Новости
alt
Во Народната канцеларија на Претседателот Иванов се реализира крводарителска акција
Четврток, 16 Јуни 2011

Алумни асоцијацијата на Иванов школата за млади лидери (ИСЛАА) и волонтерите од Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска организираа акција за дарување крв по повод Светскиот ден на крводарителството - 14 јуни.

Акцијата беше поддржана и од членовите на Кабинетот на Претседателот д-р Ѓорге Иванов.

Катерина Вељановска од Алумни асоцијацијата на Иванов школата за млади лидери посочи дека идејата ја реализираат во пресрет на летниот период кога честопати може и се очекува резервите на крв во клиниките да се намалат и до критичен недостиг.  alt

„Кога станува збор за хуманоста секогаш е вистинско време тоа да се стори, затоа што човечкиот живот е драгоцен, а можноста да се помогне, да се спаси еден живот е нешто што треба да го направи секој здрав и медицински способен човек. Со нас денес тука се и вработените во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој целосно ја поддржува оваа хумана акција, како редовен крводарител и хуман човек,“ истакна Вељаноска.

Таа ги повика граѓаните да даруваат крв и изрази надеж дека иницијативата ќе придонесе да се спречат случаите на недостиг од крв, но и да се помогне да се спаси нечиј живот.

„Се надеваме дека акцијата ќе ги поттикне сите граѓани во Република Македонија, посебно младите, да креираат чувство на општествена одговорност, особено кога се работи за спасување нечиј живот,“ нагласи Вељаноска.
 

alt
Претседателот Иванов се сретна со учесниците на Конференцијата „Евро-атланска интеграција на Балканот 2015-2020“ во организација на МНР и Институтот „Аспен“ од Берлин
Четврток, 16 Јуни 2011

Во рамки на конференцијата на тема “Евро-атлантската интеграција на Балканот 2015-2020 - Нов трансатлантски дијалог: германски и американски лидери во дијалог со лидерите на Западен Балкан“ која започна вчера во Охрид, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов организираше прием за учесниците на конференцијата во Вила Билјана.

Во оваа прилика и во неформална атмосфера Претседателот Иванов се сретна и поразговара со истакнати личности од Германија, Австрија, САД, како и од соседните држави и од регионот - претставници на меѓународни и развојни организации, министри, парламентарци, професори.

Конференцијата која ќе трае до 17 јуни е организирана од Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Институтот “Аспен“ од Берлин, СР Германија. Темите на дискусија се поврзани со интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ и НАТО, трансатлантската соработка, предизвиците на регионалната и глобалната безбедност,  како и околу придонесот на земјите од Регионот за нејзино консолидирање на Балканот и во Европа.
 

alt
Визија за подобар свет преку новите технологии - Средба со студенти наградени од Светска банка
Вторник, 14 Јуни 2011

Светот може да биде подобар. Но земањето на целиот свет како проект е преголем предизвик. Од каде би можеле да започнеме? Што би можела да направи мала група на луѓе со користење на едноставни ресурси? – овие размислувања предивикаа група млади луѓе, студенти од втора и трета година на Факултетот за информациско-комуникациски технологии при Универзитетот ФОН да започнат да работат на проект кој ќе им ја донесе наградата од Светска банка за најдобра веб апликација.

Тоа беше и повеќе од доволен повод денеска Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов да ги прими во својот Кабинет и да поразговара со нив за нивните визии за подобар свет преку новите технологии.

Самото име на проектот - WORLD (World Bank Random Linked Data) најдобро ја отсликува неговата цел и примена. Се работи за имплементација на веб сервис кој ќе користи податоци од дата базите на Светската Банка и ќе генерира случајна содржина (реченица, видео, мапа или друг медиум) насочена кон подигање на свеста на луѓето за актуелните проблеми.

Практичната имплементација на веб сервисот е во можноста оваа содржина да се прикажува во најшироко користениот систем за електронско учење Moodle, кој се користи во преку 50.000 универзитети ширум светот, со над 37 милиони регистрирани корисници.

„Идејата е да се имплементира Moodle блок кој користи информации добиени од нашиот веб сервис, од областите кои се наоѓаат во опсегот на Милениумските развојни цели на Обединетите нации. Прототипот прикажува податоци на два јазици - македонски и англиски, во форма на реченици, видеа и мапи кои се однесуваат на образованието, но истиот може да биде надополнет со податоци од било која област, на било кој светски јазик,“ објаснуваат студентите.

