Соопштенија
Претседателот Иванов на проштална средба го прими францускиот амбасадор, Жан Клод Шлумберже
Четврток, 20 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Француската Република, Н.Е г. Жан Клод Шлумберже.

На средбата, претседателот Иванов се заблагодари за напорите и активностите на амбасадорот Шлумберже за унапредување на соработката и пријателските односи помеѓу Република Македонија и Француската Република и упати честитки за неговото именување и преземање на новата функција - шеф на Мисијата на ОБСЕ во Приштина.

     
Двајцата соговорници разменија мислење и за напорите кои Република Македонија ги вложува за реализација на стратешките приоритети, интеграцијата во НАТО и Европската унија, како и за очекувањата во наредниот период. Во тој контекст претседателот Иванов ја нагласи потребата од поддршка од Француската Република на декемврискиот состанок на Европскиот совет, со цел деблокада на интеграцискиот процес во Европската унија.

Претседателот Иванов ја искористи приликата на амбасадорот Шлумберже да му предаде и писмо покана упатено до претседателот на Француската Република Франсоа Оланд, во кое изразува надеж за остварување на негова посета на Република Македонија, која би дала нов импулс во соработката меѓу две земји.


Поддршка за целосна интеграција на Македонија - Новите амбасадори на Чешка и Словенија ги предадоа акредитивите
Среда, 19 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Чешката Република, Н.Е. г. Мирослав Рамеш и на новоименуваниот амбасадор на Република Словенија, Н.Е. г. Бранко Ранковец. Во поздравните говори на предавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во вршењето на амбасадорската должност.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Чешката Република, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на односите меѓу двете земји и нивната позитивна динамика, посочувајќи дека постојат потенцијали на двете страни за унапредување на економската соработка. Потенцирајќи го одличното ниво на политичките односи и честите меѓусебни контакти, македонскиот претседател изрази очекување дека на претстојниот состанок на Европскиот совет, Чешката Република ќе се заложи за донесување на одлука за почеток на пристапни преговори со Република Македонија.

„Во Вас препознаваме вистински пријател кој очекуваме да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок и придонес кон заедничките европски и евро-атлантски вредности. Искрено ви благодариме за принципиелната и отворена поддршка во реализацијата на нашите стратешки цели, членство во НАТО и Европската унија. Таквата поддршка за нас е инспирација да продолжиме по патот кој сме го зацртале и покрај блокадите со кои се соочуваме,” истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Амбасадорот Рамеш, ја потврди поддршката од Чешката Република за целосна интеграција на Република Македонија во евро-атлатските структури и подготвеноста за споделување на искуствата на овој план и се заложи за личен ангажман во зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
 
„Лична цел ми е да постигнеме значителен развој на чешко-македонската трговската размена, да поттикнам нови контакти и проекти во сферата на културата, науката и други области, како и да придонесам за соработката меѓу нашите воени и безбедносни сили,” истакна амбасадорот Рамеш.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Словенија, беше констатирано задоволство од постигнатото ниво на односите и соработката меѓу двете земји  и изразен интерес за зголемување на трговската размена и поголема инвестициона активност на словенечките компании во Република Македонија.

Амбасадорот Бранко Ранковец изрази силно убедување дека членството во евроатланските интеграции и регионалната соработка се од клучно значење за севкупниот развој на земјите од регионот и единствен начин за надминување на проблемите од минатото.

„Посакуваме политичките патишта на Словенија и Македонија, по разделбата од заедничката држава, повторно да се зближат, овој пат преку заедничкото членство во ЕУ и НАТО. Цврсто веруваме дека Македонија е способна за дијалог и прифаќање на нужни компромиси кои ќе и го отворат евро-атланскиот пат, а со тоа истовремено нема да го загрози својот идентитет и фундаменталните интереси. При тоа, Македонија секогаш ќе ја има словенечката поддршка”, потенцираше во говорот амбасадорот Ранковец.

Претседателот Иванов се заблагодари за силната и континуирана поддршка од Република Словенија за поскорешно приклучување на Република Македонија кон НАТО и Европската унија и го повтори очекувањето за примена на словенечко-хрватскиот модел, односно паралелно водење на преговорите за членство во Европската унија и паралелно решавање на спорот со името.

Честитка од претседателот Иванов до припадниците на еврејската заедница по повод еврејската нова година Рош Хашана
Недела, 16 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на Еврејската заедница по повод големиот празник Рош Хашана:

Ми претставува особено задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија како и во мое лично име, Вам лично и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија да Ви ја честитам новата 5773 година, со желби за мир, благосостојба и просперитет на секое поле.

Ви посакувам празничните мигови да ги поминете во добро расположение, здравје, среќа и духовен мир, со нова надеж која се обновува со почетокот на секоја нова година. Република Македонија е особено горда на припадниците на Еврејската заедница кои се вградија во македонската земја, историја, традиција и култура уште од најраните времиња. Повеќе од уверен сум дека припадниците на Еврејската заедница и понатаму ќе продолжат да го даваат својот активен придонес за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина Македонија.

