Соопштенија
Честитка до рускиот претседател Путин по повод Големиот празник на Руската Федерација – Денот на победата
Четврток, 09 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Владимир Путин, Претседател на Руската Федерација, по повод Големиот празник на Руската Федерација - Денот на победата.



Почитуван господине Претседателе,


Ми претставува особена чест и задоволство, по повод Големиот празник на Руската Федерација – Денот на победата, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за благосостојба на пријателскиот руски народ.

Во оваа свечена пригода сакам да го изразам задоволството од досегашниот успешен развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација. Убеден сум дека соработката и во иднина ќе продолжи да се развива во духот на воспоставеното пријателство и меѓусебно разбирање.

Длабоко сум уверен дека во претстојниот период нè очекува уште поуспешна и поплодна соработка во сите сфери од заемен интерес, посебно во економскиот и енергетскиот сектор, културата и туризмот. Уверен сум дека со личен ангажман ќе дадеме придонес во таа насока.

Ваша Екселенцијо, уште еднаш, Ве молам да ги примите изразите на моето високо почитување и да ги пренесете честитките до Вашите граѓани.


д-р Ѓорге Иванов


Претседателот Иванов го поздрави Основачкото собрание на Ромската интерпарламентарна организација
Среда, 08 Мај 2013

Почитувани членови на Основачкото собрание,

Срдечно се заблагодарувам за поканата да присуствувам на ова значајно и прво Собрание на Ромската интерпарламентарна организација. Заради претходно превземени обврски нема да можам да учествувам на Собранието. Но, би сакал најтопло да ве поздравам и да ви посакам целосен успех на Собранието како и убави перспективи во дејствувањето на Интерпарламентарната организација.

Убеден сум дека оваа иницијатива значајно ќе придонесе за координираните напори и ефикасност во процесот на натамошна афирмација и еманципација на ромските заедници во регионот и во Европа и во постигнувањето на целосна рамноправност, развој, интеграција и просперитет на ромските заедници во сите држави во Југоисточна Европа. Верувам дека со тоа Ромите ќе го дадат својот достоен придонес и прилог во развојот на нашите економии, култури, демократии и човекови права како и граѓански слободи во нашите општества.

На средбата со Иницијативниот одбор на Собранието целосно ја поддржав идејата за неговото воспоставување и дејност. Во изминатите децении, Република Македонија значајно ја унапреди позицијата на Ромите на централно и локално ниво, и економски, и културно и социјално. Свесни сме дека пред нас има уште многу предизвици, задачи и цели. Заради тоа, ги потикнуваме претставниците на Ромите во Собранието на Република Македонија и останатите институции, на централно и локално ниво, да бидат што поактивни во сите иницијативи во таа насока.

Во рамките на Декадата за Ромите на Обединетите нации, многу е направено во Република Македонија. Но за нас тоа не е само Декада. Тоа е трајна определба. Ве молам уште еднаш, примете ги моите срдечни поздрави и најдобри желби.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка од претседателот Иванов по повод празникот Воскресение Христово - Велигден
Петок, 03 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до христијанските верници по повод празникот Воскресение Христово - Велигден.


Во овие празнични денови ми претставува особено задоволство и чест, на сите верници, да го честитам христијанскиот празник, празникот над сите празници, Воскресението Христово - Велигден.

Посакувам и овој Велигден, вдахновени од неговата симболика и значење, да го исполниме нашето секојдневје со љубов и дарување.

Нека овој голем ден донесе радост, светлина и љубов, и нека нè мотивира за градење вистински хуманизам и искрено човекољубие кон сите наши сограѓани. Велигден е доказ дека не постојат ограничувања кои не можат да се надминат. Со верба, надеж и љубов да продолжиме во градењето на просперитетна иднина за нашата татковина.

Најсрдечно Ви посакувам Велигден да го поминете во мир, здравје, радост и хармонија.


Нека е честит празникот и за многу години.

