Соопштенија
Средба со почесниот конзул на Република Македонија во Јапонија, г. Масатаке Мацуда
Петок, 17 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија,д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со почесениот конзул на Република Македонија во Јапонија, со седиште во Токио, г. Масатаке Мацуда.
 
По упатените честитки за назначувањето на оваа високо ценета должност, претседателот Иванов му посака успех и натамошна добра и плодна соработка, изразувајќи надеж дека ќе даде личен придонес во натамошното продлабочување на соработката.

Оценувајќи ги односите меѓу Република Македонија и Јапонија како исклучително значајни, претседателот Иванов искажа задоволство од нагорниот тренд во билатералната соработка со очекување истата во иднина да бележи зголемена динамика на политички план, како и во сферата на образованието, науката, културата. Воедно, македонскиот претседател посебно укажа на потребата од зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
 
Заблагодарувајќи се за приемот, почесниот конзул искажа уверување дека ќе работи посветено на унапредувањето на односите и посебно внимание ќе се фокусира на областите за соработка потенцирани од страна на претседателот Иванов.

Предлог на претседателот Иванов за избор на претседател на ад-хок комисијата за настаните околу 24 декември 2012
Четврток, 16 Мај 2013

Во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, денеска - 16 мај 2013 година, четврток, се одржа уште една работна средба на генералните секретари на ВМРО-ДПМНЕ, г. Кирил Божиновски и на СДСМ, г. Андреј Петров, околу формирањето на ад-хок комисијата за расветлување на настаните кои се случија и кои претходеа на 24 декември 2012 година,  со цел избор на претседател на комисијата.

На средбата, од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за претседател на комисијата беше предложен претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик проф. д-р Владо Камбовски, како угледен и авторитетен универзитетски професор по кривично право.

Ги повикуваме двете партии да се изјаснат по овој предлог на претседателот Иванов, со цел формирање на ад-хок комисијата и што поскоро започнување со нејзината работа, со крајна цел исполнување на постигнатиот политички договор од 1-ви март и целосно фокусирање кон евро-атлантските интеграции на Република Македонија, во пресрет на одржувањето на состанокот на Европскиот совет.

Јавното соопштување на предлогот на претседателот Иванов следува по низата претходно одржани средби и неуспешни обиди за постигнување консензус за избор на претседател на комисијата.

Отворен конкурсот за учество на Школата за млади лидери под покровителство на претседателот Иванов за 2013 година
Среда, 15 Мај 2013

Од денес, 15 мај до 24 мај 2013 година е отворен Kонкурсот за учество во Обуката на млади лидери, која по четврти пат ќе се одржи во Охрид од 19 до 31 август 2013 година.

Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Програмата опфаќа предавања од лидерството и менаџментот со еминентни предавачи и гости од земјата и странство, менаџмент симулации и практични вежби. Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик.

Право на учество имаат сите млади од Република Македонија и деца на наши иселеници што живеат во странство. Трошоците за сместување со полн пансион ќе бидат покриени од страна на Претседателот на Република Македонија, како покровител на оваа програма.

Идејата за основање на летна школа за млади лидери потекнува од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, чија визија е да им овозможи на младите луѓе да се запознаат со нови содржини и практики, да ги усовршуваат своите знаења и вештини и да станат идната водечка сила на општеството и на Република Македонија, или како што и самиот вели: „Општеството е како брод и во секое време треба да постојат луѓе што ќе бидат подготвени да го преземат кормилото... За идните кормилари да бидат подготвени да го преземат кормилото мора постојано да се инвестира во нивниот развој и наобразба".


Услови за конкурирање:
- Одлично познавање на англиски јазик
- Просек од високо образование да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство).
- Работно искуство од една до пет години како и магистратура од соодветната област ќе се смета за предност.


Потребни документи за апликација:

- Две препораки од вашата организација, компанија или факултет.
- Потврда за одлично познавање на англиски јазик.
- Копија од Уверение за положени испити.
- Биографија
- Кратко мотивациско писмо


Комплетната апликација да се испрати по пошта најдоцна до 24 Мај 2013 год. на адреса:

Кабинет на Претседателот на Република Македонија
(Комисија за „Школа за млади лидери")
„Вила Водно"
Ацо Караманов 33А
1000 Скопје

alt

Bacheva
Јавен повик за доставување на пријави за избор на „Најдобар млад научник“ за 2013 година
Среда, 15 Мај 2013

Признанието „Најдобар млад научник“ го доделува Претседателот на Република Македонија, како поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија.

Јавниот повик ги опфаќа сите лица што во тековната календарска година навршиле 30 години, а кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Услови за конкурирање:

• добиена меѓународна награда за научно-истражувачка дејност,
• добиено меѓународно признание за научно-истражувачка дејност,
• добиено домашна награда за научно-истражувачка дејност,
• добиено домашно признание за научно-истражувачка дејност,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно меѓународно списание,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно домашно списание,
• применетост на резултатите од научното истражување.

Доказ за исполнување на еден или повеќе од условите:

• Биографија
• Реализирани проекти во 2013 година со кои конкурираат,
• Доказ за државјанство на Република Македонија

Материјалите да се достават во еден печатен и еден електронски примерок (CD).

Право на учество имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат условите за конкурирање.

Документите да се достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2013 година на адреса:

Кабинет на Претседателот на Република Македонија 
Комисија за „Најдобар млад научник“
 „Вила Водно“ – ул. Ацо Караманов, 33А
МК-1000 Скопје


Честитка до претседателот на Европскиот совет Ван Ромпуј по повод 9 мај, Денот на Европа
Четврток, 09 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 9 мај, Денот на Европа, упати честитка до Н.Е. г. Херман Ван Ромпуј, Претседател на Европскиот совет.


Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особено задоволство, по повод 9 мај, Денот на Европа, во име на граѓаните на Република Македонија, како и во мое лично име, да Ве поздравам и да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за напредокот на Европската унија и нашиот заеднички дом - Европа.

Во оваа свечена пригода, верувам дека треба да се присетиме на приврзаноста на европското лидерство "кон принципите на слобода, демократија и почитување на човековите права и фундаменталните слободи и владеењето на правото". Во изминатите децении, овие принципи донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на регионот на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното мулти-етничко, мулти-религиско и мулти-јазично општество.

Ја користам оваа свечена пригода да ја искажам нашата благодарност за поддршката и насоките што Европската унија и ги даде на Република Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат. „Оваа Европа останува отворена за сите држави. Длабоко се надеваме дека други држави ќе ни се приклучат во нашиот заеднички напори," се вели во Декларацијата за Европа потпишана од татковците на Обединета Европа во 1951 година. Би сакал да Ве уверам дека, и покрај предизвиците со кои се соочуваме, македонските граѓани остануваат недвосмислено посветени на остварувањето на сонот за членство во напредното Европско семејство. Очекувам дека во наредниот период ќе можеме да ги започнеме преговорите за членство и дека за таа цел ќе ја имаме Вашата поддршка и поддршката од партнерите во Европската унија. Ве уверувам дека ние не сакаме привилегии, туку истите критериуми кои се применуваа за другите земји-членки на Унијата.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 104 од 175