Соопштенија
alt
Честитка до припадниците на еврејската заедница во Република Македонија по повод еврејскиот празник Ханука
Сабота, 08 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Ханука, упати честитка до г-ѓа Бјанка Суботиќ, Претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, како и до сите припадници на еврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана госпоѓо Суботиќ,

Ми претставува особено задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија како и од свое име, да Ви упатам Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија срдечни честитки по повод големиот еврејски празник на светлината – Ханука.

Светлината ослободува од темнината, како што слободата ослободува од ропството. Светлината на слободата отсекогаш била водилка на бројни поединци, народи и нации низ историските премрежија, како што и денес е наша водилка низ современите предизвици. На тој наш пат, инспирација наоѓаме кај припадниците на Еврејската заедница кои низ историјата се препознаваат по својата истрајност, посветеност и непокор. Затоа, на овој светол празник, Република Македонија со благодарност си споменува за сите припадници на Еврејската заедница, кои беа дел од македонската борба за слобода и кои се вградија во македонската независност. Токму затоа, Еврејската заедница е почитувана и ценета во Република Македонија. Уверен сум дека Еврејската заедница ќе продолжи да дава значаен придонес кон нашата заедничка европска иднина.

Нека е среќна Ханука, нека е вечна по
Save бедата на Светлината врз Темнината!
Хануках Самеах!

д-р Ѓорге Иванов

alt
Презентација на Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година
Петок, 07 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Спиро Ристовски.

На средбата, на која присуствуваа и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и помошникот на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Весна Џутеска Бишева, беше презентирана Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година и воедно, претседателот Иванов беше информиран за завршните активности за отворањето на новиот прифатен центар за жртви на семејно насилство во општината Гази Баба.

Претседателот Иванов ја изрази својата поддршка за идните активности во насока на имплементација на Националната стратегија, и ја потенцираше потребата ова прашање да биде издигнато на највисоко државно ниво, преку заедничко вклучување и координиран пристап на сите релевантни институции во борбата за спречување на семејното насилство. Верувам во успешно поставениот систем и сметам дека сите треба да ги исполнат своите должности кон жртвите на семејното насилство, истакна на средбата претседателот Иванов, притоа потенцирајќи ја улогата на медиумите во подигнување на јавната свест за спречување на оваа појава. Македонскиот претседател ги поздрави заложбите на Владата на Република Македонија за преземање на сите неопходни мерки со цел елиминирање на семејното насилство и ја истакна потребата, како од превентивно делување, така и од адекватна заштита и соодветна помош на жртвите.

Министерот за труд и социјална политика му заблагодари на претседателот Иванов за неговата поддршка, со цел создавање на амбиент во кој континуирано ќе се подобрува состојбата во однос на спречување и заштитата од семејно насилство. За нас како министерство и како Влада од исклучителна значење е сензибилизацијата на ова прашање на највисоко државно ниво. Директното вклучување и поддршката која денеска ја добивме од Претседателот на државата за нас е од исклучително значење, како и за сите граѓани на Република Македонија и ќе продолжиме и натаму во насока на квалитетна и секако превентивна борба против семејното насилство, изјави Министерот Спировски.

Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година, која беше усвоена во јули 2012 година од страна на Владата на Република Македонија, ќе се имплементира преку петте стратешки области и тоа: спречување, заштита, помош и поддршка на жртвите на семејно насилство; гонење на сторителите; мултисекторска соработка и подигнување на институционалните капацитети; следење и евалуација.

alt
Волонтерите од Народните канцеларии на претседателот Иванов и од Црвениот крст го одбележаа Меѓународниот ден на волонтерството
Среда, 05 Декември 2012

Меѓународниот ден на волонтерството денеска беше одбележан во трите народни канцеларии на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во Скопје, Тетово и Битола. Во Скопје, волонтери од Народната канцеларија и од Црвениот крст на Град Скопје се среќаваа со граѓаните и го промовираа волонтерството, а пред Народната канцеларија беше поставен и штанд со промотивни материјали. Волонтерите од Народната Канцеларија во Скопје и од Црвениот крст заеднички се заложија за афирмација и промовирање на волонтерството, кое е од исклучителна важност не само за човекот како поединец, туку и општеството во целина, со што се подобрува квалитетот на животот на целата заедница.

