|
Објавен конкурсот за учество во Школата за млади лидери 2011 под покровителство на Претседателот д-р Ѓорге Иванов
|
|
|
Од денес, 6 мај 2011 до 20 мај 2011 е отворен конкурсот за пријавување за Обуката за инспирирање и развој на млади лидери во Република Македонија, која по втор пат ќе се одржи во Охрид кон крајот на август. Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Како и минатата година, обуката ќе содржи предавања во сферите на лидерството, менаџментот и успешното деловно и интерперсонално комуницирање, со еминентни професори и докажани професионалци од земјата и од странство. Покрај предавањата, ќе бидат организирани и менаџмент симулации и практични вежби. Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија, како и деца на наши иселеници што живеат во странство. Трошоците поврзани со програмата и сместувањето ќе бидат покриени од страна на организаторот.
Идејата за основање на летна школа за млади лидери потекнува од Претседателот д-р Ѓорге Иванов, чија визија е да им овозможи на младите луѓе да са запознаат со нови содржини и практики, да ги усовршуваат своите знаења и вештини и да станат идната водечка сила на општеството и на Република Македонија. Или како што и самиот вели: „Општеството е како брод и во секое време треба да постојат луѓе што ќе бидат подготвени да го преземат кормилото... За идните кормилари да бидат подготвени да го преземат кормилото мора постојано да се инвестира во нивниот развој и наобразба“.
Успешноста на првата Обука за млади лидери која беше организирана во август 2010, се рефлектираше во иницијативата на минатогодишните учесници за формирање алумни здружение наречено „Иванов школо за млади лидери – алумни асоцијација“, која интензивно и посветено работи на продолжување на целите и мисијата поставени за време на Школата. Младите лидери вклучени во оваа асоцијација работат активно во неколку сфери, меѓу кои се издвојува иницијативата за организирање презентации од нивна страна за средношколците ширум Македонија на тема „Мотивирање“ и „Волонтерство“. Во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и Програмата Oxford Connections, организираа семинар на тема „Политичко лидерство и теологија“ на кој предавачи без ценети професори од Универзитетот Оксфорд.
За искуствата и впечатоците на првата генерација млади лидери повеќе информации се достапни преку следниот линк: http://president.mk/mk/projects/skolazalideri.html
Услови за конкурирање:
• Одлично познавање на англиски јазик
• Просек од високо образование да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство)
• Работно искуство од една до пет години како и магистратура од соодветната област ќе се смета за предност.
Потребни документи за Апликација:
• Две препораки од вашата организација, компанија или факултет.
• Потврда за одлично познавање на англиски јазик.
• Копија од Уверение за положени испити.
• Биографија
• Кратко мотивациско писмо
Комплетната апликација да се испрати по пошта најдоцна до 20 Мај 2011 год. на следнава адреса:
Кабинет на Претседателот на Република Македонија (Комисија за „Школа за млади лидери“)
„Вила Водно“
Ацо Караманов бб
МК-1000 Скопје
|