Соопштенија
Новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд ги предаде акредитивните писма
Петок, 29 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д- р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија, Н.Е г. Ратахит Манатат.

На свеченото предавање на акредитивните писма, претседателот Иванов изрази задоволство од именувањето на прв нерезидентен амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија и му посака успешно вршење на оваа високо ценета и одговорна функција.

На средбата, македонскиот претседател изрази подготвеност за натамошно унапредување и интензивирање на билатералните односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање и изрази интерес за интензивирање и зајакнување на соработката со Тајланд на економски план.

„Во овој контекст, ја искажувам својата поддршка и на иницијативите за заокружување на правната рамка меѓу Република Македонија и Кралството Тајланд. Исто така сакам да искажам и подготвеност за соработка на мултилатерален план" , порача македонскиот претседател во поздравниот говор и истакна дека Република Македонија го цени гестот што дипломатските односи со Кралството Тајланд се воспоставени под уставното име на нашата земја.

Потенцирајќи дека му претставува чест што е прв амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија, амбасадорот Мананат истакна дека ќе вложи напори за продлабочување на односите меѓу двете земји и двата народа и посочи дека Тајланд како држава која се наоѓа во срцето на Азија може да претставува мост за економска соработка на Република Македонија со земјите од тој дел на светот.

„Еден од најефективните начини за зајакнување на нашата економска соработка е преку склучување и реализирање на економски договори. Двете страни очекуваат нацрт-договорите за слободна трговија, за избегнување на двојно оданочување и спречување на фискална евазија, договорот за поттикнување и заштита на инвестиции и договорот за воздушен сообраќај, да бидат финализирани и да започне нивното применување што поскоро", истакна амбасадорот Мананат и пренесе поздрави од Кралот на Тајланд.

Двајцата соговорници го споделија ставот дека и покрај географската оддалеченост, постои заедничка желба и потенцијал за натамошно посеопфатно развивање и унапредување на меѓусебните односи и соработката во повеќе области, туризмот, културата, здравството, науката и индустријата.

Македонија и Русија се подготвени за продлабочување на соработката - прием на делегација од Државната Дума на Руската Федерација
Среда, 27 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оставри средба со членовите на делегацијата од Државната Дума на Руската Федерација.

На средбата беше констатирано дека добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација и меѓу парламентите на двете земји, позитивно се одразуваат врз севкупната соработка.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија придава особено значење на јакнењето и унапредувањето на пријателските односи со Руската Федерација и изрази задоволство од континуираниот политички дијалог и интензивираните посети и контакти на сите нивоа, во изминатиов период.

Претседателот Иванов ја поздрави взаемната парламентарната соработка и беше информиран за можностите за нејзино продлабочување, како и за можностите за склучување на нови билатерални спогодби, со цел унапредување на соработката во повеќе области од заеднички интерес.

Во тој контекст, на средбата беше посочена потребата од унапредување на економската соработка, особено во областа на енергетиката и инвестициската активност. Македонскиот претседател го поздрави зголемениот интерес на руските инвеститори за нашата држава и го потенцираше значењето од вклучувањето на Република Македонија во гасоводот „Јужен тек", кој ќе придонесе за уште поголемо придвижување на економската соработка меѓу двете земји како и за долгорочна енергетска стабилност на земјата.

Во пресрет на одбележувањето на 20 годишнината од воспоставените дипломатски односи, беа разгледани можностите за размена на посети на македонскиот претседател на Руската Федерација или на рускиот претседател на Република Македонија. Притоа, претседателот Иванов ja реафирмираше отворената покана до претседателот на Руската Федерација за посета на Република Македонија.

Пратениците од Државната Дума истакнаа дека Руската Федерација е подготвена за продлабочување на соработката со Република Македонија. Воедно, изразија интерес за зголемување на парламентарната соработка и оценија дека со оглед на традиционално добрите врски, на двете земји им претстои добра перспектива и соработка во сите области.

На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од принципиелниот став на Руската Федерација во однос на употребата на нашето уставно име. Во насока на зајакнување на билатералните односи, беа разгледани и можностите за реципроцитет на визните олеснувања кои важат за граѓаните на Руската Федерација.

Пратениците од Државната Дума, воедно упатија покана до претседателот Иванов за учество на Зимските олимписки игри кои треба да се одржат во Сочи.

Честитка до Претседателот Кaролос Папуљас по повод Националниот празник на Република Грција
Понеделник, 25 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Претседателот на Република Грција, Кaролос Папуљас по повод Националниот празник на Република Грција.

Ваша Екселенцијо,

Би сакал од името на граѓаните на Република Македонија и од мое  име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Националниот празник на Република Грција со најубави желби за натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на Вашиот народ.

Дозволете, во оваа убава прилика, да ја нагласам цврстата определба на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи и соработката со Вашата земја, што е во интерес на граѓаните на нашите две  земји. Сметам дека можеме да бидеме задоволни што нашите две општества и економии успешно соработуваат. Она што ние, како претседатели, и нашите влади, имаме обврска и одговорност е да ја охрабруваме и да создаваме уште поповолни услови за севкупна соработка, за што постојат одлични потенцијали. Ние сме целосно подготвени.

Воедно, би сакал да го истакнам своето длабоко убедување, дека со заеднички напори ќе дадеме значаен придонес во остварувањето на заедничката визија за мир, стабилност, просперитет и благосостојба во регионот како дел од големото европско и евроатлантско семејство.

Со такво убедување, честитајќи Ви го уште еднаш Националниот празник, Ви ги упатувам, почитувана Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до припадниците на Eврејската заедница во Република Македонија по повод празникот Пaсха
Понеделник, 25 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Пaсха упати честитка до припадниците на Eврејската заедница во Република Македонија.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое име, до сите припадници на Еврејската заедница, да упатам срдечни честитки по повод големиот еврејски празник Пaсха.

Со Пaсха се одбележува ослободувањето на Евреите од ропството и со своето значење овој празник е инспирација за сите слободољубиви народи. Придонесот кој бројни Евреи го дадоа за слободата, развојот и напредокот на Република Македонија е од непроценливо значење. Уверен сум дека Еврејската заедница и во иднина ќе продолжи да придонесува во изградбата на модерна и просперитетна Македонија.

Најискрено посакувам празникот да го поминете во мир, среќа и благосостојба.

д-р Ѓорге Иванов

Работна посета на Претседателот Иванов на Агенцијата за разузнавање на Република Македонија
Четврток, 21 Март 2013
Проштална средба со египетската амбасадорка, г-ѓа Олафат Ахмед Фарах
Четврток, 21 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Арапската Република Египет за Република Македонија, Н.Е г-ѓа Олфат Абдел Фатах Ахмед Фарах.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот и од нејзиниот ангажман во унапредување на билатералните односи меѓу двете земји. Македонскиот претседател, воедно изрази надеж дека и нејзиниот наследник посветено ќе продолжи да работи на развојот на меѓусебните односи и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес.

Во функција на натамошно зацврстување на билатералните односи, македонскиот претседател ја нагласи важноста од официјално признавање на нашето уставно име од страна на Владата на Египет.

Заедничка констатација на средбата беше дека соработката меѓу двете земји во иднина треба да биде насочена кон јакнење на економијата и зголемување на трговската размена, соработката во културата, образованието, при што претседателот Иванов ја нагласи потребата од зајакнување на правната рамка со цел унапредување на севкупната соработка.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните состојби во Египет и во регионот. Притоа, претседателот Иванов изрази очекување дека соработката на мултилатерален план меѓу двете земји ќе продолжи да се унапредува.

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 108 од 175