Соопштенија
alt
Честитика до претседателот Бронислав Коморовски по повод Денот на независноста на Полска
Петок, 11 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Денот на независноста на Република Полска испрати честитка до Претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски.

Почитуван господине Претседател,

По повод Денот на независноста на Република Полска, ми претставува особена чест и задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија и во свое име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на Вашата земја и на пријателскиот полски народ.

Изразувајќи задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Полска, убеден сум дека истите со заеднички ангажман, во духот на пријателството и меѓусебното разбирање ќе ги унапредуваме и интензивираме со понагласена динамика во сите сфери од заемен интерес.

Дозволете ми во оваа убава прилика да изразам благодарност за поддршката од Република Полска, во реализација на своите стратешки цели. Имајќи ги предвид заедничките заложби за обединета, стабилна и просперитетна Европа, уверен сум дека таквата поддршка нема да изостане, особено во овој исклучително значаен период, кога Република Полска претседава со Европската унија. Верувам дека Република Полска ќе помогне на претстојниот Европски совет на Република Македонија да и биде овозможено да ја продолжи следната фаза од интеграцијата - одредување датум и почеток на пристапните преговори.

Почитуван господине Претседателе, во очекување на наша скорешна средба, примете ги изразите на моето највисоко почитување.



Д-р Ѓорге Иванов
 

alt
Средба со Премиерот на Република Албанија, Сали Бериша
Среда, 09 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (9 ноември) го прими Претседателот на Владата на Република Албанија д-р Сали Бериша.

На средбата, Претседателот Иванов и Премиерот Бериша ги разгледаа билатералните односи меѓу двете земји. Двајцата соговорници оценија дека Македонија и Албанија одржуваат блиски и пријателски односи и дека оваа соработка служи како пример во регионот.

Претседателот Иванов и Премиерот Бериша истакнаа дека Македонија и Албанија споделуваат заедничка стратегиска цел за евро-атланско интегрирање. Беше истакнато дека конкретните чекори меѓу земјите од регионот за полесна размена на луѓе и за поедноставна трговска размена е значајна подготовка за функционирањето на регионот како дел од обединета Европа.

Двајцата соговорници особено се задржаа на потребата од натамошно инфраструктурно и енергетско поврзување, за подобрување на граничната инфраструктура и сите останати мерки кои ќе придонесат за натамошен зголемен обем на трговска размена. Претседателот Иванов и Премиерот Бериша воедно ја истакнаа важноста од заеднички настап на државите од регионот во проекти од взаемен интерес, како што е поврзување на Јадранско-Јонската магистрала со Коридорите 8 и 10.

 

alt
Новоименуваниот амбасадор на Полска, Пжемислав Чиж ги предаде акредитивните писма
Вторник, 08 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република  Полска во Република Македонија, Пжемислав Чиж.

На средбата со амбасадорот Чиж, Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете земји и плодниот политички дијалог, нагласувајќи дека постои огромен потенцијал за натамошно проширување на севкупната соработка, особено во сферата на економијата.

Претседателот Иванов истакна дека Република Полска е еден од најзначајни партнери на нашата земја, со која негуваме традиционални односи на пријателство. Поддршката за членство на Македонија во Европската унија и НАТО, како и ставот за употреба на уставното име на државата, се високо ценети од страна на македонските граѓани. Претседателот изрази очекување дека Република Полска, како актуелен претседавач со ЕУ, ќе помогне во одредувањето датум за отпочнување преговори на декемврискиот состанок на Европскиот совет, нагласувајќи дека граѓаните на Република Македонија очекуваат еднаков и фер третман, како и дека ќе биде овозможено интеграциите да се движат паралелно со процесот на надминување на билатералните прашања.

„Очекувам ваквата поддршка да продолжи и во наредниот клучен период во пресрет на декемврискиот состанок на Европскиот совет. Република Македонија е охрабрена од заложбата на полското претседателство за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан. Процесот на евроатлантска интеграција претставува еден од клучните интегрирачки фактори и двигател на реформските процеси во Македонија, поради што ужива апсолутен политички, етнички и социјален консензус,“ истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Чиж му ја пренесе на претседателот Иванов полската позиција како и ставот дека Република Македонија секогаш може да смета на нивната поддршка. Амбасадорот Шиж нагласи дека ќе продолжи целосно да ги поддржува напорите на земјата за евро и евро-атлантска интеграција.

