Соопштенија
Политиката на проширување е највисок приоритет – средба со Министерот за надворешни работи на Кипар
Понеделник, 26 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со г-ѓа Ерато Козако Маркулис, министер за надворешни работи на Кипар, во својство на актуелен претседавач со Советот на Европската унија. 

Централни теми на разговорите беа евроинтеграциите на Република Македонија, реформскиот процес и можностите за определување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската унија на претстојниот Европски совет во декември.

Претседателот Иванов истакна дека зачленувањето на Европската Унија останува највисоко на агендата на Република Македонија, и со оглед на видливите достигнувања во однос на реформите, изрази очекување за поддршка од сите земји - членки за почеток на преговори за членство. „Зачленувањето на земјите од Западен Балкан е од витално значење за стабилноста и просперитетот на нашиот регион, но и за кредибилитетот на Европската унија и локално, и глобално,” истакна македонскиот претседател на средбата.

Претседателот Иванов посочи дека почетокот на преговорите може само позитивно да влијае врз решавањето на билатералните прашања. „Во нашиот регион веќе бевме сведоци на позитивниот пример на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните прашања, и Република Македонија очекува да добие идентична можност на претстојниот Европски совет,” потенцираше македонскиот претседател.

На средбата, претседателот Иванов се заблагодари за заложбата на кипарското претседателство  за продолжување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Балканот и изрази поддршка за активностите кои ги преземаат, со оглед на предизвиците со кои се соочува Европа последниве години.

Заеднички заклучок беше дека процесот на интеграција е исто така и процес на трансформација на општествата, поради што интеграцијата во Европската унија за балканските држави е највисок приоритет, а политиката на проширување се смета за една од најуспешните политики на Унијата. Во тој контекст министерот за надворешни работи на Кипар истакна дека проширувањето е еден од највисоките приоритети на кипарското претседавање, дека Кипар ја поддржува европската перспектива на сите земји од Балканот и дека се надева на успех на претстојниот Европски совет.


Да ја почитуваме и унапредуваме јазичната разноликост - Честитка по повод Денот на албанската азбука
Среда, 21 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 22 Ноември, Денот на албанската азбука упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,
Во оваа прилика, би сакал да упатам порака до вас и до сите граѓани на Република Македонија дека азбуките и јазикот се основните елементи на националното идентификување, но исто така и мост за соживот, меѓусебно разбирање и толеранција.

Албанската азбука и јазик се нераскинлив дел од јазичната разноликост и духовното богатство на Република Македонија и наше право и обврска е таквата разноликост да ја почитуваме и унапредуваме. Оттука, Денот на албанската азбука е значаен за сите граѓани на Република Македонија.

Како претседател на држава, која високо го цени придонесот на сите етнички заедници кон нашиот културен и научен напредок, дозволете ми да изразам надеж дека припадниците на албанската заедница во Република Македонија и во идинина ќе продолжат да ја негуваат албанската традиција и со својата богата култура да придонесуваат за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.

Д-р Ѓорге Иванов


Граѓаните со позитивни перцепции и зголемена доверба во претседателот Иванов – анкета на ИПИС
Недела, 11 Ноември 2012

Истражувањето на јавно мислење спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) за ставовите на граѓаните за активностите и работењето на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, покажува дека се зголемува довербата и позитивните перцепции на граѓаните во однос на Претседателот.

Резултатите од анкетата покажуваат дека 73% од граѓаните сметаат дека претседателот Иванов чесно ја извршува својата функција. На прашањето - какво е вашето мислење за претседателот, 58,4% од испитаниците одговориле позитивно, додека 54% од граѓаните сметаат дека шефот на државата е доволно присутен меѓу граѓаните.

Телефонската анкета е спроведена во периодот помеѓу 24-27 октомври 2012 година на 1115 испитаници, како дел од редовните мерења на ставовите на граѓаните во однос на нивната доверба и перцепции за работата на Претседателот на Република Македонија.






















Интеграцијата има силна мобилизирачка моќ – Меѓународна конференција за ЕУ проширување во Грац, Австрија
Петок, 09 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска се обрати на Меѓународната конференција насловена „Напуштајќи ја чекалната на Европа – надминување на кризата на проширување на ЕУ со Западен Балкан“ која се одржа во организација на Центарот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот Карл-Франценс во Грац, Австрија.

Претседателот Иванов во своето обраќање истакна дека желбата на балканските народи за европска иднина придонесе за смирување на Балканот во изминатата деценија. Потсетувајќи ги учесниците на конференцијата дека Република Македонија неодамна го доби извештајот на Европската комисија за напредокот на полето на европските интеграции, со кој по четврти пат се препорачува да се одреди датум за почнување на преговорите, претседателот Иванов рече дека Република Македонија сега е во исчекување дали конечно ќе и биде овозможено да ја напушти чекалната на Европа. Претседателот Иванов посочи дека Европската комисија покажа иновативност за тоа како да се продолжи натаму, иновативност која треба да се почитува на претстојниот Европски совет во декември.