Упатувајќи Ви лично Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија најдобри желби за благословен Рош Хашана, Ве молам да ги примите изразите на моето почитување.

Шана Това.

д-р Ѓорге Иванов
 

Да се афирмира новата реалност на соработка во регионот – средба со албанскиот претседател, Бујар Нишани
Петок, 14 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, оствари средба со Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани.

Ова е прва неформална средба на двајцата претседатели, а во функција на одржување на претходно воспоставената динамика меѓу Македонија и Албанија за редовни средби на највисоко ниво.

Во фокусот на разговорите меѓу претседателот Иванов и претседателот Нишани беа досегашните билатерални односи и областите во кои постои неискористен потенцијал за зајакнување на соработката.

Заемна констатација беше дека политичките односи меѓу двете земји се на ниво кое овозможува целокупната енергија и капацитети во иднина да бидат фокусирани на развојот на економската соработка, инфраструктурното и енергетското поврзување, прекуграничната соработка, развој на туризмот, соработка во борбата против организираниот криминал, во сферата на културата и заштитата на културното наследство, како и во сферата на заштита на животната средина.

Претседателот Иванов ја потврди заложбата на Република Македонија за продолжување и натамошно развивање на добрососедските односи по пат на отворен дијалог.

Во однос на заедничката стратешка цел - членство во Европската Унија, двајцата претседатели се согласија дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, и ја потврдија заемната поддршка на овој план. Во таа насока беше разменето мислење за реформите кои двете држави ги спроведуваат, како и за очекувањата во претстојниот период. Претседателот Иванов, изрази благодарност за досегашната поддршка за членството на Македонија во НАТО, како и очекување истата да продолжи и во иднина.

Двајцата претседатели на средбата разменија мислење и за актуелните прашања во регионот, споделувајќи го ставот дека сите спорни и отворени прашања треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно почитување. Унапредувањето на билатералната и интензивирањето на регионалната соработка, треба да бидат алатки со кои ќе се афирмира новата реалност во регионот, наспроти перцепциите востановени во минатото, нагласи претседателот Иванов. Тоа значи негување на добрососедски односи, соработка и заемна поддршка во евроатлантските интеграциски процеси и јакнење на сферите на соработка од кои конкретна корист ќе имаат граѓаните на сите земји во регионот. Македонскиот и албанскиот претседател се заложија за натамошна соработка и поддршка и на мултилатерален план.

Претседателот Иванов ја прифати поканата за посета на Република Албанија во блиска иднина, која воедно ќе овозможи поврзување на бизнис заедниците од двете земји.

Претседателот Иванов изрази длабоко жалење за сообраќајната несреќа, која утринава се случи на патот помеѓу Пеќ и Елбасан, во која припадник на придружбата на претседателот Нишани трагично го загуби животот. Македонскиот претседател го замоли својот албански колега да ги пренесе изразите на длабоко сочувство до семејството на трагично загинатиот.

И двајцата претседатели изразија задоволство од првата средба, оценувајќи ја како успешна, со заедничка заложба и натаму заедно и посветено да работат на зајакнување на врските помеѓу граѓаните на Република Македонија и Република Албанија и на заедничката иднина во рамките на Европа.
 

alt
Сочувство до Претседателот Обама, по повод терористичкиот напад врз дипломатското претставништво на САД во Либија
Четврток, 13 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад врз дипломатското претставништво на Соединетите Американски Држави во Бенгази, Либија, упати писмо со сочувство до претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама.

Почитуван Претседателе Обама,

Со длабока тага ја примив веста за терористичкиот напад врз дипломатското претставништво на Соединетите Американски Држави во Бенгази во кој беа убиени американски дипломати, и длабоко жалам за загубените животи.

Во овие тажни моменти за Вас, за пријателскиот американски народ и за семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Во овие моменти на тага, нашите мисли се со Вас и со семејствата на настраданите.

Бидете уверени почитуван Претседателе, дека Република Македонија ќе продолжи да ги поддржува напорите на Соединетите Американски Држави за заштита на слободата, демократијата и човековите права во светот.

Ве молам, почитуван Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

Искрено,
Д-р Ѓорге Иванов

Честитки од шефови на држави до претседателот Иванов по повод 8 септември - Денот на независноста
Вторник, 11 Септември 2012

По повод празникот 8 септември, Денот на независноста на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, доби честитки од голем број шефови на држави од светот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама, во името на американскиот народ упати честитка до македонскиот народ по повод Денот на независноста на Република Македонија - 8 Септември. „Соединетите Американски Држави го вреднуваат партнерството со Македонија, кое континуирано се гради во изминатите две децении од денот на независноста на Македонија. Ние продолжуваме со поддршката на напорите за јакнење на македонските мултиетнички и демократски институции и јакнење на владеењето на правото. САД силно го ценат македонскиот континуиран придонес во меѓународните безбедносни напори во Авганистан, каде што македонските војници стојат рамо до рамо со нивните американски партнери. Остануваме цврсто посветени на македонските евро-атлантски интеграции како клуч за нашата заедничка цел - обединета Европа, слободна и во мир”, пишува во честитката од претседателот Обама до претседателот Иванов.

