Новости
alt
Иванов: Состанокот на претседателите од Централна Европа е можност за лобирање за стратешките цели на Македонија
Петок, 27 Мај 2011

„Денешниот претседателски собир е можност Македонија да зборува за своите стратешки цели и интереси, односно да се изложат нашите искуства во создавањето на македонскиот специфичен модел на демократија, и како може тоа да биде од корист за другите земји кои се соочуваат со слични проблеми,“ изјави денеска во Варшава Претседателот д-р Ѓорге Иванов, кој учествува на 17-тиот Состанок на претседатели од Централна Европа.

Претседателот Иванов информира дека на сите официјални и неофицијални средби за време на Самитот лобира за стратешките цели на Македонија, односно за нашето членство во НАТО и за добивање датум за почеток на преговорите за влез во Европската унија - процеси за кои сите реални и разумни предуслови веќе се исполнети. Македонија бара поддршка од собраните европски лидери, и од Претседателот на САД кој е присутен на состанокот, и тоа во еден клучен моментум - во пресрет на Самитот на Европската Унија со кој ќе заврши шестмесечното претседавање на Унгарија, а ќе почне претседавањето на Полска.

На состанокот, на кој учествуваат претседатели на 22 држави, се разговара за актуелните политички и економски проблеми и предизвици во земјите од централно-европскиот регион, но и за глобалните политички прашања на европскиот континент и пошироко. Централна тема годинава се „Локалните искуства и универзалните стандарди“, при што присутните претседатели во своите излагања посочуваат на сите нивни искуства со кои се соочувале при преминот кон демократија, но и во текот на двете децении живеење и функционирање во демократски систем.

Во рамките на Самитот, вечерва е предвидена работна вечера на сите европски претседатели со специјалниот гостин - американскиот претседател Барак Обама, а ќе се разговара за искуствата на земјите од Централна Европа во унапредувањето на демократијата, просперитетот и стабилноста во Европа, како и за револуциите на Средниот Исток и Северна Африка, импликациите врз Европа и поддршката за нивната демократска транзиција.
 

alt
Полска ја поддржува Македонија во евроинтеграциите – билатерална средба со полскиот претседател Коморовски
Четврток, 26 Мај 2011

Претседателот д-р Ѓорге Иванов денеска во Варшава, на маргините на Самитот на претседатели од Централна Европа, се сретна со полскиот претседател Бронислав Коморовски со кого разговараа на повеќе теми.

Претседателот Иванов се заблагодари на досегашната поддршка од Полска во однос на евроатлантските интеграции на Македонија, и побара идна поддршка за одредување датум и почеток за пристапните преговори со Европската унија. Тој уште еднаш нагласи дека Грција нема разумни аргументи зошто ја блокира Македонија во оваа фаза на интеграциите, затоа што има разлика меѓу Самитот на НАТО во Букурешт кога во прашање беше конкретното членство на Македонија во Алијансата, и одредувањето датум за почеток на преговорите, процес кој е временски подолготраен. Реално е да се очекува дека во тој временски период спорот со името ќе биде надминат.

Македонскиот претседател подвлече дека не само што Грција не губи ништо, туку добивањето датум и почеток на пристапните преговори ќе биде силна порака и охрабрување за целиот регион. Македонската страна побара поддршка ова прашање да се најде на агендата и на следниот Европски совет кој ќе се одржи на 26 јуни.

Нагласувајќи дека во Полска никому не му е јасно како некоја земја не може да се нарекува како сака, полскиот претседател Коморовски рече дека, како и досега, Македонија може да смета на поддршка од неговата земја.

Претседателот Иванов исто така го информира својот колега Коморовски за процесот кој се одвива во ООН и за очекувањата од разрешницата на судскиот процес што се води во Меѓународниот суд за правда во Хаг, за кој полскиот претседател изрази особен интерес, од причина повеќе што одлуката се очекува во време кога Полска ќе го преземе претседавањето со ЕУ.

На средбата помеѓу двајцата претседатели беше разговарано и за можноста за потпишување Спогодба за стратешко партнерство во сферата на безбедноста и одбраната.alt

Ова е прва средба на Иванов со Коморовски, кој денеска ја прифати поканата да дојде во официјална посета на Македонија. Тој ја посетил нашата земја во 60-тите години од минатиот век и изрази воодушевување, пред сé, од убавините на Охрид.

