Соопштенија
Изјава на Претседателот Иванов по повод денешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг
Понеделник, 05 Декември 2011

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Денес сме сведоци на една исклучително значајна пресуда на Меѓународниот суд на правдата во полза на Република Македонија. Оваа пресуда значи јасна потврда и оправданост,  која дава дополнителен меѓународен углед на државната политика на Република Македонија водена во изминатиот период.

Највисокиот судски авторитет во меѓународното право пресуди дека Република Грција ја прекрши Времената спогодба со попречувањето на нашето членство во НАТО.

Република Македонија затоа бара од Република Грција, истото што го побара Меѓународниот суд на правдата, почитување и ефективна примена на Времената спогодба, како единствен документ кој ги регулира односите меѓу нашите две држави. Наместо да го попречува, Република Грција треба да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации во согласност со Времената спогодба.

Меѓународниот суд на правдата потврди дека Република Македонија ја нема прекршено Времената спогодба, притоа отфрлајќи ги приговорите на Грција. Таквиот одговорен однос е трајна определба на Република Македонија.

Ние и натаму целосно посветено ќе ја почитуваме Времената спогодба. Конструктивно како и досега, во добра верба, ќе ја почитуваме  рамката во која се водат разговорите под покровителство на ООН и ќе учествуваме во процесот со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение.

Бараме Република Грција еднакво одговорно да се однесува кон Времената спогодба и да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Бараме Република Грција да ја прифати оценката на Меѓународниот суд на правдата дека Република Македонија нема извршено прекршување на обврската за добрососедски односи од Времената Спогодба.

Средба на државниот врв по објавувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во ХагВо овој момент не сакаме да гледаме низ категориите победници и поразени. Треба заедно да работиме со Република Грција на нашата заедничка иднина и иднината на нашиот регион. Ние повторно подаваме рака на пријателство и добрососедство кон Република Грција.

Пресудата ја гледаме како позитивен импулс и сметаме на соработката на нашиот сосед Грција во духот на пријателството, разбирањето и меѓусебното почитување.

Ви благодарам.

alt
Честитка до претседателот Басеску по повод Националниот празник на Романија
Четврток, 01 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Националниот празник на Романија испрати честитка до Претседателот на Романија, Трајан Басеску.

Почитуван господине Претседателe,
Драг пријателе,

Ми претставува особено задоволство, по повод Националниот празник на Романија, во име на граѓаните на Република Македонија и во свое име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.

Почитуван Претседателе, дозволете ми и во оваа прилика да го искажам задоволството од постојаното продлабочување на билатералните односи и соработка, како и од континуираниот политички дијалог меѓу Република Македонија и Романија.

Република Македонија и јас, лично, посебно ја цениме поддршката од Романија на патот кон целосно интегрирање на мојата земја во евроатлантските структури. Верувам дека таквата поддршка нема да изостане и во наредниот клучен период, во пресрет на Европскиот совет, кога се надеваме дека ќе ни биде одреден датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Ве молам да ги примите, господине Претседателе, топлите и срдечни поздрави од Република Македонија и изразите на моето највисоко почитување.


Д-р Ѓорге Иванов

alt
Оглас за волонтирање во Народната Канцеларија на Претседателот Иванов
Понеделник, 28 Ноември 2011

Согласно Одлуката за организација и делокруг на работата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 30/2000; 9/2001 и 41/2010) и Одлуката за формирање на народни канцеларии бр: 07-434/1 од 15.03.2010 година, распишува:


ОГЛАС
за волонтирање во Народната Канцеларија на
Претседателот на Република Македонија


Со цел приближување на работата на Претседателот на Република Македонија до младите, а воедно и укажување на можност за стекнување на работно искуство со кое би можеле полесно да конкурираат на пазарот на трудот, Кабинетот на Претседателот овозможува волонтирање на заинтересираните, во народните канцеларии во Скопје, Тетово и Битола.

Правата и обврските на лицата ангажирани во работата на Народната Канцеларија ќе се регулираат согласно Законот за волонтерство („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/07 и 161/08)

По завршување на волонтирањето, Кабинетот на Претседателот не презема обврска за вработување на волонтерите.

Заинтересираните кандидати треба да достават писмо за интерес, кратка биографија и копија од индекс или уверение за завршено високо образование на адреса:

Кабинет на Претседател на Република Македонија,
„Вила Водно“ ул. Ацо Караманов бб
1000 Скопје

најдоцна до 31 декември 2011 година.

