Соопштенија
Честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите и средба со лидерите на партиите на Ромите
Понеделник, 08 Април 2013

Претседателот Иванов, по повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија и ги прими лидерите на партиите на Ромите во Република Македонија.

На средбата присуствуваа г-дин Амди Бајрам, Сојуз на Ромите од Македонија, г-дин Шабан Салиу, Обединети Демократски сили на Ромите, и д-р Бајрам Берат, Партија за интеграција на Ромите.

На средбата, што традиционално се одржува секоја година, претседателот Иванов и лидерите на партиите на Ромите разменија мислења околу положбата на ромското население во Република Македонија. Притоа, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и натаму ќе се залага за унапредување на правата на ромската заедница и за нивна целосна вклученост во македонското општеството.

Во овој контекст, претседателот Иванов нагласи дека не помалку важна е одговорноста на лидерите на ромските политички партии, на интелектуалците и на активистите, од кои се очекува активно да се ангажираат за надминување на предизвиците со кои се соочува ромската популација.

На средбата беа разменети мислења и оценки околу спроведувањето на Декадата на Ромите. Заеднички заклучок од средбата беше дека е потребна зголемена активност за целосно интегрирање на ромската популација во македонското општество, но и дека Република Македонија во европски рамки е лидер во почитување на правата на Ромите, како рамноправни граѓани на земјата.

Лидерите на партиите на Ромите се заблагодарија за поканата и можноста за средба со претседателот Иванов, истакнувајќи дека за нив е од голема важност значењето што Република Македонија го придава на положбата на Ромите, како и на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите.

Во честитката од претседателот Иванов до припадниците на ромската заедница во Република Македонија, стои:

Почитувани,

Ми претставува особенa чест и големо задоволство на сите припадници на ромската заедница во Република Македонија, да им го честитам 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите.

8 Април е ден кој со гордост го прославува најголемoто етничко малцинство во Европа и кој е убава можност да се афирмира историјата и културата на Ромите, но и да се проговори за актуелните предизвици со кои се соочуваат.

Република Македонија се гордее со припадниците на ромската заедница кои се нераскинлив дел од македонското општество и со степенот на права кои ги уживаат како пример за целиот свет. Имено, во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да ја развиваат својата култура и традиции, да гласаат за своите партии и кандидати, и да бидат претставени во сите институции на државата.

Почитувани сограѓани од ромска националност,

Процесот на натамошно подобрување на социјалната и економска положба на Ромите не запира и бара секојдневни активности и максимален ангажман. Бидете убедени дека во институцијата Претседател и во мојата личност имате посветен и верен поддржувач на овој процес.

Нека е честит празникот.

д-р Ѓорге Иванов

Писмо до Генералниот секретар Бан Ки Мун по повод 20 годишнината од приемот на Република Македонија за членка на ООН
Понеделник, 08 Април 2013

Почитуван господине Генерален секретар,

Упатувајќи Ви ги изразите на моето највисоко почитување и благодарност за досегашната соработка, би сакал да укажам дека на овој ден, 8 април, пред 20 години, Република Македонија официјално стана членка на Организацијата на Обединетите нации.

По тој повод, би сакал да го изразам своето уверување дека за Република Македонија тоа беше историски и голем датум, датум на кој мојата земја влезе во големото семејство на слободни, суверени и независни држави на светот. Оттогаш, Република Македонија дава значаен придонес во сите активности, органи и политики на светската организација, но исто така и во остварувањето на принципите и духот на светската организација. Од секогаш имавме непосредна поддршка и помош во процесите на нашиот развој, зачувување на интегритетот, мирот и стабилноста, како во државата, така и во регионот и пошироко.

Би сакал и Вам, лично, да Ви се заблагодарам за таа поддршка, помош и Вашето ангажирање, кое за нас многу значи.

Едновремено, ја изразувам својата верба и решеноста на граѓаните на мојата држава, дека Република Македонија и натаму ќе вложува сè за остварување на начелата на Повелбата на Обединетите нации и за успехот на кампањите и политиките на светската организација во развојот, просперитетот, унапредувањето на човековите права и демократија во светот, како и за доброто на човештвото.

Ве молам Екселенцијо, примете ги моите најискрени желби за Ваше лично здравје, среќа и успех во извршувањето на Вашата одговорна функција.

д-р Ѓорге Иванов

Проштална средба со амбасадорот на НДР Алжир, Н.Е. Хабиб Шевки Хамраоуи
Четврток, 04 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Народна Демократска Република Алжир за Република Македонија, Н.Е. г. Хабиб Шевки Хамраоуи.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот Хамраоуи и од неговото  лично залагање за унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов го истакна интересот за динамизирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји, преку размена на посети на сите нивоа. Двајцата соговорници изразија интерес и подготвеност за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји, заемно констатирајќи дека и покрај географската оддалеченост, несомнено постојат неискористени потенцијали за економска соработка. Трговската размена, порача претседателот Иванов, е на многу ниско ниво и не соодветствува со потенцијалите за размена меѓу двете земји, така што заокружувањето на договорната рамка ќе претставува поттик за поврзување на стопанските субјекти на двете држави.

