Соопштенија
Средба со министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Лианг Гунагли
Петок, 11 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Лианг Гунагли.

На средбата,  претседателот Иванов изрази задоволство од нивото на политички дијалог меѓу двете земји, кој придонесува кон постојано унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка и изрази благодарност за континуираната поддршка што Министерството за одбрана на Република Македонија ја добива од кинеското Министерство за одбрана.

Министерот за одбрана на Народна Република Кина, искажа интерес за продолжување на билатералната соработка во областа на одбраната и во сите сфери од заеднички интерес, како и подготвеност за натамошна мултилатерална соработка во рамки на меѓународните организации.

Двајцата соговорници разменија мислење и за можностите за интензивирање  на економската соработка, при што претседателот Иванов ја изрази подготвеноста на Република Македонија за зголемување на трговската размена и соработката во областа на инвестициите, поздравувајќи ја воспоставената правна рамка меѓу двете земји.

На средбата со кинескиот министер, Претседателот Иванов упати честитки до ново избраното раководство во Кина, со надеж дека одличната соработка и натаму ќе продолжи да се развива и унапредува со несмален интензитет.

Честитка до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово - Божик
Недела, 06 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово - Божик.

Ваше Блаженство,

Имам особено задоволство и чест Вам лично и на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Раѓањето Христово - Божик, и да Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Празнувајќи го овој голем празник во кругот на нашите семејства и ширум храмовите на нашата света Македонска православна црква, да не заборавиме да посведочиме за безмерната божја љубов и милосрдие и инспирирани од Исусовото раѓање да го славиме и да му се радуваме на животот.

Ваше Блаженство,

Во духот на пораката на овој празник на светлината, дозволете уште еднаш најискрено да посакам во срцата на сите православни верници да се всели мирот и спокојството, почитта и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов кон ближните, секогаш подготвени безрезервно да им ја понудиме нашата помош и поддршка.

Нека е честит празникот и за многу години.
Христос се роди!
 
Д-р Ѓорге Иванов

Недозволиво е насилство кон и во демократските институции и уставниот поредок
Вторник, 25 Декември 2012

Со голема загриженост ги следев вчерашните случувања во и пред Собранието на Република Македонија. Жалам за немилите сцени и искрено се надевам дека тоа што вчера го видовме нема никогаш да се повтори.

Вчера се случи она на што предупредив во моето годишно обраќање. Очигледно моите апели не беа послушани. Уште еднаш ќе повторам: Не може целото општество, да биде заложник на неодговорно однесување. Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси.

Во демократијата може да постојат политички пријатели и политички непријатели, но политичките актери не смеат да се гледаат низ призмата на душмани. Граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми. Но, решенијата мора да се наоѓаат во институциите на државата од страна на оние избрани за тоа.

Недозволиво е во третата деценија од нашата независност да сведочиме за насилство насочено кон и во демократските институции и уставниот поредок.

Особено жалам за немилите сцени со претставниците на медиумите. Секој во оваа држава има должност да го почитува поредокот, уставот и законите и никој во оваа држава не смее да биде попречуван да си ги врши професионалните обврски, било да се тоа претставници на медиумите, народни избраници, овластени службени лица.

Сум кажал и пак ќе повторам. Ако некој мисли дека со злоупотреби и манипулации може да ги подели и раскара граѓаните, очигледно не знае за каков мудар и умерен народ станува збор.

Нè очекува многу работа и на домашен план и на планот на евроатлантската интеграција. Граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните.


amb_sovet1
Годишна средба на Претседателот со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на РМ во странство
Понеделник, 24 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

На средбата, македонските дипломати го информираа Претседателот за нивните активности во текот на 2012 година, а беа разменети мислења и предлози во насока на подобрување на состојбите во македонската дипломатија.

Генералната оценка на претседателот Иванов е дека македонската дипломатија била  успешно ангажирана во исполнувањето на поставените задачи и цели, и дала соодветен придонес во создавањето на позитивна перцепцијата за земјава на меѓународната сцена.

Осврнувајќи се на последните случувања во надворешната политика, Претседателот истакна дека е задоволен од валоризирањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која на јасен начин ја потврдува исправноста на нашата политика во изминатиот период. Пресудата во голема мера придонесе да се зголеми странската поддршка на евроатланските интеграции на Република Македонија, која беше јасно воочена на последните Самити на НАТО и ЕУ. Неуспехот да се реализираат зацртаните цели, односно да се деблокираат евроатлантските интеграции, не треба да бидат разбрани како наш неуспех, ниту пак да доведат до разочараност. Во тој контекст, претседателот Иванов побара од дипломатите натамошно афирмирање на конструктивноста и позицијата на Македонија во однос на наметнатиот спор за името, како и зголемен ангажман во претставување на вистинската слика за добрососедските односи и напорите кои ги вложува земјава во нивно градење. 

amb_sovet2Ограничените ресурси со кои располагаат дипломатско–конзуларните претставништва, според Претседателот, не смеат  да бидат пречка, ниту алби, сите  дипломатски потенцијали да бидат ставени во функција на исполнување на предизвиците, пред кои наредната година Република Македонија ќе биде исправена.

Од суштинска важност е максималната посветеност на дипломатската мрежа во афирмирање на Република Македонија на политички план, преку афирмирање на успесите и реформските зафати во земјава, преку афирмирање на  конструктивноста во регионалната соработка, како и промоција на тековните активности во рамки на претседавањата на Република Македонија со двете регионални иницијативи – Процесот на соработка во Југо-источна Европа (ПСЈИЕ) и Дијалогот меѓу цивилизациите. 

Со оглед на потребата од развој на економијата,  како еден од клучните приоритети на земјава,  на средбата беа  охрабрени  контактите на македонските дипломати со странските стопанственици и бизнис заедниците, како и нивните инцијативи за претставување на економските перформанси на Република Македонија.

Претседателот Иванов, воедно ја истакна и потребата од засилени заложби  за обединување на дијаспората и надминување на проблемите,  како и проактивна улога со цел унапредување на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји. Притоа, Претседателот апелираше и на поголема присутност на амбасадорите во јавниот простор, но  и поголема активност во културната дипломатија.

Во функција на обезбедување на квалитетна, активна и офанзивна дипломатија, претседателот Иванов истакна дека и натаму ангажманот на дипломатите ќе подлежи на поригорозна контрола и оценување. 

На Македонија и се потребни трудољубиви, посветени, добро информирани и кредибилни амбасадори. Вие сте прва слика и асоцијација за Република Македонија надвор и тоа претставува  многу повеќе одговорност отколку престиж, истакна претседателот Иванов.

Со цел единствен, јасен и добро аргументиран глас на македонска дипломатија, беше нагласена  потребата од унапредување на координацијата меѓу надлежните институции и дипломатската мрежа. 

Божиќна честитка до христијанските верници кои прославуваат според Грегоријанскиот календар
Понеделник, 24 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник, раѓањето Христово – Божик, и да Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Божик е празник кога во нашите срца и во нашите домови се вселуваат љубовта и топлината, радоста и светлината, надежта и дарувањето, мирот и убавината. Христовото  раѓање го отвори патот кон спасение и вечен живот, и оттука Божик како празник на Божјата љубов претставува пресвртница за човештвото и суштинска поткрепа на нашата верба и духовност.

Нека денешниов празник нè зближи и нека ги потврди нашите заеднички заложби за негување и почитување на верските различности и религиозните посебности како приоритет на нашето општество, со цел за подобро утре на денешните и идни генерации.

Бидете благословени.
Нека Ви е честит празникот!

Со почит,
д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 114 од 175