Соопштенија
romaniaMNR1
Средба со министерот за надворешни работи на Романија, г. Титус Корлацеан
Среда, 03 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Романија, Н.Е. г. Титус Корлацеан.

Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји ги карактеризира висок степен на пријателство, конструктивен и отворен политички дијалог.

Во тој контекст од македонска страна е изразен интересот за реализирање на возвратна официјална посета на Претседателот на Романија, Н.Е. г. Трајан Басеску на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења и информации во врска со можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка меѓу двете држави, во сите области од заемен интерес, а посебен акцент беше ставен на економската соработка.

romaniaMNR2„Имајќи ги предвид потенцијалите на двете држави, блискоста и традиционалното пријателство, ценам дека со заемен ангажман економската соработка и трговската размена во наредниот период може значително да се унапреди", истакна претседателот Иванов.

На средбата беше разговарано и за евроатланската интеграција на Република Македонија. Претседателот Иванов, по недонесувањето на одлука од Европскиот совет и по четири позитивни препораки да ни биде доделен датум за отпочнување на пристапните преговори, нагласи дека во околности, кога со години имаме блокада на интеграцијата, состојбата на status quo не носи ништо добро, туку напротив, создава фрустрации кај граѓаните и општеството, и можност за политизација на евроинтеграциите.

„И покрај сите блокади, земјата ќе продолжи со реформите за доброто на граѓаните. На нас е ние самите да работиме напорно на исполнувањето на стандардите и критериумите, самите да ја креираме и исполнуваме ЕУ агендата. Кога датумот ќе дојде ние ќе бидеме спремни", истакна претседателот Иванов.

Од својата страна, министерот Корлацеан истакна дека Романија целосно ја поддржува Република Македонија во поглед на евроатланските интеграции и сака да ја прошири и продлабочи севкупната соработка со Република Македонија.

„Тоа е и целта на мојата посета, да ја потврдам поддршката и да разговараме за можностите за продлабочена соработка", рече министерот Корлацеан на средбата со претседателот Иванов.

romaniaMNR3

obama3
Чeститка до американскиот претседателот, г. Барак Обама, по повод Националниот празник на САД, 4 јули - Денот на независноста
Среда, 03 Јули 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 јули – Денот на независноста, упати честитка до Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама.

Почитуван господине Претседателе,

Дозволете ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви посакам, Вам и на пријателскиот американски народ, среќен Четврти јули. Остварувањето на неотуѓивите права „живот, слобода и потрага по среќа", стана инспирација за многу генерации, ширум целиот свет, да ги бараат и да ги остваруваат овие права.

Господине Претседателe, задоволен сум од досегашното ниво на македонско-американски односи и соработка, и во овој свечен момент за Соединетите Американски Држави, би сакал да изразам очекување за натамошно продлабочување на пријателството меѓу нашите две држави.

Потсетувајќи се на мислата на Абрахам Линколн дека „секоја куќа поделена против себе не може да опстане", би сакал да Ве уверам, господине Претседателe, дека Република Македонија, нејзиниот народ и натаму остануваат посветени на партнерството со Вашата голема нација, партнерство за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот. Инспирирани од овие споделени вредности, остануваме сосредоточени за постигнување на целта – Македонија како рамноправна членка на европското и евроатлантското братство на народи. Ја користам оваа можност, господине Претседателе, да Ви се заблагодарам за континуираната поддршка за исполнување на нашите стратешки цели, но и да искажам увереност дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за доброто на нашите деца.

Со желби за Ваш личен, и на американскиот народ, успех и благосостојба, дозволете ми да Ви упатам, господине Претседателе, изрази на највисока почит.

д-р Ѓорге Иванов

unicef
Проштална средба на претседателот Иванов со претставникот на УНИЦЕФ во Република Македонија, г. Шелдон Јет
Среда, 03 Јули 2013
katar0
Честитки од претседателот Иванов по повод предавањето и преземањето на должноста Емир на Државата Катар
Среда, 26 Јуни 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод преземањето на должноста Емир на Државата Катар, упати писмо со честитки до Неговото Височество Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани. Воедно, по повод предавањето на власта од страна на Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани на неговиот син, претседателот Иванов упати писмо до Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани, во кое се заблагодарува за севкупниот досегашен придонес и за неговите заложби во унапредување на односите меѓу Државата Катар и Република Македонија.

Во продолжение се упатените писма од страна на Претседателот на Република Македонија до новиот Емир на Државата Катар, Неговото Височество Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, и до Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани.

Ваше Височество,
Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, Емир на Државата Катар

Ми претставува особена чест и големо задоволство, по повод преземањето на должноста Емир на Државата Катар, во име на граѓаните на Република Македонија, и во мое име, да Ви упатам срдечни честитки и најискрени желби за успешно извршување на одговорната должност.

