Соопштенија
Сочувство до семејството на Александар Трајковски, брат на покојниот претседател Борис Трајковски
Четврток, 15 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на Александар Трајковски, братот близнак на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, испрати писмо на сочуство до неговото семејство:

Со големо жалење ја примив веста за смртта на вашиот сопруг и татко Александар Трајковски и длабоко жалам за вашата ненадоместлива загуба.

Дозволете ми, да ви упатам изрази на искрено сочувство и да ве охрабрам во поднесувањето на тешката загуба. Зборовите никогаш не можат да ја избришат празнината, меѓутоа секогаш помагаат во поднесувањето на истата, знаејќи дека искрените пријатели ја споделуваат вашата тага.

Почитувани, во моментот на оваа огромна тага за вашето семејство, ви ја праќам поткрепата со мисли и молитви, надевајќи се дека Бог ќе ве благослови и ќе ви ја даде потребната сила и храброст да ја пребродите огромната тага.

Со изрази на најдлабоко сочувство,

д-р Ѓорге Иванов




Писмо од новоизбраниот претседател на Република Бугарија Плевнелиев до претседателот Иванов
Вторник, 13 Декември 2011

Новоизбраниот претседател на Република Бугарија, Росен Плевнелиев, испрати писмо со благодарност до претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов за упатените честитки по повод неговиот избор:

Ваша Екселенцијо,

Примете ја мојата искрена благодарност за Вашите честитки по повод мојот избор за Претседател на Република Бугарија.

Сакам да ве уверам дека Република Македонија и понатаму може да смета на поддршката од страна на Република Бугарија, и лично од мене, на патот кон својата европска и евроатланска интеграција.

Искрено се надевам дека односите меѓу Република Бугарија и Република Македонија ќе продолжат активно да се развиваат врз основа на споделените заеднички европски вредности за добрососедство и соработка. 
         

Ја користам приликата да ви посакам Вам и на граѓаните на Република Македонија среќа, просперитет и благосостојба.

Со почит,

Росен Плевнелиев

Честитка до претседателот Иво Јосиповиќ по повод пристапувањето на Хрватска кон Европската Унија
Петок, 09 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати честитка до неговиот колега д-р Иво Јосиповиќ, по повод официјалното пристапување на Република Хрватска кон Европската Унија:

Почитуван господине Претседателе,
Драг пријателе,


Дозволете ми да Ви упатам срдечни честитки по повод потпишувањето на договорот со кој Хрватска и официјално ќе се приклучи кон Европската Унија. Ми претставува задоволство да го поздравам постигнатиот успех во исполнувањето на обврските за пристапување во европското семејство.

 
Денешниот ден претставува голем историски исчекор кон европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Имајќи ја предвид мојата, и на Република Македонија, голема посветеност на процесот кој се однесува на интеграциите во ЕУ, сакам да ја истакнам важноста на оваа одлука, која несомнено претставува позитивен сигнал и за останатите земји од регионот. Вашиот успех е и наш успех. Водени од заедничката визија за обединета и просперитетна Европа сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како и досега, е силно посветена и целосно е подготвена да придонесува кон таквите заеднички вредности во интерес на просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот на Југоисточна Европа. Убеден сум дека нашите европски пријатели и партнери, во нивниот пристап кон Балканот и кон Македонија, ќе останат доследни и принципиелни кон оваа идеја.

Ве молам да ги примите топлите и срдечни поздрави од Република Македонија како и изразите на моето највисоко почитување.
                           
д-р Ѓорге Иванов


Хрватскиот претседател Јосиповиќ, со писмо и благодарност возврати на честитките на својот македонски колега:

Почитуван господине Претседателе,

Најсрдечно се заблагодарувам на честитката која Вие ја упативте по повод потпишувањето на Договорот за пристапување на Република Хрватска во Европската Унија во Брисел на 9 декември годинава.

Ова е навистина значаен историски настан за Република Хрватска, Европската Унија но и за целиот регион. Длабоко сум уверен дека Република Хрватска со своите постигнувања и успеси, покажа на другите земји од регионот дека со упорност и заложби може да се достигне посакуваната цел и дека им даде силен поттик во евроатлантските интеграции и заедничката иднина во европското семејство.

Бидете уверени дека Република Хрватска ќе продолжи да се залага во работата и комуникацијата со своите европски пријатели и партнери да поттикне пристап за Вашата земја во Европската Унија, а за тие потреби Република Хрватска е спремна да ги сподели своите поучни искуства за интензивирање на сеопфатните реформи со сите оние на кои може тоа искуство да им биде од корист.

Примете ги господине Претседателе, мојата почит и пријателските поздрави.

Иво Јосиповиќ


Честитка од претседателот Иванов по повод христијанскиот празник Св. Климент Охридски
Среда, 07 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски, упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, како и на сите православни верници во земјата и во странство, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски.

Чествувањето на празникот Свети Климент Охридски не е само значајно за Република Македонија, туку воопшто за европската култура и цивилизација. Духовната, но и световната улога на свети Климент Охридски отсликана во неговиот подвиг како основач на Охридската архиепископија, основоположник на Охридската книжевна школа  и творец на кирилското писмо, до ден-денес не изгубила од својата актуелност претставувајќи израз на слобода, хуманизам, отвореност.

Во светата Македонска православна црква и во срцата на секој православен верник, Свети Климент има верен чувар и поддржувач на благородните идеи за просветено човештво и свет исполнет со љубов, просперитет и разбирање.

Нека ни e за многу години големиот државен празник.

Со почит,

д-р Ѓорге Иванов

Средба со амбасадорите на земјите членки на Европската унија во Република Македонија
Вторник, 06 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими амбасадорите на земјите членки на Европската унија, акредитирани во Република Македонија.

На средбата се разменија мислења и информации по вчерашната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија бара почитување и ефективна примена на Времената спогодба, преку почитување на меѓународното право.

Македонскиот претседател нагласи дека суштинското прашање во овој момент е тоа дека нема подобар начин Грција да ја демонстрира нејзината посветеност и почитување на Времената спогодба, на пресудата од Хаг, од деблокада на евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за создавање попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН за разговорите со Република Грција за разликата околу нашето уставно име.


Средба со амбасадорите на земјите постојани членки на Советот за безбедност на ООН
Вторник, 06 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими амбасадорите на земјите постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (САД, Руска Федерација, Велика Британија, Француска Република и Народна Република Кина) акредитирани во Република Македонија.

На средбата се разменија мислења и информации по вчерашната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Претседателот Иванов пред амбасадорите на земјите постојани членки на Советот за безбедност на ООН побара почитување и ефективна примена на Времената спогодба, односно истото што го побара Меѓународниот суд на правдата. - Бараме целосно почитување на пресудата и Времената спогодба преку почитување на меѓународното право, истакна Претседателот Иванов.

Македонскиот претседателот изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за деблокада на нашите евро-атлантски интеграции и ќе создаде попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН за разговорите со Република Грција за разликата околу нашето уставно име.

Претседателот Иванов нагласи дека нема подобар начин за Република Грција да ја демонстрира својата добра волја за добрососедство, од тоа да се воздржи од натамошно кршење на Времената спогодба. - Ова е суштинското прашање во овој момент, заклучи македонскиот претседател.

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 144 од 175