Соопштенија
Сочуство до бугарскиот претседател Плевнелиев по повод смртта на поглаварот на БПЦ, патријархот Максим
Вторник, 06 Ноември 2012

Со длабока тага ја примив веста за смртта на поглаварот на Бугарската православна црква, патријархот Максим, и искрено жалам за големата загуба за Вас, Вашата земја и за пријателскиот бугарски народ.

Тажни се миговите кога верниците се простуваат од својот духовен водач. Мигови на тага, кои не се без утеха или надеж, што произлегуваат од искрената љубов и вера во Бога. Уверен сум дека ликот и делото на Неговата Светост, патријархот Максим, како личност со голем авторитет во православниот свет, ќе останат длабоко врежани во сеќавањата на бугарскиот народ, како и кај православните верници и луѓе со добра волја.

Ве молам, господине Претседател, изразите на искрено сочувство да ги пренесете до Бугарската православна црква и до граѓаните на Република Бугарија. Поддршката во вакви тешки моменти ни дава сила и нè потсетува дека не сме сами и во добро и во вакви прилики.

д-р Ѓорге Иванов


alt
САД се и ќе бидат партнер на Република Македонија - телефонски разговор со Државниот секретар на САД, Хилари Клинтон
Сабота, 03 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, доцна синоќа оствари телефонски разговор со Државниот секретар на САД, г-ѓа Хилари Клинтон, на нејзино барање.

Државниот секретар на САД изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу САД и Република Македонија. Партнерството со Република Македонија за нас е многу значајно и благодарни сме за придонесот кој го давате во ИСАФ, истакна Државниот секретар Клинтон.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за состојбите во регионот на ЈИЕ. Претседателот Иванов нагласи дека само брзата евроатлантска интеграција на сите земји од регионот може да донесе трајна стабилност, безбедност и просперитет. Вашата поддршка во насока на исчекор во деблокадата на ЕУ интеграцијата е од исклучително значење, и високо ја почитуваме вашата порака од Чикаго, истакна македонскиот претседател при тоа нагласувајќи од какво значење за Република Македонија, но и за целиот регион претставува деблокадата на евроатлантската интеграција. Државниот секретар Клинтон нагласи дека САД е и ќе бидат партнер на Република Македонија, дека како и досега ќе ги помагаат стратешките цели на Република Македонија. Сите сакаат да ве видат во НАТО што поскоро и искрено се надевам дека ќе биде отстранета единствената пречка и дека ќе се изнајде достоинствено и практично решение за проблемот за името. Подготвени сме да помогнеме, рече Државниот секретар на САД.

Претседателот Иванов истакна дека изнаоѓање на заемно прифатливо решение би било од заемна корист и добро за двете соседни земји. Република Македонија активно и конструктивно учествува во процесот кој се води во ОН, и ние сме подготвени за заемно прифатливо решение во кое нема да има победници и поразени, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов со сочуство до претседателот на САД Обама за настраданите во ураганот „Сенди“
Петок, 02 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочуство до претседателот на САД, Барак Обама за настраданите и штетите предизвикани со ураганот „Сенди“:

Со длабока тага ги примив вестите за катастрофалните последици од ураганот „Сенди“, и длабоко жалам за загубените животи во оваа голема природна непогода.

Во овие тажни моменти за Вас, за пријателскиот американски народ и за семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое име, да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Во овие моменти на тага, кога нашите мисли се со Вас и со семејствата на настраданите, искрено посакувам обновување на разрушените домови и брзо опоравување на погодените региони.

Ве молам, почитуван Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

 

Новоименуваните амбасадори на Република Перу и Кралството Белгија ги предадоа акредитивните писма
Четврток, 25 Октомври 2012

Претседателот на Република Македонија денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Перу, Н.Е.г. Хозе Антоние Ароспиде Бусто и акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија, Н.Е. г-ѓа Аник ван Калстер.

На церемониите при предавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за новата функција и им посака успех во вршењето на амбасадорската должност и во нивните идни ангажмани. 

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Перу, претседателот Иванов изрази  интерес за продлабочување на соработка на билатерален и на мултилатерален план.