Христос воскресна, навистина воскресна!



д-р Ѓорге Иванов

Средба со министерот за надворешни работи на Република Албанија, г. Алдо Бумчи
Вторник, 30 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Албанија, Н.Е. г. Алдо Бумчи.

На средбата е изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете земји и од заемната определба за натамошно јакнење на пријателството и градење на добрососедски односи низ отворен дијалог. Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји во континуитет бележат позитивен развој, а политичкиот дијалог на сите нивоа е континуиран и плоден.

„Политичките односи меѓу нашите земји достигнаа ниво кое ни овозможува целосно да се фокусираме на она што е најзначајно за благосостојбата на нашите граѓани, тоа е економијата, инвестициите, инфраструктурното и енергетското поврзување, прекуграничната соработка и соработката меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји, туризмот, превенцијата и помош во случаи на природни катастрофи и несреќи, заеднички настап во искористување на европските фондови", истакна претседателот Иванов, изразувајќи очекување за уште поинтензивна соработка на Владите на двете земји во таа насока.

Во контекст на европските и евроатлантските интеграции, претседателот Иванов и министерот Бумчи констатираа дека соработката и заемната поддршка треба да продолжи, како и дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој.

Претседателот Иванов и министерот Бумчи разменија мислења и за повеќе актуелни прашања во регионот. Во поглед на регионалната соработка, министерот Бумчи го поздрави претседавањето на Република Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, и активностите кои се преземаат за подинамична и поинтензивна регионална соработка. Министерот Бумчи го поздрави ставот на претседателот Иванов, во наредниот период регионалната соработка од декларативност да премине во следна фаза на поинтензивна операционализација со конкретни проекти во повеќе области.

Претседателот Иванов истакна дека до крајот на годината ќе следи негова официјална посета на Република Албанија.

Честитка до Неговото кралско Височество Вилем-Александар по повод стапувањето на престолот на Кралството Холандија
Вторник, 30 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Неговото кралско Височество Вилем-Александар, по повод стапувањето на престолот на Кралството Холандија.

Ваше кралско Височество,

Имам особена чест и големо задоволство, по повод Вашето стапување на престолот на Кралството Холандија, во мое име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и најискрени желби за Ваше добро здравје, лична среќа, благословено и долгогодишно владеење, како и благосостојба и просперитет за граѓаните на Кралството Холандија.

Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена прилика за да го поздравам постојаниот подем во развојот на традиционално добрите односи и соработката меѓу нашите две пријателски држави. Во годината кога одбележуваме 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, сакам да го истакнам интересот на Република Македонија за натамошно унапредување на севкупните односи со Кралството Холандија.

Ја користам оваа прилика и да ја изразам благодарноста за поддршката што Вашата земја ѝ ја дава на Република Македонија во остварувањето на нашите највисоки стратешки цели, полноправното членство во Европската унија и во НАТО, како и очекување дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

Со такво уверување, Ваше Височество, и со желби за Ваше долгогодишно и успешно владеење, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Честитка до г. Џорџо Наполитано по повод повторниот избор на функцијата претседател на Италијанската Република
Понеделник, 29 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Џорџо Наполитано по повод повторниот избор на функцијата претседател на Италијанската Република

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува чест и задоволство да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот повторен избор на функцијата претседател на Италијанската Република, со искрени желби за натамошно успешно извршување на оваа одговорна функција.

Дозволете ми, во оваа свечена прилика, да ја истакнам мојата и на Република Македонија, цврста определба за натамошно зацврстување и продлабочување на пријателските односи и соработката со Италијанската Република. Силно верувам дека во периодот што следи, со заеднички ангажман и посветеност, како и досега, односите меѓу нашите земји ќе се развиваат и ќе се надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Убеден сум дека Италијанската Република, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ја поддржува во процесот на нејзиното интегрирање во ЕУ и во НАТО.

Повторувајќи ги моите срдечни честитки и желби за натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 105 од 175