Македонскиот претседател Иванов утре и задрутре во Варшава ќе учествува на 17-тиот Состанок на претседатели од Централна Европа. На состанокот ќе се разговара за актуелните политички и економски проблеми и предизвици во земјите од централно-европскиот регион, но и за глобалните политички прашања на европскиот континент и пошироко. Централна тема годинава се „Локалните искуства и универзалните стандарди“, а ќе се дискутира за различните искуства на земјите во процесите на системска трансформација, демократскиот развој, создавањето отворен пазар, како и за идните перспективи и предизвици.

Во рамките на оваа традиционална претседателска средба планирани се и повеќе билатерални средби на Претседателот Иванов, меѓу кои и со германскиот сојузен претседател Кристијан Вулф и со претседателот на Словачка, Иван Гашпарович.

alt
Претседателот Иванов и македонската црковно-државна делегација на молебен на гробот на Свети Кирил во Рим
Вторник, 24 Мај 2011

Македонска државна делегација предводена од Претседателот д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на молебен на гробот на Св. Кирил со црквата „Свети Климент“ во Рим, кој по 43-ти пат се одржува во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“. Со молебенот чиноначалствуваа митрополитите преспанско-пелагониски и европски, г. Петар и г. Пимен. 

Претседателот Ѓорге Иванов на сите граѓани на Република Македонија од ова свето место каде што се моштите на Кирил им го честита празникот на сесловенските просветители.

„Ја продолжуваме оваа традиција што е воспоставена на денешен ден и особено радува фактот што денеска на чествувањето што го одржа македонската делегација на гробот на Свети Кирил беа присутни претставници од речиси сите словенски народи,“ изјави Претседателот Иванов.

На свечениот чин во базиликата присуствуваше и македонска државна делегација во чиј состав, покрај Претседателот Иванов, се и Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Антон Серечи. На церемонијата беа присутни и бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и претставници на Католичката црква, како дел од црковната делегација, како и дипломатски претставници од повеќе словенски земји.alt

Владиката Петар на вечното почивалиште на сесловенските просветители упати порака дека само со дијалог на љубов и мудрост може да се решаваат сите проблеми на црквите и народите. „Она што го направиле светите Кирил и Методиј за нас и за сите словенски народи – го ширеле словото Божјо, идејата Христова и ги решавале проблемите со дијалог на љубовта и мудроста, таа традиција треба да продолжи,“ рече митрополитот Петар.

Господин Пимен честитајќи им го празникот на сите Македонци и на сите словенски народи кои денеска го чествуваат, изрази задоволство од тоа како е организиран црковниот живот на Македонците во Италија кои во голем број присуствуваа на молебенот во Рим.

На приемот по молебенот во базиликата пред присутните гости и дипломатски претставници, македонскиот претседател Ѓорге Иванов како позитивен момент го истакна присуството на грчки дипломат на чествувањето и во контекст на тоа рече: „Ете, Свети Кирил пак нè обедини сите!“, што беше поздравено од сите присутни. 

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?“ Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калугерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот и грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.

altСо молебенот на гробот на Свети Кирил завршува манифестацијата што во негова чест традиционално се одржува во Рим. Во текот на изминатите два дена се одвиваше и културна програма во рамки на „Македонија во чест на Свети Кирил“ која започна со концерт во базиликата „Пантеон“ на кој настапија македонскиот тенор Благој Нацовски, виолинистите Ана и Олег Контраденко и пијанистите Марија Вршкова и Алесандро Д’Агостини.

Синоќа во театарот „Де Серви“ беше изведена претставата за Мајка Тереза насловена „Светица на темнината“ која од бројните гости, меѓу кои и дипломати од повеќе земји, беше проследена со бурен аплауз.

Годинава се одбележуваат 1142 години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.
 

svkirilpapa1
Аудиенција кај папата Бенедикт XVI по повод Денот на Св. Кирил и Методиј
Понеделник, 23 Мај 2011

Традицијата на чествување на сесловенските просветители Кирил и Методиј продолжи и оваа година, по 43-ти пат, со присуството на македонската делегација предводена од Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Рим на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил и Методиј“.

