Соопштенија
20 години дипломатски односи Македонија-Турција: Средба со турскиот министер за надворешни работи Давутоглу
Петок, 21 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера вечер оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу.

Во годината кога се одбележува 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи, заедничка оценка е дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични, дека истите во повеќе области достигнуваат степен на стратешко партнерство и дека соработката во одредени сфери, особено во економската има постојана позитивна динамика. На средбата беше поздравен континуираниот политички дијалог на сите нивоа, како потврда на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

Претседателот Иванов се заблагодари за континуираната и принципиелна поддршка од Република Турција за македонските евроатлански интеграции и изрази очекување дека истата ќе продолжи во иднина.

Со оглед на фактот дека Република Турција е меѓу десетте најзначајни трговски партери на Република Македонија, двајцата соговорници изразија задоволство од нагорниот тренд во економската соработка и очекувања за зголемување на турските инвестиции во земјава.

На средбата беа разменети мислења за заклучоците на неодамнешниот Европски совет, како и за актуелните состојби во регионот на ЈИЕ, но и за состојбите во поширокиот регион,  Блискиот Исток и Медитеранот.
 
Двајцата соговорници го реафирмираа интересот и подготвеноста за натамошно јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес и за меѓусебна поддршка на регионален и мултилатерален план.

Воедно, турскиот министер за надворешни работи, беше запознаен со приоритетите на претседавањето на Република Македонија со двете регионални иницијативи - ПСЈИЕ и Дијалогот меѓу цивилизациите.


Наставата на мајчин јазик е врвен приоритет - Честитка по повод Денот на настава на турски јазик
Петок, 21 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод 21 декември - Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Дозволете ми во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, на сите припадници на турската етничка заедница да Ви го честитам 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.

Правото на настава на мајчин јазик, е едно од најзначајните права и меѓу врвните приоритети на нашата држава, кое не само што овозможува заштита и промоција на идентитетот и културата на народите, туку е и креатор на душата на една нација. Нашите сограѓани од турската заедница во континуитет ја негуваат својата култура, своите традиции и вредности, чувствувајќи ја притоа Македонија како свој вистински дом.

Затоа денес, Република Македонија со гордост го празнува денот на образованието на турски јазик, кој за целото наше општество е од големо значење.

Како претседател на држава која високо го цени придонесот на сите етнички заедници кон нашиот културен и општествен напредок, дозволете ми да изразам надеж дека припадниците на турската заедница во Република Македонија и во идинина ќе продолжат да ја негуваат турската традиција и со својата богата култура да придонесуваат за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.         

д-р Ѓорге Иванов


Честитка до Емирот Шеик Ал Тани по повод Националниот празник на Државата Катар
Вторник, 18 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Емирот на Катар, Шеик Хамад бин Калифа Ал Тани, по повод Националниот празник на Државата Катар:

Ми претставува чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви го честитам Националниот празник и да Ви изразам најискрени желби за развој и просперитет на Вашата земја и за благосостојба на нејзиниот народ.

Во оваа свечена прилика дозволете ми, Ваше Височество, да го изразам своето задоволство од нагорниот тренд во односите меѓу нашите две пријателски земји. Убеден сум дека интензивната соработка меѓу двете држави ќе придонесе кон нови проекти за потесна соработка во сите сфери од заеднички интерес, особено во областа на економијата. Во тој контекст ја гледам и мојата претстојна официјална посета на Државата Катар.

Во очекување на нашата скорешна средба, и со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, Ваше Височество, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


Сочувство до претседателот на САД, Обама за настраданите деца во масакрот во Њутаун
Понеделник, 17 Декември 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до претседателот на САД, Барак Обама, во кое изразува жалење за убиството на децата во масакрот во основното училиште во Њутаун, Конектикат:

Почитуван г-дине Претседател,
Со голем шок и длабока потресеност ја примив веста за трагедијата во Њутаун. Без оглед на тоа каде живееме, ваквата трагична загуба на невини млади животи е уште еден потсетник дека мора да останеме заедно и силни во име на човечноста и да направиме сè за добросостојбата на нашите деца.

Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство. Нашите мисли и молитви се со семејствата кои ги изгубија нивните сакани.

Ве молам господине Претседател, изразите на длабоко сочуство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

Д-р Ѓорге Иванов


Врачена Плакета на претседателот Иванов за придонес во унапредување на безбедноста на сообраќајот
Вторник, 11 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги  прими претставниците од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На средбата, претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Никола Ангеловски, на претседателот Иванов му врачи Плакета за неговиот придонес во унапредувањето на безбедноста на сообраќајот и за поддршката во спроведувањето на Националната стратегија за нула деца - жртви во сообраќајот.

„Вашето ангажирање за унапредување на безбедноста на сообраќајот и намалување на бројот на деца - жртви во согласност со Националната стратегија дава соодветни резултати, и бројот на деца - жртви секоја година е сè помал”, истакна Ангеловски.

Претставниците на РСБСП, воедно  го информираа претседателот Иванов за нивните активности, согласно препораките на Обединетите нации, со цел подигнување на јавната свест за безбедноста на сообраќајот.

Претседателот Иванов истакна дека безбедноста во сообраќајот е прашање од огромна важност за секого и неопходност којашто постојано треба да се унапредува и актуелизира.

„Подигнувањето на општата јавна свест за низата одговорности на секој поединец во сообраќајот, е задача исправена пред сите нас, која бара вклучување на сите релевантни фактори”,  потенцираше претседателот Иванов, кој изрази поддршка на активностите на Републичкиот совет и на создавањето на ефикасен  систем за едукација на децата за одговорно и безбедно функционирање во сообраќајот.


alt
Честитка по повод државниот празник 8 Декември - Свети Климент Охридски
Сабота, 08 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, од свое име и од името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, како и на сите православни верници во земјата и во странство, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот празник Св. Климент Охридски.

Празникот посветен на свети Климент Охридски, основачот на Охридската архиепископија, основоположникот на првиот словенски универзитет, и подвижникот на словенската писменост и култура, е настан кој ги надминува националните рамки и има огромно значење за европската култура и цивилизација. Токму визијата на свети Климент Охридски и на неговите учители, светите браќа Кирил и Методиј, за зближување на сите народи  и за градење на просперитетен, слободен и хуман свет e вградена  во темелите врз кои денес опстојува човечката цивилизација.

Почитта и чествувањето на свети Климент Охридски е наша национална  гордост и траен влог во просперитетна иднина.
Делото на свети Климент и натаму нека ни биде водилка пред новите искушенија и предизвици, и нека ни даде духовна сила и мудрост да излеземе посилни и поблагородни.

Честит празник и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 115 од 175