Соопштенија
Присуство на Претседателот Иванов на инаугурацијата на Папата Франциск во Ватикан
Вторник, 19 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на церемонијата на инаугурација на папата Франциск, која се одржа на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан,  во присуство на голем број високи политички и општествени личности од целиот свет, верски челници од други конфесии и неколку стотици илјади верници.

По чинот на инаугурација, претседателот Иванов оствари кратка средба со папата Франциск, на која уште еднаш упати честитки за неговиот избор за понтиф на Римокатоличката црква и му посака успешно вршење на благородната мисија.

На средбата, македонскиот претседател истакна дека односите меѓу Република Македонија и Светиот престол отсекогаш биле на високо ниво и изрази подготвеност за зацврстување и продлабочување на меѓусебното пријателство и соработката во периодот кој следи.

Воедно, претседателот Иванов изрази очекување дека високоценетиот ангажман на папата Франциск и посветеноста кон христијанските вредности и принципи ќе овозможат успешно соочување со предизвиците на денешницата и дека  неговиот углед и авторитетот ќе помогнат во одбраната на универзалните вредности, духот на дијалогот, толеранцијата и меѓусебната почит.

На средбата, претседателот Иванов упати покана до папата Франциск за посета на Република Македонија.Присуството на инаугурацијата на новоизбраниот папа Франциск беше убава можност претседателот Иванов да оствари кратки неформални средби со повеќе светски државници. На маргините на инаугурацијата, македонскиот претседател оствари средби со потпретседателот на Соединетите Американски Држави, г. Џозеф Бајден, со германската канцеларка, г-ѓа Ангела Меркел, со претседателот на Италијанската Република, г. Џорџио Наполитано, со претседателот на Мексико г. Енрике Пена Нието,  со принцот Алберт Втори од Монако, со претседателот на Литванија, г-ѓа Далиа Грабуискаите, со претседателот на Латвија, г. Андрис Бержинс,  со претседателот на Р. Словенија, г. Борут Пахор, со претседателот на Р. Србија, г. Томислав Николиќ, со претседателот на Р. Бугарија Росен Плевнелиев.

На инаугурацијата на папата Франциск, присуствуваа претставници на 180 држави во светот, како и вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Честитка до претседателот Хигинс по повод Свети Патрик, националниот празник на Ирска
Недела, 17 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Свети Патрик, националниот празник на Ирска упати честитка до Претседателот на Ирска, г. Мајкл Д. Хигинс.

Ваша Екселенцијо,

Со особена чест и големо задоволство, од име на граѓаните на Република Македонија и од свое име, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод Свети Патрик, националниот празник на Ирска, и посакувам натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на нејзините граѓани.

Ја користам приликата да изразам задоволство од досегашниот развој на односите меѓу Република Македонија и Ирска, и увереност дека односите меѓу нашите две земји и во иднина успешно ќе се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа. Убеден сум, дека Ирска како докажан пријател на Република Македонија, и како актуелен претседавач со Европската унија, ќе продолжи да ја поддржува во процесот на нејзината европска интеграција. Во таа смисла, очекуваме дека токму за време на ирското претседавање со Унијата ќе  добиеме датум за почеток на преговорите за членство во европското семејство.

Се надевам дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме и да дадеме личен придонес за натамошно унапредување на билатералните односи и соработката.

Посакувајќи Ви добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, почитуван господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до Неговата Светост, Папата Франциск, по повод неговиот избор за понтиф на Римокатоличката црква
Петок, 15 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот за понтиф на Римокатоличката црква, упати честитка до Неговата Светост, Папата Франциск.

Ваша Светост,

По повод Вашиот избор за понтиф на Римокатоличката црква, ми претставува чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое име, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за добро здравје, лична среќа и успешно вршење на Вашата благородна мисија.

Искрено се надевам дека Вашиот високо ценет ангажман, Вашата посветеност кон христијанските вредности и принципи, ќе овозможат да се соочите со бројните предизвици на денешницата. Воедно, верувам дека Вашиот углед и авторитет ќе помогнат во одбраната на универзалните вредности за кои се залагаме, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот, толеранцијата и меѓусебната почит. На тој план, во мене и во Република Македонија, ќе имате партнер и пријател.