Претседателот Иванов им честита на студентите кои учествуваа во изработка на наградениот проект за постигнатиот успех, но пред сè за иновативноста и посветеноста.

„Ме воодушевува кога ќе чујам дека наши млади луѓе постигнуваат значајни светски успеси. Многу пати говорам дека иднината на секое општество е во иновацијата и доброто образование, а вие покажавте дека сте практични предводници на таа идеја,“ им порача Претседателот Иванов на шестмината наградени студенти кои денеска се сретнаа со него.

Студентскиот проект WORLD ја доби наградата „Најпопуларна апликација“, како една од петте награди на натпреварот Apps for Development (Апликации за развој) организиран од Светската банка, а во конкуренција на 107 апликации изработени од универзитети, тимови или поединци од целиот свет. На студентите од македонскиот универзитет ФОН наградата им беше доделена на свечената церемонија во Вашингтон, лично од Претседателот на Светска Банка, г-дин Роберт Зелик.
 

alt
Иванов: Очекуваме по изборот на Владата, медијаторот Нимиц да ги динамизира разговорите за името
Сабота, 11 Јуни 2011

Добивањето датум за преговори за влез во Европската унија за Македонија е поврзано со прашањето за името и очекуваме по конститутирањето на Собранието и изборот на Владата, медијаторот на ООН Метју Нимиц да превземе конкретни активности за да го динамизира прашањето и конечно да дојдеме до взаемно прифатливо решение, изјави денеска Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, при посетата на Дојран.

„Прво треба да им честитаме на Хрватите што добија позитивен сигнал од Брисел. Тоа е позитивно за целиот наш регион и охрабрување за Македонија. Како што кажа еврокомесарот Штефан Филе, следна е Македонија која треба да добие датум за преговори. Тоа е поврзано со прашањето за името и очекуваме по конституирањето на Собранието и изборот на Владата господинот Метју Нимиц да превземе конкретни активности да се динамизира ова прашање и да дојдеме конечно до взаемно прифатливо решение,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Дојран, каде присуствуваше како почесен гостин на отварањето на Државното првенство во триатлон.

Ваквите најави на еврокомесарот Филе, според шефот на државата, се сосема реални.

„Ние во Македонија сме реалисти. Очекуваме и грчката страна да постапува конструктивно како што и ние сме конструктивни во однос на секој предлог од господинот Нимиц. Заедно да придонесеме регионот да живее во мир, во согласност со демократските перспективи на Балканот,“ рече Претседателот Иванов.

alt
Претседателот Иванов од Дојран порачува: Институциите ќе го расветлат случајот со Мартин Нешковски
Сабота, 11 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска престојуваше во посета на Стар Дојран, при што оствари средба со граѓаните и градоначалникот на Дојран, Глигор Чабулев. 

Во рамки на посетата Претседателот беше и почесен гостин на Државното првенство во триатлон, на кој настапуваат триесетина натпреварувачи од Македонија, кои на патеката долга близу 26 километри, во дисциплините пливање, возење велосипед и трчање ќе ги испробат силите пет возрасни категории на натпреварувачи: сениори, јуниори, кадети, девојки и деца до 12 години.

„Со моето присуство денес во Дојран се обидувам да придонесам да се популаризираат овие спортови меѓу младите, младите да се мотивирани да се занимаваат со триатлонот како дисциплина и да се подготвуваат за Балканскиот натпревар во триатлон кој следната година ќе се одржи овде во Дојран. Сакам да ги охрабрам младите да спортуваат и да постигнуваат резултати, да ја претставуваат државата на најдобар можен начин и да постигнуваат успеси,“ изјави Претседателот Иванов денеска во Дојран.

Запрашан за скорешните случувања поврзани со смртта на младото момче во центарот на Скопје, кое со денови ја бранува јавноста, Претседателот Иванов нагласи дека институциите на Република Македонија работат да го расветлат овој случај и дека вистината и правдата ќе излезат на виделина.