Македонскиот претседател подвлече дека Република Македонија ги исполнува политичките критериуми за членство, и дека еден од нив е и почитувањето на човековите права, меѓу кои е и правото на идентитет на секој поединец, на секоја група и заедница, правото на самоидентификација и на човеково достоинство. За Република Македонија да стане членка на Европската унија таа мора да го почитува и гарантира идентитетот и достоинството на сопствените граѓани.

„Одвреме навреме се појавува прашањето за замор во проширувањето на ЕУ, а се прашува ли некој за замор од чекањето,“ изјави претседателот Иванов, додавајќи дека интеграцијата има силна мобилизирачка моќ и дека проблемите во ЕУ не треба да се изговор. Напротив, Република Македонија сака да учествува во решенијата за заедничкиот дом, заклучи македонскиот претседател.

Истакнувајќи дека конференцијата се случува на роденденот на визионерот на Европа - Жан Моне, претседателот Иванов ја искористи приликата да го повика европското лидерство да остане доследно на големата идеја на татковците на Европа.

„Сакам да верувам дека во наредниот период ќе можеме да ги започнеме преговорите за членство во Европската унија. Во овој процес, ние не сакаме привилегии, туку истите критериуми кои се применуваа за другите земји-членки на Унијата. Од ова секако бенефит ќе има не само мојата земја, туку и регионот и Европа,“ истакна претседателот Иванов.

Конференцијата, на која учествуваа голем број креатори на политики, аналитичари и академски претставници од повеќе европски земји, има за цел да придонесе кон заживувањето на процесот на проширување, преку дискусии и анализа на билатералните спорови, регионалната соработка и пристапните преговори.


Чистењето на почвата околу ОХИС е проблем што налага поскоро решавање – Средба со Заменикот генерален директор на УНИДО
Четврток, 08 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Таизо Нишикава, Заменикот генерален директор на УНИДО – Организацијата на Обединетите нации за индустриски развој.

Г-динот Нишикава го запозна претседателот Иванов со активностите на организацијата, како и со резултатите од досегашната соработка со Република Македонија.

Шефот на државата изрази целосна поддршка за отворањето на Одделение за пречистување на електрични генератори во фабриката „Раде Кончар” во Скопје, кое е веќе во оперативна фаза.

Г-динот Нишикава го информираше Претседателот и за другите проекти кои се во план на имплементација, со особен акцент на проектот за чистење на техничкиот отпад и деконтаминација на почвата околу фабриката „ОХИС“. Овој проект, кој ќе биде спроведен преку кофинансисрање од страна на Република Македонија и Глобалниот еколошки фонд, е единствен од ваков карактер и ќе биде пример и за останатите замји кои ќе аплицираат за финансиска поддршка на слични проекти.

Во рамките на мисијата на Заменикот генерален директор на УНИДО е и одржувањето на Форумот за менаџирање на отпадите, на кој беа демонстрирани предностите од новите технологиите за деконтаминација на почвата и отпадот во фабриката „ОХИС”.

Во тој контекст, претседателот Иванов нагласи дека тоа е прашање од исклучително значење за Република Македонија и проблем кој налага што поскоро решавање, и изрази подготвеност лично да се вклучи и да помогне во тој процес до мера која ќе биде соодветна и од корист за целиот проект. Македонскиот претседател ги поздрави напорите и подготвеноста на УНИДО за тесна соработка и помош на Владата на Република Македонија за справување со ова прашање, како и успешноста на досегашните реализирани проекти.

Соговорниците се согласија дека одржливиот индустриски развој во согласност со воспоставените еколошки стандарди е од приоритетно значење, и се заложија за интензивирање на соработката во иднина. Претседателот најави дека во наредната прилика кога ќе престојува во Виена, со задоволство ќе го посети седиштето на УНИДО.

Република Македонија повеќе од 25 години е помеѓу земјите во светот кои покажаа особен успех и напредок во имплементацијата на Меѓународните конвенции во областа на заштита на животна средина, поконкретно заштитата на озонската обвивка и безбедно управување со хемикалиите.


Претседателот Иванов упати честитка до Барак Обама по повод реизборот за Претседател на САД
Среда, 07 Ноември 2012

По повод реизборот на г. Барак Обама за претседател на Соединетите Американски Држави, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја упати следната честитка:

Почитуван господине Претседател,

Дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот реизбор за претседател на Соединетите Американски Држави, како и да Ви посакам натамошен успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Во оваа свечена пригода би сакал да изразам очекување дека заедно ќе продолжиме да придонесуваме за натамошно продлабочување на пријателството и партнерството меѓу нашите две држави. Сакам да Ве уверам господине Претседателе, дека Република Македонија, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските напори за мир изграден врз ветувањето за слобода и човечко достоинство во светот.

Ја користам оваа можност, господине Претседателе, да Ви се заблагодарам за континуираната поддршка за исполнување на нашите највисоки стратешки цели – членството во НАТО и во Европската унија. Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 117 од 175