Соопштенија
Честитка до претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао по повод Кинеската Нова година
Недела, 10 Февруари 2013

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува чест и задоволство, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви ја честитам кинеската Нова година, со најискрени желби за успешна и бериќетна година и благосостојба на пријателскиот кинески народ.
Во оваа свечена прилика би сакал да го изразам своето уверување дека одличните и пријателски односи и плодната соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина и во иднина ќе продолжат успешно да се развиваат, за што ја повторувам нашата целосна подготвеност.
Почитуван господине Претседателе, дозволете ми уште еднаш, да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија и јас, лично, секогаш ќе бидеме благодарни за принципиелната и континуирана поддршка и помош од Народна Република Кина.
Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија ги предаде акредитивните писма
Петок, 08 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Н.Е. г-ѓа Лоранс Оер.

На свечената церемонија на предавање на акредитивните писма, претседателот Иванов на амбасадорката Оер и посака успешно извршување на дипломатските должности и го поздрави претстојното одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Македонија со Француската Република.

Претседателот Иванов го нагласи значењето на поддршката од Француската Република во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската унија и НАТО и истакна дека и покрај блокадите, земјава и натаму со несмален ентузијазам ќе продолжи со исполнување на реформите.

„Сакам да ве уверам дека блокадите со кои се соочуваме во реализацијата на овие цели, воопшто не го намалуваат нашиот ентузијазам и посветеност. Напротив, тие се мотив повеќе за нас, и за нас прашањето за формално членство во НАТО и ЕУ никогаш не било дали, туку кога. А се до тогаш, Република Македонија ќе продолжи со реформите и исполнувањето на потребните стандарди и критериуми, за формалното членство да стане чисто техничко прашање. Се надевам дека Француската Република имајќи ги предвид реалностите во нашиот регион, имајќи ги предвид пошироките колективни интереси за ширење на зоната на стабилност, безбедност и просперитет во Југоисточна Европа, ќе и помогне на овој план на Република Македонија", изјави претседателот Иванов во поздравното обраќањето.

Амбасадорката на Француската Република изрази уверување дека Франција ќе остане посветена на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес и изрази поддршка во реализацијата на стратешките цели на Република Македонија.

„Мојата мисија се случува во еден важен момент за вашата земја на нејзиниот пат кон Европската Унија, во подготовка на нејзиното законодавство но и во добрите практики, инвестирање во иднината, добрососедските односи. Во тој поглед познати ни се пречките и посакуваме што побрзо да се најде заедничко прифатливо решение во однос на прашањето за името", истакна во говорот амбасадорката Оер.

Двајцата соговорници го поздравија успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и истовремено се согласија дека сè уште постои неискористен потенцијал во сферата на економијата, културата, образованието и науката, како и во делот на интензивирање на економските односи.

Воедно, македонскиот претседател изрази подготвеност за повторно воспоставување на дијалог на највисоко ниво, во насока на одржување на традиционално пријателските и историски врски меѓу двете земји и упати поздрави до Претседателот на Француската Република, Н.Е. Франсоа Оланд.

Новоименуваниот амбасадор на Исламска Република Иран во Република Македонија ги предаде акредитивните писма
Петок, 08 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Исламска Република Иран во Република Македонија, Н.Е. г. Саид Садег Мохаммади.

Претседателот Иванов, во поздравниот говор, на новоименуваниот амбасадор Мохаммади му посака успешно извршување на функцијата и изрази надеж дека како прв резидентен амбасадор на Исламска Република Иран во Република Македонија, ќе придонесе во развој на соработката меѓу двете земји во областите од заемен интерес.

„Приоритет во односите меѓу двете земји во претстојниот период треба да биде унапредување на економската соработка и јакнење на трговската размена”, истакна претседателот Иванов, потенцирајќи ја потребата од унапредување на договорната рамка меѓу двете земји.

Амбасадор Мохаммади посочи дека неговото именување за прв резидентен амбасадор во Република Македонија е доказ за решителноста на Иран за градење и развивање на соработката со Република Македонија.

„Поради старата цивилизација, богатата култура, посветеноста во градењето на мирен соживот помеѓу различни етнички и религиозни групи, Македонија ужива посебен статус во Исламската Република Иран, дотолку што е порта кон Балканот и Европа и уверен сум Екселенцијо, дека со Ваша поддршка и наша решителност ќе бидат преземени суштински чекори во насока на развивање на билатералните односи”, истакна амбасадорот Мохаммади во поздравниот говор.

Средба со Теохарис Лалакос, шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија
Среда, 06 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, Н.Е г. Теохарис Лалакос.

