Соопштенија
Средба со директорот на Државен архив и на Македонската радио-телевизија
Понеделник, 18 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со директорот на Државниот архив на Република Македонија, г. Зоран Тодоровски и со директорот на Македонската радио-телевизија, г. Марјан Цветковски.

Средбата беше одржана со цел директорите на двете институции да бидат запознаени со можноста за соработка со катарската Национална библиотека, во областа на дигитализацијата на архивската граѓа во Државниот архив и видео-архивот во МТВ. Воедно, на средбата беа договорени конкретни чекори и активности за започнување и испитување на можностите за соработка со катарската Национална библиотека.

Претседателот Иванов за време на неодамнешната официјална посета на Државата Катар, беше запознаен со катарските позитивни искуства на полето на зачувување на културно-историското наследство, преку дигитализација на архивите, како проект на катарската Национална библиотека.

Честитка до претседателот, г-ѓа Јахјага, по повод Националниот празник на Република Косово
Недела, 17 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Република Косово, упати честитка до Претседателот на Република Косово, Н.Е. г-ѓа Атифите Јахјага.

Почитувана госпоѓо Претседател,

По повод Националниот празник на Република Косово, ми претставува особена чест и големо задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на Вашата земја и нејзините граѓани.

Изразувајќи задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Косово, убеден сум дека истите со заеднички ангажман, во духот на пријателството и меѓусебното разбирање, ќе ги унапредуваме и ќе ги интензивираме со понагласена динамика во сите сфери од заемен интерес.

Дозволете ми, Ваша Екселенцијо, да Ви ги упатам изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до претседателот, г-ѓа Грибаускаите, по повод Денот на независноста на Република Литванија
Сабота, 16 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на независноста на Република Литванија, упати честитки до Претседателот на Република Литванија, Н.Е. г-ѓа Далиа Грибаускаите.

Ваша Екселенцијо,

Имам особена чест и големо задоволство, по повод Денот на независноста на Република Литванија, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое име, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и благосостојба на пријателскиот народ на Република Литванија.
Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена прилика и да изразам задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Литванија.

Изразувајќи ја својата увереност дека односите меѓу нашите две земји и во иднина успешно ќе се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа, дозволете ми, Ваша Екселенцијо, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до претседателот Николиќ по повод Денот на независноста на Република Србија
Петок, 15 Февруари 2013

Почитуван господине Претседател,

По повод 15 февруари, Денот на независноста на Република Србија, дозволете ми од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви упатам најсрдечни честитки со желби за просперитет и благосостојба на Република Србија и на пријателскиот српски народ.

Ја користам оваа свечена прилика да го изразам моето задоволство од одличните односи меѓу нашите две земји, кои се темелат врз заедничко минато, традиционално пријателство, но и визија за заедничка иднина во големото европско семејство на народите.

Убеден сум дека ние и натаму со несмалено темпо ќе продолжиме да работиме на негувањето на европските вредности и принципи, и дека како добри соседи ќе се ангажираме кон градењето нови мостови за соработка меѓу нашите граѓани и бизнис-заедници, како позитивен пример во регионот и пошироко. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план. Дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Средба со потпретседателот на Владата и Министер за надворешни работи на Црна Гора, д-р Игор Лукшиќ
Четврток, 14 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими потпретседателот на Владата и Министер за надворешни работи на Црна Гора, д-р Игор Лукшиќ.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Црна Гора и беа реафирмирани заедничките стратешки цели, мир и стабилност во регионот и членство во европските и евроатлантските структури.

Претседателот Иванов ја поздрави одличната политичка соработка и континуираните средби на сите нивоа и истовремено потенцираше дека економската соработка, инфраструктурата, регионалната соработка и соработката во евроатлантските интеграции, треба да бидат врвни приоритети во натамошните односи меѓу двете земји.

Двајцата соговорници ја потврдија подготвеноста за взаемна помош и поддршка во интеграциските процеси на двете земји во Европската унија и НАТО, согласувајќи се дека интеграцијата на сите земји од Западен Балкан во Европската унија е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на регионот. Во овој контекст, претседателот Иванов посочи дека сите отворени прашања може да се решат со конструктивен пристап, со дијалог од сите засегнати страни, во духот на европската соработка и добрососедските односи.

Соговорниците изразија подготвеност и за продолжување на соработката на мултилатерален план.

Поддршка од Европскиот парламент - Средби со европратеници и со членови на работната група 3 на Европската народна партија
Среда, 13 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со пратеници од Европскиот парламент, припадници на групата на Европската народна партија, г. Јержи Бузек, Република Полска, г. Туне Келам, европратеник од Република Естонија, г. Мирослав Миколашик, европратеник од Словачка Република и г. Ласло Токес, европратеник од Романија и средба со pаботната група 3 на Европската народна партија, предводена од г-ѓа Корин Вортман-Коол, потпретседател на Европската народна партија и европратеник од Холандија.

На средбите со европратениците и со членовите на работната група 3, беа разменети мислење и информации околу интеграцискиот процес на Република Македонија, напредокот во клучните реформски области, како и европската перспектива на земјата во пресрет на пролетниот извештај на Европската комисија и Европскиот совет во јуни.

Претседателот Иванов, на двете средби, изрази задоволство од континуираната поддршка од Европскиот парламент на европската интеграција на Република Македонија и го поздрави ангажманот на Европската народна партија на овој план.

Заедничка констатација на европратениците е дека Република Македонија постигна напредок во процесот на евроинтеграциите, за што ужива целосна поддршка од Европскиот парламент да ги почне преговорите за пристапување во Европската унија.

На средбите беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во државата, бојкотот на Собранието и можностите за надминување на ситуацијата. Европратениците ги поздравија заложбите и иницијативата на претседателот Иванов за изнаоѓање на решение за политичката ситуација и потенцираа дека од суштинско значење за натамошниот интеграциски процес на Република Македонија е демонстрирање на внатрешно единство, функционирање на институциите во полн капацитет и надминувањето на политичката состојба. Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија веќе четири години чека почеток на пристапните преговори, нешто што одамна го заслужи. Доколку Република Македонија го добиеше датумот на декемврискиот совет, денес веројатно немаше да се соочуваме со ваква политичка состојба, истакна Претседателот, дополнувајќи дека за Република Македонија и нејзините граѓани очигледно не се применливи позитивните примери на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните прашања.

Македонскиот претседател ги запозна европратениците со актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името кој се води во Обединетите нации, како и за посветеноста на Република Македонија во градењето на добрососедските односи и посветеноста на регионалната соработка.

Во тој контекст, претседателот Иванов ги запозна европратенците со целите на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, посочувајќи дека оваа регионална иницијатива е можност за реафирмирање на посветеноста на земјите од регионот за имплементирање на европските стандарди и реформи.

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 111 од 175