Соопштенија
Средба со Субрата Рој, основач и сопственик на индиската компанија „Сахара Индија Паривар”
Петок, 25 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Субрата Рој, основач и сопственик на индиската компанија „Сахара Индија Паривар”.

На средбата, г. Рој го информираше претседателот Иванов за сферите на интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за почетокот на подготовките за реализација на проектот „Сахаријан Македонија“.

Претседателот Иванов изрази задоволство од искажаниот интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за конкретизација на проектите, што во голема мера позитивно се одразува на јакнењето на македонско – индиските односи и соработка. Воедно, македонскиот претседател изрази интерес и подготвеност за проширување на билатералните односи и соработка, како на политички план, така и во повеќе области од заеднички интерес со акцент на земјоделието, туризмот и културата.

На средбата беа разменети мислења и информации за потенцијалите со кои располага Македонија, за можностите и за предностите кои ги нуди земјава за странските инвеститори. Притоа, претседателот Иванов ги потенцираше континуираните напори што Република Македонија ги презема во насока на подобрување на економската клима и привлекување на странски инвестиции.

Двајцата соговорници констатираа дека двете земји имаат широка перспектива за продлабочување на билатералните односи, кои се традиционално пријателски, и ја реафирмираа подготвеноста за унапредување на соработката и нејзино конкретизирање со натамошни проекти.

Честитка по повод свечената инаугурација на претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама
Понеделник, 21 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до претседателот на САД, Барак Обама, по повод неговата свечена инаугурација и официјален почеток на вториот мандат како претседател на Соединетите Американски Држави.

Почитуван господин претседател,

Ми претставува oсoбeна чест и големо задоволство да Ви ја честитам свечената инаугурација, како и официјалниот почеток на Вашиот втор мандат како претседател на Соединетите Американски Држави. Вашиот реизбор на оваа одговорна функција ја рефлектира вербата на граѓаните на Вашата држава, пред сè во Вас лично, но и во Вашата визија и искрените идеи и заложби за обезбедување на натамошен просперитет и на еднакви можности за сите.
Преку Вашата доследна и темелна посветеност во решавањето на внатрешните и надворешните предизвици, граѓаните на Соединетите Американски Држави, но и светот како целина, добија посветен и искрен пријател, кој има волја и знаење за успешно справување со горливите светски прашања.
Ангажманот на Вашата држава на глобален политичко-безбедносен план е од исклучително значење. Бидете уверени дека Република Македонија останува стабилен и доверлив партнер и пријател на Соединетите Американски Држави, во насока на севкупните заложби за мир и безбедност, слобода и демократски просперитет на сите народи на светот, како и во активностите насочени против тероризмот и сите универзални закани по светскиот мир.
Во периодот што претстои, очекуваме натамошен заеднички ангажман и соработка, насочени кон јакнење на досегашниот квалитетен и плоден политички дијалог меѓу двете држави, како и цврста соработка на мултилатерален план, особено во рамките на НАТО. Ве уверувам дека Република Македонија останува силно посветена на заложбите за полноправно членство во Алијансата.
Во надеж дека наскоро ќе имаме можност за лична средба и размена на мислења по прашањата од заемен интерес, дозволете ми уште еднаш да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување и искрените желби за успех и просперитет на личен и професионален план.

Д-р Ѓорге Иванов

Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици
Сабота, 19 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до православните верници по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Ваше Блаженство,

Имам особено задоволство и чест Вам и на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици и да Ви посакам да го поминете во добро здравје, радост и среќа.

Водици е празник кој нè потсетува на значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовите на нашата вера. На овој голем празник да не ги заборавиме основите на нашето верување и да продолжиме со почитување и залагање за вистинските духовни вредности. Славејќи го Христовото крштевање да го прославуваме и нашето духовно раѓање и да ја потврдиме смислата на нашите животи.

На денот кога ги осветуваме нашите води, најискрено да посакаме во нашите срца да се вселат мирот, хармонијата и разбирањето, трпението и милосрдието. Инспирирани од овој голем празник и натаму ревносно да продолжиме да споделуваме со сите наши ближни и со сите наши сограѓани чекорејќи напред кон остварување на заедничките цели.

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!

Д-р Ѓорге Иванов

Работна посета на Министерството за надворешни работи на Република Македонија
Петок, 18 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го посети Министерството за надворешни работи на Република Македонија при што оствари работни средби со министерот за надворешни работи, Никола Попоски и со директорите во министерството.

Главна тема на средбите беше координација на активностите во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што Република Македонија е земја-претседавач. Се разговараше за иницијативите кои Македонија ги предлага во рамките на ПСЈИЕ под мотото „Солидарноста во акција“ како, основањето на „Фонд на иднината“, предложен од Претседателот Иванов, за Меѓународната Конференција за земјотресно инжинерство под покровителство на Претседателот Иванов и за  отпочнувањето на подготовките за Самитот во јуни, во Охрид.