Претседателот Иванов на амбасадорот Лалакос  му посака добредојде и успех во вршењето на функцијата и воедно изрази уверување дека со неговиот ангажман ќе придонесе во натамошното унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

Македонскиот претседател ја реафирмираше подготвеноста за јакнење на меѓусебната соработка во сите сфери од заемен интерес и изрази отвореност за средби, размена на мислења и ставови. Во тој контекст, претседателот Иванов повторно упати покана за средба со претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас. „Длабоко сум убеден дека со тоа, ние како први луѓе на двете соседни земји, ќе дадеме значаен придонес во нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничката сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство”, истакна македонскиот претседател на средбата со амбасадорот Лалакос.

Во разговорите, беа разменети мислења и за можностите за продлабочување на соработката во сферата на високото образованието, преку создавање на заеднички студиски програми, размена на професори и студенти, при што, претседателот Иванов ја потенцираше потребата од склучување на меѓудржавен договор за взаемно признавање на дипломите.

Двајцата соговорници констатираа дека и покрај разликата со името, билатералните односи меѓу двете земји се на завидно ниво. Македонскиот претседател изрази очекување дека за време на мандатот на Лалакос, дипломатско претставување во двете земји ќе биде подигнато од Канцеларии за врски во Амбасади.

soopini
Претседателот Иванов поведе иницијатива за формирање Експертска комисија за настаните од 24 декември 2012
Недела, 27 Јануари 2013

Претседателот Иванов, донесе одлука да поведе иницијатива за формирање на објективна непартиска Експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година,  во и пред Собранието на Република Македонија, но и за настаните кои претходеа.
 
Писмото со иницијативата на претседателот Иванов е испратено до Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, до Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски и до Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, г. Бранко Црвенковски.
 

Република Македонија се наоѓа во еден исклучително значаен период поврзан со реализацијата на поставените стратешки цели. Последниот заклучок на Европскиот совет, иако не ги исполни нашите очекувања,сепак претставува перспектива за следниот чекор во евроинтеграцијата, добивање на датум за почеток на пристапните преговори. Настаните кои претходеа, но кулминираа на 24 декември 2012 година во и пред Собранието на Република Македонија, претставуваат предизвик на овој пат, на кој како држава мора да дадеме одговор.
 
Верувам дека ќе се согласите дека е потребно сите заедно да вложиме максимални напори да ја исправиме негативната слика која се создаде за Република Македонија. Во таа насока, повикувајќи се на нашата последна средба со комесарот Штефан Филе, имајќи ги предвид државните и интересите на нашите граѓани, одлучив да иницирам формирање на објективна непартиска Експертска комисија која ќе има мандат да ги утврди фактите за споменатите настани. Во овој момент не можам да видам друг начин за утврдување на фактите и објективно согледување на ситуацијата. Предизвиците кои ни се наметнаа како на држава и кои стојат на патот на напредокот мора да се надминат, за да не се остварат замисли за нашата иднина кои, никому, кој го посакува најдоброто за Република Македонија не му одат во прилог.
 
 Во таа Комисија чиј претседател би бил предложен од мене, но избран со консензус, предлагам да членуваат уште 5 експерти, еден предложен од мене, еден од владејачкото мнозинство, двајца од опозицијата и еден странски експерт (без право на глас) коj би бил предложен од претседателот на Собранието на Република Македонија. Нагласувам дека таквата Комисија ќе има единствено мандат да ги утврди фактите за настаните од 24 декември 2012 година, но и настаните кои претходеа на тој ден.
 
Се надевам дека овој предлог ќе го прифатите и дека ќе номинирате експерти како членови на Комисијата. Во очекување на вашиот одговор,
                                                                                              
Искрено,
д-р Ѓорге Иванов

soopcets
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Недела, 27 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава, упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија. 
 
Почитувани сограѓани,
 
Дозволете ми во мое име и во име на сите граѓани на Република Македонија, да ви го честитам големиот празник Свети Сава.
 
Животописот на Свети Сава е редок пример за посветеност, верба и истрајност. Неговата просветителска улога, знаење и мудрост се духовна крепост на српскиот народ и непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските.
 
Српската заедница во Република Македонија, нејзините традиции и обичаи, слави и историски личности, се неотуѓив сегмент од севкупното културно и општествено живеење во нашата држава. Почитта кон културно-историското наследство на сите етнички заедници во Република Македонија е фундамент во градењето на меѓусебно разбирање и соживот како влог во изградбата на модерна и просперитетна Македонија.
 
Најискрено посакувам празникот да го поминете во мир, среќа и благосостојба.

 д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 112 од 175