Претседателот Иванов го искажа ставот дека Република Македонија е заинтересирана за соработка со Алжир и во рамките на Франкофонијата. Во таа насока,  македонскиот претседател ја истакна заложбата за развивање на културните врски меѓу двете земји во рамките на Франкофонијата, со цел реализирање бројни проекти од областа на културата, образованието, науката.

На средбата е констатирано дека е постигнато високо ниво на односи и соработка меѓу двете земји на мултилатерален план, по прашањата од заеднички интерес, во рамки на меѓународните организации.

Претседателот Иванов му се посака успех во натамошната кариера на амбасадорот Хамраоуи и изрази очекување дека  и со следниот амбасадор на Алжир во Република Македонија ќе продолжи конструктивната соработка, во функција на унапредување на односите помеѓу двете земји.

Проштална средба со Дидри Бојд, Координатор на УНДП во Македонија
Четврток, 04 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба ја прими г-ѓа Дидри Бојд, Координатор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија.

На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната успешна соработка и за ангажманот на УНДП и на г-ѓа Бојд во Република Македонија. Македонскиот претседател изрази задоволство од повеќето успешни реализирани проекти за време на нејзиниот мандат.

Претседателот Иванов ги истакна достигнувањата на Република Македонија во полето на намалување на ризици од катастрофи, адаптација кон климатските промени и заштитата на животната средина, што во голема мера се должи на ангажманот и проектите на УНДП.

Македонскиот претседател ја посочи потребата за поддршка на македонските придонеси на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи во Женева, и промоција на активностите и напорите на Република Македонија што како актуелен претседавач со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, ги презема во насока на зголемување на свеста и на регионалната соработка во овие области.

Г-ѓа Бојд упати честитка за посветеноста на претседателот Иванов на теми кои се од интерес на Обединетите Нации.

На средбата претседателот Иванов изрази очекување дека и во натамошниот период УНДП ќе се вклучи во реализација на проекти фокусирани на граѓаните, особено постигнувањето на милениумските развојни цели.

Средба со г. Минору Киучи, Парламентарен заменик-министер за надворешни работи на Јапонија
Понеделник, 01 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на делегацијата од Јапонија, предводена од г. Минору Киучи, Парламентарен заменик-министер за надворешни работи на Јапонија.

На средбата беше изразено задоволство од позитивниот развој на билатералните односи. Претседателот Иванов посочи дека за продлабочување на соработката во сите области за кои постои неискористен потенцијал од двете страни, неопходен е континуиран и поинтензивен политички дијалог, средби и контакти на сите нивоа.

Македонскиот претседател искажа подготвеност за продолжување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, притоа заблагодарувајќи се за техничката помош што Република Македонија ја добива од Јапонската агенција за меѓународна соработка и преку која беа реализирани и се во тек повеќе значајни проекти и донации. Во насока на зајакнување на трговската размена и привлекување на јапонски инвестиции, претседателот Иванов ги истакна поволностите кои странските инвеститори ги имаат во Република Македонија, а ја посочи и потребата од зајакнување на правната рамка меѓу двете земји.

На средбата беа разгледани можностите и за продлабочување на соработката во сферата на образованието, науката и културата, при што беше изразен интерес за отворање на јапонски културен центар во Скопје, како и за зголемување на бројот на стипендии за македонските студенти.

Соговорниците разменија мислења за случувањата во регионот и во Источна Азија и беше изразена подготвеност за продолжување на одличната соработка на мултилатерален план.

Честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Воскресението Христово - Велигден според Грегоријанскиот календар
Петок, 29 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот Скопски и Апостолски егзарх, г. Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитуван господине Стојанов,

Mи претставува особено задоволство и чест, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам претстојниот христијански празник, празникот над сите празници - Воскресението Христово – Велигден.

Посакувам и овој Велигден, вдахновени од неговата симболика и значење, да го исполниме нашето секојдневје со љубов и дарување.

Нека овој голем ден донесе радост, светлина и љубов и нека нè мотивира за градење вистински хуманизам и искрено човекољубие кон сите наши сограѓани. Велигден е доказ дека не постојат ограничувања кои не можат да се надминат. Со верба, надеж и љубов да продолжиме во градењето на просперитетна иднина за нашата татковина.

Најсрдечно Ви посакувам Велигден да го поминете во мир, здравје, радост и хармонија.

Христос воскресна, навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 107 од 175