Новости
alt
Ризикот од катастрофи е реалност на денешницата, но и реална закана за иднината - Претседателот Иванов на Третата сесија на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи
Вторник, 10 Мај 2011

Ризикот од катастрофи е реалност на денешницата, но и реална закана за иднината, која може да се отстрани само со исполнување на обврските и заложбите кон кои се обврзаа нашите влади во изминатите децении. Најважна обврска на оваа генерација е на идните поколенија да им остави помалку ранлив свет.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во обраќањето пред учесниците на отворањето на Третата сесија на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи која се одржува во Женева.

Претседателот Иванов изрази увереност дека координираниот пристап за намалување на ризиците од катастрофи, за адаптација кон климатските промени и за одржлив равој, преку интегрирани политики и усогласени практични чекори, е најважен влог за побезбедна иднина.

„Република Македонија разви национална платформа за намалување на ризиците од катастрофи. Македонскиот модел кој е заснован врз холистички пристап води до ефективно и ефикасно намалување на ризиците преку интегрирање на расположливи и соодветни капацитети и ресурси на сите административни нивоа, овозможувајќи да се интегрира намалувањето на ризиците од катастрофи во нашите национални стратегии, политики, планови и законодавство,“ истакна Претседателот Иванов.

Тој посочи дека Македонија ги прифатила со голем ентузијазам и посветеност обврските кои произлегуваат од претседавањето со Европскиот форум за намалување на ризиците од катастрофи за 2011 година.alt

„Во текот на македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа во периодот 2012-2013 година, иницирав организирање самит за земјите од ЈИЕ кој би се фокусирал на зајакнување на регионалната соработка во овој контекст. Очекувам дека оваа средба ќе ја подигне регионалната свест и одговорност за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, а чии последици се наша заедничка грижа,“ додаде Претседателот Иванов.

На Третата сесија на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи на тема „Ивестирај денес за посигурно утре - зголемено вложување во локалната акција“, присуствуваат 2.000 учесници од светот меѓу кои лидери, експерти, креатори на политики, владини претставници, претставници на меѓународни организации, невладини организации, итн.

Шефот на македонската држава пред отворањето на сесијата се сретна со Специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН за намалување на ризици од катастрофи, Маргарета Валстром.

 

 


 

alt
По изборите во Македонија да се иницира преговарачка средба за името - Средба на Претседателот Иванов со Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун
Вторник, 10 Мај 2011

По изборите во Македонија да се иницира преговарачка средба за името која ќе донесе прогрес во процесот за надминување на разликата со името и изнаоѓање начин да се дојде до решение – препорачал Генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун на средбата во Женева со Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Според Генералниот секретар, решението не може да се бара на техничко ниво, зашто станува збор за политичка одлука и раководствата на двете земји по изборите мора да ја интензивираат оваа соработка за да може да се појават и некои нови идеи.

Претседателот  Иванов, ја повтори подготвеноста на Република Македонија и конструктивната улога во процесот за изнаоѓање на заемно прифатливо решение кое ќе биде во рамките во кои се водат разговорите, поточно во рамките на меѓународното право, придржувајќи се до Резолуциите на ООН и Времената спогодба. Претседателот укажа дека поради реалните последици од блокадите во интеграциите, Република Македонија е страната која сака и бара заемно прифатливо решение во кое нема да има победници и поразени.

Генералниот секретар на ООН истакна дека секој пат кога се среќава со претставници на Република Грција, ја потенцира неопходноста од заемно прифатливо решение, како врвно прашање и приоритет. Тој исто така истакна дека процесот кој се води во рамките на ООН треба да биде забрзан и дека на оваа тема ќе разговара со неговиот специјален пратеник, амбасадорот Нимиц. Господинот Бан Ки-мун нагласи дека е информиран за разговорите и честите средби меѓу Премиерите на двете земји, изразувајќи надеж дека по изборите во РМ, би можело да се постигне динамика во процесот со нови идеи како да се дојде до заемно прифатливо решение.  

На средбата, Претседателот Иванов упати честитки за улогата и ангажманот на г-динот Бан Ки-мун во напорите за јакнење на улогата на светската организација, во што, секогаш може да смета на силна и конструктивна поддршка од Република Македонија. Беше разговарано и за кандидатурата на РМ за членство во Советот за човекови права за периодот 2013-2016.
 

alt
Претседателот Иванов положи цвеќе на споменикот на војникот Гешовски кој загина во Сплит
Петок, 06 Мај 2011

На градските гробишта во Кавадарци денеска беше одбележана 20-годишнината од смртта на Сашко Гешовски, кој беше убиен во хрватскиот град Сплит, служејќи како војник во поранешната Југословенска народна армија.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов положи цвеќе на надгробниот споменик на Гешовски, и изрази сочувство на неговото семејство. Претседателот Иванов положи цвеќе на гробовите на другите Кавадарчани убиени во војните во поранешна Југославија. На одбележувањето на 20 годишнината од загинувањето на Гешовски, присуствуваше и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов, како и претставници на Здружението на армиски ветерани и на Здружението на борци од НОБ. Градоначалникот Панов притоа рече дека се размислува една од главните улици во градот да го носи името на младиот 19-годишен трагично загинат војник.