Ја користам оваа свечена пригода да го изразам и моето длабоко уверување дека во периодот што следи, пријателството и соработката меѓу Република Македонија и Светиот Престол уште повеќе ќе се зацврстуваат и продлабочуваат, за што Ви ја искажувам својата целосна подготвеност.

Повторувајќи ги моите честитки до Вас и до сите верници на Католичката црква, посакувајќи Ви долг и благословен понтификат, Ви ги упатувам Ваша Светост, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка по повод именувањето на новиот претседател на Народна Република Кина, Н.Е. г. Ши Џинпинг
Четврток, 14 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод именувањето на новиот претседател на Народна Република Кина, Н.Е. г. Ши Џинпинг.

Ваша Екселенцијо,

По повод Вашето именување за претседател на Народна Република Кина, дозволете ми, од името на македонскиот народ и од свое име, да Ви упатам најискрени честитки и најсрдечни желби за натамошни нови успеси на Вашата земја и на пријателскиот кинески народ.

Во оваа свечена прилика, дозволете да изразам восхитување од патот кон просперитет, благосостојба и меѓународна афирмација, што Народна Република Кина го чекори со цел да придонесе во изградба на мирот и мирољубивата коегзистенција во светот.

Ја користам приликата да изразам големо задоволство од досегашниот развој на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, и увереноста дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за натамошно унапредување на традиционално пријателските односи и соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Ваша Екселенцијо, дозволете ми уште еднаш, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Р. Македонија
Среда, 13 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со амбасадорот Герт Хајнрих Аренс, шеф на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Република Македонија.

На средбата, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија има капацитет да спроведе фер и демократски избори и дека македонските граѓани поседуваат голема политичка свест и зрелост да придонесат во реализација на такви избори. Република Македонија тоа го има и докажано во изминатиот период и не постои ниедна причина да не биде така и на претстојните локални избори, дополни претседателот Иванов.

Посочувајќи дека спроведувањето на изборниот процес е еден од клучните критериуми за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, претседателот Иванов изрази очекување дека изборниот натпревар ќе биде регуларен и конструктивен и ќе претставува борба на предлози и идеи, а не само борба за локална власт.

„И сега како и на претходните изборни циклуси, сакам да предупредам дека секој оној што нема да ги почитува воспоставените правила и законски норми за одржување на фер и демократски избори, ќе се соочи со најстрогиот можен институционален одговор", потеницираше претседателот Иванов.

Двајцата соговорници се согласија од потребата сите чинители во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со безусловно почитување на законските прописи, како и во согласност со достигнатите демократски придобивки, водејќи сметка за државните и за интересите на граѓаните.

На средбата беа разменети мислења и околу неодаманешните политички случувања, при што македонскиот претседател изрази задоволство од позитивниот однос на лидерите и на власта и на опозицијата што конечно овозможија европската агенда да се врати повторно на дневен ред во Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со ОБСЕ и истакна дека високо ги нивните активности во Република Македонија, како и личниот ангажман на амбасадорот Аренс.

Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од ЈИЕ со седиште во Скопје - средба со Регионалниот директор на СЗО за Европа
Четврток, 07 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д–р Ѓорге Иванов денес оствари средба со Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Зузана Јакаб. 

Македонскиот претседател ја поздрави одлуката седиштето на Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од Југоисточна Европа да биде токму во Скопје и изрази очекување дека во иднина оваа мрежа ќе придонесе во јакнење на здравствените системи во сите десет земји од Југоисточна Европа кои ја чинат мрежата, и ќе помогне во воспоставување на подлабока соработка во однос на развојот на јавното здравство и  реализација на проекти од заеднички интерес.

Претседателот Иванов, посочи дека ова е уште една потврда дека Република Македонија не е само учесник туку и активно и конструктивно придонесува во регионалните иницијативи. Здравствената мрежа на ЈИЕ, истакна македонскиот претседател, очекува да биде позитивен пример на соработка и во другите региони во Европа.

На средбата, соговорниците разменија мислења и информации за функционирањето на здравствениот систем во Република Македонија, за континуираните реформи и заложби за подобрување на системот на јавното здравје, како  и за можностите за продлабочување на регионална соработка на овој план.

Одлуката за седиштето  на Секретаријатот е донесена врз основа на кандидатурата на Република Македонија и со согласност на сите десет земји од Југоисточна Европа, членки на здравствената мрежа.

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 109 од 175