Новости
alt
ЕУ-претседавачот Унгарија ја потврди заложбата датумот за старт на преговори со Македонија да се дискутира во Европскиот совет
Четврток, 28 Април 2011

Претседателот д-р Ѓорге Иванов денес присуствуваше на средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија, но и амбасадорите на државите кандидати за членство во ЕУ, која традиционално ја организира земјата актуелен претседавач со ЕУ, во случајов Република Унгарија. На средбата беа разменети мислења и информации за актуелни теми во Македонија и во ЕУ за отворените прашања и предизвици за земјите кандидати.

Претседателот Иванов, кој потсети на неговата неодамнешна посета на Унгарија, ги повтори ветувањата на унгарското претседателство, на следниот состанок на Европскиот совет да биде поставено и прашањето за отпочнување на преговорите на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ.

Унгарскиот амбасадор во Република Макеоднија, Ференц Кекеши, кој денес беше домаќин на свечениот ручек, уште еднаш ја повтори поддршката на Република Унгарија како актуелен претседавач со ЕУ за одредувањето датум за старт на преговорите на Македонија со ЕУ да се најде на маса на состанокот на Европскиот совет.
 
„Постојат големи очекувања од унгарското претседавање и од наша страна ние ќе направиме сè. За позитивни резултати ни требаат земјите членки, Брисел и се разбира Македонија. Се надевам дека ќе успееме во тоа. Нашиот премиер е навистина решен да го даде својот максимум,“ рече Амбасадорот Кекеши. 

Ручекот што денес го организираше Амбасадата на Унгарија во РМ за амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Скопје и за македонскиот претседател Ѓорге Иванов, е посебен дел од Деновите на унгарската култура. На менито беа понудени унгарски специјалитети, подготвени од готвачи од Унгарија.
 

alt
Нов началник на ГШ ќе биде кандидатот кој ги исполнува критериумите на НАТО – Претседателот Иванов во посета на Воената академија
Среда, 27 Април 2011

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов придружуван од Началникот на Генералштабот на АРМ, Генерал-потполковник Мирослав Стојановски и Заменик - министерот за одбрана Емил Димитриев, оствари средба со старешините и питомците на Воената академија „Михаило Апостолски“. По обиколката на просториите во кои се одвива наставата и одржаното предавање, Претседателот Иванов оцени дека Воената академија прераснува во регионален центар за едукација, задоволувајќи ги сите стандарди на една високообразовна установа, но и сите НАТО стандарди.

Во контекст на актуелното прашање за избор на нов Началник на Генералштабот на АРМ, Претседателот нагласи дека во тек се сериозни консултации околу изборот, постапката ќе биде транспарентна, а на функцијата ќе биде именуван кандидатот што ќе ги иполнува критериумите на НАТО.

„Сите разговори со генералите беа во функција да се создаде профилот на идниот Началник. Значи, не разговаравме за личности, туку за критериуми кои Началникот на ГШ на АРМ треба да ги исполнува, вклучително и критериумите на НАТО, кои ние како земја кандидат за членство во НАТО имаме обврска да ги исполнуваме. Сè ќе биде транспарентно, ќе продолжат консултациите и со Министерот за одбрана и со сегашниот началник и ќе настојуваме тој процес да се одвива како што доликува,“ рече претседателот Иванов.

Претседателот Ѓорге Иванов исто така изјави дека очекува да се исполнат ветувањата на унгарското претседателство, и одредувањето датум за почеток на преговорите за членство на Република Македонија да се најдат на агендата на ЕУ. alt

„Јас секогаш сум реалист. Очекувам ветувањата да бидат исполнети. Тоа што го вети унгарскиот премиер Орбан, го кажа и на конференцијата во Брисел. Тие настојуваат Македонија да ги почне преговорите бидејќи ги исполнува сите услови,“ посочи шефот на државата одговорајќи на новинарско прашање дали е можно Македонија да добие датум за преговори со ЕУ во јуни за време на унгарското претседателство и по најавата за расправа во германскиот Бундестаг за македонската евроинтеграција.

На прашање дали Македонија се врти кон исток следствено посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и најавата за кинески инвестиции во Вардарска долина, д-р Иванов посочи дека таквите поделби денес веќе не се основани, а државата мора да ги следи современите текови.