„Со големо внимание и длабока загриженост ги следев случувањата поврзани со смртта на младиот Мартин Нешковски. Неговата трагична смрт навистина нé погоди сите. Јас лично и моето семејство и сите граѓани сочувствуваме со болката на семејството на Мартин. Нема зборови што сега можат да ја ублажат нивната болка, меѓутоа она што можеме да го постигнеме во овој момент е институциите да си ја завршат работата. Сите надлежни во согласност со своите овластувања да дојдат до вистината и правдата да биде задоволена. Мораме да се осигураме дека ниту едно семејство во иднина нема да загуби дете, свое чедо на ваков начин. Тоа е навистина за осуда,“ рече Претседателот Иванов.

alt
На Балканот владее нов дух на соработка – Претседателот Иванов ја отвори петтата Конференција на началници на ГШ на армиите од балканските земји
Среда, 08 Јуни 2011

Претседателот на Република Македониај д-р Ѓорге Иванов денеска во Охрид ја отвори петтата Конференција на Началниците на Генерал-штабовите на армиите од балканските земји. Обраќајќи се пред учесниците на собирот Претседателот Иванов изрази уверување дека соработката во областа на безбедноста се темели врз споделени вредности, интереси и приоритети и дека континуирано и посветено се надградува преку заедничките обврски, задачи и одговорности.

„Пред една деценија и на Балканот се роди нов дух на соработка. Напредувајќи кон интеграциите, Балканот престана да биде хроничен извозник на  нестабилност и наместо тоа, градејќи ја својата безбедност, стабилност и градејќи го сопствениот мир, се трансформира во активен придонесувач кон регионалната и пошироката безбедност и стабилност,“ рече Претседателот Иванов.

Тој изрази задоволство што балканските лидери во изминатите десет години, мотивирани од заедничката европска агенда, со намера на своите жители да им обезбедат слободен, безбеден и квалитетен живот, свртија нова страница од заедничката историја. „Верувам дека прифаќајќи ја идејата за обединета Европа, ние најдобро се бориме за европските вредности и идеали, за слободата, демократијата и владеењето на правото. Убеден сум дека само така Југоисточна Европа ќе го најде своето вистинско место во системите на колективната безбедност и одбрана, а само така Европа ќе биде вистински стабилна,“ истакна меѓу другото Претседателот Иванов.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски, од своја страна истакна дека форумот во Охрид претставува одраз на заедничките напори за зајакнато партнерство според стратегискиот НАТО концепт, но и остварување и промоција на одржливата регионална безбедност и стабилност. Токму затоа, како што истакна тој, собирот во Охрид се вреднува како исклучителна алатка за регионално интегрирање на националните способности и капацитети и зголемена поддршка кон взаемната кооперативна безбедност.

„Континуитетот во соработката, но и проширувањето на истата во нови домени претставува суштинска потреба и неминовност или, ако сакате, современо настојување на здруженост и сеопфатност кое единствено ќе може да одговори на модерните безбедносни предизвици и асиметрични закани,“ рече Генерал-потполковник Стојановски. alt

Тој нагласи дека координацијата, постојаното надградување, дополнување на постојните регулативи за Конференцијата на началниците на генералштабови на балканските земји, унапредувањето на меѓуармиските комуникациски можности и спроведувањето на заедниките обуки, образование и вежби, несомнено ќе придонесат за унапредување на безбедноста на регионот и јужното крило на НАТО и ЕУ, оценувајќи дека заедничките напори ќе го подобрат степенот на одбранбена подготвеност и ќе ги унапредат способностите и капацитетите за одговор на вонредни околности и кризи.

На Конференцијата во Охрид учествуваат началниците на ГШ на вооружените сили (ВС) на Македонија, на Албанија, на ВС на Босна и Херцеговина, на Бугарија, замениците на НГШ на Грција, на Романија, на Србија, командантот на третата Турска армија, како и НГШ на ВС на Црна Гора.

Како гости на собирот присуствуваат заменик-претседавачот на Воениот комитет на НАТО, командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, заменикот на директорот за планирање на командата на силите на САД во Европа, заменикот на НГШ на ВС на Словенија и заменикот на НГШ на ВС на Хрватска.

Балканската конференција на началниците на генералштабови, претставува резултат на иницијативите и заложбите за зајакнување на соработката помеѓу државите во регионот, кои имаат за цел промовирање на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.

Во фокусот на  петтата конференција на НГШ на армиите од балканските земји е зајакнувањето на соработката на полето на обуката и вежбите, јакнењето на добрите меѓусоседски односи, како и продолжување на започнатите процеси за взаемно справување со современите безбедносни предизвици, иницирани на претходните конференции.
 

 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 163 од 198