Соопштенија
Сочувство по повод катастрофалниот земјотрес кој ја погоди југозападната кинеска провинција Сичуан
Среда, 24 Април 2013

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати сочувство до Претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. Ши Џингпинг, по повод катастрофалниот земјотрес кој ја погоди југозападната кинеска провинција Сичуан.

Почитуван господине Претседател,

Со длабоко жалење ја примив веста за земјотресот кој предизвика вистинска трагедија во провинција Сичуан и длабоко жалам за загубените животи и огромните штети од оваа ужасна природна катастрофа.

Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на жртвите, повредените и оние кои останаа без своите домови, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на искрено сочуство.

Почитуван господине Претседател, длабоко сум уврен дека хуманоста и солидарноста ќе помогнат во ублажувањето на последиците од оваа голема трагедија. Воедно, Ве молам, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете и на семејствата на трагично настраданите.

Примете ги, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Потврдени заложбите за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Државата Катар
Вторник, 16 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Државата Катар, Н.Е. Шеик Хамад бин Џасим бин Џабир Ал-тани, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Во фокусот на разговорите беше досегашниот развој на билатералните односи меѓу двете земји, како и можностите за интензивирање на економската соработка.

На средбата, претседателот Иванов и катарскиот премиер изразија задоволство од континуираниот политичкиот дијалог меѓу двете земји и редовните средби на сите нивоа.

Македонскиот претседател ја поздрави првата посета на премиерот на Катар на Република Македонија. „Вашата посета во Скопје е потврда за воспоставеното пријателство меѓу двете земји. Искрено се надевам дека истата ќе биде продуктивна и ќе претставува силен сигнал и охрабрување за натамошно јакнење на соработката во повеќе сфери од заемен интерес", подвлече претседателот Иванов.

На средбата беа разменети мислења и информации за можностите за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар, преку реализација на конкретни инвестициони проекти во неколку области. Претседателот Иванов ја посочи потребата од натамошно унапредување на правната рамка меѓу двете земји, при што го поздрави денешното потпишување на меморандумите за соработка меѓу стопанските комори и во областа на здравството.

Премиерот на Катар истакна дека постои искрена волја и можности во наредниот период да јакне соработката меѓу двете пријателски земји, особено во сферата на економијата. Во таа насока дополни дека неколку области и конкретни проекти за инвестирање се веќе предмет на анализа, со уверување дека одличните политички односи наскоро ќе резултираат и со конкретни проекти.

На средбата е изразено задоволство од отворањето на Амбасадата на Државата Катар во Скопје и очекување дека што поскоро ќе стапи на функција резидентниот Амбасадор на Државата Катар во Скопје.

Иванов – Ештон: Поздравен пролетниот извештај на ЕК и напредокот на Република Македонија во реформскиот процес
Вторник, 16 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствaри средба со Н.Е. г-ѓа Кетрин Ештон, Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија и потпретседател на Европската комисија.

На средбата беа разменети мислења и информации за евроинтеграциите на Република Македонија - тековниот реформски процес, пролетниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и очекувањата од претстојниот Самит на ЕУ.

Потенцирајќи дека главен приоритет на Република Македонија останува почеток на преговорите за членство во ЕУ, претседателот Иванов ги поздрави и изрази задоволство од оценките од Извештајот на Европската комисија, истакнувајќи дека континуирано испорачувајќи резултати, Република Македонија заслужува да добие позитивна одлука на јунскиот Совет.

„И покрај политичките предизвици со кои се соочивме, постигнавме добри резултати во сите области на кои се однесува пролетниот Извештај, континуирано сме посветени на реформските процеси во клучните области, на промоцијата на добрососедските односи со сите наши соседи, и конструктивно учествуваме во напорите за надминување на отворените билатерални прашања", истакна претседателот Иванов потсетувајќи дека заклучоците на Советот од минатиот декември го трасираа патот за можна одлука за почеток на преговори со Република Македонија во јуни оваа година.

Во овој контекст, македонскиот претседател уште еднаш апелираше за поддршка од земјите – членки на ЕУ, за добивање датум за почеток на преговори. „Тоа ќе биде дополнителен стимул за земјата уште повеќе да се фокусира на исполнување на европската агенда, а со тоа ќе се врати довербата на граѓаните во институциите на ЕУ и нејзиниот кредибилитет", посочи претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија високо го цени ангажманот на високиот претставник на ЕУ г-ѓа Ештон и на Европската комисија за продолжување на процесот на проширување на Унијата со земјите од Балканот, посочувајќи дека интеграцискиот процес е клучен за надминување на предизвиците и недоразбирањата во регионот.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика г-ѓа Ештон, истакна дека од корист за сите е доколку продолжи интегративниот процес, дека силно ги подржува и охрабрува реформските процеси во нашата земја. Двајцата соговорници позитивно го оценија Извештајот на Комисијата и се согласија за влијанието на европското обединување и интеграцијата за земјите од Западен Балкан илустрирано преку визијата на претседателот Иванов за Пакс Еуропеана.

