогот кој се води во Брисел,  посочувајќи дека неговото успешно одвивање е од значење за стабилноста во регионот.

Упатувајќи поздрав до претседателот на Република Косово, Н.Е. Атифете Јахјага, претседателот Иванов изрази надеж дека малцинството на Гораните во Косово ќе биде признаено што поскоро.


Честитка од претседателот Иванов по повод 24 мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј
Четврток, 24 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита денешниот државен празник, 24 Mај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

Почитувани граѓани,

Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, и да ви посакам радосни и благословени празнични мигови.

Со своето неизбришливо дело свети Кирил и Методиј ги задолжија сите словенски народи, но и воопшто христијанскиот свет. Нивната улога во промовирањето на рамноправност на јазиците и народите, и борбата против ограничените средновековни сфаќања и стеги се пример за целиот цивилизиран свет. Свети Кирил и Методиј, прогласените заштитници на Европа од неговата светост, папата Јован Павле Втори, успеаја со својата верба и упорност да ја остварат мисијата за еднаков пристап до образованието и науката за сите.

И овој 24 Мај, македонската држава, оддавајќи му почит и славејќи го делото на свети Кирил и Методиј, ја слави и промовира културната и јазична разноличност, образованието и науката, духовноста и етичноста.

Со својот животопис светите браќа покажаа дека силата на човечкиот дух, неговата верба и истрајност се непобедливи. Токму нивниот подвиг нека ни биде патоказ и во овие времиња, кога повторно над сè надвиснуваат негации од секаков вид, да истраеме во зачувувањето на нашиот национален, јазичен и културен идентитет.

Нека ни е за многу години големиот државен празник!

д-р Ѓорге Иванов


 

Честитка од претседателот Иванов до новоизбраниот претседател на Република Србија, Томислав Николиќ
Среда, 23 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до новоизбраниот претседател на Република Србија, Томислав Николиќ:

Почитуван господине Николиќ,

Ми претставува особена чест и задоволство, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот избор за претседател на Република Србија. Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за многу здравје и лична среќа.

Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена прилика да изразам задоволство од досегашниот развој на односите меѓу нашите две соседни земји. Воедно, би сакал да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на односите меѓу нашите пријателски земји и народи во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Подготвен сум тесно да соработуваме и заедно да придонесуваме за стабилноста и напредокот на нашите земји и на нашиот регион.

Во очекување на нашата скорешна средба во Белград, Ви упатувам срдечни и топли поздрави од Република Македонија и изрази на мојата највисока почит.

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до Влашката заедница во Република Македонија по повод Националниот ден на Власите
Среда, 23 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до претставниците на Влашката заедница во Република Макеоднија, по повод 23 мај - Националниот ден на Власите:
   
Празнувајќи го 23 мај, Националниот ден на Власите, се потсетуваме за важноста на идентитетот и јазикот, културата и името на секој народ. 23 мај за Власите е денот кога тие се изборија да бидат признати како реалност. А, реалноста никој не може и не смее да ја оспорува.

Низ вековите, бројни преродбеници се вградија во борбата за зачувување на влашкиот идентитет. Спомнувајќи си на 170-годишнината од смртта на големиот влашки преродбеник и прв влашки граматичар, Михаил Бојаџи, не можеме а да не се сетиме на заветот кој го остави тој со својата граматика. Граматика на еден жив, динамичен и развоен јазик. Верувам дека света мисија на секоја генерација е да го пренесе комуникацискиот код кој нè поврзува со минатото и претставува гаранција за иднината. Да обезбеди не само зачувување, туку и развивање и промовирање на влашкиот јазик, култура и традиција. Да биде мост на поврзување меѓу минатите, сегашната и идните генерации.

Денес, 15 години по донесувањето на Препораката 1333 на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Република Македонија останува да биде светол пример за сите други држави за тоа како треба да се негува, унапредува и промовира влашкиот јазик и култура, не само со зборови, туку и со дела. Услови постојат. Од издавањето учебници на влашки јазик, преку воведувањето настава на влашки јазик, па сè до воспоставувањето на Центар за историја, јазик и култура на Власите, иницијатива која е силно поддржана. Навременото, соодветното и активното користење на овие придобивки ќе придонесе кон чувањето на влашкиот идентитет. Во сржта на ваквиот потфат е, секако, љубовта кон мајчиниот јазик која овозможува, преку јасната претстава за славното минато, да ја насочиме енергијата кон градењето на подобра иднина за нашите деца.

Голем и значаен е историскиот, општествениот и културниот придонес кој Власите континуирано го давале, го даваат и ќе го даваат за Македонија. Токму затоа, Република Македонија е особено горда на Влашката заедница, која е уставно призната и општествено ценета, и која со својата трудољубивост и богата култура претставува нераскинлив дел од минатото, сегашноста и иднината на нашата заедничка татковина.

Со такво уверување, на сите припадници на Влашката заедница во Република Македонија им го честитам овој светол празник.

д-р Ѓорге Иванов


Сочувство до италијанскиот претседател Наполитано за жртвите во земјотресот кој го погоди регионот Емилија-Ромања
Вторник, 22 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до претседателот на Италијанската Република, Џорџо Наполитано, по повод трагично загубените животи во земјотресот кој ја погоди Северна Италија:

Со длабока тага ја примив веста за големата трагедија – земјотресот што го погоди регионот Емилија-Ромања, земајќи бесценети човечки животи, оставајќи илјадници луѓе без покрив над глава. Искрено жалам за загубените животи во оваа природна непогода.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за  семејствата на настраданите, дозволете ми, од име на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Во овие моменти на тага, нашите молитви се со Вас и со семејствата на настраданите.

Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот италијански народ.


д-р Ѓорге Иванов


Сочувство до албанскиот претседател Топи за жртвите во несреќата во близина на Химара
Вторник, 22 Мај 2012
 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 128 од 175