Соопштенија
Честитка по повод 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј
Четврток, 23 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник, 24 Mај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.


Почитувани граѓани,

Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, и да ви посакам радосни и благословени празнични мигови.

Светите Кирил и Методиј со своето дело вечно ги задолжија сите словенски народи и, воопшто, европската и светската култура и цивилизација. Она за што тие се залагаа и напорно работеа, уште во средниот век - рамноправност на јазиците и народите и еднаков пристап до образованието и науката, за сите се основни постулати врз кои денес почива меѓународниот поредок и човечката цивилизација.

И оваа година македонската држава, оддавајќи почит и славејќи го великото дело на свети Кирил и Методиј, ја промовира и афирмира културната и јазична разноличност, образованието и науката, духовноста и етичноста.

Животописот на светите браќа сведочи за големината на човековата верба и истрајност, за непобедливоста на правичноста и нескршливоста на човечкиот дух. Нивниот светол пример и натаму нека ни биде поткрепа да истраеме во зачувувањето на нашиот национален, јазичен и културен идентитет.

Нека ни е за многу години големиот државен празник!


д-р Ѓорге Иванов


Прием на претставници на Влашката заедница во Република Македонија по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите
Четврток, 23 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска, по повод 23 Мај – националниот ден на Власите, прими претставници на Влашката заедница во Република Македонија.

На средбата, гостите го информираа претседателот Иванов за состојбата со остварувањата на правата на Власите во Република Македонија, како и за досегашните, актуелните и планираните активности на влашката заедница, на полето на промовирање на влашкиот јазик, култура, историја и традиција.

Истакнувајќи дека Власите се уставно признати и општествено ценети, претседателот Иванов подвлече дека Република Македонија, како мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска демократија ги обезбедува неопходните услови за зачувување и промовирање на влашкиот идентитет, и истите треба соодветно да се искористат.

Претставниците на Влашката заедница во Република Македонија, истакнаа дека Република Македонија преставува пример како треба да се гради мултикултурноста, мултиконфесионалноста и мултијазичноста, за подобра иднина на целиот регион.

Честитка до Влашката заедница во Република Македонија по повод Националниот ден на Власите
Среда, 22 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 мај - Националниот ден на Власите.


Во годината кога Република Македонија слави 110 години од Илинденското востание, со особена почит се сеќаваме на значајната улога на Власите во борбата за темелните човекови вредности – слободата, правдата и човечкото достоинство. Со голема благодарност се сеќаваме на Питу Гули и Вангел Дину, на Димитар Влахов и војводата Митре Влаот, и на сите Власи кои храбро и пожртвувано придонесоа за втемелувањето на современата македонска држава.

Годинава се одбележуваат и 200 години од објавувањето на првата влашка граматика од Михаил Ѓорѓе Бојаџи. Граматика која беше најгласен израз на желбата и стремежот на Власите кон зачувување, развивање и промовирање на сопствениот јазик, култура и идентитет.

Прашањето за идентитетот на секој поединец е прашање на човечко достоинство, исто како што правото на самоидентификација е во основата на човековите права. Единствено Власите можат да кажат сами за себе кои се и што се, и никој друг не може да зборува во нивно име. Со својата длабока традиција на мултиетничкиот и мултијазичниот соживот, со демократскиот модел на интеграција без асимилација, Република Македонија ги обезбедува неопходните услови за тоа, во согласност со Препораката 1333 на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 1997 година.

Голем и значаен е историскиот, општествениот и културниот придонес кој Власите континуирано го давале, го даваат и ќе го даваат за нашата заедничка татковина Македонија. Негувајќи ги спомените на големите предци, напорите на оваа генерација треба да бидат целосно насочени кон создавање соодветни услови за идните генерации.

Со такво уверување, на сите припадници на влашката заедница во Република Македонија им го честитам овој светол празник.


д-р Ѓорге Иванов



Новоименуваните амбасадори на Р. Ангола и ХК Јордан ги предадоа акредитивните писма
Вторник, 21 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Ангола за Република Македонија, Н.Е. г. Токо Дијакенга Серао и акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан за Република Македонија, Н.Е. г. Амјад Одех Адаилех.

На двајцата новоименувани амбасадори, македонскиот претседател им честита за изборот и им посака успех во извршувањето на должноста.

На средбата со амбасадорот на Р. Ангола беше констатирано дека билатералните односи се недоволно развиени, при што беше изразена подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог, како и интерес за унапредување на соработката во повеќе области, пред сè на економски план.

„Ценам дека постојат и бројни области во кои можеме да ја зацврстиме соработката, за што е потребно почеста комуникација, испитување и запознавање со потенцијалите на двете земји, посветеност и искористување на истите", порача во поздравниот говор претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Република Ангола изрази надеж за отворен и плоден дијалог и се заложи за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан, двајцата соговорници ја посочија потребата од почести контакти на државно и владино ниво, како и потребата од продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена. Воедно, беше афирмиран и интересот за унапредување на соработката во науката, културата и образованието.

„За тоа е потребно да го интензивираме политичкиот дијалог и контактите на сите нивоа, да работиме на заемно претставување на потенцијалите за соработка, и да работиме на унапредување на правната рамка што ќе создаде основ за посакуваната соработка меѓу двете држави", истакна во обраќањето македонскиот претседател.

