|
По изборите во Македонија да се иницира преговарачка средба за името - Средба на Претседателот Иванов со Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун
|
|
|
По изборите во Македонија да се иницира преговарачка средба за името која ќе донесе прогрес во процесот за надминување на разликата со името и изнаоѓање начин да се дојде до решение – препорачал Генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун на средбата во Женева со Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.
Според Генералниот секретар, решението не може да се бара на техничко ниво, зашто станува збор за политичка одлука и раководствата на двете земји по изборите мора да ја интензивираат оваа соработка за да може да се појават и некои нови идеи.
Претседателот Иванов, ја повтори подготвеноста на Република Македонија и конструктивната улога во процесот за изнаоѓање на заемно прифатливо решение кое ќе биде во рамките во кои се водат разговорите, поточно во рамките на меѓународното право, придржувајќи се до Резолуциите на ООН и Времената спогодба. Претседателот укажа дека поради реалните последици од блокадите во интеграциите, Република Македонија е страната која сака и бара заемно прифатливо решение во кое нема да има победници и поразени.
Генералниот секретар на ООН истакна дека секој пат кога се среќава со претставници на Република Грција, ја потенцира неопходноста од заемно прифатливо решение, како врвно прашање и приоритет. Тој исто така истакна дека процесот кој се води во рамките на ООН треба да биде забрзан и дека на оваа тема ќе разговара со неговиот специјален пратеник, амбасадорот Нимиц. Господинот Бан Ки-мун нагласи дека е информиран за разговорите и честите средби меѓу Премиерите на двете земји, изразувајќи надеж дека по изборите во РМ, би можело да се постигне динамика во процесот со нови идеи како да се дојде до заемно прифатливо решение.
На средбата, Претседателот Иванов упати честитки за улогата и ангажманот на г-динот Бан Ки-мун во напорите за јакнење на улогата на светската организација, во што, секогаш може да смета на силна и конструктивна поддршка од Република Македонија. Беше разговарано и за кандидатурата на РМ за членство во Советот за човекови права за периодот 2013-2016.
|