Избраните кандидати ќе бидат контактирани.


alt
Честитка до претседателот Топи по повод Денот на независноста на Република Албанија
Понеделник, 28 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Денот на независноста на Република Албанија испрати честитка до Претседателот на Република Албанија, Бамир Топи.

Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особено задоволство по повод Денот на независноста на Република Албанија, во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки со желби за натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.

Убеден сум, дека во периодот што следи со заеднички напори, но и со зголемена динамика ќе ги користиме сите можности за јакнење на односите и збогатување на севкупната соработка. Традиционалното пријателство меѓу нашите две пријателски земји и народи, заедничките заложби за стабилност и просперитет на нашиот регион, нè обврзуваат да ги развиваме и унапредуваме таквите односи и подобро да ги искористуваме постоечките можности за поинтензивна соработка.

Дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги пренесам топлите и срдечни поздрави од Република Македонија и да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

 


Д-р Ѓорге Иванов

Писмо од рускиот претседател Дмитриј Медведев до претседателот Иванов
Сабота, 26 Ноември 2011

Сакам да Ви се заблагодарам за Вашето писмо од 2 ноември оваа година. Ги споделувам во него изречените високи оценки на резултатите од нашите средби во Москва и во Санкт-Петербург минатата година.

Ме радува, дека во последно време односите меѓу нашите земји се активираа во однос на неколку значајни насоки. Според нашето мислење посебно внимание треба да се посвети на перспективни сфери од заемен интерес- на енергетската и инвестиционата. Со брзо темпо се развива работата во однос на Меѓувладината комисија за трговско-економската и научно-техничката соработка.

Во таква позитивна клима сметам дека подгототвката на документот за темелите на билатералните односи секако е многу значајна. Нашите експерти детално го подготвуваат овој документ, кој е повикан да го истакне постигнатото ниво на ефикасно заедничко дејствување, како и да го подигне дијалогот на повисоко ниво. До крајот на годината конкретни предлози ќе бидат испратени до Македонската страна по дипломатски пат.

Уверен сум дека достигнувањето на конкретни резултати во приоритетните сфери на соработка, ќе придонесат за развој на руско-македонските врски, вклучувајќи ги контактите на највисоко ниво. Исто така, сметам дека понатамошното зближување меѓу нашите земји ќе даде придонес за стабилноста и безбедноста како во Балканскиот регион, така и во целата Европа.

Со најдобри желби,
Дмитриј Медведев
Москва, Кремљ

alt
Претседателот ги прими акредитивите на новоименуваните амбасадори на Австрија, Кореја и Лаос
Петок, 25 Ноември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Австрија, на Демократска Народна Република Кореја и на Народна Демократска Република Лаос.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Томас Михаел Баер, Претседателот Иванов изрази задоволство од одличните политички односи и позитивно го оцени развојот на пријателските односи и соработката меѓу двете земји. Претседателот Иванов истакна дека промената на статус кво состојбата во интегративните процеси за Република Македонија е одговорност на земјите членки на ЕУ и во тој контекст изрази благодарност за принципиелната позиција на Австрија, дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка во интеграциите. Тоа е став кој целосно е во согласност со суштината и целите на европското обединување, нагласи македонскиот претседател.

Новоименуваниот амбасадор на Демократска Народна Република Кореја во Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. Ју Ванг Ван, го информираше Претседателот Иванов за актуелните состојби на корејскиот полуостров и перспективите за решение кое ќе обезбеди траен мир и стабилност во регионот. Претседателот Иванов изрази благодарност за доследната и конструктивна поддршка на Демократска Народна Република Кореја во однос на принципиелната употреба на уставното име на нашата земја во билатералните односи и на меѓународен план.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Лаос во Република altМакедонија, со седиште во Виена, Н.Е. Камкеуанг Боунтеум,  Претседателот Иванов ја поздрави одлуката за именување прв нерезидентен амбасадор на Лаос во Македонија, со која се отвораат нови можности за интензивирање на односите. Двајцата соговорници изразија очекување дека соработката на билатерален и на мултилатерален план ќе продолжи да се унапредува. Претседателот Иванов укажа дека Македонија е заинтересирана за соработка со Лаос во рамките на Франкофонијата, каде оваа земја е особено активен член.

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 145 од 175