Двајцата соговорници разменија информации и за развојот и подобрувањето на инвестициската и на вкупната деловна клима во земјата и можностите за идни полски инвестиции.
 

alt
Честитка по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам
Недела, 06 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи.

 

Почитуван Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи,

 

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верисповед во Република Македонија, да упатам најсрдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам.

 

Курбан Бајрам е празник на солидарноста, споделувањето и зближувањето. Ден кога благосостојбата и подава рака на сиромаштијата, ден кој ги нагласува сите човечки доблести. Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија споделувајќи љубов со ближните.

 

Токму во овој дух нека помине и годинешново празнување, во кое сите граѓани на Република Македонија, со почит и разбирање ќе ги споделат заедничките вредности на хуманизам, помагање и солидарност.

 

Во оваа прилика би сакал да подвлечам дека на искушенијата и предизвиците со кои нашето општество и држава се соочуваат, можеме да одговориме само преку заедничкиот јазик на единството. Зашто само обединети можеме да чекориме по патот на успехот и напредокот. Овој празник нека нé обедини во нашите заеднички заложби за изградба на просперитетна Република Македонија.

 

Уверен сум дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, како нераскинлив дел од македонското општество, и понатаму ќе бидат активни чинители во градењето на соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.

 

На крај на сите наши граѓани кои се наоѓаат во Мека им го честитам крунисувањето на аџилакот.

 

Среќен Курбан Бајрам!

 

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Новоименуваниот амбасадор на Романија, Јустинијан Фокша ги предаде акредитивните писма
Петок, 04 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Романија во Република Македонија, Н.Е. Јустинијан Фокша.

 

Соговорниците изразија взаемно задоволство од високото ниво на меѓусебните односи на двете држави. Претседателот Иванов нагласи дека редовните контакти кои се остваруваат на секое ниво го јакнат политичкиот дијалог меѓу двете земји и позитивно влијаат врз интензивирањето на односите и соработката во сите сфери. Во тој контекст е и мојата неодамнешна официјална посета на Романија и остварените средби со претседателот Басеску, претседателот на Сенатот - Џоана и премиерот Бок, рече претседателот Иванов.

 

Македонскиот претседател изрази благодарност за силната и јасно искажана поддршка од Романија за напорите и активностите што ги вложува Македонија за што поскоро приклучување кон НАТО и кон Европската унија. Република Македонија три пати по ред добива препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори, од декемврискиот Европски совет очекувам да се помести статус кво состојбата, подвлече Претседателот Иванов.

 

Амбасадорот Фокша изрази уверување дека Романија ќе продолжи да биде поддржувач и партнер на Република Македонија за што поскоро постигнување на конечната цел, полноправно членство во НАТО и ЕУ, што ќе придонесе и за стабилноста и за напредокот на целиот регион.

 

Претседателот Иванов и амбасадорот Фокша изразија задоволство од нивото на економската соработка и потенцираа дека постои огромен потенцијал во двете земји за уште поголема развојна динамика во соработката во оваа област.

alt
Честитка до новоизбраниот Претседател на Република Бугарија, Росен Плевнелиев
Вторник, 01 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до новоизбраниот Претседател на Република Бугарија, Росен Плевнелиев.

Почитуван гoсподине Претседател,

Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија, и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Република Бугарија, со желби за успешно извршување на оваа одговорна функција во полза на просперитетот и благосостојбата на Вашата земја и нејзиниот народ.

Дозволете ми, во оваа прилика да ја истакнам мојата, и на Република Македонија, цврста определба за натамошно зајакнување на добрососедските односи и продлабочување на политичкиот дијалог со Република Бугарија. На тој план, сакам да го нагласам моето лично убедување дека во периодот што следи соработката ќе бележи натамошно интензивирање во сите области од взаемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и мултилатерален план. Сигурен сум, дека нашите заеднички заложби во афирмирањето на мирот и стабилноста во регионот ќе допринесат за негова забрзана интеграција во евроатланските структури. На тој план ја очекуваме поддршката од Република Бугарија.

Повторувајќи ги моите срдечни честитки и желби за натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседател, изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 147 од 175