„Ватикан уште еднаш ја изрази поддршката кон нашиот народ, а папата Бенедикт Шеснаесетти особено го потенцира значењето на просветителите Кирил и Методиј за ширењето на христијанството,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Рим по приемот кај поглаварот на Римокатоличката црква.

„Ние како државна и црковна делегација дадовме највисоко значење на овој настан, на тој начин ги продолжуваме овие традиции меѓу Светиот Престол и Македонија и ја негуваме оваа взаемна почит,“ рече Претседателот Иванов по средбата со папата, посочувајќи дека папата Бенедикт Шеснаесетти е добро упатен во состојбите во нашата држава, се интересирал за статусот на напорите за решавање на проблемот за името со соседна Грција и бил посебно импресиониран од тоа што Македонија е позната по верската толеранција и почитување на различностите.

Ова е втора средба на Претседателот д-р Ѓорге Иванов со папата Бенедикт Шеснаестти за еден месец. Првата беше по повод беатификацијата на папата Јован Павле Втори. На аудиенција кај папата присуствуваа и Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, Заменик директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Антон Серечи, Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар и Митрополит европски г. Пимен, како и Бискупот скопски и апостолски егзарх, Киро Стојанов.Во Ватикан претседателот Иванов денеска оствари средба и со кардиналот Франческо Монтеризи. alt

На ауденцијата Претседателот Иванов на Папата му подари бронзен релјеф со библиска тема, а тој му возврати со златен медалјон од Понтификатот. Релјефот е тежок 250 килограми, изработен од македонскиот скулптор Константин Јанев, а излеан во Фиренца. Темата е инспирирана од сон на Свети Павле кога му се јавува Македонец и го повикува да дојде во Македонија. На тој начин, појаснува скулпторот, христијанството преку Македонија почнува да се шири во Европа.

Владиката Петар рече дека МПЦ и Ватикан ги врзуваат повеќе релации меѓу кои е и чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј. Она што е важно за денешно време, како што посочи митрополитот Петар, е фактот што папата и Ватикан даваат можност и поддршка за наши дипломирани студенти да доаѓаат на постдипломски студии на Универзитетот „Грегоријана“ во Рим, за што искажа благодарност, упатувајќи до папата поздрави од Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Попладнево македонската делегација, во придружба на кардиналот Франческо Монтеризи, ќе ја посети базиликата „Сан Паоло“, каде ќе биде положено цвеќе на гробот на Свети Павле, а вечер, во рамки на културните содржини на манифестацијата, во театарот „Де Серви“ ќе се изведе претставата за Мајка Тереза, насловена „Светица на темнината“.
 

alt
Претседателот Иванов при посетата на Баварија оствари средба со Принцот на Лихтенштајн Ханс Адам Втори
Сабота, 21 Мај 2011

Шефот на државата вчера оствари средба со принцот од Лихтенштајн, Ханс Адам Втори со кого разменија мислења и предлози за можна економска соработка и унапредување на контактите. Претседателот го запозна Принцот со напорите на Република Македонија за креирање поволен амбиент за странските инвеститори, изразувајќи надеж дека компаниите од Лихтенштајн ќе го препознаат тој потенцијал и ќе развијат интерес за вложување во Македонија.

Претседателот Иванов, информирајќи го својот соговорник за напорите на Македонија за интегрирање во ЕУ и НАТО и напредокот во реформите, ја искажа подготвеноста за продлабочување на севкупните односи помеѓу двете држави, како и за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во овој контекст, Претседателот Иванов упати покана до Принцот Ханс Адам Втори за посета на Република Македонија.

„Вашиот принцип на соживот и толеранција е огромен успех, но за една држава да биде вистински успешна потребно е инвестирање во образованието, воведување и одржување ниски даноци, и владеење на правото,“ рече Принцот Ханс Адам Втори.

Денешните средби на Претседателот со членовите на Европскиот Парламент беа во насока на запознавање со настаните околу изборите, прашањето околу името, за перспективите на Македонија, како и продолжување на поддршката која Република Македонија и досега ја добиваше. 