Посочувајќи дека Република Македонија е успешен пример за многу земји во развој, амбасадорот Адаилех истакна дека ќе вложи максимални напори за унапредување на билатералната соработка меѓу двете држави, особено во сферата на трговската размена и инвестициите, туризмот и културата.

На двете средби, соговорниците изразија подготвеност и за унапредување на пријателските односи во мултилатералната соработка.

Средба со раководствата на универзитетите во Република Македонија
Понеделник, 20 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со раководствата на универзитетите во Република Македонија.

На средбата присуствуваа проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Св Кирил и Методиј" - Скопје, проф. д-р Арбер Челику, проректор на Државниот универзитет во Тетово, проф. д-р Замир Дика, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Саша Митрев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев" – Штип, проф. д-р Сашо Атанасоски, проректор на Универзитетот „Климент Охридски"- Битола и проф. д-р Братислав Станковиќ, проректор на Универзитетот „Свети Апостол Павле" – Охрид.

На средбата беа разгледани ставовите, забелешките, впечатоците и предлозите за унапредување на системот на студии, кои беа изнесени од студентите со највисок просек на студии од универзитетите во Република Македонија на шестте средби кои претседателот Иванов ги оствaри во периодот од март 2012 до април 2013 година, во рамки на својата програма и политика на дејност кон младите и студентите.

Присутните на средбата ја поздравија иницијативата на претседателот Иванов и се заблагодарија за можноста да ги изнесат своите размислувања во однос на работата на универзитетите. Преставниците на универзитетите констатираа дека предизвиците со коишто се соочуваат високообразовните институции во својата работа треба да се решаваат на систематски начин, а решенијата што се нудат да бидат комплементарни.

На средбата претседателот Иванов порача дека универзитетите и студентите треба да се прилагодат на новото време, кое бара постојано надоградување на знаењата и вештините. Иднината на државата ни зависи од кадрите што излегуваат од универзитетите, посочи претседателот Иванов. Македонскиот претседател побара универзитетите да нудат решенија согласно тенденциите во општеството и согласно потребите на пазарот на трудот.

Претседателот Иванов и неговите соговорници се согласија дека ваквиот тип на средби треба да продолжи, со цел изнесените сугестии и идеи да добијат своја соодветна примена.

Акредитација за претставниците на медиумите - 16. Самит на ПСЈИЕ (Охрид) и 11. Регионален форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите“ (Струга)
Петок, 17 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 1 јуни 2013 година, во Охрид, ќе биде домаќин на 16. Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Главни теми на кои ќе биде посветен Самитот под мотото „Солидарност во акција" се намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатските промени. 16. Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа претставува завршна активност во рамките на едногодишното македонско претседавање со оваа регионална иницијатива.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 2 јуни 2013 година, во Струга, ќе биде домаќин на 11. Регионален форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите", насловен како „Млади за иднината - иднина за младите".
Во фокусот на дебатата на регионалните лидери на 11. Форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите", ќе биде создавање на безбеден, мирен и просперитетен свет за идните генерации и вложување во нивното образование со цел активно да придонесат во градењето на демократските процеси, доброто државно владеење и унапредувањето на долгорочните и конструктивни односи меѓу државите и народите. Со Форумот во Струга ќе биде одбележан и 10 годишниот јубилеј од „Дијалогот меѓу цивилизациите", кој започна на иницијатива на поранешниот претседател на Република Македонија, г. Борис Трајковски, кој во Охрид, 2003 година, беше домаќин на Првиот регионален форум.

Досега, на настаните во Охрид и Струга, своето присуство го потврдија и се очекува да учествуваат:

  • Претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани,
  • Претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Небојша Радмановиќ,
  • Претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев,
  • Претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ,
  • Претседателот на Молдавија, г. Николае Тимофти,
  • Претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ,
  • Претседателот на Романија, г. Трајан Басеску,
  • Претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ,
  • Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор,
  • Министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу.


Како учесници или специјални гости на двата настана се очекува да учествуваат:

  • Претседавачот со Генералното собрание на ООН, г. Вук Јеремиќ,
  • Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, 
  • Комесарот на Европската Унија за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, г-ѓа Кристалина Георгиева,
  • Специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН за намалување на ризиците од катастрофи, г-ѓа Маргарета Волстром,
  • Специјалниот претставник на Генералниот секретар на Советот на Европа и Шеф на одделот за демократски иницијативи, г. Еладиот Фернандез Галиано,
  • Претседавачот на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, г. Даг Олаф Хогволд,
  • Специјалниот претставник на Генералниот секретар на Меѓународната организација на франкофонијата, г. Давид Бонгард,
  • Специјалниот претставник на Генерланиот секретар на ООН за млади, г. Ахмад Алхиндави,
  •  Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, г. Горан Свилановиќ,
  • Амбасадорот на Ирска, актуелен претседавач со ЕУ, г. Оливер Гроган.


16. Самит на Шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа ќе се одржи во хотел Инекс Горица, во Охрид, додека 11. Регионален форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите" ќе се одржи во хотел Бисер, во Струга.

Сите заинтересирани претставници на медиумите за следење на двата настана е неопходно да се акредитираат со пополнување на приложениот формулар за акредитација и негово доставување до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, на следните е-маил адреси:

  • Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
  • Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
  • Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите


Краен рок за доставување на формуларите за акредитација е среда, 22 мај 2013 година до 12:00ч.



 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 103 од 175