Драгана Русеска, една од 14-те волонтери во Народните канцеларии на претседателот Иванов, ги охрабрува сите заинтересирани за еден ваков волонтерски ангажман што ќе им овозможи нови искуства и вештини. Денеска го одбележуваме Меѓународниот ден на волонтерството заедно со најголемата волонтерска организација Црвениот крст, со цел да го промовираме и афирмираме волонтерството кое што е многу значајно за унапредување на целокупниот општествен живот. Конкретно ние како волонтери во Народната канцеларија на претседателот Иванов сме навистина почестени што ни е укажана ваква можност. Народната канцеларија на претседателот е отворена за сите граѓани кои поднесуваат свои предлози и иницијативи, но и за сите нови волонтери кои би се заинтересирале за еден ваков волонтерски ангажман. Токму на овој ден би сакале да ги охрабриме и поттикнеме сите млади луѓе кои што би биле заинтересирани за ваков ангажман со цел да стекнат нови вештини, знаења и драгоцено искуство што ќе им помогне во понотамашниот професионален ангажман, изјави Русеска.
Претставничката на Црвениот крст, Александра Волкановска, исто така, ги поттикнува сите оние граѓани кои сакаат и можат да станат дел од оваа хумана организација. Црвениот крст е најмасовната волонтерска организација, не само кај нас туку и во светски рамки. Волонтерите се столбот на нашата организација и велиме дека промовираат хумани вредности и дека се држат до принципите и мисијата на Црвениот крст на РМ и на Меѓународнта федерација на Црвениот крст. Она што е значајно за денешниот ден е дека сакаме да го промовираме волонтерството меѓу граѓаните. Волонтерите се носители на активностите и ќе делат инфо материјали и ќе им објаснат на граѓаните колку е важно да си волонтер, колку е значајно да дадеш дел од своето слободно време и да бидеш волонтер помагајќи некому, изјави Волкановска.

Во трите народни канцеларии на Претседателот на Република Македонија во Скопје, Тетово и во Битола волонтираат 14 лица.

alt

alt
Честитка до новоизбраниот претседател на Република Словенија, Н.Е. Борут Пахор
Понеделник, 03 Декември 2012

Почитуван господине Пахор,

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот избор за претседател на Република Словенија. Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за добро здравје и лична среќа.

Ја користам оваа свечена пригода да го изразам задоволството од висoкиот степен на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Словенија и да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и на мултилатерален. Искрено се надевам дека ќе ја продолжиме успешната и плодната соработка, која ја остварувавме со Вашиот претходник.

Сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика да искажам голема благодарност за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во оваа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.

Со надеж дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Претседателот Иванов ги прими претставниците на регионалната Коалиција за РЕКОМ
Петок, 30 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими претставниците на Регионалниот тим на јавни заговарачи на иницијативата за утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки кршења на човековите права на територијата на некогашна СФРЈ  во периодот од 1991 до 2001, односно Коалиција за РЕКОМ.
 
Членовите на делегацијата, проф. д-р Билјана Ванковска, Наташа Кандиќ од Република Србија и проф. д-р Здравко Гребо од Босна и Херцеговина, се заблагодарија за посветеноста на претседателот Иванов на оваа иницијатива и го информираа за тековните активности на регионален план.
 
Македонскиот претседател ги поддржа напорите на Коалицијата и ја истакна потребата да се направи се со цел да се утврдат фактите за секоја жртва. 
 
„Секоја иницијатива која има за цел утврдување на судбината на исчезнатите, а со тоа и одавање почит на жртвите е важна и за жртвите и за нивните семејства и за целото општество,” истакна претседателот Иванов.
 
Претседателот Иванов ги поздрави активностите на Инцијативата за РЕКОМ во Република Македонија и во регионот, и ја нагласи неопходноста оваа иницијатива да се усогласи со правните системи, уставните и законските можности во одделните држави.


Новоименуваните амбасадори на Кралството Норвешка и на Социјалистичка Република Виетнам ги предадоа акредитивите
Петок, 30 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот  амбасадор на Кралството Норвешка, Н.Е. г. Нилс Рагнар Камсвог и акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам за РМ, Н.Е. г. Ле Дук Луу.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за новата функција и им посака успех во вршењето на амбасадорската должност.

На средбата со амбасадорот на Кралството Норвешка, двајцата соговорници изразија уверување за продолжување на соработката меѓу двете земји со несмалена динамика и за интензивирање на политичкиот дијалог. Притоа, претседателот Иванов се заблагодари за досегашната помош и поддршка од Кралството Норвешка.

„Ценам дека меѓу нашите две пријателски земји постои сè уште неискористен потенцијал за натамошно интензивирање и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес, посебно во сферата на економијата“, истакна претседателот Иванов во поздравното обраќање.

Потврдувајќи дека норвешката влада е силно посветена на интеграцијата на Европа, амбасадорот Камсвог се заложи за натамошна поддршка и блиска соработка со Република Македонија. 

Амбасадорот посочи дека Норвешка е импресионирана од постигнатото во Република Македонија во последните години. „Во текот на последните 12 години Норвешка придонесе со околу 100 милиони евра, во вид на помош, за Македонија. Наша цел е оваа програма да продолжи и во иднина за да се овозможи помош во реализацијата на вашата агенда за евроатлантска интеграција со продолжување на програмите за соработка во клучните сектори“, истакна во обраќањето амбасадорот на Кралството Норвешка, додавајќи дека двете земји имаат одлична соработка во областа на  одбраната и во мисијата ИСАФ во Авганистан.

На средбата со новиот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам, беше изразен интерес и подготвеност за развивање на економската соработка меѓу двете земји.

„Ги охрабрувам сите иницијативи за унапредување на економската соработка и трговската размена, со цел искористување на расположливите потенцијали на двете земји. Во таа насока, ја искажувам мојата поддршка за иницијативите за јакнење на правната рамка меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам“, изјави во обраќањето претседателот Иванов.

Виетнамскиот амбасадор се заложи за промоција на традиционално пријателските односи меѓу двете земји и за јакнење на меѓусебната соработка.


 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 116 од 175