Претседателот Иванов во текот на посетата даде интервју и за весникот Дие Тагеспост, во кое зборува за претстојно чествување на словенските просветители Кирил и Методиј во Ватикан и нивното непроценливо наследство, за унапредувањето на меѓу-етничкиот дијалог во Македонија, јакнењето на мултикултурализмот и правичната застапеност.

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе се обрати на Самитот на Паневропската унија (ПЕУ) што се одржува во германскиот град Линдау во покраината Баварија. Учесниците на конференцијата ќе дискутираат на неколку панели. 

Меѓу говорниците се претседателот на Интернационалната паневропска унија Алан Тераноар, претседателите на ПЕУ Германија и ПЕУ Швајцарија, Бернд Поселт и Андре Поулин, потпретседателот на Европскиот парламент Либор Роучек, еврокомесарот за енергетика Гинтер Ојтингер, Принцот од Лихтенштајн Ханс Адам Втори.

„Ова е извонредна можност да оствариме контакти со членови на Паневропската Унија кои се инаку големи пријатели на Македонија и секогаш настојуваат да ја кажат вистината за Македонија. Овие средби беа можност исто така да ги запознаеме со актуелните настани во Македонија,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Линдау.

Паневропската унија е најстара сеевропска организација. Формирана е во 1923 година како движење што работи на идејата за голема и обединета Европа,  за единство, мир и напредок. Македонија  членува во ПЕУ од 1993 година под уставното име.

Актуелниот претседател на меѓународната ПЕУ, Французинот Алан Тераноар,  минатиот месец на меѓународна конференција на ПЕУ во Дојран ја прими наградата „Борис Трајковски“ што претседателот Иванов му ја врачи за неговите заслуги за идејата за обединета Европа. 

alt
Средба со Наташа Илиевска, европски првак во карате
Среда, 18 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими Наташа Илиевска, освојувач на златен медал во дисциплината борби во категоријата до 55 килограми на Европското Првенство во карате кое на почетокот на мај се одржа во Цирих, Швајцарија.

На средбата, Претседателот Иванов упати честитки на долгата низа успеси на Наташа Илиевска, преточени во импресивна бројка од 113 добиени медали на национални и интернационални натпревари. Тој ги поздрави напорите на каратистите за претставување на Македонија како држава на млади и амбициозни спортисти со голем потенцијал и способности.

„Сеуште постојат заспиени потенцијали кај младите, кои досега често поради недостиг на можности не ги развивале. Но, со инвестициите во спортот и спортско-рекреативните објекти, кои засилено се вршат во изминатите години, како и со овозможувањето стипендии, можностите се отвораат и младите можат да спортуваат, да го зајакнуваат телото и духот, и да постигнуваат успеси на домашен, но и на меѓународен терен,“ рече Претседателот Иванов, посочувајќи дека дополнителен олеснителен елемент е укинувањето на визите со што се отстранува голема бирократска пречка за патување за младите луѓе, а македонскиот спорт добива можност порамноправно да се натпреварува со европските и светските спортисти. alt

Благодарение на успесите на спортистите од Македонија се промовира и нашата земја и нашата култура, истакна Претседателот Иванов: „Треба да се оддаде почит и внимание на сите кои постигнуваат успеси за Македонија. Моите врати се секогаш отворени за младите спортисти и тие секогаш можат да сметаат на мојата безрезервна поддршка“.

Наташа Илиевска го информираше Претседателот Иванов за перманентните успешни резултати на меѓународните натпревари и за големата радост и гордост при победата на Европското првенство во Швајцарија.

„Потребна беше долгогодишна упорност и истрајност, времиња на подеми и на падови. Потребна е храброст да се истражат и падовите, зашто каратето не е само борба туку и карактер, и бара сериозна психичка подготовка. При секоја борба човек се осознава себеси. Но, мојот сон се оствари. Нема да го заборавам моментот кога македонската химна прозвучи во салата,“ рече Наташа Илиевска, споделувајќи ги своите впечатоци и искуства со Претседателот Иванов.

Претседателот Иванов и заблагодари на младата каратистка за успехот што и го донесе на Република Македонија, но и за фактот што со своите активности поставува позитивен пример за младите во земјата.
 

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 166 од 198