Новости
alt
Писмо за благодарност до австрискиот претседател Фишер
Вторник, 21 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо на благодарност до неговиот Австриски колега Фишер за гостопримството и срдечниот пречек на македонската делегација при официјалната посета на Австрија.

Во писмото Претседателот Иванов го изразува своето задоволство што при средбата со Претседателот Фишер одново беше потврдена заемната подготвеност за јакнење на односите на пријателство и за искористување на можностите за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Република Австрија во сите сфери од заемен интерес.

„Почитуван Претседателе, посебно сум задоволен од фактот што доминантно место во нашите разговори имаа прашањата за европските аспирации на мојата земја, како и прашањата за јакнење на економската соработка на која ќе се фокусираме во периодот што следи. Република Македонија високо ја цени Вашата, и искрената и принципиелна поддршка што Република Австрија и ја дава на патот кон целосното интегрирање во Европската унија, препознавајќи ја Вашата земја како искрен пријател. Ценам дека нашите средби се многу корисни и даваат позитивен сигнал за натамошно јакнење на меѓусебните односи во сите сфери од заемен интерес,“ наведува Претседателот Иванов во писмото до Претседателот на Австрија, Хајнц Фишер.

 

alt
Претседателот Иванов на меѓународна конференција во Ерусалим
Вторник, 21 Јуни 2011

Македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов денеска и утре во Ерусалим ќе учествува на меѓународната конференција „Соочување со утрешнината 2011“ што по трет пат се одржува под покровителство на израелскиот претседател и добитник на Нобеловата награда за мир Шимон Перес.

Конференцијата во Ерусалим и годинава ќе собере на едно место преку 200 светски лидери, претставници на меѓународни организации, бизнисмени научници и експерти, кои ќе дебатираат за случувањата и перспективата на Блискиот Исток, борбата против тероризмот и ширењето оружја за масовно уништување, за медицинсите иновации и моралните дилеми поврзани со нив, за пристапот до нови извори на енергија, за односите меѓу политиката и религијата, за иднината на човештвото, за истражувањата на вселената...

Шефот на македонската држава денеска попладне ќе има средба со израелскиот претседател Перес, а вечер ќе учествува на официјалното отворање на конференцијата.

Иванов ќе се обрати на утрешната лидерска пленарна сесија на која ќе се разговара за глобалната економска криза, решавањето на регионалните конфликти, за социјалниот напредок, за климатските промени и за одговорноста на политичарите при донесувањето клучни одлуки.

На агендата на македонскиот претседател се и повеќе средби со учесници на собирот.
 

fischer
Официјална посета на Република Австрија
Понеделник, 20 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Виена оствари средба со неговиот австриски колега Хајнц Фишер во рамки на официјалната посета на Австрија. Австрија смета дека решавањето на прашањето за името не треба да биде предуслов за одредување датум и за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија, истакна автрискиот претседател Фишер по средбата со македонскиот претседател Иванов.

„Грција сигнализира дека услов е решавањто на името. Но, сметаме дека за одредување датум и  почетокот на преговорите не треба да се чека решението. Проблемот може да се реши и на крајот на преговорите. Тие треба да почнат и паралелено да течат двата процеса. Така ќе се даде поттик,“ изјави Фишер на заедничката прес-конференција со Иванов.

Според Фишер, актуелната економска криза во Грција не треба да влијае на решавањето на името, бидејќи двете прашања не се поврзани. Претседателот Иванов, како што посочи Фишер, го информирал и за некои историски акспекти на спорот за името, по што, како што додаде, одредени работи му се појасни.  „Проблемот е тежок, но не е нерешлив,“ оцени австрискиот претседател.alt

Шефот на македонската држава се согласи дека името не треба да биде предуслов за пристапувањето во ЕУ и дека евринтеграцијата на Македонија и решавањето на прашањето за името можат да се одвиваат паралелно. Како позитивен пример го посочи решевањето на проблемот меѓу Хрватска и Словенија, што му го отвори патот на Загреб кон Брисел.

„Грција е во криза и во моментов нема мотив да го решава проблемот. Грција не губи ништо ако се одреди датум и преговорите почнат. До нивното завршување проблемот може да се реши. Македонија ги исполни Копенхашките критериуми и очекува да продолжи понатаму, а одредувањето датум ќе биде доплнителен мотив да се дојде до решение,“ рече Претседателот Иванов додавајќи дека Македонија си ги исполни обврските и сега останува Советот на ЕУ на следниот состанок да ја стави на дневен ред и да донесе одлука за старт на преговорите.

Двајцата претседатели разговарале и за билатералните односи, за економската и културната соработка. Фишер изрази надеж дека ќе се засилат економските релации и го поздрави решавањето на проблемот со ЕВН Македонија.