Притоа, на средбата беа разменети мислења за актулените случувањата во соседството и регионот, како и за придонесот на Република Македонија во унапредување на добрососедските односи и на регионалната соработка.

Сочувство до претседателот Обама по повод трагедијата која се случи на Бостонскиот маратон
Вторник, 16 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска упати писмо со сочувство до претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама, по повод трагедијата која се случи за време на Бостонскиот маратон.

Почитуван господине Претседател,

Со голем шок и длабока загриженост ја примив веста за трагедијата која се случи на Бостонскиот маратон.

Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство и да Ве охрабрам во истрајноста и решителноста во борбата со насилството и злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани. Сакам да знаете дека во таа ваша мисија против ваквите злосторнички акти, кои шират страв и од кои никој и никаде не е безбеден, во Република Македонија имате искрен партнер. Господине Претседател нашите мисли и молитви се со семејствата на настраданите и повредените.

Ве молам, изразите на длабоко сочувство и нашата солидарност да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

Враќањето на Тарчуловски чекор напред кон натамошно градење соживот - Претседателот Иванов го прими Јохан Тарчуловски
Петок, 12 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска - 12 април 2013 година го прими г. Јохан Тарчуловски.

Топло добредојде во Република Македонија на г. Тарчуловски, кој беше придружуван од неговата сопруга и нивните две деца, му посакаа претседателот Иванов заедно со својата сопруга, г-ѓа Маја Иванова.

На срдечната средба, претседателот Иванов посака никогаш повеќе никому да не му се случи она што го помина Јохан во изминатите осум години. Македонскиот претседател порача никогаш да не се повторат случувањата во нашата татковина од 2001 година. Треба да се фокусираме на иднината, порача претседателот Иванов, оценувајќи дека враќањето на Јохан Тарчуловски во Македонија треба да претставува чекор напред кон натамошното помирување и градење на соживотот во Македонија, онака како што отсекогаш се практикувало на овие простори во минатото.


Јохан Тарчуловски заблагодарувајќи се за приемот кај претседателот Иванов, и почестите што во негово име ги приреди Република Македонија, истакна дека му претставува огромна чест поканата за средба со претседателот Иванов, како и можноста да го посети Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Пред средбата со претседателот Иванов, господинот Тарчуловски во вила „Водно" беше поздравен и од неговите поранешни колеги од Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Јохан Тарчуловски беше член на обезбедувањето на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.

Предавање за наноматеријали и нанотехнологии во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија
Четврток, 11 Април 2013

Денеска во Народната канцеларија во Скопје на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се одржа предавање на тема „Во светот на наноматеријалите и нанотехнологиите“, организирано од Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

Наноматеријалите и нанотехнологиите, како нов тип на материјали и технологии кои претставуваат потенцијални области за изучување и инвестирање, пред присутните ги презентираше проф. д-р Анита Грозданов, продекан за наука на Технолошко-металуршкиот факултет и национално контакт лице за 7-та Рамковна програма за наноматеријали и производни технологии на Европската Комисија.

Голем број претставници на академската средина, бизнис-заедницата, претставници на државни институции, имаа можност да проследат преглед на карактеристиките на наноматеријалите и нанотехнологиите, нивната досегашна примена преку низа имплементирани проекти, како и да разменат мислења околу нивната потенцијална примена во различни области.

Во рамки на своите заложби за поддршка на науката, научните установи и младиот научен кадар, претседателот Иванов ја пренесува пораката дека за обезбедување раст на економијата, напредок на општеството и одржување чекор со светските развојни текови, на Република Македонија и се потребни едуцирани млади луѓе кои се подготвени да спроведуваат применливи научни истражувања. Предавањата од ваков тип, придонесуваат кон поттикнување на интересот на младите за изучување на новите материјали и технологии и активна работа во сферата на нивен развој и примена. Во таа насока, претседателот Иванов континуирано ја изразува својата поддршка за организирање на предавања кои ја збогатуваат техничката култура на младите и ги насочуваат кон нови технички достигнувања.

Во контекст на научното истражување на наноматеријалите, Министерството за образование и наука во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет, го организира натпреварот на тема „Наноматеријали – Материјали на иднината“, во чија прва фаза учествувале 434 тимови од 45 средни училишта во државата. Селектираните најдобри тимови ќе учествуваат на Републичкиот натпревар "Наноматеријали - Материјали на иднината", кој ќе се одржи на 13 и 14 Април 2013 година во Струга.

 
Почеток < Пред 101 102 103 104 105 106 107 108 109 110 Следно > Крај
Страница 106 од 175