Претседателот Иванов ја посети и општина Кавадарци, каде се сретна со градоначалникот Панов, а имаше заедничка средба и со градоначалникот на соседната општина Росоман, Стојанчо Лазов.
 

alt
Објавен конкурсот за учество во Школата за млади лидери 2011 под покровителство на Претседателот д-р Ѓорге Иванов
Петок, 06 Мај 2011

Од денес, 6 мај 2011 до 20 мај 2011 е отворен конкурсот за пријавување за Обуката за инспирирање и развој на млади лидери во Република Македонија, која по втор пат ќе се одржи во Охрид кон крајот на август. Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Како и минатата година, обуката ќе содржи предавања во сферите на лидерството, менаџментот и успешното деловно и интерперсонално комуницирање, со еминентни професори и докажани професионалци од земјата и од странство. Покрај предавањата, ќе бидат организирани и менаџмент симулации и практични вежби. Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија, како и деца на наши иселеници што живеат во странство. Трошоците поврзани со програмата и сместувањето ќе бидат покриени од страна на организаторот.

Идејата за основање на летна школа за млади лидери потекнува од Претседателот д-р Ѓорге Иванов, чија визија е да им овозможи на младите луѓе да са запознаат со нови содржини и практики, да ги усовршуваат своите знаења и вештини и да станат идната водечка сила на општеството и на Република Македонија. Или како што и самиот вели: „Општеството е како брод и во секое време треба да постојат луѓе што ќе бидат подготвени да го преземат кормилото... За  идните кормилари да бидат подготвени да го преземат кормилото мора постојано да се инвестира во нивниот развој и наобразба“.

Успешноста на првата Обука за млади лидери која беше организирана во август 2010, се рефлектираше во иницијативата на минатогодишните учесници за формирање алумни здружение наречено „Иванов школо за млади лидери – алумни асоцијација“, која интензивно и посветено работи на продолжување на целите и мисијата поставени за време на Школата. Младите лидери вклучени во оваа асоцијација работат активно во неколку сфери, меѓу кои се издвојува иницијативата за организирање презентации од нивна страна за средношколците ширум Македонија на тема „Мотивирање“ и „Волонтерство“.  Во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и Програмата Oxford Connections, организираа семинар на тема „Политичко лидерство и теологија“ на кој предавачи без ценети професори од Универзитетот Оксфорд.

За искуствата и впечатоците на првата генерација млади лидери повеќе информации се достапни преку следниот линк: http://president.mk/mk/projects/skolazalideri.html

Услови за конкурирање:alt
• Одлично познавање на англиски јазик
• Просек од високо образование да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство)
• Работно искуство од една до пет години како и магистратура од соодветната област ќе се смета за предност.

Потребни документи за Апликација:
• Две препораки од вашата организација, компанија или факултет. 
• Потврда за одлично познавање на англиски јазик.
• Копија од Уверение за положени испити.
• Биографија
• Кратко мотивациско писмо

Комплетната апликација да се испрати по пошта најдоцна до 20 Мај 2011 год. на следнава адреса:
Кабинет на Претседателот на Република Македонија  (Комисија за „Школа за млади лидери“)
 „Вила Водно“
Ацо Караманов бб
МК-1000 Скопје
 

alt
Претседателот Иванов ја отвори 4-та Меѓународната конференција за претприемништво, иновации и регионален развој во Охрид
Четврток, 05 Мај 2011

„Во бизнисот најважен не е ниту капиталот, ниту искуството. Најважни се идеите до кои се доаѓа само со отворен ум. Затоа, сметам дека нашиот најголем ресурс се нашите граѓани со нивната работливост, иновативност, креативност и посветеност. А наша најголема одговорност е преку образованието да го култивираме духот на отвореност, инвентивност, решителност,“ истакна Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов пред учесниците на Меѓународната конференција за претприемништво, иновации и регионален развој што под негово покровителство се одржува во Охрид.

Претседателот Иванов укажа на последиците од светската економска криза што, како што рече, сеуште се чувствуваат, притоа посочувајќи на потребата за поддршка на работата на малите и средни претпријатија како носители на економскиот развој на секоја успешна земја.

„Од средбите со македонските стопанственици увидов дека постои потенцијал за развој на нивните бизнис-идеи, а со тоа и на економијата на државата. Особено ме радува фактот што овој иновативен дух е се повеќе присутен кај стопанствениците од помладите генерации,“ рече Претседателот Иванов, забележувајќи дека динамичноста на македонската економија може да се достигне, зајакне и одржи само преку меѓусебна соработка на државните институции со бизнис секторот и стопанските комори.

Според претседателот Иванов, првиот чекор кон освојување на иднината се иновациите. „Наша цел е Република Македонија да стане земја на иноватори и иновации. Наша цел е во Македонија да создадеме економски амбиент во кој малите и средните претпријатија ќе се натпреваруваат преку создавање нови и идеи кои ќе се преточуваат во производи и услуги. На нас останува да создадеме поволни услови, каде наместо 40 ќе се патентираат 4.000 пронајдоци. Да создадеме држава во која иновациите нема само да ги менуват нашите животи, туку ќе бидат altначин на кој живееме,“ нагласи Претседателот.