Претседателот Иванов нагласи дека Австрија е вклучена во многу сегменти на македонското општество следејќи ја стратегијата Три Е – Европа, Економија и Енергија. „Во сите три сфери Австрија е присутна. Помага во евроинтеграцијата на Македонија, во развојот на нејзината економија, а е вклучена и во енергетскиот сектор,“ изјави Иванов.

Претседателот на Република Македонија попладнево ќе се сртене и со австрискиот канцелар Вернер Фејман, а дводневниот престој во Виена ќе го заокружи со средби со претставници на Стопанската комора на Австрија.
 

alt
Претседателот Иванов ја започна официјалната посета на Австрија со средба со иселениците
Понеделник, 20 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој престојува во официјална посета на Австрија, денеска во Виена ќе се сретне со неговиот домаќин, австрискиот претседател Хајнц Фишер. 

На средбата во претседателската палата „Хофбург“, Иванов и Фишер ќе разговараат за билатералните односи, за можностите за поинтензивна економска соработка, како и за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Се очекува да стане збор и за процесот за надминување на разликите со Грција околу употребата на уставното име, прашање што ја блокира македонската евро и евроатлантска интеграција. 

Претседателот Иванов попладне ќе се сретне и со австрискиот канцелар Вернер Фејман. Дводневниот престој во Виена ќе го заокружи со средби со претставници на Стопанската комора на Австрија пред кои ќе ги претстави можностите што им ги нуди Македонија на странските инвеститори. 

Активностите во австриската престолнина, шефот на македонската држава ги почна синоќа со средба со македонските иселеници вклучени во црковната заедница „Свети Наум Охридски“. На свеченоста во црквата, чија изградба почна во 2008 година и е единствен верски објект на православните Македонци во Австрија, Претседателот Иванов им порача на иселениците дека македонската држава се грижи за дијаспората. Како позитивен чекор во тој правец им ја посочи можноста иселениците да гласаат на последните парламентарни избори во Македонија. 

„Тоа можеби на почетокот е симболичен чекор, но сепак покажува дека вашата татковина Македонија мисли на вас,“ рече Претседателот Иванов.
 

alt
Претседателот Иванов ќе престојува во официјална посета на Република Австрија
Сабота, 18 Јуни 2011
alt
Претседателот Иванов потпиша иницијатива за поддршка на кампањата „Можам и сакам да подарам живот“
Петок, 17 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска потпиша иницијатива иницирана од Националната фондација за трансплантација во рамки на кампањата „Можам и сакам да подарам живот“, насочена кон подигнување на јавната свест за важноста на донирањето органи, ткива и клетки за трансплантација.

„Човечкиот живот е бесценет и треба да се стори сè што е во наша можност, и институционално и индивидуално, да се вклучиме во активностите со кои се овозможува унапредување на условите за соодветна здравствена заштита. Станува збор за животот, за хуманоста во нас, за уште една шанса за нормален живот на оние чие здравје е доведено до крајно критична фаза. Неопходно е сите да придонесеме за зголемување на интересот за поддржување на донаторството на органи,“ рече Претседателот Иванов.

Преку воведување законска рамка според светските стандарди со која се регулира земањето и пресадувањето делови од човечкото тело заради лекување, што практично значи и заживување на кадаверичната трансплантација, посочи Претседателот Иванов, се прави значаен исчекор во зголемувањето на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните на Македонија.

„Благодарение на законските измени, но и на постојаното усовршување на медицинските експерти, како и набавката на медицинска опрема, се отвора можност македонските граѓани да добиваат услуги поврзани со транплантација во својата матична земја,“ рече Претседателот.

Тој изрази благодарност до членовите на Националната фондација за трансплантација за нивната заложба и активност во изработката и донесувањето на Законот за трансплантација. „Благодарение на нивната неуморна работа, Македонија денес е акредитиран регионален центар за трансплантација на црн дроб поддржан од Светската асоцијација за детска трансплантација,“ додаде Иванов.

Претседателот на Националната фондација за трансплантација, Владимир Чадиковски рече дека му претставува задоволство што може денешниот ден да се официјализира како почеток на новиот Закон за кадаверична трансплантација во Македонија.

„Основната цел и мисија на Фондацијата е подигање на јавната свест за значењето од донирање органи. Тоа претставува најхуман чин во животот. Целта на кампањата е да се соберат што повеќе потписи за полесно имплементирање на новиот закон за трансплантација во Македонија. Заедно со Министерот за здравство и тим експерти веќе изработивме 16 правилници кои начелно ќе ги покажат основните правила како треба да се извршува трансплантацијата на ткива и органи,“ истакна доктор Чадиковски.
 

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 162 од 198