Би сакал да ја искористам оваа свечена пригода, за да го поздравам континуираниот развој на односите и соработката меѓу нашите две пријателски земји. Истовремено, убеден сум дека со заемен ангажман ќе продолжиме да внесуваме нови содржини и форми на соработка, што дополнително ќе ги зацврстат нашите односи во годините што доаѓаат, за што ја искажувам нашата целосна подготвеност.

Во очекување дека наскоро ќе имаме можност за средба и размена на мислења по сите прашања од заемен интерес, уште еднаш Ви упатувам најискрени желби за Ваша успешна работа, добро здравје и лична среќа, како и за просперитет на пријателскиот катарски народ.

Ви ги упатувам, Ваше Височество, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

katar2


Ваше Височество,
Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани

Дозволете ми, по повод Вашата одлука да ја предадете власта на Вашиот син, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, да Ви честитам за Вашето истакнато лидерство, мудрост, континуирана заложба и посветеност за долгорочен развој и просперитет на Државата Катар и за благосостојба на нејзиниот народ. Уверен сум дека ќе продолжите да играте важна улога во многу сфери од општествениот живот на Вашата земја, исто како и досега.

Воедно, дозволете ми да упатам благодарност за Вашите заложби и за севкупниот придонес, кои во изминатиот период значително ги унапредија односите меѓу нашите две пријателски држави. Сеќавајќи се на нашите многубројни средби и срдечни разговори, ме радува што во Вас открив искрен пријател со кој слободно можам да кажам дека отворивме ново поглавје во нашите односи, како и перспективи за плодна соработка на сите полиња.

Верувам дека ќе воспоставиме идентични односи со Вашиот наследник, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, и заеднички ќе работиме на јакнење на пријателството меѓу двете држави и на унапредување на соработката. На тој план, би сакал да ја искажам мојата целосна поддршка.

Со такво уверување, дозволете ми, Ваше Височество, да Ви посакам натамошен успех на личен и професионален план, добро здравје и да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Средба со заменик-помошникот, државен секретар на Соединетите Американски Држави, г. Филип Рикер
Понеделник, 17 Јуни 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-помошникот, државен секретар на Соединетите Американски Држави, г. Филип Рикер.

На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

Претседателот Иванов истакна дека главен приоритет на Република Македонија останува почеток на преговорите за членство во ЕУ и реализирање на поканата за членство во НАТО. Во тој контекст беа разменети мислења и информации околу актуелностите во разговорите за решавање на наметнатиот спор за името, како и за очекувањата од претстојниот Совет на Европската Унија.

Во насока на реализација на стратешките цели на Република Македонија - полноправно членство во НАТО и ЕУ,  беше констатирано дека двете земји ќе продолжат тесно да соработуваат. Заменик-помошникот, државен секретар на Соединетите Американски Држави го потврди официјалниот став дека САД силно ја поддржува евроатлантската интеграција на Република Македонија.

Воедно, заменик–помошникот, државен секретар ги поздрави заложбите и придонесот на претседателот Иванов во унапредување на меѓуетничките односи во Република Македонија преку поддршка на иницијативи и проекти, како што се „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ и „Спортски бонтон“, и го поздрави успехот на Школата за млади лидери, која под покровителство на претседателот Иванов се одржува четврта година по ред. Заеднички беше констатирано дека вистински начин земјата и регионот да одржат чекор и да се прилагодат кон новите трендови во сите области е токму преку инвестирање во младите луѓе и поттикнување на нивниот придонес во науката, претприемништвото и иновациите.

Соговорниците разменија мислења и околу состојбите во регионот, при што заедничка констатација е дека влезот на Хрватска во Европската Унија и постигнатиот договор Белград-Приштина, се двата најзначајни настани во изминатиов период, кои позитивно ќе се одразат на стабилноста во регионот и на евроинтеграциските процеси на земјите од Балканот.

Честитка до рускиот претседател Путин по повод Националниот празник на Руската Федерација
Среда, 12 Јуни 2013

Почитуван господин претседател,

По повод Националниот празник на Руската Федерација, во име на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, Вам лично и на пријателскиот руски народ, Ви упатувам срдечни честитки и искрени желби за просперитет и благосoстојба на Вашата земја.

Ми претставува особено задоволство што можам да констатирам дека политичкиот дијалог меѓу нашите две пријателски земји е континуиран, а традиционалните врски и односи меѓу нашите народи се унапредуваат и збогатуваат со нови содржини и форми во сите сфери од заемен интерес, а особено на економски план. Затоа, и во оваа свечена пригода, дозволете од своја страна уште еднаш да Ви ја потврдам мојата подготвеност, заедно со Вас, да продолжиме да го даваме нашиот личен придонес во таа насока.

Ве молам уште еднаш да ги примите изразите на моето највисоко почитување и да ги пренесете честитките до граѓаните на Вашата земја.       

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 101 од 175