Џон Клакстон, Генералниот директор на Одделот за истражување и иновации при Европската комисија, кој исто така се обрати на отварањето на Конференцијата, посочи на стратешките одределби на Агендата „Европа 2020“ насочени кон обезбедување одржлив економски развој, базиран врз знаење, кој истовремено ќе биде инклузувен и во полза на сите, а не само на бизнис-елитата. Како еден од начините за поттикнување на иновативноста во Европската унија, Клакстон ги посочи финансиските програми за развој, односно предвидените 53 милијарди евра интервентни финансиски средства за периодот до 2014 година, од кои четири милијади се насочени директно за развој и поддршка на малите и средните претпријатија.

Во оваа прилика Претседателот д-р Ѓорге Иванов ја додели и првата награда од Националниот натпревар за најдобри бизнис планови изработени од ученици од средните училишта, кој годинава беше организиран по четврти пат. Првата награда ја понесе СОУ „Јане Сандански“ од Струмица за бизнис планот насловен „Алум Македонија“. Во натпреварот земаа учество повеќе од 30 училишта, со вкупно 34 бизнис планови.  Оваа практика се покажа како еден ефективен начин за поттикнување на претприемништвото во Македонија уште од најраната возраст.

altНа маргините на Конференцијата Претседателот Иванов, оствари средба и со Претседателот на Европската академија за науки и уметност, Феликс Унгер, кој меѓудругото упати критика на адреса на Брисел, поточно бирократските препреки со кои се соочуваат младите претприемачи во нивните обиди да дојдат до финансиска поддршка за реализација на своите креативни идеи. На средбата присуствуваше и Претседателот на Црногорската Академија на науките и уметностите Момир Ѓуровиќ, како и македонските академици Бојан Шоптрајанов и Радмил Поленаковиќ.

Претседателот Иванов оствари средба и со д-р Шајлендра Вјакарнам, Директор на Центарот за претприемничко учење, Универзитет Кембриџ. Професорот Вјакарнам со својот тим и во соработка со претпримачи, преку Центарот нудат курсеви со кои се охрабруваат, информираат и поддржуваат студентите на Универзитетот да навлезат во водите на претприемништвото.

Четвртата Меѓународна конференција за претприемништво на тема „Од претприемачко учење до иновации и регионален развој“ што ќе трае до сабота, ја организира Националниот центар за иновации и претриемачко учење. На Конференцијата ќе присуствуваат претставници на Европска комисија, Светска банка, Европска академија на науки и уметности, МАНУ, повеќе универзитети меѓу кои и еминентните од Кембриџ, Оксфорд, Рим, Берлин, Виена, Вашингтон, Катар, Белград, Загреб, Љубљана, Грац, Солун, Софија ..., регионални агенции, бизнисмени од земјата и од странство.

Покровители на Меѓународната конференција за претприемништво се и Европската академија на науки и уметности, Македонската академија на науки и уметности и Европскиот совет за мал бизнис и претприемништво.
 

alt
Претседателот Иванов присуствуваше на беатификацијата на Папата Јован Павле Втори во Рим
Недела, 01 Мај 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на церемонијата на беатификација на Папата Јован Павле Втори, која се одржа на плоштадот Свети Петар во Ватикан, во присуство на голем број угледни политички и општествени личности од целиот свет, верски челници од други конфесии и околу милион верници.

По завршувањето на чинот на беатификација, Претседателот Иванов оствари кратка средба со Папата Бенедикт Шеснаесетти. На средбата, Претседателот Иванов изрази највисоко мислење за ликот и делото на Папата Јован Павле Втори и упати честитки до Папата Бенедикт Шеснаесетти по повод Велигденските празници. Претседателот Иванов потсети на беатификацијата на Мајка Тереза како и на претстојното чествување на Св. Кирил и Методиј за кога е планирана повторна аудиенција кај Папата Бенедикт Шеснаесетти.

Папата Бенедикт Шеснаесетти евоцирајќи спомени од беатификацијата на Мајка Тереза, истакна дека секогаш му претставува задоволство кога се среќава со претставници од Македонија и се заблагодари за присуството на Претседателот Иванов на чинот на беатификација на Папата Јован Павле Втори, што претставува само потврда на високото ниво во односите и пријателството меѓу Светиот Престол и Република Македонија.alt

Папата Јован Павле Втори иницираше и ја прогласи Мајка Тереза за блажена, чин на беатификација на кој во тоа време учествуваше Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски. Јован Павле Втори беше првиот Папа кој што почна да ги честита велигденските и божиќните празници и на македонски јазик, имаше многу чести средби со македонското државно раководство и за време на неговиот понтиф односите Република Македонија - Ватикан постигнаа голем развој.

На маргините на чинот на беатификацијата на Папата Јован Павле Втори, Претседателот Иванов имаше можност да се види и да разговара со повеќе лидери меѓу кои Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо, Премиерот на Република Унгарија Виктор Орбан, Премиерот на Италијанската Република Силвио Берлускони.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 168 од 198