Соопштенија
Средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Жан Клод Мињон
Понеделник, 10 Јуни 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Жан Клод Мињон.

На средбата беше изразено задоволство од традиционално добрата соработка на Република Македонија со Советот на Европа. Двајцата соговорници разменија мислење за досегашниот ангажман на Република Македонија во работата на институциите на Советот на Европа, како и за учеството во реализацијата на иницијативи и проекти од долгорочен интерес за земјава и регионот.

Во контекст на надворешната политика, претседателот Иванов го реафирмираше ставот дека Република Македонија со несмалено темпо работи на исполнување на стратешките приоритети - членството во Европската Унија и НАТО. Македонскиот претседател изрази благодарност до Советот на Европа за досегашната поддршка и помош, која во голема мера помогна Република Македонија денес да биде држава која ги исполнува сите критериуми за членство во НАТО и е подготвена веднаш да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

На средбата, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа истакна дека целта на посетата е да биде изворно информиран и да размени мислења за актуелностите во Република Македонија во пресрет на разгледувањето на извештајот за Република Македонија. Воедно, тој истакна дека Советот на Европа и Парламентарното собрание и натаму ќе ја поддржуваат Република Македонија во реформските процеси и во напорите за целосна интеграција на земјата во ЕУ.

Честитка до шведскиот крал Карл XVI Густаф по повод Националниот празник на Кралството Шведска
Четврток, 06 Јуни 2013

Ваше Височество,

Имам особена чест и задоволство, по повод Националниот празник на Кралството Шведска, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за благосостојба на пријателскиот шведски народ.

Дозволете ми да ја искористам оваа свечена пригода и да изразам благодарност за поддршката што Република Македонија ја добива од Кралството Шведска. Воедно сакам да го искажам задоволството од досегашниот развој на билатералните односи, како и својата увереност, дека односите и натаму успешно ќе се развиваат и надградуваат, во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Во тоа име, дозволете ми Ваше Височество, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до претседателот Наполитано по повод Националниот празник на Италијанската Република
Недела, 02 Јуни 2013
Писмо од претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. г. Ши Џинпинг до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Четврток, 30 Мај 2013

Писмо од претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. г. Ши Џинпинг до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

Ваша екселенцијо,

Би сакал да Ви се заблагодарам за упатената од Вас честитка по повод мојот избор за Претседател на Народна Република Кина. Меѓу Кина и Македонија како и меѓу двата народа постои традиционално пријателство од изминатите 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји, взаемната политичка доверба е се поцврста и соработката во различни области е плодотворна. Кинеската страна придава големо внимание за развојот на пријателските односи со Македонија и е подготвена заедно со македонската страна да вложи уште поголеми напори за поголемо проширување на размената и соработката во различни области и за поголем развој на пријателските односи меѓу Кина и Македонија во нова ера.

Ваша екселенцијо, од срце Ви посакувам здравје и уште поголеми успеси во Вашата високо-одговорна мисија.

Ши Џинпинг
Претседател на Народна Република Кина
Пекинг, 16 Март, 2013 г.

Претседателот Иванов ги откажа Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Форумот на Дијалогот на цивилизациите
Среда, 29 Мај 2013

Изјава на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов:

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Сакам да ве информирам дека донесов одлука да го откажам Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа како и Форумот на Дијалогот на цивилизациите, кои требаше да се одржат викендов во Охрид и во Струга.

Државниот интерес и достоинството на Македонија ме обврзаа да ја донесам оваа одлука.

Сакам да знаете дека Република Македонија, постапи целосно во согласност со основачките документи и правила и постапуваше како одговорен претседавач со Процесот.

За жал старите балкански предрасуди и комплекси повторно заживеаја во пресрет на Самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди, и да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија.

Предизвиците се решаваат со дијалог, а не со бојкот. Се подготвувавме цела година за овој самит. Сакавме и направивме се за да ги донесеме сите лидери од регионот на иста маса.

Поставивме тема која е високо и на глобалната агенда, од која интерес ќе имаа нашите граѓани, нашите општества. Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со вета. Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со бојкоти.

Почитувани,

Му посакувам успех на следниот претседавач со Процесот.

Се надевам дека час поскоро ќе имаме еден поинаков Балкан, поевропски Балкан.

Секако потребно ни е партнерството на Европската унија. И за Унијата, ова е еден јасен сигнал кој ја отсликува реалноста во нашиот Регион.Таа реалност очекувам да е мотив и предупредување за европските лидери правилно да ја разберат нашата регионална реалност.

Оваа одлука ја донесов и за да не се манипулираат граѓаните на Република Македонија, како и граѓаните на сите држави од регионот. Конечно дојде денот кога некој треба отворено да признае дека регионалната соработка е исправена пред сериозен, крупен предизвик.

Македонија покажала и докажала дека е иницијатор и партнер во регионалната соработка, дека се залага за вклученост на сите држави во регионот, но повеќе од јасно е дека самиот регион има сериозни предизвици.

Им благодарам на ангажманот на сите кои беа вклучени во организацијата на Самитот.

Им благодарам на сите поканети учесници, кои безусловно ја прифатија поканата.

Државниот интерес на Република Македонија и достоинството на нејзините граѓани немаат цена.

Ви благодарам.

Средба со Началникот на ГШ на Вооружените сили на Република Турција, генерал Неџет Озел
Понеделник, 27 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Турција, генерал Неџет Озел.

На средбата е изразено задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, потврдени преку интензивната политичка соработка и континуираните средби на високо ниво. Двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошно јакнење на односите и за проширување и продлабочување на соработката.

Претседателот Иванов како особено значајна ја оцени поддршката на Република Турција во однос на аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО. Во тој контекст, особено е истакнат фактот дека амбасадата на Република Турција во Скопје од почетокот на оваа година е НАТО-контакт амбасада.

На средбата е истакнато интензивното ниво на соработка меѓу двете земји во областа на одбраната, преку редовни контакти на ниво на министерства за одбрана и на армиско ниво.

Претседателот Иванов истакна дека еден од стратешките приоритети на Република Македонија е регионалната соработка и нејзино интензивирање во областа на економија, енергетика, инфраструктура и други полиња.

Македонскиот претседател го запозна високиот гостин од Република Турција со претстојниот Самит на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа и со форумот „Дијалог на цивилизациите" што на 1-2 јуни ќе се одржат во Охрид и во Струга.

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 102 од 175