„Ние сме се определиле за нашите стратешки цели - ЕУ и НАТО, но не можеме да ги запоставуваме односите кои ги градиме со другите земји. Мора да градиме политика на отвореност кон сите и да го бараме нашиот интерес. Нашите производители имаат интерес од пазари, нашите граѓани имаат потреба да комуницираат со светот,“ изјави Претседателот Иванов по денешната посета на Воената академија „Михаило Апостолски“, каде како врховен командант на вооружените сили присуствуваше и на заеднички ручек со питомците на академијата. Следејќи ги традициите, на менито секако беше војничкиот грав.
 

alt
Писмо од поранешниот француски Претседател Жак Ширак
Среда, 20 Април 2011

 

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов прими писмо од поранешниот претседател на Франција и Претседател на Фондацијата ШИРАК. Интегралниот текст на писмото следува во продолжение:

Господине Претседател,

Дозволете ми најсрдечно да Ви се заблагодарам што го потпишавте Апелот од Котону, кој Претседателот на Република Бенин и јас самиот го покренавме, во присуство на седум Шефови на Африкански држави, организации и влади, на 12 октомври 2009 година.

Благодарение и на вашата поддршка се надевам дека ќе успееме да го надминеме предизвикот и да се обединиме против злото кое доаѓа со трговијата на лажни лекарства и нивната комерцијализација.

Ќе си дозволам редовно да Ве информирам за превземените активности во рамките на овој Апел, а посебно за идното потпишување на MEDICRIME, подготвен од Советот на Европа, а одобрен од Комитетот на Министри на 8 декември 2010 година.

Заблагодарувајќи Ви се уште еднаш, Ве молам Господине Претседател, да ги примите изразите на мојата висока почит.

Срдечно Ваш,
Жак Ширак
 

alt
Претседателот Иванов повикува на политичка пристојност во претстојната изборна кампања
Вторник, 19 Април 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ги оцени како шпекулации информациите дека Македонија веќе постигнала договор со Грција за спорот за името, кој би бил објавен по изборите. Смета дека таквите шпекулации се штетни и побара политичките партии и јавноста да не предизвикуваат ширење на такви дезинформации.

„Таквите шпекулации се штетни за нашата позиција во преговарачкиот процес кој се одвива во ООН и каде треба да се изнајде заемно прифатливо решение. Процесот треба да заврши таму каде што е почнат, а политичките партии и јавноста не треба да влегуваат во вакви шпекулации кои и штетат на македонската позиција,“ изјави претседателот Иванов при денешната посета на Јегуновце.

Запрашан дали по изборите очекува поширок консензус по прашањето за спорот со Грција, шефот на државата истакна дека веќе постои таков неформален национален консензус.

„Без разлика кој и да е на власт, треба да се знае што е во наш интерес, а тоа е да не се навлегува во идентитетските прашања, туку во процесот само се разговара за разликата околу името што е и во согласност со Резолуцијата на ОН,“ истакна Претседателот Иванов. Тој верува дека по изборите ќе има динамизирање на овој процес и оти посредникот Нимиц ќе продолжи со средбите со македонскиот и грчкиот претставник.

Македонскиот Претседател очекува при утрешната посета на рускиот Министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Македонија, да ја чујат нивната позиција и ставови околу процесот за разрешување на спорот со Република Грција кој се одвива во ООН.

„Русија е членка на Советот за безбедност, таа нè призна под уставното име, тоа го користи во билатералните односи и тоа никогаш не било спорно за нив,“ рече д-р Иванов и појасни дека најавената посета на Лавров е во рамки на одбележувањето на 150 години од отворањето на првиот Руски Конзулат во Македонија.

Во врска со острата реторика на политичките партии пред изборите, Иванов со став дека вообичаено е пред избори да се подгрева атмосферата. Сепак, тој ги повика сите политички субјекти на политичка пристојност бидејќи, како што рече, кога ќе поминат изборите, различните страни и партии ќе мора повторно да се видат и да разговараат.

„По 20 години во демократија мора да ја научиме политичката игра, да се употребуваат зборови, изрази и термини кои не се навредливи, и да не се загадува јавниот простор со реторика од страна на партии и поединци кои сакаат да ја добијат довербата на народот,“ истакна Претседателот Иванов.
 

Претседателот Иванов во работна посета на Јегуновце
Вторник, 19 Април 2011


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во рамките на денешната работна посета на тетовската општина Јегуновце, имаше средба со градоначалникот Тони Коцевски и советниците на општината. На средбата стана збор за состојбите во општината, можностите за вложување и развој, како и перспективите за искористување на капацитетите со кои располага регионот.

Претседателот Иванов од локалната власт беше информиран за предизвиците со кои општината Јегуновце се соочува, меѓу кои е лошата состојба на двата регионални патни правци кои минуваат низ неа, како и потребата за регулирањето на коритото на реката Вардар, со чијашто реализација ќе се спречат поплавите врз имотите и куќите на жителите на општината.