„И покрај регионалната припадност на две различни географски целини, длабоко сум убеден дека постои заемен интерес кај владите и на двете пријателски држави, за натамошно вложување заеднички напори за унапредување на односите и соработката во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план,” истакна македонскиот претседател во поздравниот говор.

„Ќе го дадам својот максимум за продлабочување и проширување на севкупните односите меѓу нашите две земји, вклучувајќи го политичкиот дијалог,  економско-трговските односи, научно-техничката соработка, како и односите во сферата на културата,” истакна амбасадорот Ароспиде Бусто, пренесувајќи поздрави од претседателот на Република Перу, г. Омалта Хумала.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија, г-ѓа Аник ван Калстер, двајцата соговорници го потврдија интересот за континуирано унапредување на меѓусебните односи и за интензивирање на соработката, особено во сферата на економијата. Воедно, претседателот Иванов ја истакна потребата за поддршка од Кралството Белгија на претстојниот декемвриски Совет со цел одредување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во ЕУ.

„Република Македонија денес е држава која ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата, а подготвени сме да ги отпочнеме пристапните преговори со Европската унија. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за поддршката на евроатлантските аспирации на Република Македонија. Се надевам дека таквата поддршка нема да изостане во претстојниот исклучително значаен период за Република Македонија,” истакна претседателот Иванов во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма.

Амбасадорот на Кралството Белегија потенцираше дека нејзината земја особено го цени напорот на претседателот Иванов за градење на мирно и хармонично општество базирано на инклузивен демократски  модел на интеграција без асимилација и истакна дека Белгија останува на ставот дека иднината на Балканот е во Европската унија.

„Иако веруваме дека билатералниот спор не треба да влијае на пристапните преговори и воопшто на интеграцискиот процес, сепак ги повикуваме двете страни на дијалог со цел изнаоѓање на конструктивно и взаемно прифатливо решение, рече во обраќањето амбасадорот Аник ван Калстер.


Честитка до граѓаните од исламска вероисповед по повод верскиот празник Курбан-бајрам
Среда, 24 Октомври 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан-бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема Сулејман ефенди Реџепи.

Почитуван реис ул улема Сулејман ефенди Реџепи,
Дозволете ми Вам, лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да им упатам срдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан-бајрам.

Најискрено посакувам Курбан-бајрам да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија.

Курбан-бајрам е празник на солидарноста и заедништвото, празник кој ги потенцира сите човечки доблести и празник на кој им се подава рака на сите помалку имотни на кои им е потребна материјална поткрепа. Токму во таква атмосфера на меѓусебна почит и дарежливост нека помине и годинешново празнување.

Убеден сум дека Исламската верска заедница и натаму ревносно ќе продолжи да учествува во градењето на доверба и разбирање помеѓу различните религии и етникуми во Република Македонија и ќе придонесе во остварувањето на нашата заедничка визија модерна, развиена и просперитетна Република Македонија.

Нека Ви е честит Курбан-бајрам.

Со почит,
Д-р Ѓорге Иванов


Честитка до граѓаните по повод државниот празник 23 Октомври - Ден на македонската револуционерна борба
Вторник, 23 Октомври 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври - Ден на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Денес со особен пиетет и голема радост го прославуваме Денот на македонската револуционерна борба, одбележувајќи ја 119-годишнината од формирањето на македонската револуционерна организација со која започна организираната борба на македонскиот народ за слобода и создавање на своја независна држава.

Создавањето на револуционерната организација беше инспирирано од слободарските идеали на целокупниот народ и во неа се вградија луѓе од различни социјални слоеви, со различна верска и етничка припадност и со различни политички идеологии. Нивната заедничка цел - политичка и социјална слобода за Македонија беше визијата која ги обедини и зад која застана севкупното граѓанство.

Македонската револуционерна борба донесе многу жртви, непоколебливост и хероизам кој ни е оставен во завет, нам, на сегашните македонски граѓани, како и на идните генерации. Денес кога ги уживаме плодовите на револуционерната борба во слободна и независна Република Македонија имаме заедничка цел да продолжиме по патот на развојот и напредокот, создавајќи модерна и просперитетна држава.

Сплотени продолжуваме напред!
Нека е честит празникот,

д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 118 од 175