Во својата порака, Претседателот на Сојузна Република Германија, Јоахим Гаук, испраќајќи ги своите честитки до граѓаните на нашата држава, вели дека препораките на Европската Комисија за отпочнување на преговори за членство со ЕУ и отпочнувањето на Дијалогот на високо ниво со ЕК, претставуваат важни етапи. „Германија и понатаму ќе биде на страната на Република Македонија како партнер”, пишува во пораката од Претседателот Гаук до Претседателот Иванов.

Претседателот на Република Турција, Абдула Ѓул, во името на турскиот народ и во свое лично име со најискрени чувства упатува честитки по повод празникот, стои во пристигнатата честитка. „Посетите на високо ниво помеѓу двете земји, нашите заеднички вредности и ефективната солидарност искажана во меѓународните институции, претставуваат конкретен показател на светлата иднина на нашите односи, втемелени на здрави основи”, пишува турскиот претседател.

Унгарскиот претседател, Јанош Адер, изразува големо задоволство што односите меѓу Македонија и Унгарија се одлични и што соработката заснована врз заемни вредности постојано се унапредува. „Убеден сум дека Република Македонија, која го избра патот кон евро-атлантската интеграција успешно ќе ги надмине сите препреки кои стојат пред неа и ќе постигне нови резултати во унапредувањето на земјата”, стои во писмото од унгарскиот претседател.

Словачкиот претседател, Иван Гашпарович, изразува уверување за активна поддршка од Словачка во интеграциските напори на Република Македонија, во европските и евро-атлантските структури.„Убеден сум дека историски - пријателските односи и разбирања кои ги поврзуваат нашите нации, и понатаму ќе се унапредуваат, а соработката меѓу Словачка и Македонија ќе се развива за доброто на граѓаните на нашите две земји”, стои во честитката од претседателот Гашпарович.

По повод Денот на независноста на Република Македонија, честитка до македонскиот претседател упати и Претседателот на Швајцарската конфедерација, Евелин Видмер Шлумф. „Ви посакувам Вам добро здравје и благосостојба и просперитет на Вашата држава. Убедена сум дека довербата и пријателството меѓу нашите две земји во годината што следи ќе се продлабочат”, стои во честитката упатена од Видмер Шлумф.

Од името на народот на Украина честитка упати и претседателот Виктор Јанукович, во која пишува дека Украина и Република Македонија обединети, традиционално со пријателски односи на партнерство и понатаму ќе ја развиваат плодната соработка врз основа на принципите на довербата и меѓусебната почит.

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во својата честитка истакнува дека Република Бугарија и Република Македонија се суверени држави чија сегашност и иднина се неразделно поврзани. „Затоа го делам Вашето верување дека Европската унија е обединувачка идеја и ја поздравувам вашата изјава дека мора да ја оставиме историјата на историчарите. Основата на европската идеја е, имено, да биде невозможно поделбите во врска со минатото да ја нарушат нашата заедничка иднина. Политичката изјава дадена од највисоката европска говорница, се надевам, го одразува мислењето на мнозинството на општеството во Вашата земја, порачува претседателот Плевнелиев. Нашата заедничка одговорност е да ги зајакнеме добрососедските односи, да бараме согласност, да се спротивставуваме на поделби и најмногу од сè - да се залагаме за просперитет на нашите општества”, пишува во честитката.

По повод Денот на независноста, во име на грчкиот народ и негово лично име, честитка до претседателот Иванов, со желби за благосостојба, просперитет и напредок,  испрати и грчкиот претседател Каролос Папуљас.

Честитки по повод Денот на независноста до претседателот Иванов со искрени желби за среќа и просперитет на народот на Република Македонија, упатија и британската Кралица Елизабета II,  Кралот на Шведска, Карл Густав XVI, императорот на Јапонија, Акихито, Кралот на Мароко, Мухамед VI,  Емирот на Државата Кувајт, Шеих Сабах Ал Ахмад Ал Јабер Ал Сабах.

Писма со честитки по повод Денот на независноста, до претседателот Иванов испратија и претседателот на Ирска, Мајкл Хигинс, претседателот на Република Естонија, Томас Хендрик Илвес, претседателот на Република Казахстан, Нурсултан Назарбаев, претседателот на Демократска Република Лаос, Чумали Сајасон, Генералниот Гувернер на Комонвелтот на Австралија, г-ѓа Квентин Брус, Генералниот секретар на Франкофонијата, Абду Диуф.


 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 120 од 175