Принципот на инклузивност на сите земји од регионот во оваа Иницијатива, промоцијата и утврдувањето на регионалниот интерес за што поскора интеграција во  Европската Унија и афирмирањето на концептот за единствена прогресивна регионална меморија за добрососедство и соработка, како што нагласи Министерот  Попоски, се во структурата на настаните што се планирани во текот на 2013 година. Предвидените активности на експертско и политичко ниво, ќе го нагласат и зајакнат европскиот капацитет на регионот и ќе придонесат за афирмирање на улогата на Република Македонија во развивањето на добрососедски односи.

На средбата, министерот Попоски информираше и за предложените измени на Законот за надворешни работи, што се во собраниска процедура. Нагласи дека со новите измени се предвидува сеопфатна и активна подготовка на дипломатите кои заминуваат на мисија во странство, а крајната цел ќе биде креирање на ефикасна, будна и мотивирана македонска дипломатска служба.

Во разговорите стана збор и за активностите предвидени за годинава околу одбележувањето на дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатски односи на Република Македонија со дваесет и една земја, како и за иницијативата на Претседателот Иванов за доделување одликувања за заслужни странски амбасадори по завршување на нивниот мандат во Република Македонија.
alt

avs
Средба со пратеникот на Федералното собрание на Австралија, Лук Симкинс
Понеделник, 14 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими, г. Лук Симкинс, пратеник во Долниот дом на Федералното собрание на Австралија.
 
На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од континуиранот и позитивен развој на билатералните односи,  како и подготвеност за натамошна успешна соработка и размена на посети на сите нивоа.
 
Македонскиот претседател ја поздрави меѓу парламентарната соработка и изрази задоволство од интензивните средби и контакти меѓу двете земји.
 
Претседателот Иванов оцени дека бројната македонска заедница која живее во Австралија е голема предност за развивањето и продлабочувањето на односите меѓу двете земји и изрази надеж дека наскоро ќе биде отворена и амбасада на Комонвелтот на Австралија во Република Македонија.
 
Во насока на зацврстување на односите меѓу двете земји, од особено значење би била одлуката на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација, посочи на средбата македонскиот претседател.
 
Во разговорите беше истакната потребата и интересот за унапредување на економската соработка, јакнење на трговската размена и иницирање и натамошно зголемување на австралиските инвестиции во Република Македонија.  Во таа насока, претседателот Иванов ја нагласи потребата за натамошно унапредување и на правната рамка меѓу двете земји.

 
            Двајцата соговорници се заложија и за натамошна соработка на мултилатерален план.

Писмо од Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун до претседателот Иванов
Понеделник, 14 Јануари 2013

Ваша Екселенцијо,

Имам чест да Ве поканам да учествувате на Дијалогот на високо ниво кој ќе се одржи во вторник, на 21 мај 2013 година, за време на четвртата сесија на Глобалната платформа за намалување на ризиците од катастрофи, во Женева, Швајцарија. Група лидери за намалување на ризиците од катастрофи ќе биде свикана, која ќе се фокусира на поставување на параметри за управување со забрзаните економски загуби на нациите и заедниците, што се должи на зголемувањето на ризиците од катастрофи.

Како што можеби знаете, Глобалната платформа е призната од страна на Генералното собрание како главен форум за стратешко советување, координација и партнерство за намалување на ризиците од катастрофи на глобално ниво. Конференцијата за одржлив развој Рио+20 и последователните размислувања од страна на Собранието дадоа силен поттик за земјите-членки да посветат соодветно внимание на намалувањето на ризиците од катастрофи во развојната агенда по 2015 година.

Доследните и постојани напори на Владата на поранешната југословенска Република Македонија покажуваат како силното лидерство на највисоко ниво може да развие отпорност од катастрофи на локално, регионално и национално ниво. Би сакал да Ви упатам честитки за темата на Самитот на шефови на држави и влади во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа кој ќе се одржи во јуни 2013 година на намалување на ризиците од катастрофи во контекст на агендата за одржлив развој.

Во време кога земјите-членки ги фалсификуваат нивните идни развојни цели, апелирам, лидерите со искуство како Вашето, да побараат политичка поддршка за приоретизирање на силните практики за намалување на ризиците од катастрофа во новата развојна агенда.

Канцеларијата на Обединетите нации за намалување на ризиците од катастрофи, под водство на мојот Специјален претставник, г-ѓа Маргарета Валстром, во септември 2012 година, започна со консултации во врска со документот кој има за цел да продолжи со насочување на работата на земјите-членки, која започна во рамките на Хјого рамката за акција 2005-2015: Градење на отпорност на нациите и заедниците од катастрофи. Вашите насоки и насоките на другите светски лидери кои ќе произлезат од состанокот на високо ниво во мај 2013 година ќе претставуваат интегрален дел на развојот на следната рамка. Исто така, тие претставуваат важен чекор во креирањето на иднината по 2015 година. Искрено се надевам дека ќе бидете во можност да ја прифатите мојата покана за учество на овој важен настан.

Ве молам, Ваша Екселенцијо, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

БАН Ки-мун

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 113 од 175