Во рамките на посетата, Претседателот Иванов се сретна и со г-дин Владимир Шедровицки, Генерален директор на една од најголемите фабрики во земјава „Југохром Фероалојс“,која од 2010 година е  во сопственост на руско – украинската компанија „Камелот Груп“ и во моментов вработува околу 800 работници. Притоа, Претседателот ги поздрави напорите на новите сопственици за нови инвестиции и проширување на производството, со што ќе се овозможи отворање на нови работни места, како и иницијативата за стипендирање на млади луѓе да се усовршуваат во сферите на металургијата и технологијата. Сите овие заложби, како и посветеноста на заштитата на животната средина и вложувањето во технологии за намалување на загадувањето од производството, отвораат нови перспективи за жителите од овој крај. Претседателот, исто така, изрази надеж дека „Југохром“ повторно ќе го постигне нивото од минатото како најголем преработувачки капацитет од сферата на металургијата во Македонија.

Претседателот Иванов ја посети и библиотеката „Светлина - Дрита“ во Прељубиште, а го посети и двојазичното интегрирано училиште за основно и средно образование во истото село што, според него, претставува добар пример како од малите нозе може да се научат младите на јазикот на своите соседи, да се запознаат меѓу себе, а со тоа и да придонесат за повисок степен на интеграција на нашето општество. Проектот за двојазично интегрирано образование се реализира со поддршка на Министерството за надворешни работи на Норвешка преку невладината организација „Нансен дијалог-центар“. Претседателот оствари средба со Проф. д-р Стајнер Брин, Директор на Нансен мрежата на Балканот, како и со Сашо Стојковски, извршен директор на Нансен Дијалог Центар, Скопје, а имаше прилика да ја проследи и специјалната приредба која учениците ја подготвија по овој повод.

Иванов: Изјавата на Орбан потврда на ветената унгарска поддршка за ЕУ интеграцијата на Македонија
Петок, 15 Април 2011


Поддршката за почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ што вчера во Брисел ја искажа премиерот на Унгарија Виктор Орбан, претседателот Ѓорге Иванов ја оцени како исполнување на ветувањата што ги доби од унгарските власти за време на неговата посета на Будимпешта во почетокот на неделава. Според претседателот, тоа е поместување од статус кво состојбата во однос на проширувањето и односот кон Македонија.

”Да се помести статус квото во однос на прашањето на името неопходно е лидерство и визија. Тоа лидерство го гледаме преку изјавите на Орбан затоа што преку сите разговори што ги имавме, сето она што го ветија еве сега го исполнуваат. Меѓутоа и на секоја идна средба на Европскиот совет и секаде кога ќе стане збор за поширувањето нашите унгарски пријатели ќе го потенцираат она што беше истакнато од премиерот Орбан,” рече Претседателот Ѓорге Иванов, одговарајќи на новинарски прашања во Истанбул по завршување на посетата на овој град каде што учествуваше на 14-тиот Евроазиски економски форум.

Унгарскиот премиер Орбан вчера на конференција за Западен Балкан во Брисел побара Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и покрај нерешениот спор за името.

„Што се однесува до Македонија, тоа е еден од најтешките проблеми. Ако треба да го окарактеризирам, ќе кажам дека е чист апсурд. Дури и како претседавач на Советот на ЕУ треба да размислувам како да се обратам, треба да размислувам дали смеам да кажам Македонија, или треба да користам ПЈРМ, тоа е апсурдно. Ако една земја ги исполнува условите, задачите, треба да и се даде шанса на земјата да ги започне преговорите, а после да најде договор со земјата членка. Да не дозволуваме преговори поради политички конфликт е несреќна политичка стратегија. Со Македонија треба да започнеме преговори,“ рече Орбан, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред заминувањето од Истанбул имаше средба  со севселенскиот партијарх Вартоломеј која ја оцени како корисна и конструктивна. Преовладувале, како што додаде, познатите теми и ја искористил можноста да им го честита на македонските православи граѓани претстојниот празник Велигден.

Учеството на Евроазискиот форум, Иванов го оцени како успешно и оти резултатите може наскоро да се видат.

„Како и минатата година и овој пат имавме можности за многу средби и контакти со врвни бизнисмени од овој регион. Овие форуми се можност да разговараме за се она што е приоритет за Македонија. Ова е можност да најдеме луѓе кои се заинтересирани, кои влегле длабоко во нашиот регион со инвестиции и тоа на некој начин претставува позитивен однос кон нас затоа што приторитет над сите приоритети е економскиот развој. Затоа сите овие средби се во функција на економскикот развој на Македонија – да дојдат нови инвеститори, да сме во тек со актуелните случувања, да партиципираме во прашањата што се отвораат затоа што секоја година на овој форум  кој ги спојува земјите од Европа и Азија се отвораат теми што се од интерес и за нашиот регион,“ изјави претседателот Иванов.

За неговото прогласување за почесен доктор на науки на Универзитетот Истанбул, шефот на макеоднската држава истакна дека тоа не е признание само лично за него, туку и за Македонија.

„Тоа е гест што укажува на сето она што го правиме и градиме меѓу нашите две земји,“ истакна претседателот Ѓорѓе Иванов по завршување на посетата на Турција.

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 169 од 198